т:темплум  


2007:јануари/февруари
општ конкурс


у:угуровска анастасија

anastasija9@yahoo.com


 

с:страв

Баба ми била вештерка... Така викаат комшиките што доаѓаат да им гледа на кафе. Ама тие не гледаат дека ми намигнува додека тие седнуваат на дрвениот стол.
„Ке ти го одбијат чекот во банка“ – ù кажува баба ми на Велевица. Таа забезекната ù враќа:
„Леле како ми погоди! Сабајлево се случи тоа.“ и возбудена им го прерасказува моментот на другите стари жени што нестрпливо чекаат на тренот. „Што ли ќе ни каже денес“’ се прашуваат.
„Доста е за денес“ вели баба ми. „Ајде ти седнувај“ ми се обраќа на мене… Јас па си викам: од каде да ги најдам вистинските зборови…“
„Пјевај ! Што те мачи“. гледа баба ми дека не ми се овците на број денес...
Mи е страв“ и велам. „ми е страв дека ако отидам во шумана ќе се изгубам. Дека ќе биде темно и дека од толку многу дрва јас нема да можам да го најдам магичното“
Баба ми се смее...
„Магичното дрво е таму каде што сакаш ти да биде... а што е тоа магично дрво?“
„Бабо бре! Како не знаеш! Па магично дрво е дрво со златни лисја. Дрво што има очи уста и нос, и што ти ја кажува иднината. Ама секогаш ти кажува две иднини и ти ќе си одбереш после дали ја сакаш првата или втората. И ако го најдам, се плашам дека ќе ја одберам погрешната судбина“
Баба ми е запрепастена од моето размислување овој ден. Обично пеам и вакви суштински прасања не поставувам многу... Се чуди баба што ми станало на 25 години да зборувам за магични дрва… како да имам 6 години.
„Слушај, на 25 години не можеш да ги продадеш соништата твои за да купиш туѓи. Соништа не се продаваат. Ќе си ги чуваш... ќе те водат некаде далеку...“
Може треба на кафе да ми гледа... Може ќе ми види дека никој не гледа што ме мачи… Ме мачи тоа што разговарам со баба ми што умре кога имав 4 години... Дали и другите баби знаат дека баба ми е умрена ? Дали знаат дека мртва баба им гледа на кафе ??? Или јас гледам мртви баби? Или и јас сум мртва??? И куќава каде што седиме… па ја срушија кога се роди брат ми. Сестра ми тогаш 5 години имаше...
Чудно е стално истите баби чекаат пред врата... и секогаш Велевица има проблем со банка, а Перевица има швалер. Ама баба ми ги видела позади поштата како делат бакнежи. Затоа на кафе и гледа дека некој знае... Не кажува кој. Не кажува дека ги видела. Таа со сукња била па швалерот и ја дигал полека сукњата. Сакал кожата да и ја осети...
И стално кога баба ми ми кажува каде ќе ме носи животов, се будам препотена... а мајка ми ме прашува:
„Не те вика со неа нели?“
Ме вика, ама јас не сакам да одам. Стално сум договорена со некој друг. Може ќе одам еден ден. Ако некој друг не ме викне на друго место... некое место со дедовци што играат кошарка... и се расправаат за фаул, а не за Тито...





м:ме гледаш ли? Или….

„Како тоа со гума го избриша? Па не можеш луѓето со гума да ги избришеш од секојдневието“ ми вели Маја.
„Зошто да не можам... можам да си правам што сакам“ и велам. Маја е збунета. Мисли дека сум полудела. Ама зошто? Па јас сама си решавам како ќе си го насликам светот денес. Ако сакам и со Луј 14 ке се дружам. Не можам иднината да ја нацртам ни да ја вклучам во цртежов ама кога иднината ќе стане сегашност ќе ја сменам ако сакам.
Денес не сакав да ми грее сонце. Сакав дожд. Да ми врне врз главата. Маја мисли дека сум била тажна па затоа сум сакала дожд. Па дождот и носи плодови на земјата...така е и со мене. Мене дождот убавина ми носи... Одам по улица и дождот ми зборува. Секој пат ми вели дека сум единствена... Па си нацртав дожд... Јак... ме плиска по лицето и зборува ли зборува. Раскажува убави приказни.
На Филип денес ич не му е погоден денот . Ми вика дека кога денес се погледнал во огледало не се видел себе си туку го видел Петар. Вика носот му бил наострен а устата тенка. А неговата уста е сензуална, голема… Вели дека неговите црти денес воопшто не го претствувале неговиот карактер.
„Зошто Филип така мислиш? Не разбирам наострен нос на која црта од карактерот се однесува?“ прашувам затоа што Горан има наострен нос и сите го сакаат.
Ама Филип денес претерува.
Се наопаку гледа. И јас сум му била целата изобличена денес. Вели дека денес сите сме си ги замениле цртите. Мисли дека погрешно сум го нацртала светот. Сум ги згрешила луѓето.
Ми вика :
„Па ти мислиш дека очиве денес многу убави погледи ти праќаат? Оди види се во огледало дома, ке видиш дека и ти не си таква каква што беше вчера…“
Зошто да се гледам дома во огледало? Па знам каква сум денес.Тоа не се гледа, се чувтсвува. Си знам сама, не мора Филип да ми каже. Него моите погледи не му се допаѓаат денес затоа што тој мисли дека е различен од обично. Ако му се остри носот не значи дека и карактерот му се остри. А ако сум си нацртала денес убави очи зелени, не значи дека погледи со различна содржина праќам. Што ако вчера не сум имала вакви очи. Вчера можеби сум сакала да немам очи.
Се обидов денес да го поправам носот на Филип. Ама не му се допаѓа пак. Вика дека јас имам една перцепција за неговиот изглед, Маја има друга а луѓето миллион други. Може луѓето денес не го ни гледаат. Денес кога поминувал покрај излогот на некој бутик забележал дека носот му го снемува. Сакав една лекција да му одржам па во моментот кога купуваше кафе му ја избришав раката па кафето се плусна на подот од кафетеријата.
Бришејќи го носот на Филип, тој почна да се буни дека ништо не сум сменила. Како може ништо да не сум сменила кога нема нос.
„ти не знаеш да црташ“ ми вика.
Најискрено, денес Филип на глава ми се качува. И устата му ја избришав за да не може да ме критикува. Ама со раце почна да ми зборува. Цел го избришав. Утре ако сака ке го нацртам пак ама денес денот ми е поубав без него. А ако Маја продолжи да ме кара и неа ке ја избришам. Или ќе и нацртам мустаќи. Така решив денес. Па Филип ако сака може и тој да ме избрише од неговиот цртеж. Јас не ни знам каков ми е носот таму. Можеби ми ставил нос на куче. Ама не сакам да размислувам за носови. Сакам денес да имам перфектен ден… Убав дождлив ден…






у:убавото име

Те сакам, знаеш ти тоа? ми вели тој држејки ми ја главата меѓу двете раце. Многу те сакам . Мене ќе ми пукнат образите од топлина. Очите весело ми трепкаат. И се розево гледам.
Е како ме сакаш... ај покажи ми, зборови се зборови ама ај да те видам запали ја ѕвездана што не сјае. му велам јас давајќи му задача што мислам дека тешка ќе му биде... Тој не сака да влегува во такви стереотипни реченици како те сакам ама морал да најде начин да ми го покаже тоа. Неговото тело веќе две години покажувало гестови на љубов. Ама мене очите во друга насока ми гледале па не сум ги забележувала тие топлини што излегувале од него. Тој до сега никојпат на никому му немал кажано таква проста реченица.
Лесна работа” ми вели. Набрзинка се искачи на дрвото и оп, со едната рака ја запали ѕвездата. Таа му намигна.Долго време изгасната била.
Очите сега уште повесело ми трепкаат. Ама зборувајќи му го згрешив името на момчето. Ненамерно...
Се стопи момчето пред мене како железо... сивило го обзеде и одеднаш се претопи во асфалтот... Јас го довикувам со неговото правилно име ама само асфалт останало... Солзи ми се тркалаат по образите...
Мора да ја најдам волшебната формула за да може момчето да се врати.
Натажена со очи црвени, ја изгасив ѕвездата зошто не ми треба светлина. Сама треба да го најдам патот до добрата вила... Одејќи по црвениот пат, го здогледувам Кованиот седнал на камен и размислува... Без ѕвездите не му свети телото... се приближувам до него.
Се прашувам зошто воопшто нема ѕвезди денес вели Кованиот.
Јас ги изгасив...
Зосто ги изгаси? гледај колку е темно... плаче Кованиот, плаче.
Проколната сум... ако не ја најдам магичната формула, тој нема да се врати никогаш.Ќе остане асфалтиран.
Јас ја знам формулата... ама не смеам да ти ја кажам. Побрзај зошто ако чекаш многу ке исчезнеш.
Со свиснати рамена го продолжив патот. Морам да побрзам кај добрата вила. Одејќи си поставувам многу прашања... замислена не ни забележувам дека доаѓа Есен.жолти лисја по патот... Меланхолични валцери и стихови од поетот...
Од далеку поетот се токми да ја заврти страната. Нова поема ке пишува. Ме забележува и прашува
Зошто плачеш девојче ?
За асфалтираната љубов . велам со железни воздишки.
Ох, па тоа не е ништо... Зошто мислиш дека сум седнал под дабов чии што последни лисја паѓаат како моите години.Од овде го гледам сјајот на зората и знај не ќе го дочекам сонцето. јас затоа би плачелза мојата младост . вели поетот и истиве зборови во поема ги претвори.
Морам да ја најдам добрата вила... таа ке ми помогне
Патот е уште пострмен сега. Ама страв не смее да ме обземе.. Мислам на момчето со толку убаво име.
Го здогледувам брдото на добрата вила. Ке стасам уште малку и ќе стасам
Една роза убава никнала од нигде никаде. Во сред таа пустелија каменлива розава се смее.
Цвеќенце, како си се нашло тука?
Ме пратија да ти пренесам порака. Од поетот е. Зората на овој мрачен ден ќе ти ги разубави височините
Надежта ми светна како мал облак на небото.
Трчам по брдото. Стасав.Но наместо палатата на добрата вила има само едно големо огледало.
Каде е вилата? прашувам .
Погледни поубаво, вели огледалото.
Готово е си мислам никогаш нема да го пронајдам момчето.
Ти си вилата и зборува огледалото. Пробуричкај во душата и ќе видиш дека ја знаеш формулата
4 дена патував
Имаш крилја, искористи ги
Како?
Каква вила си ти што не знае каде си ги ставила крилјата
Немам крилја... немам ништо. Ни убавина немам. Велам.
Кога ќе ја пронајдеш самодовербата, се ќе имаш одговара огледалото и се крши на миллион парчиња. Секое парче со различен израз на моето лице. Најголемиот дел ми покажува слика што не сум ја видела. Зеленило, ружи, бели, црвени.
Огледалото без тоа парче не може да се залепи.
Тргнав назад. Одеднаш крилја ми никнаа. Убави големи црвени.







г:гордост

Се скарав со Гаврош денес. После толку време другарство не знае од каде доаѓам. Мисли дека местото за кое што јас му зборувам е салата. Па бараше во атласот да се увери дека местото навистина постои.
„Е добро де, па има луге што мислат дека е во Тунгузија...“
Требаше да му објаснам се.
„Па и ти цело време Гаврош ме викаш а јас се викам Пиер“ ми вели .
Па како е можно толку убаво да се согласуваме а да не знаеме речиси ништо еден за друг. Веќе 4 години како сме заедно а тој мисли дека јас сето ова време за салата му зборувам. А јас го довикувам со погрешно име.
Се налутив. И гаврош се налути. Искри ми летаа од лицето. А Гаврош не е толку сентиментален како мене. Тој си вика, ако не сум му веќе другарка, ќе си најде нова. А јас ќе сум таа што треба да си ги собере алиштата и закачените слики од неговиот стан. Каде ќе одам?
„Јас сум поголем од тебе и треба да разбереш зошто така се однесувам“ додава пред да помислам да му ја треснам вратата пред нос. Поголем е да, и повозрасен и јас имам огромна поичит кон него. Па тој ме научи да возам точак. Прво на три тркала а сега знам и на моноцикл. И не разбирам зошто толку ме налути сега.
Нервозата ми го обзела цело тело и сакам да ја треснам вратата силно за да ја размрдам цела зграда а со тоа и главите на сите соседи.Да им ги растресам главите за да се освестат. Па моето место постои, зошто сите мислат дека доаѓам од незнај каде…
Одејќи кон вратата едно мало човече плод на мојата свест ме кара :
„Тресни ја вратата па ќе видиш после дали некогаш повторно ќе те пушти да влзезш во неговиот стан.“
„Не мора во неговиот да одам“ лутинава се бунтува во мене.
„Други врати кон други насоки водат… Сонуваше да имаш ваков верен пријател. Можеби не е сјаен ама сепак во неговите очи сјаје одразот на сите твои амбиции... Плус ист јазик зборувате и убаво се разбирате... Ако му ја треснеш вратата Гаврош или Пиерре , како и да е, ќе го смени одрзаот на лицето.“
„4 години ме познава Гаврош и сепак ја остава вратата полуотворена.Зосшто до крај не ја отвори?“ ја прашувам свеста.
„Па за се треба време.и трпение“
Гаврош стои наспроти мене и чека да види дали сум толку храбра да останам и убаво да му објаснам декА иако моето место е мало, и непознато за него, сепак е големо за мене.
„Ќе ти поставам ултиматум , ми вели, ако останеш и ми покажеш дека ти си таа што е синоним на мотивација, Ќе ти ја отворам вратата и клуч ќе ти дадам... остани и раскажи ми ја твојата приказна“ ја руши тишината.
Го кревам погледот со полузацвренето лице и се обидувам да видам дали Гаврош е искрен. По 4 години би требало да знам како дејствува неговиот мозок. Треба и сите гестови на памет да ги знам. Па 4 години сме неразделни.
„Ама многу е долга приказнава…“ со насмевка изустувам.
„Ти си приказната и сакам да ја знам целосно…“
Ја снема лутината. Насмеана седнав на каучот…
„Си било некогаш едно малечко место, на крајот од светот со име на салата…малечко шармантно место...“








н:не се враќам повеќе

Никогаш не ме плашела смртта. Ама денес кога во куќа ни влезе, останав скаменета.
Првата мисла ми беше:
„Како ќе се разбудам без сестра ми утре... и задутре... и секој нов ден...“
Куќата што до вчера беше толку полна и детална денес имаше само бели ѕидови. Со тек на време можеби ќе ја декорираме , малку по малку. Ама никогаш нема да биде како што била претходно. Плус тешко е ѕидовите да ги обоиме со истата боја како некогаш...никогаш не се погаѓа истата нијанса.
Патот до гробишта беше тежок. На гради ни тежеше. Како тег да ни паднал врз градите и како да нема никој што може да го крене. Ма ние не ни сакаме да го тргнат.
Во кола сите тројца ќутиме. Мама плаче а тато е нервозен. Сите тројца мислиме на тебе и никој не сака да ги дели спомените. Како паразити сме се закачиле за тебе.
Колата ќе препукне од прашања.Не знам ни како успеа да вози со толкава тежина. И гумите ќе и пукнат. Тешкиот дух што ја опфатил се зголемува се повеќе и повеќе.
И воздишки... Воздишки кои раскажуваат свој дел од приказната. Мама не е ни тука. Има дупка во градите затоа што си го искорна срцето, и го згази. А духот нејзин си отишол некаде. А тато сака да биде силен. Ама мускулите дома си ги заборавил. Му солзат очите вика.
А јас јас сакам да летнам ама кој може да лета со крилја од железо? Ќе полетам можеби некако, ама падот ќе е тежок. Размислувам што би правела понатаму. Фотографија веќе не ме интересира. Не сакам да го продолжам албумот. Што ќе ми се слики каде што ќе те нема тебе. Решив денес семејниот албум завршува. Се чудам како е можно да имаш толку голема болка а да не ја чувствуваш? Да останеш парализиран. Се гледам од другата страна и двете јас сме се соочиле една со друга.
„Зошто не си се облекла во црно?“ ме парашува
„ Зошто мора во црно да се облечам?“ и одговарам.
„Па тажиш“ ми враќа другава.
„Па не мора во црно да тажам. Можам и во плаво…“
„Што ќе речат лугето што се дојдени на гробиштава“ ми вели зачудена и засрамена.
„Па што сакаат нека си речат. Јас не сум заради нив дојдена! Тие се заради нас дојдени.“
Другава молчи. Не знае што да каже. Неа солзи и течат. Плаче... се гуши. Липа... ни воздух не може да земе. Дури и почнува да вика... зошто прашува. Зошто баш сестра ми вака да одлета? Ама никој не ја слуша. Попот пее и сите него го слушаат.
Јас сакам дома да одам. Сама... да лежам во креветот и да водам имагинарни разговори со тебе. Можеби и ќе сфатам зошто животов ми дава толку тешка лекција да научам. Животот сфаќа ли дека никогаш нема да ја научам? Ваква лекција не се учи туку така. Па има формули што тешко се помнат а има и малку филозофија.
Се разотидоа луѓето.
„Ајде”и викам на другава.”да си одиме треба“
„Не си одам јас, тука ќе седам“. Ми одговара седнувајќи покрај букетите цвеќе.
„Не смееш тука да останеш, чуварот ќе те избрка“ и довикувам.
„Како да не, во статуа ќе се претворам , нема ни да ме види.“
„А јас што ќе правам без тебе? Како јас ке функционирам без еден дел од мене? Па ќе бидам фалична...“ не знам како да ја убедам .
„Ама ти нешто не си сфатила. Јас морам тука да останам.“
Како ќе се вратам дома само пола? Како ќе гледам со едно око? Како ќе пишувам со лева рака? Никогаш не сум пишувала со лева рака. А како ќе одам ? Ќе ми треба количка…ќе куцам… Цел живот ќе кривам.
„Кој ти наредува тука да останеш?“ ја прашувам.
„Ти… ти сакаш да останам“
Тргнувам ама со една нога не можам многу брзо да одам ниту пак да го погодам убаво правецот.
Влегувам во кола и ги гледам мама и тато преполовени.
„Како ке возиш со една рака?“ го прашувам татко ми.
„Ќе научам…“
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



























































































































































































































































































































































 

  д:дома