2007:јануари/февруари
општ
конкурс
в:виктор
к:кога бев во
лудница
Ете нештата се такви
... чудни . Можете да пазите а да си поминете лошо , можете да играте на
среќа и да загубите . Некои луѓе секогаш по нешто губат. Губат чевел па
потоа продолжуваат само со едниот . Некои луѓе не му дозволуваат на
другиот да го оди нивниот пат , оти сметаат дека нивниот пат е надежен. А
што значи тоа да се биде надежен , или нешто да биде надежно ?. Дали
секогаш мора да постои светлина кон која ќе се движите ? И дали верувате
во таа светлина ? А што ако не верувате , зар се лажете себе си дека
верувате во нешто што не постои ?
Годините течат низ полумрачни тунели од камен , метал и стакло. И кога во
тие моменти се движите вие не ја чувствувате сегашноста. Мртвите души
молат за спомен од оние кои брзо забораваат .Книгите бледнеат. Хуманиот
Бог ги собира тие букви , проклетство во животот на оние кои ги напишале .
Метална маса а на неа земја која во тие моменти значи храна и пазете ..вие
всушност јадете нечија историја!
Глупости за да се прашувате , радости за да глумите, денови за да ги
броите... ... тик-так .....и повторно ... ... тик-так и така натаму
продолжува да отчукува ... Да, јас каснам , треба да заминам веднаш ,
возот само што не заминал ! А вие одете одете . Напуштете ја куќава веднаш
по моево заминување! Ќе има војна ! Луѓето ќе го загубат биолошкиот компас
на космосот . Ќе прават глупости .....Да., Да..........Не ми верувате
....ама јас каснам .... убаво рекоа ОНИЕ тешко можеш да им објасниш.
Довидување!
Неплатените сметки бргу стануваат наплатени – Злосторниците не можат да
спијат. Нивните поколенија сонуваат соништа на мртви луѓе кои ги допираат
од сите страни и на тој начин гушејќи ги тивко. Психијатрите не помагаат.
Злосторниковите деца се болни. Злосторниците молчат.Шепотат само душите на
убиените барајќи правдина.
Правдата е слепа. Генерациите се менуваат. ЧОВЕКОТ е непоправлив ученик.
Безнадежност. Дразнење на чувстваата до максимални можни граници како
резултат на сваќањето дека еден ден веќе нема да постои утре. Симулираме
изградба на посигурен свет. Гледаме реклами со насмеани лица, а под истите
тие реклами и луѓе кои просат и мрзнат на зимскиот студ.
Заборавени ветувања, идеали, идеологии ......
Прзен плоштад и лица што молчат , лица што мрморат и не ги разбирате ,. Се
мачите да потслушнете што зборуваат . Залудно. Не ги дофаќате. Чекајте
…зар ова е сон ?, кажете …јас нема да се налутам . Како и секогаш ,јас ќе
се разбудам.... ..
Каде?
Празни места и местена музика. Плашливи погледи и неконтролирани страсти.
Деветокатница, на чиј покрив плачат прегрнати градските Данте и Беатриче
...
Но тие не знаат за што плачат и за кого ...Кој го вели тоа ?
Релативно е вашето брборење.
Станувате наутро и знаете дека никој не ве очекува. Што направив ? – се
прашувате . Неми се пред вас ѕидовите , нем сте и вие , бидејќи вие
очекувате некој друг да ви го даде одговорот.
Одам во центарот на градот и луѓето комуницираат со мене од проста причина
што ми е потребна услуга за која плаќам . Продолжувам понатаму. Тешко е да
не зборите, да шетате бесцелно.
Еве го комбето, бегам......
у:утеха
Да, отсекогаш знаев
дека ќе го напуштам тоа друштво, особено што меѓу нас циркулираа некои
писма од кои ми се превртуваше стомакот. Не бев во состојба да избирам,
барем тогаш... а сега? Сега е поинаку. Мислам од оној момент кога Џен
врисна а јас знаев.Знаев дека Мона го беше убила нејзиниот одвратен Џо. А
да ! Во тие писма, барем така се договоривме, дека ќе го кажуваме она што
го мислиме за секого од нашето друштво, но никој нема да се потпишува.
Работата требаше да се изведе така што секој своето писмо наменето за
другите ќе го искуца убаво на машина за пишување, а потоа ќе го испрати до
другите. Но испадна некоја чудна работа. Секој знаеше кој ги беше пишувал
писмата. И ете, тоа беше тоа. Мона и смртта на нејзиниот Џо. Многу работи
излегоа надвор од контрола.
- Вака не ја бидува, Ако мислам дека ќе се извлечам со вакво пишување - се
лажам од проста причина што јас тоа не го доживувам и ми се блуе од сите
вакви прози на недоживеаното. – се загрижи Ана.
- Добро што се нервираш, ако не ти оди пишувањето не мора да се
нервираш... – и одговори Декс.
- Ај да одиме на кафе. Долу...
Таа излезе веднаш, а тој довикна да ја запре, и за малку што не се сопна
од прагот облекувајќи ги чевлите. “Ана те молам...“
- Ајде де...
- Извинете, ама сите маси се зафатени... – рече конобарката.
- А да платиме? ... – налутено отсече Ана
- Ана те молам ќе одиме на друго место...
- Добро ...немаме среќа, тоа е тоа ! – и запали цигара.
- Дали ќе го испиеме денешното кафе? – запраша Ана додека преграната со
Декс го напуштаа кафе-барот.
- А што пак ти дојде ова на памет? – изреагира Декс.
- Затоа што синоќа сонив како нешто ме одвојуваше од работите што ги
сакам, и околу мене куп деца играа со скршени колички и распарчени кукли.
А ти беше далеку и мавташе со рака ... – одговори Ана со доза на мала
збунетост.
- Глупости – изусти Декс.
Двајцата продолжија да одат по патеката. Од некаде се слушна пукот, а
потоа и остро шкрипење на забрзан автомобил...
Ало, да јас сум мамо ... да еве сум со Ана, не не би сакал , знаете дека
имам работа...- зборуваше Декс на својот мобилен телефон. А неговите
родители очекуваа многу работи од него. И двајцата беа универзитетски
професори. Живееа отмен живот. Вилушката од лево, чашата од десно. Малото
лажиче... Една од очекуваните работи беше и дека Декс ќе најде девојка
која ќе биде успешна во работата, во домот итн. Декс овие замисли ги
мразеше. Но бидејќи Дексовата природа беше мирна, без многу вулкански
реакции и напливи на топла крв, тој замолчуваше при еден ваков разговор со
неговите родители, кои секогаш разговорот го завршуваа со смирувачки
зборови, и секако, претерани насмевки и се рабира глупави шеги. Само колку
многу ги мрзеше овие последни гестови на недоверба и тврдокорност ! И се
плашеше еден ден да не го доживее истото со своите деца, но Ана е тука...
Да. Ана е тука.
в:вон контекст
Седите надвор, меѓу
нерасчистените лисја во процес на скапување и ... ѓубре...само ѓубре.
Пушите цигара ... може тоа го правите вие, но не и јас... имам болки во
градите. Толку просто, а толку комплицирано...
Добро е што можам да врзам некоја чашка ...
А замислете да сте во инвалидска количка, и шантрате натака, навака по
собите. Семејството нема пари, а нема ни време да ве прошета. На
телевизија даваат топ-шоп. И заспивате, држејќи запалена цигара во раката.
И што размислувавте тој ден... Па најверојатно, да му ебете матер на
кучето на комшијата, затоа што ве излудува, и покрај тоа што тоа трчка..а
вие... компир манџа секој ден за ручек; зборовите дека треба да ги
прекинете цигарите ве излудуваат до максимум, си ја чешате главата...
косата ви е мрсна... си го посакувате крајот и колнете се’ живо и диво
наоколу, викате, кршите...
Смирени сте, инекцијата дејствува....
Најглупавата реченица што можам да ја слушнам и од многумина до сега
изговорена ПА ЧОВЕЧЕ ШТО СЕ ЗАМАРАШ СО ТИЕ ГЛУПОСТИ? Тебе нека ти стават
бел фосфор во куќата, или да бидеш во количка, па ќе те прашам ороспијо на
демократијата! Го мразам овој збор затоа и го смешав. И со тероризмот како
збор ... ме лази сенешто, се-што-по-се-нешто. Добро што мајка ми не ме
родила муслиман и молер (нема да ви се верува што се не ми падна на памет
додека не ми текнуваше зборот молер - кречар, фарбач, бојач! ) пошто некои
такви после 9/11 случајот, во Франција биле затворени пошто им нашле
скафандери и мислеле дека ќе фрлаат некое биолошко оружје. Кој им е крив
на Французите .... Саркози им е крив.. ете кој... М.М.Е.
Бивша генерација... Абе мислам дека она повеќе се нервира што на детска
евровизија не заебале со поени...Нервоза- кој го дал имево, нека го
понервира Господ...
Слегувам денес надоле, по скали, и чистачката се жали од своето дете, се
плаче од него - вели дека тоа не е нејзиното дете, дека ќе му даде 2000
денари што ги собира од тоа што чисти по влезови...
Биќу позната, по свим новинама, ... Ве молам ако може да го посопрете ...
Вие на средна, симињајте се, цел ден ли ќе ве чекам матер...
Добро е, дојдов на факултет. Го читам поставеното прашање: Во серијата
истата е потесна или поширока? Подобро да отидев во секси-шоп...
Се’ е вон контекст. И јас исто...
к:кога спомените
болат
Таа седи на столот.
Лактот и е потпрен на масата, додека со шаката го покрива своето лице.
Нејзиното внуче со своите ситни прстиња притиска на видеото. Видеото не
работи. Бабата плаче. Внучето не ја забележува. Истиов ден, но пред три
години, кога за прв пат заѕвони телефонот, бабата беше таа која ја крена
слушалката од телефонот. На телефон беше лекарот. Тој и кажа дека
нејзиниот син е во критична состојба и дека мора во најбрз можен рок да се
започне со предвидената операција. Таа кажа во ред. Лекарот додаде дека за
таа цел ќе мора да најдат 500000000000 евра. Бабата изусти Леле. Врската
на телефонот се прекина. Се слушаше тииииииит, тииииит.
Ѕвони ѕвончето од влезната врата. Бабата станува. Го брише лицето со
шамивче. Шмркнува со носот. Носот и е црвен од плачење. Одејќи кон
влезната врата внучето и го пресекува патот трчајќи кон спалната соба.
Бабата вика Стефан биди мирен. Внучето не ја слушна. Бабата ја отвора
вратата. На вратата е нејзината сосетка Донка. Донка ја гледа бабата и се
вознемирува. Ја прашува што и е. Бабата објаснува. Донка се фаќа за глава.
Бабата ја моли Донка да и го почува внучето на два часа. Донка прифаќа.
Бабата оди во спалната. Го вади пиштолот од нејзиниот покоен сопруг, инаку
бивш полицаец и го става во ташна. Се поздравува со внучето и сосетката
Донка. Бабата излегува затворајќи ја вратата. Три пати издивнува. Пред
зградата се наоѓа такси. Бабата влегува во таксито. Таа бара од таксистот
да ја однесе до државната болница. Таксистот вози.
Таксито пристигната пред државната болница. Бабата му плаќа на таксистот.
Таксистот заминува. Бабата се упатува кон кардиохирургија. Прашува една
сестра на минување за канцеларијата на Д-р. Б.Ј.. Сестрата и објаснува.
Бабата доаѓа до канцеларијата. Застанува. Го вади пиштолот. Проверува дали
е полн. Да, полн е. Се насмевнува. Чукнува на вратата. Од другата страна
се слуша Да повелете. Бабата ја отвора вратата и прашува вие сте доктор
Б.Ј ?. Докторот го гледа пиштолот и почнува да вришти. Бабата пука во
докторот 6 пати. Три пати во глава, еднаш во левиот дел од градниот кош,
еднаш во десната рака и последниот пат во левата нога. Бабата притоа
изговара дека ако нејзиниот син не може да живее тогаш не мораат да живеат
и вакви корумпирани ѓубриња.