т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

н:николовска милена

nikolovskamk@yahoo.com




 

ј:јас - супермувата

Таква бев: мала, немирна мува, која сакаше да се вовлекува секаде – од просториите на разните институции, училиштата, факултетите, болниците, претпријатијата и организациите, во продавниците, супермаркетите и дуќаните; во пазарите, во спортските сали, базените, терените; до железничките и автобуските станици, па и во самите возови и автобуси, дури неретко ги посетував и јавните тоалети, подрумите и канализациите. Но сепак, најмногу од се’ сакав да се вовирам во домовите и да ги набљудувам животите на луѓето, да уживам во нивното секојдневие. И влегував кај сите: од најбогато уредени куќи и станови на повеќе спратови - до мали, ниски, разрушени дрвени бараки со само една речиси празна просторија во која имаше само најнеопходен инвентар.
Така млада и полна со енергија сосема го заслужив епитетот со кои се означени припадниците од мојот сој – „досадни“. Не само што сакав да им досаѓам на луѓето, туку уживав и да ги предизвикувам. Сакав секогаш да бидам забележана, сакав постојано да бидам во центарот на нивното внимание, да ги нервирам, живцирам, спобудалувам. Сакав да зборуваат за мене, да ме пцујат, а најголемо задоволство доживував кога ќе почнеа да ме бркаат со оние нивни смешни мрежести лопатки. Имаше и такви кои се обидуваа да ме уловат со рака и да ме смачкаат во својата дланка. Тогаш се разгоруваа моите страсти, моето тело се полнеше со енергија и чувствував победоносна веселост и разиграност на целото мое битие; опасноста за мојот живот не ме плашеше, ами ме предизвикуваше и примамуваше со својата неизвесност и јас горев од желба да бегам, да летам низ воздухот и потоа да се запрам на најпристапното место од кадешто можеа најлесно да ме дофатат. И токму во моментот кога некој од нив ќе помислеше дека сега е готово, дека ме има в раце, јас одново летнував и се запирав на неговото чело, уво или нос; и тој се маваше по лицето, врескаше и пцуеше; а јас се преместував од носот на челото, па ќе се воврев во увото, за веќе во наредниот миг да слетам одново на неговиот нос.
Ваквите игри со нервите на луѓето правеа да се чувствувам поголема и позначајна од нив. Тоа што можев да влијаам на нивното расположение за мене претставуваше голем подвиг и секој нов успех го сметав за добиена битка, иако ни сама не знаев против кого се борев – дали против нивната големина и интелигентна возвишеност над сите останати, или пак против мојата минијатурност и ништожноста што ја претставував.

***
Тоа утро, по здодевното дремење врз еден модерен примерок од женски чевел во темната чевларска работилница, кружев во нејзината околина, барајќи соодветен дом кадешто ќе можам да се вовлечам и да ја отпочнам мојата секојдневна игра што толку силно ме исполнуваше. Ги разгледував отворените прозорци на становите од зградите и ги пребројував семејствата што ги имав посетено: Стојанови, Пертови, Марковски... и ми се чинеше дека нема повеќе ниту еден дом од оваа улица кадешто не сум била. И само што почнав да губам надеж дека ќе пронајдам таков, забележав една ниска полуразрушена куќичка зад зградите во какви што имав влегувано многупати. Иако не бев сосема сигурна дека овде ќе најдам авантура каква што посакував, нестрпливоста надвладеа и решив да влезам. Приближувајќи се до отворениот прозорец, слушав различни гласови и сфатив дека во куќарката има повеќе луѓе. Tоа ме развесели и веќе го чувствував предизвикот од новата опасност што овде ќе ми се заканува. И како и секогаш, уживав во чувството.
Со голема брзина се втурнав низ отворениот прозорец во собата. Но изненадена од неочекуваната глетка морав веднаш да се сопрам на стаклото од самиот прозорец. Собата беше мала и полупразна како што и очекував, со само неколку предмети во неа, но изгледаше полна, толку многу полна што дури и за суштество ситно како мене се чинеше дека нема место. Имаше седум луѓе во неа: еден стар човек и еден помлад, една исто толку стара жена и две помлади и две деца. Беше јасно дека тоа е едно од оние сиромашни семјства во кои сите спијат заедно на подот, со една масичка во средината и со стар шпорет на дрва во аголот. Но не беше сиромаштијата она што ме натера да застанам на прозорецот- илјадапати досега имав посетувано такви бедни куќарки, ниту пак луѓето беа оние што ја правеа да изгледа толку полна; овде имаше нешто друго што навистина не го очекував и што го немав сретнато никаде дотогаш. Собата беше преполна со муви, исти како мене, и многу поголеми од мене, тие стоеја врз шпоретот, врз масичката, врз посланите душеци, на прозорецот, по подот, или пак едноставно кружеа во воздухот; некои од нив очигледно ја играа мојата игра – тие стоеја на лицата од станарите, на нивната нечиста и издрпана облека, врз нивните глави, дури и меѓу прстите од рацете. Но моето изненадување не запираше тука. Ниту еден од луѓето, па дури ни децата не се обидуваа да ги убијат моите сестри; само повремено замавнуваа со рацете за да ги избркаат од себе и продолжуваа да го прават она што го имаа започнато.
Решив сепак да се обидам. Некако верував дека токму јас ќе бидам таа што ќе предизвика нервозна реакција барем кај еден од нив. Знаејќи дека постарите луѓе почесто се однесуваат рамнодушно кон нас, решив директно да ги нападнам најпрво двете помлади жени. Нив сигурно најмногу ќе им смета – си мислев. И без да размислувам многу застанав на вратот на едната од нив. Полека се движев надолу, надевајќи се дека мојот скокот ќе ја предизвика. Ништо од тоа. Почнав да се искачувам кон нејзината брада. Повторно ништо. Дури кога застанав на нејзините усни, таа малку ги помрдна и морав да се тргнам, но веќе во следниот момент стоев на нејзиниот нос. Не ме избрка ни оттаму. Бев збунета и нервозна, но не се предавав. Решив да се обидам кај децата кои смеејќи се се бореа на подот. И нив им се пикав во ушите, во носињата, им застанував на веѓите, на челото, на клепките од очите. Но и тука сите мои обиди завршија со неуспех.
Ги повторив моите обиди и со останатие луѓе од просторијата. Не успеав со никого. Не можев да поверувам. Јас мувата што доведуваше до бес илјадници адвокати, лекари, професори, бизнисмени, јас – супермувата, овде овие сиромашни, исподрпани и валкани човечки примероци неможев да ги натерам дури ни да замавнат со рака по мене!
Се обидов уште неколку пати. Одев дури дотаму што им се вовирав под облеката и лазев по нивната кожа насекаде. Но сите мои обиди завршија со неуспех. Го чувствував поразот, иако не знаев од кого бев победена и очајнички облетував околу нив се додека сосема не ја загубив силата. За прв пат во својот живот се чувствував малечка и немоќна, каква што навистина бев, за прв пат се гледав себеси како обична мува, а не супермува како дотогаш. И знаев дека никогаш повеќе нема да можам да ја играм својата игра, дека губењето на оваа битка за мене значи губење на војната, на онаа војна со противник кој за мене остана непознат.
И за прв пат во животот уморно и бавно летнав надвор низ отворениот прозорец.
 




 

л:лицa

Лице # 1
Низ матните прозорски стакла на возот ги гледам ридовите, пасиштата, реките, дрвјата што ги одминуваме. И врз сите нив искривен, изобличен патува мојот лик. Едното око е на крошната од едно високо дрво, другото брановидно лежи врз грнаките на друго, пониско; образите како водопади се истураат на нерамното земјиште помеѓу нив и се соединуваат во издолжениот згмечен нос. Кај веѓите лицето се прекршило, па челото се наведнало и чиниш пропаѓа во малата рекичка зад дрвјата; усните и ми се искачиле на покривот од една ниска куќичка, а брадата скалесто се спушта врз нејзиниот трем. Со секој изминат дел од секундата мојот лик се менува и добива нови облици, се прекршува на други места, се создаваат нови вдлабнатини, нови агли, нови испакнувања.
Прозорските стакла од возот се безброј огледала низ кои ги гледам сите мои деформирани лица.

Лице # 2
Ја гасам светилката и легнувам. Очите се затворени, се е темно, останува само една жолта точка во средината. Најпрвин личи на сијалица, но постепено добива форма на човечко лице. Се отцртува испукано чело со една долга брчка на неговата средина, потоа густи црни, но совршено заоблени веѓи. Потоа местото меѓу нив пука и од неа се исправа нанапред благо свитканиот нос, а околу него се создаваат спирални кругови кои полека се претвораат во полнички и цврсти образи; под нив одеднаш се испакнуват исто така полничките усни кои нежно се растегнуваат во полунасмевка, станувајќи се потенки и потенки, а веднаш под нив по малку бледо и нејасно се појавува и тркалезна брада со ретки влакненца на неа.
И така во жолтата точка создадена од одблесокот од сијалицата што штотуку ја изгаснав го препознавам твојот насмевнат лик.
 




 

р:руска салата и ѓонче

Лустер од жолто мат стакло испрскано со разнобојни и неправилни правоаголници, кругчиња, квадратчиња...
Две детски очи, ширум отворени, вперени во таванот на старински уредена спална светкаат во полумракот од раните ноќни часови.
- Бабо лустерот ми личи на руска салата.
Тишина.
- Бабо лустерот ми личи...
- Спиј сега.
- Не ми се спие.
- Само замижи. Ќе ти се приспие.
Две детски очи се затвораат цврсто, цврсто; клепките треперат од силното притискање, брзо попуштаат, повторно се отвараат.
- Ете пробав и пак не ми се спие.
Тишина.
- Бабо ај раскажи ми приказна.
Мрморење.
- Бабо, бабо не спиј! Раскажи ми приказна!
Офкање.
- Ајде ама само една и после ќе спиеме, добро?
Ветување.
Старечки глас и приказна раскажана испрекинато, со повремени воздивнувања.
- Си било едно дете и работело како чирак кај еден чевлар. Еден ден мајсторот го пратил детето да однесе едно ѓонче кај некој друг мајстор. Било рана пролет. Детето одело по селскиот пат и гледало како се топи снегот, како никнуваат кокичињата, како зеленеат листовите и цветаат цвеќињата на гранките од дрвјата. Седнало детето покрај една река и занесено го слушало нејзиното жуборење. Го испуштило ѓончето од рака и тоа се стркалало и паднало во реката. Детето не забележало. Но кога станало да си оди го побарало ѓончето и кога видело дека го нема покрај него веднаш сфатило што се случило. Се исплашило детето. Многу се исплашило. Мајсторот бил строг и често го тепал детето. Знаело детето што ќе се случи, ако мајсторот дознае. И решило оти мора да го најде ѓончето. И тргнало надолу по реката да го бара. И било толку тажно и исплашено што на сиот глас викало: Ѓон! Ѓон! Ѓон! Добрата самовила го видела тоа, и се нажалило срцето за детето и го престорила во птица за да не го тепа мајсторот. И така детето станало ѓонче и си летнало на едно дрво и до ден денес стои таму и вика: Ѓон! Ѓон! Ѓон!...
- Бабо ти ова го измисли! Детето станало птица и птицата се вика ѓонче како да не...
- Не, не го измислив, еве, слушај, и сега вика.
Далечен звук на кукање на птица низ отворениот прозорец до ушите и силен изблик на сочувство од срцето на едно дете.
- Слушаш?
- Да.... Ѓон... ѓон... ѓон...
- Ајде сега спиј.
Тишина.
Две детски очи полека се затвораат. Клепките мируваат врз растераните зеници.
Далечен звук на детски глас претворен во кукање на птица.
Ѓон! Ѓон! Ѓон!

..............

Лустер од мат сиви стаклени правоаголници што висат. Ни малку сличен на руска салата...
Две очи на возрасна жена, ширум отворени, вперени во таванот на модерно уредена спална бледнеат во мракот од доцните ноќни часови.
Тишина.
Замислено дете што го бара паднатото ѓонче во реката. Реално кукање на птица низ отворениот прозорец.
Ѓон!..Ѓон!..Ѓон!..

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања







































































































































































































































 

  д:дома