КАПКА

  • books
    • Нина Прља
    • Мала фактопедија
    • Сакам да бидам…
    • Капка по капка
    • Бранко Прља
    • АБВ
  • kids
    • маици
    • илустрации
    • фонтови
    • работилници
  • design
    • Маици
    • промо
    • логоа
    • книги
  • БЕРТ СТАЈН
    • Рецензии
    • Текстови
    • Книги
  • Електролит

April 2020 1

Сите војни почнуваат на пролет

Владо е најхрабриот човек кој го познавам. Не, Владо е најразумниот човек што го знам. „Никогаш не дозволувај емоциите да ја надвладеат логиката.“ Така велеше тој, како да е небаре Спок од планетата Вулкан.

Беше март 2020 година и целиот свет беше во паника. Освен Владо. Да ви кажам два-три збора во врска со него.

Во 1996 година бев страсно заљубен во девојка која одеше на јазичен курс со мене и наместо да и го кажам тоа јас и пишував писма кои никогаш не и ги дадов. Она што денешните американци би го нарекле класичен „бич мув“.

Таа 1996 година, кога завршувавме средно училиште, јас во моето „Јосип Броз – Тито“, наречено според некогашниот Маршал на бел коњ, гордоста на секој Југословен, од седум-годишно дете кое ставаше лепенки од Тито насекаде по домашниот мебел, до седумдесет и седум-годишен старец кој чуваше слика од Тито врз неговиот телевизор. Владо беше четврта година во средното хемиско училиште „Марија Склодовска-Кири“. Еден од овие два ликови ќе остане запомнет во историјата, вие решете кој.

Владо седеше на неговиот кауч во малата кујничка на петтиот кат од социјалистичка зграда во скопската населба „Карпош“ и ги слушаше моите приказни за мојата неостварена љубов, по ни сам не знам кој пат. Не коментираше ништо и повремено одговараше со неговото стандардно „аха“. Моето место – столчето до малата трпезариска маса, а над неа полица со радио-касетофон и до него касети од рок и хард-рок бендови од седумдесетти до деведесетти години на минатиот век.

Крајот на минатиот век беше време на касетофони, телевизори со катодни цевки, грамофони, плочи, касети, видео рекордери и ВХС касети, вокмени и цедеплејери и друга технологија која денес е непотребна, а нам ни се чинеше фантастично футуристичка како хавербордот на Марти Мекфлај од филмот „Враќање во иднината“. Времињата се сменети, но некои работи не. Вечното „аха“ на Владо и неговите ставови во врска со животот и луѓето.

Кујничката не беше поголема од два на три метра, но таа беше светот на Владо. Таму се обидував да го спојам мојот свет со неговиот и ја истурав мојата душа, додека Владо немо сведочеше на тој космички чин.

Лево од кујничката – магичен простор наречен „шпајз“ во кој на една полица беа наредени сите потребни намирници за семејството и се разбира теглите со домашни производи карактеристични за нашата средина – ајвар, туршија, лутеници… Бурето со зелка, се разбира, се чуваше во подрум и задача на Владо беше од време на време, особено кога мајка му ќе реши да прави сарми, да отиде до таму, да го отвори, да земе една главица, да ја размеша водата да не се прави „жабокречина“ и уредно да го затвори. Владо имаше и други домашни задолженија како чистење со правосмукалка по дома. Сите мои другари, и јас, го имавме истото задолжение. На Балканот така се чуваше рамноправноста помеѓу половите. Машките деца чистеа со правосмукалка. Лично имав и други домашни задолженија, да ја стругам кадата, зашто „тоа е машка работа и бара сила“, а како и сите другари, учествував во семејното миење теписи (освен Владо кој ги миеше сам и за хонорар што ми се чинеше сурово од неговите родители, но конечно донесе до финансиска независност и успех на Владо во подоцнежниот живот), потоа кречење по дома и постојано разместување мебел за различни сезони. 

Понекогаш миев садови не затоа што морав, туку зашто сакав, уште од времето кога живеев со дедо ми и татко ми и честопати бев сам дома. Тогаш најголемо задоволство ми беше да го донесам столот до мијалникот, да го натопам сунѓерот со вода и сјај и да почнам да тријам. Пената која ми се собираше на рацете како шеќерна волна ја снемуваше со еден млаз вода и тоа ми се чинеше магично. Освен тоа, повторно сам и без избор, понекогаш си пржев кајгана, откако сфатив дека не е доволно да ја изматиш, оставиш во тавата и заминеш да гледаш цртани. Ако не сакаш „горе жива, долу изгорена“, кајгана потребно е да ја свртиш, научив рано, можеби уште на девет годишна возраст и тоа без помош на Џејми Оливер!

Миризбата на брашно и домашни производи ме замавна откако Владо ја отвори вратата од шпајзот и го извади лебот од внатре. Ја извади даската, засече кришка леб и ја изеде така – без ништо. Толку едноставен, а толку практичен чин. Без губење време на отворање тегли и мачкање непотребни слоеви намаз од солен или благ вид, само сец-јад!

Како продолжение на „нашиот“ свет беше терасата, не поголема од половона метро на два ширина, каде освен резбариите на татко му на Владо кој постојано делкаше нешто со ножињата кои сам ги правеше и остреше, имаше стандардни зградарски жардињери, мала масичка и две столчиња на кои продолжуваше нашиот разговор во кој заборавав на мојот страв од висина поттикнат од екскурзиите низ планинските тесни патишта низ Босна и Црна Гора каде што автобусите им пркосат на законите на гравитацијата.

Во тие екстензии на нашите умови помина дел од нашата младост, подоцнежните мои несреќни љубови и единствената голема љубов на Владо која се случи и исчезна без тој да сподели збор со мене. Затоа Владо е најхрабриот човек кој го знам.

Во март 2020 година светот беше во паника од нешто што го нареков „војна со невидлив непријател“. Скриени по дома и изолирани едни од други, како што беше во мојот роден град, Сараево, во една вистинска војна во раните 1990-ти, живеевме во неизвесност. Владо живееше во најпогодената земја во Европа и стоички го поднесуваше сето што се случуваше, со рационален пристап и ладна глава.

Тогаш ми текна на еден наш муабет од времето на кујничката во кој разговаравме за неговиот дедо кој дошол за време на Втората Светска војна со фашистите во Македонија, како лекар, и се заљубил во идната баба на Владо, со која изродил неколку деца. Сепак, никогаш не успеал да се опорави од војната и измачуван од сопствени демони се вратил во својата матична земја, оставајќи ја сопругата и децата сами.

„Јас би полудел во војна,“ коментираше Владо поистоветувајќи се со неговиот дедо, а јас го доживеав тоа како знак на слабост кај него, некој кој го сметав за психички најстабилна личност која ја знам. Тој муабет остана некаде во аналите на четири ѕида помеѓу трпезариската маса и столчето до неа, каучот и касетофонот, даската за сечење леб и миризбата на брашно од шпајзот, а животот продолжи со сега ми се чини невидено темпо во кое голташе спомени и искуства во стравот од војната и неизвесноста на нашата мала државичка која секогаш се бореше да опстане.

Навраќајќи се на тој муабет, по многу години, во тој страшен март 2020 година (а сите војни почнуваат на пролет), го потсетив Владо на муабетот за неговиот дедо кој по војната не се преженил, доживеал длабока старост и го оставил целиот имот и парите на црквата. Сепак, на потомците од Македонија им оставил државјанство со кое сите заминале во неговата матична земја.

„Ти рече дека би полудил во војна,“ реков „но, ова што го преживувавме е вид војна и мене ми се чини дека ти сосема добро би ја поднел вистинската.“

„Не, војна е одземање животи, а денес се работи за спасување животи. Сега е најпотребно да имаш рационален простап кон работите,“ ми објасни Владо и продложи:

„Јас сум релативно смирен, бидејќи детално ги проучив работите за да можам да направам информирана одлука. Не сакам да бидам хипохондрик и цел живот да живеам во страв. Се разбира, човек треба да се пази и да биде одговорен за своето здравје. За имунитет земај витамини, кето диета, интермитент постење, вежбање, информирање од научни извори, заштита со маски и најбитно – неодење на гости кај стари луѓе, нив мораме да ги заштитиме. Генерална преокупација ми е евентуално да не заразам други и затоа сум изолиран,“ заврши Владо.

Затоа Владо е храбар, но не како некои „нема бе мене да ме фати“ во нашата средина, и не само тоа – тој е доблесен, зашто неговата преокупација се другите, а потоа тој самиот. Затоа „полудувањето“ на Владо во војна би било не заради стравот за себеси, туку заради нужноста да се повредат други, тоа го разбрав во овие воени времиња. Тоа е лекција која во тешките времиња би требале да ја научиме и да ја повториме сите. Мислам дека светот тогаш би бил подобро место за живеење.

 

21.03.2020

Јазик:
  • EnglishEnglish
  • MacedonianMacedonian
Pages
  • books
    • АБВ
    • Бранко Прља
    • Капка по капка
    • Сакам да бидам…
    • Нина Прља
    • Мала фактопедија
  • design
    • книги
    • логоа
    • промо
    • Маици
  • kids
    • фонтови
    • илустрации
    • маици
    • работилници
  • БЕРТ СТАЈН
    • Книги
    • Рецензии
    • Текстови
  • Електролит
Recent Posts
  • 3 минути и 53 секунди – листа на песни
  • Вим Хоф или Д-р Кнајп – не е важно. Само вдишете, опуштете се и нурнете се – во ладното!
  • „Isolation“ не е само песна на Joy Division
  • Ничија земја – татковината на мајка ми
  • Ни зимите не се тоа што беа
RSS NYT > Books > Book Review
  • Book Review: “Graciela in the Abyss,” by Meg Medina, and “Blood in the Water,” by Tiffany D. Jackson June 20, 2025
    Visit the aquatic hereafter in a fantasy, then track down threats on Martha’s Vineyard in a taut contemporary suspense novel.
  • Book Review: ‘Return to Sender,’ by Vera Brosgol, and ‘Mirror Town,’ by Daniel Nayeri June 13, 2025
    Two children’s novels take a gimlet-eyed look at the price of gifts with “no strings attached.”
  • Timely Children’s Parables About Greed June 6, 2025
    In the novel “Peachaloo in Bloom,” the selfishness belongs to one man. In the picture book “The Wanting Monster,” it belongs to us all.
Pages
  • books
    • АБВ
    • Бранко Прља
    • Капка по капка
    • Сакам да бидам…
    • Нина Прља
    • Мала фактопедија
  • design
    • книги
    • логоа
    • промо
    • Маици
  • kids
    • фонтови
    • илустрации
    • маици
    • работилници
  • БЕРТ СТАЈН
    • Книги
    • Рецензии
    • Текстови
  • Електролит
Recent Posts
  • 3 минути и 53 секунди – листа на песни
  • Вим Хоф или Д-р Кнајп – не е важно. Само вдишете, опуштете се и нурнете се – во ладното!
  • „Isolation“ не е само песна на Joy Division
  • Ничија земја – татковината на мајка ми
  • Ни зимите не се тоа што беа
RSS NYT > Books > Book Review
  • Book Review: “Graciela in the Abyss,” by Meg Medina, and “Blood in the Water,” by Tiffany D. Jackson
  • Book Review: ‘Return to Sender,’ by Vera Brosgol, and ‘Mirror Town,’ by Daniel Nayeri
  • Timely Children’s Parables About Greed
Archives
  • March 2021
  • June 2020
  • May 2020
  • April 2020
  • March 2019
  • January 2019
  • December 2018
  • April 2017
  • September 2015
  • July 2015
  • May 2015
  • April 2015
  • February 2015
2014 © КАПКА
Truemag theme by StrictThemes