т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс

п:павлова слободанка




 

ч:чирови

Ми изгледаaт како да ги извадиле од нечиј желудник и заборавиле да ги фрлат заедно со другиот органски отпад. Или не заборавиле, ги фрлиле во отпадот, но на овој му се слошило кога ги видел, а кога ги слушнал ги исфрлил надвор од контејнерот и се запалил од страв дека ќе се вратат. Барем нашол некој свој вид на внатрешен мир, знаејќи дека се сега полутврда материја, а не во гасовита како неговата, па не можат да го стигнат, претешки се. Си имал среќа отпадот, а јас не па ме стигнаа. Сега ги знам дваесет години и ќе се обидам да ги опишам почнувајќи од најзабележливите карактеристики, па се до најситните детали, онака како што за мене се видливи и достапни.
Најголемиот чир има изгужвана кожа, нема коса и заби и носи два пара наочари. Со едните чита весници и се замислува како би изгледал помеѓу некролошките огласи, а другите ги става само кога зјапа во непознатите минувачи низ прозорецот. Го замислувм и јас најголемиот чир помеѓу огласите, но само на тоа и останувам, на неисполнети фантазии. Многу често почнува да тоне, како што вели тој, а тогаш 5 мл гликоза го враќаат на површината. За жал, се’ уште не е потонат. Понекогаш помислувам дека овој има некаква телепатска врска со моите мочни канали, па кога и да трчам накај тоалетот, внатре е и чекам по 20 мин да излезе, се додека прстите не ме здоболат од тропање на вратата да побрза. Многу ретко разговарам со него, а и она што ќе му го кажам, или погрешно ќе го разбере, или нема воопшто да го слушне се додека не го повторам три пати. Најголемиот чир е чист доказ дека цигарите не се штетни за здравјето, ниту пак се причина за повеќето неизлечиви болести. Има осумдесет и три години, а на девет години почнал да витка листови тутун во обична хартија, да ги пали и да ги вдишува. Разликата од седумдесет и четири години ги побива слоганите на сите пропаганди за борба против пушењето и ракот. Толку е неподвижен, што може да стигне само до скалите во дворот, па морам или да трчам до продавницата кога најголемиот чир ќе остане баз цигари, или непрекинато да слушам ЦИГАРИ, ЦИГАРИ, ЦИГАРИ! Парите од пенСијата, како што тој ја нарекува пензијата, ги троши на диазепами, наклофени, бруфени.... или му ги “позајмува” на вториот чир, кој се разбира никогаш не ги враќа. Животното мото на вториот чир е секс, џоинт и турбо-фолк. Лесно му е да паразитира на сметка на другите два чира, па или спие или јаде, или седи пред компјутерот и мирца. Живее во соба која наликува на контејнерот од кој и самиот беше претходно избркан, со една мала разлика, контејнерот одвреме-навреме го празнат. Интелигенцијата му е развиена до тој степен што му се потребни три часа да ги запомни првите два стиха од “Тешкото”, или едноставен опис во кратки црти би бил – МОРОН. Под поимот апстракна именка подразбира книга, театар, изложба.... а под поимот задолжително – концертите на Zvezde Granda во Downtown. Има некој уништувачки талент кој го изразува преку прегорување на процесорот, распаѓање на глувчето и на фотоапартот, давење на мобилниот во јавниот тоалет, а најчесто преку уништување на елементи од мојата соба, како кршење на масата или аквариумот. Многу често, не знаејќи како поинаку да се изрази, неспособен да смисли нешто со сопствениот ум, одговара на прашањата со неколку улични изрази кои ги смета за најмудар и најсоодветен коментар. За разлика од психичкиот развој, физички е далеку поразвиен од своите врсници, па комбинацијата од вишок мускули и недостаток на мисловна способност честопати резултира во улични тепачки, тужби, судски покани, што доведува до излитување на нервите на третиот чир... Понекогаш заборава колку време поминало откога се родил, па знае да вреска и да плаче како двегодишно дете за да добие нешто од третиот чир, кој во почетокот се противи да му ги исполни барањата, но по долгото лигавење и молење секогаш попушта. Вториот чир се замислува како “милионер” по завршување на средното образование, но нема ниеден конкретен план за исполнување на замислите. Без идеи, поттикнат од приказните на “градежниците” за брзото заработување пари во странство, единствениот збор поврзан со неговата иднина како “милионер” е – Америка.
...Можеби тоа што се толку различни од мене ме тера да ги игнорирам.
Дијалозите што со нив ги воспоставувам се кратки, ретко смирени и пријателски искрени, а најчесто остри и бучни. Чировите ме сметаат за намќор кој го поминува времето пред компјутерскиот речник или со книгите, бел лист хартија без чувства, единствениот што нема да се насмее на најоткачениот виц. Не ме познавааат. Ниту јас им дозволив да ме запознаат, се затворив во сопствениот свет до кој немаат пристап. Имам чувства, само ги кријам под оклопот од груби зборови и невкусни коментари. Барем за третиот чир сум сигурна дека го сакам. Ми недистига кога заминувам, а кога се враќам дури имам и потреба од неговата прегратка. Тој безусловоно ни ги исполнува барањата, не’ сака и понекогаш го покажува тоа. Кога само би добивала љубов колку што добивам пари од него... Често е незадоволен од она што го правам и бара повеќе, бара совршенство кое не можам да го постигнам. Кутриот трет чир, има извонредна способност да не забележи ништо се додека солзите не ти стигнат до вратот, не се ни обидува да ја прочита пораката на магливото лице. Седиме едно до друго на седмоседот и пиеме кафе, разговараме за новиот тепих десетина минути, а ниту јас, ниту тој не знеме како другиот ги поминува останатите дваеет и три часа од денот, ниту пак сме доволно заинтересирани за да прашаме.
Се плашам. Секогаш кога ќе влезам во таа куќа полека ми запира дишењето, а пулсот ми забрзува. И тогаш кога долго време не сум влегла, неколку минути се доволни да се појави одбивноста, чувството на непожелност помеѓу тие ѕидови, желбата побргу да заминам. Некогаш е лесно, заминувам уште наредниот ден, но некогаш останувам и по цел месец. Секоја дамка на ѕидот ме потсетува на викотниците и тие одвратни гласови. Посакувам да исчезнат засекогаш, заедно со грлата од кои излегуваат. Зависам од нив, ги сакам и ги мразам, потребни ми се и не сакам да им се доближам. Не знам кого да обвинам. Дел од вината префрлам и врз себе. Не е доволен само еден икс хромозом да те обврзе да ги сакаш. А тука има четири негативно наелектризирани честички создадени една од друга, но меѓусебно се одбиваат поради еднаквиот електронски полнеж. Уште повеќе се плашам. Наликувам на нив, но успевам дa се воздржам и да не го пренесам мојот страв надвор од ѕидовите. Многу често се прашувам што би било кога би било... што би било кога во нивните очи би престанала да гледам чирови, што би било кога барем еден мал дел од овие дваесет години го потрошев за запознавање на нивниот вистински облик. Не се ни обидов. Не ги познавам. Ќе заминам, морам да заминам и тоа што поскоро, но овојпат засекогаш.

 



 

в:вторник

17.08.2006

По долгото возење низ едноасочниот автопат налетав на една прашлива искривена улица натрупана со куќи од двете страни. Насекаде жива ограда и бунар во секој двор. Кучиња повеќе од луѓе. Полуоблечено мрсулаво дете трча по моето BMW. Лазам низ стадото на патот со 10км\h. Надвор е над четириесет степени, земјата е распукана, тврда и неплодна. Сите прозорци на полураспаднатите куќи се отворени, а жените висат над нив од љубопитност. Продолжив да возам во мојот климатизиран автомобил. Не знам точно каде е хотелот. Гледам во излитените темноцрвени рогозини спружени место перде. Низ нив комшиките се довикуваат на кафе. Не им треба телефон. Ја извадив мојата Nokia n80 oд ташната на лаптопот за да се распрашам за патот. По десетина минути стигнав. Излегов од колата и го отворив лаптопот да напишам меил. Веќе е темно. Ги гледам сега истите оние што висеа на прозорците и трчаа по мене, висат на оградата и зјапаат како никогаш да не виделе..... Мислат дека ако имам некоја чудна кутија која навечер свети и една малечка сребрена направа од која излегуваат гласови имам многу повеќе од нивните излитени рогозини. Слушам се смеат, а се немам насмеано од последната бизнис зделка и тоа од љубезност према клиентите. Слушам како еден вели сакал и тој таква кутија што се отвора. Друг го кара детето затоа што ја имитирало мојата сребрана направа. Никогаш не најдов враме за деца. Полека станав и се доближив до нив. Ја отварив портата и излегов. Му го подадов лаптопот на тој што го посака а нокијата на детето што ме имитираше додека зборував на неа, под услов да ги добијам нивните темноцрвени рогозини. Среќни се, но не посреќни од порано кога низ божемните пердиња што ги штитеа од сонцето се довикуваа на кафе. Сега знаат дека и пеколот свети.

18.08.2006

Наредниот ден го сретнав детето со мобилниот. Се викал Деван и имал пет години, така ми кажа. Беше сличен на сите селски деца што ги видов претходниот ден, ситно слабичко дете со бушава светла коса, големи сини очи и пеги на носот и образите. Зелените кратки панталончиња и белата мајца што ги носеше беа калливи и искинати, како да беше претставник на целото село. Не зборуваше многу, иако не ми изгледаше дека е срамежив.
- Што ќе ти е мобилниот, го прашав.
- Мајка ми ќе дојде во вторник, ми рече, сакам да и го покажам.
- А, каде е мајка ти?
- Онаму, ми покажа со прстот накај автопатот. Кога замина ми рече дека ќе се врати во вторник, ја чекам.

30.08.2006

По две недели повторно го сретнав Деван.
- И’ го покажа ли телефонот ма мајка ти?
- Не, па нели ти реков дека ќе дојде во вторник, ми рече налутено.
- А кога е вторник, знаеш ли дека....
- Вторник е денот кога ќе се врати мајка ми! - ме прекина...

Внимавај, опасен е малиот, ми довикна некој. Се завртев и го видов Верон, оној на кој му го дадов лаптопот. Мајка му на Деван го напушти селото пред две години, а малиот го остави со татко му. Не била навикната да носи вода од бунари и де се пече во неклиматизирани простории. Најде работа во градот и замина уште наредниот ден. Деван трчаше по колата и ја молеше да го земе со неа, а таа само го подотвори прозорецот и му довикна дека ќе се врати во вторник по него. Тогаш имаше пет години и времето како да запра за него во тој момент. Не покажува никаков психички развој, не научи да зборува подобро од тогаш и се’ уште кажува дека има пет години. Одбива да оди на училиште со другите деца, верува дека има уште две слободни години до почетокот на училиштето. Ги носи истите алишта кои ги имаше на него тој ден, се плаши дека ако се пресоблече мајка му нема да го препознае и повторно ќе замине без него. Oдтогаш трча по секоја кола која поминува низ селово и ја бара нејзе низ стаклата, затоа така зјапаше во тебе дури и низ оградата.
02.09.2006

Го здогледав Деван низ оградата.
- Дојди, му довикнав.
- Влезе во хотелот и седна на клупата во дворот.
- Денес е среда, му реков. Ајде повторувај по мене, ќе те научам да ги кажуваш деновите во неделата по ред, понеделник, вторник, среда, четврток....
- Значи вчера било вторник, ми рече, мајка ми не дојде да ме земе, ме излажа....
Си замина расплакан.

05.09.2006

Одморот ми беше при крај. Морав да заминам од селото и да и се вратам во мојата здодевна исцрпувачка компанија. Се спакував и трганав. Веќе не беше толку жешко како кога дојдов. Повторно се пробивав со автомобилот низ стадото. На крајот на улицата ги здогледав Деван и Верон.
- Ме чекате да се поздравите, им реков.
- Еве ти го мобилниот и лаптопот, а сега врати ни ги црвените рогозини...
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања





















































































































































































































 

  д:дома