т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

м:маркоска марта

marta_marek@yahoo.com




 

ш:што се случува кога го читате Фрејзер

Просто неверојатно. После едно чудо лоши, долги, кратки, испрекинати и неповрзани соништа и лошо свареното утринско кафе кое ми го дозагорчи почетокот на денот, тргнав на работа. Излегов порано од вообичаено, бидејќи мајка ми, свесно или несвесно, ме избрка од дома со смрдеата на запршка од кромид што ја подготвуваше уште од рано изутрина (МРФФФГГГРРРЈЈММРРГГ, ова беше пцофката што успеа да процури во тој момент, сега преведена на книжевен јазик). Откако пред нос ми избегаа трите автобуса, по дваесет минутно чекање на следниот автобус, сепак задоцнив на работа и покрај тоа што бев тргнала порано. Крајно изреволтирана, спремна на кавга дури и за најмала ситница, влегувам во автобусот и замислете куриозитет – шоферот ја пуштил “The Unforgiven” од Metallika и тоа ја рокнал до даска. Во тој момент злобно ги протрив дланките, бидејќи знаев дека на уште многу луѓе денот од рано сабајле ќе им тргне со нервоза. Не бре, не ве лажам јас, прво навистина почувствував наслада кога ми светна дека увцата навикнати на: “Неко вози мотор, неко вози трактор, ја и моја мала мотокултиватор” или “Куче лаје, а ја мислим ти си, отишо си, сарму пробао ниси”, денот ќе го започнат со “The Unforgiven” и навистина нема никогаш да му го простат ова на шоферот, а богами и на себе си што порано не слегле од тој автобус. Ма не, да не ме сфатите погрешно, јас не сум љубител на хеви металот, ама, па зошто само јас да сум денес лошо расположена?
И така, откако ги погодив сите раскопани сегменти на асфалтот (бидејќи, знаете во Скопје не се градеше волку ни после земјотресот, и не, не ми беше намерата со ова да го пофалам сегашниот градоначалник), по синдромот на Кнез Мишкин, кога пазите нешто да не нацапате, неизбежно го нацапувате, или да ја преформулирам реченицава за да звучи пооптимистички: И така, испречувајќи им се на патот на неколку веќепостоечки вирчиња со вода или можеби беше масло од автомобили, не знам, кои одамна си беа заземале место на паркингот пред канцеларијата, конечно, стигнав на работа.
Влегувам во канцеларијата и при тоа го извршувам сето она рутинско “добро утро”: ги палам светлата, разгледувам дали има пропуштено повици, си подготвувам кафе (со помалку грижа на совест за типичниот македонски почеток на работниот ден), а потоа со часови се нурнувам во компјутерот и се препуштам на долго, бескрупулозно, бескорисно, безидејно, безпотребно, без исав сурфање на интернет, кое во последнава година само ми го доослабна и онака слабиот вид. Сигурно и вам ви е познат оној став што секогаш го користиме како изговор кога не знаеме што точно да правиме со себе и велиме “само малку, колку да утепам време”, а го кажуваме со длабоко потсвесно сознание дека времето не утепува нас. И така поразена од длабоко всадените егзистенцијалистички манири на веков, станувам да си ги протегнам нозете, кога гледам нешто светка во мојата ногавица. Претпазливо ја посегам раката, бидејки предметот наликува на запалка, zippo или копiја на zippo. Просто бев шокiрана. Од каде запалка во мојата ногавица, која јас дури и не сум пушач. Најлогично беше да помислам дека се наоѓал на работното биро, од кое без да сетам сум го турнала, а тоа бесшумно паднало токму во мојата ногавица…Набрзо ме напушти логичното расудување, па си велам можеби ќе бидам малку неразумна, ама мора да признаете дека приказните за магии се уште постојат, особено во нашава бајковидна земјичка. Претпоставувате, мора да се работи за некоја современа магија која секако има за цел да ми наштети, знаете кога ќе тргнете од анализа на симболот на огнот и бла, бла, бла…Сето тоа поврзано со до пред неколку часа сонуваните кошмари, дефинитивно ме наведе да поверувам во тоа, па дури и толку да се убедам, што потоа ми беше шубе да го фатам предметот со рацете. Со едно чувство на језа го фаќам предметот, зашто сигурно немаше да се шетам со предметот во ногавицата и да ги привлекувам сите љубопитни погледи врз себе, кои беа потенцијално урокливи. Го вадам светкавиот, метален прдмет од ногавицата и гледам дека тоа е memory stick, ама со скинато синџирче. Е дури сега пребледев, душата ми слезе во петиците. Па зарем е можно, ај кажете вие, овие фрлачиве на магии толку многу да се модернизирале? Не можеле да најдат некое обично синџирче, ако веќе тоа им требало за правење магии? Ете, си реков, некој сака да и наштети на мојата четиригодишна сериозна љубовна врска, преку симболот на скинатото синџирче, ама што е пак сега симболиката на memory stick-от? Па си реков добро, штом на некого му се давале толку пари за мене да ми направи магија, ќе соберам барем храброст да го удостојам и видам што има на него. Можеби некакви заштрашувачки и заканувачки фотографии кои ја пророкуваат мојата судбина? Го приклучувам на компјутерот и кога ќе видам: голо бебешко газе, едно слатко мало буце со шеширце за сонце, како се капе во мало гумено базенче и кога ми светна…половина час не можев да престанам да се смеам…Па тоа беше малото на колешката од соседната канцеларија, која утрото ме повика заедно да испиеме по едно кафе. Како не ми текна порано дека можеби е тоа, дека можеби паднало во мојата ногавица од нејзиното работно биро.
Туку како сега да и го вратам? Што ќе си помисли пак таа? Дека сум и го украла? Дека сакам да и навлегувам во интимата, во приватниот живот? Дека сум некаков болен воајер? Дека можеби јас нејзе и правам магии?
О, глупава јас.
 



 

с:соочување

Навистина сфатив дека подобро е да ги прифаќам луѓето онака само површно без предрасуди и без анализи, отколку да знам дека со сигурност нема да ми се допаѓаат откако темелно ќе ги проанализирам. Тоа беше клучната реченица што го обземаше моето заморено мозоче, кое во последно време не правеше ништо друго од анализи, дедукции и синтези на настани, личности и меѓучовечки односи. Мозочето мое кутро, кое во последно време си го замислував како обарен карфиол на кој топлината му ги уништила сите витамини и хранливи состојки, беше оптоварено од ништо друго,туку од непотребно (но тоа сега го велам) безпрестајно, и на крајот на краиштата, бескорисно (кое се покажа дека е такво) проследување на настанатите, па дури и на ненастанатите, туку потенцијално претстоечки ситуации во мојот живот.
Еве вака почна измачувачката работа (која секако не беше неопходна, особено не за лицата на моја возраст, а што е уште посмешно никој не го бараше тоа од мене) која го претвори мојот мозок, ма не во карфиол, можеби тоа е и премногу убав збор за тоа во каква состојба се наоѓаше моето мозоче, туку во состојба на препечено јаболче, од кое се извадени сите животни сокови.
На Бадник, празникот кој им значеше живот на моите домашни, бидејќи редовно се колеше по едно живинче, оваа година на мојата трпеза се најде едно младо, невино, штотуку од цицка оттргнато јагненеце, сирото толку се беше смалило од печењето што целото така расчекорено со сите четири, го собра во тавата. Сите кога му навалија, леле мори мајко, како којзнае колку да им згрешило во животот, корнат, тегнат, влечат, черечат на сите страни, кој за што побрзо се фати. На крајот на масата, каде беше седнат татко ми бидејќи тоа беше неговото востановено и неприкосновено место за седење, како некој да му го врачил по заслуга (се прашувам само кој ли ќе биде неговиот престолонаследник, бидејќи јас немав таква амбиција, а мојот брат по ниедна должност не го заслужуваше тоа). И татко ми, сиот полн со гордост, бидејќи толку богато ја снабдил трпезата и за овој Божиќ, а можеби мислеше дека е побогата од било која измината година, судејќи по бројот на гостите што беа собрани кај нас, го дофати со дебелите прсти, најголемиот нож што го имавме дома и ја финишираше постапката околу черечењето на беспомошното јагненце, кое за среќа не беше сведок на настаните. Значи му дофати малата, спечена глава на јагнето и со силен удар на средината ја подели на две. Нормално, тоа што беше внатре не можеше да се нарече мозок, бидјќи да имаше мозок, јагнето сигурно немаше да се наоѓа во ваква положба. Но вадењето на мозокот јас како напосреден сведок на настанот го доживеав како некој ритуален чин, како трофеј кој треба да се додели на најуспешниот во оваа година, оној со најмногу постигнати признанија и најдалекусежни успеси. Откако сите се сложија дека “мозокот” му припаѓа, токму на татко ми, како глава на куќата, како наш стопан, но и човек кој имаше склучено најмногу работни договори за оваа година, тој со победнички израз на лицето, со мозочето во едната рака и со жолтата кумановска во другата рака, го посоли добро и во еден здив и залак го стрпа во неговата уста од која вирееа тазе направените вилици, скапо платени со зделките кои го беа фаворизирале неговиот бизнис годинава.
Туку нема потреба понатаму да се опишува какви се не здравици и благослови се роеја меѓу надојдените гости на бадниковата прослава, но кажете ми вие само едно: какви ли се тие луѓе што можат да наздравуваат во името на животот директно соочени со смртта?!
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


























































































































































 

  д:дома