б:бојковски милко
г:години:
20
и:интереси:
музика (blues, hard rock, metal), читање (Џек
Керуак, Булгаков, Гинзберг, Влада Урошециќ, Достоевски), фудбал (тренирам
од 9 години)
д:досега објавено:
ништо, ама млад сум и уште има време, така да не се знае.
н:нешто за себе:
роден сум во Куманово. Моментално студирам Општа и Компаративна
Книжевност, на Филолошкиот Факултет во Скопје, втора година... Откако
видов дека не се снаоѓам најдобро со парите, си реков ај'
да се пробам со зборовите... Не е дека се фалам, ама имам девојка. Се вика
Ивана и понекогаш ми прави даун филмови.
м:мртовец во мојот кревет
Dead man in my bed -
Nick Cave
Одѕвони осум. Ѕвонливо и силно к'о никогаш дотогаш. Се' беше
едноставно онака како што треба да биде. Ништо не покажуваше дека тоа утро
ќе се случи нешто непредвидено. Студенилото рапидно се ширеше низ
полумрачната соба, чајникот беше превртен како и обично. Креветот крцкаше
од моето превртување, но тоа не беше толку важно;
денот беше загрижувачки тивок, имаше некаква предупредувачка нишка во сето
тоа. Облаците наведнати+намуртени се движеа во некаков непознат правец
следени од гласниот ветар. Небото беше црвено, немирно. Ја повлеков
главата под мноштвото од памучни ќебиња, истото го направив и со моите
разголени стапала. Се подвиткав к'о стогодишен старец;
стомакот ми тежеше, не можев да лежам во таква
положба. Студенилото стана неподносливо, задолжителна покривка во
смрзнатите утра. Во такви утра препорачливо е да се остане во кревет и да
се пие нешто топло, барем така вели мајка ми.
Усните ми беа закоравени од студот, но и од
претходната вечер, не спијам доволно, поради
скратениот сон видно сум ослабнат. Ми се пиеше што било, колку да ги
навлажнам усните. Знаев дека немам никој покрај мене,
затоа попусто е да викам, никој не може да ги слушне моите повици, дури ни
ти. Килаво. Таа беше замината, предодредена кога-тогаш целосно да ме
напушти; полесно совладливи се ваквите ситуации кога имате некој покрај
себе, најмалку што може да стори за вас
e да ви донесе пиво или вино за да не
дехидрирате, но во никој случај вода. Видов-не
видов успеав некако да исползам од под затрупаниот кревет и да зачекорам
низ неделниот мамурлак. Облеков голем памучен џемпер, долни пижами и
папучи на нозете. Додека поминував покрај ѕидот тој ми се виде изгребан,
искривен, напукнат или така нешто, како некој во ноќта да сакал да пробие
низ цевките за канализација. Побрзав да се движам, набрзина ги прелетав
големите во облик на круг огледала, застарените прашливи слики и се најдов
во една пространа соба која првпат ја гледав. Изгледаше убаво наместена во
светло црвена боја. Со поглед кон разбрануваното езеро. Стушената светлина
на денот се прекршуваше во секој агол од собата, задржувајќи се најмногу
врз изветените столови кои беа наредени во свечен распоред. Погледнав
насекаде, по подот имаше оставено стари весници пожолтени од стоење,
преполни со неважни настани за мене. Ретко читав весници само поради
временската прогноза која секој пат беше промашувана, ветувањето никогаш не
се исполнуваше, нејзините ветувања. Продолжив, пријатно мирисаше на темјан
и догорени свеќи.
Ми беше убаво, зачудувачки е како некој може да се чувствува опуштено кога
во истата соба мириса на смрт. Имаше заборавени фотографии од некој човек
на кој од некакви необјасниви причини не можев да му го видам лицето.
Претпоставував дека сето тоа имаше врска со моите постојани несоници.
Моето присуство беше повеќе од непожелно, но
освен моето имаше и нечие друго присуство во воздухот. Одненадеж се' беше
вратено во нормална состојба, повторно бев на мојата позната релација
кревет-фрижидер к'о во романите на Ерофеев, но
овој пат ја знаев конечната дестинација која се наоѓаше веднаш зад
кујната. Во тој миг ги ограничив земањата воздух само на најнеопходните,
оние што најмалку се тегобни, и по неколку воздишки, слики, успеав некако
да доталкам до фридижерот. Стоев исправено и отворив. Грст ослепувачка
светлина ми удри во очите, почнаа да ме печат, светлината ме фати на
препад, не можев да ја поднесам, бргу извлеков две пива и го треснав
фридижерот. Едното пиво го отворив веднаш и отпив. Годеше. Го пиев можеби
најдоброто пиво во мојот живот, но се чувствував
празно, но така е тоа,
меланхолијата не бира време - таа доаѓа и не
прашува. Нема ништо попоразително од самотното пиење, сето друго е
поподносливо, чинам дека тоа највеќе боли. Пивото е мојот вечен соговорник.
Читател на сите мои шепотења, секогаш тука, никогаш блиску, никогаш далеку.
Студенилото успеваше да се протне низ сите можни отвори на моето тело, да
ги наполни со непрекинлива грозница која предизвикуваше тресење. Се
стресов, дограбив неколку цигари и излетав спобудалено. Враќајќи се назад
кон мојата соба го видов одново ѕидот, овој пат
се' беше во ред со него, немаше никакви траги од гребење, напукнатост, само
во горниот десен агол на клинец беше прикачена истата црно-бела фотографија
од претходно. И на неа присутен човекот со невидливото лице. Свртев лево
во бањата, го извадив, се измочав и се вратив во собата. Овој пат го допив
пивото и запалив цигара. Се почувствував подобро. Ги разлистав расфрланите
ќебиња и се пикнав под нив. Не студеше толку. Дланките ги триев со цел да
ги згреам, дури и дишев во нив залудно. На периферните делови заледеноста е
најизразена. Во обид бев да заспијам, почнав да нуркам, водата беше млака,
од дното долетуваа одблесоци на моите претходни животи. Покрај мене пливаа
разни ликови, некои познати, некои не. Сиот мој дотогашен живот ми прелета
пред очите. Некој ме повлече за ракавот, се давеше, бараше помош, не ја
подадов раката. Се разбудив целиот испотен. Го отворив второто,
пената течеше водопадно, сеедно го голтнав и пак назад. Лежев мирно,
кога од постелнината одненадеж нешто како да изурна. Најпрвин
незабележливо и подоцна индискретно полека. Не се исплашив,
напротив. Успеав низ напластената постелнина да дофатам нечиј прамен.
Светложолт. Косата беше долга, несредена, паѓаше врз ковчестите раменици.
Ја сетив испапчената коска на черепот, беше тоа човек во раните четириесетти
судејќи според брчките на издолженото чело. Поседуваше убави црти. Сиот
студ беше вселен во неговите мускулести гради на кои имаше грди
изгореници. Ги напипав усните се уште влажни, к'о да се помрднаа. Помислив
рефлексен грч. Низок по раст, знаев, облечен по
фармерки и долга црна блуза. На нозете носеше нови кожни чевли. Ноктите му
беа изгребани к'о да се борел ил' копал по нешто. Не знаев како пристигнал,
размислував за сите можни начини, но ниеден не
ми беше логичен, но ете тој се наоѓаше тука лежејќи покрај мене. Цврсто
заспан. Не, на него немаше никакви пулсирачки
знаци, се приближив поблиску и му легнав на градите. Срцето веќе изгледаше
стивнато, мирно. Неподвижно е можеби најдобриот
збор за неговото тело. Се згрозив. Морници ми поминаа по грбот. Претходно
никогаш немав видено мртов човек во животот,
сега бев во состојба да допирам еден. Лицето се' уште остануваше нерешлива
мистерија. Целото беше покриено со густи превези кои беа заврзани околу
неговиот скаменет врат. Почнав нервозно да ги одврзувам,
не одеше баш најдобро, беа цврсто завиткани.
Интересно е на што се' не е подготвена и колку далеку може да отиде
човечката љубопитност кога е правилно предизвикана. Побарав нешто остро
нешто со кое можев да ги пресечам проклетите превези. Ги пронајдов
ножиците кои беа во фиоката веднаш над мојата глава, ги извадив и почнав да
сечам. Откако завршив со сечењето, се зафатив да го разоткривам неговото
мумифицирано лице. Одеше полесно и подобро. Со вадењето на секој превез
ритамот на моето срцебиење стануваше позасилен. К'о вжештен вулкан пред
ерупција. Превезите еден по еден отпаѓаа, трули плодови на неговата
продуктивност. Полека почнаа да се наѕираат неговите јаболкници, забите,
брадата. Го извадив и последниот превез, го
фрлив. Погледнав. Човек постепено ја открива својата судбина. Мртовечка
жолтотија. Личеше на мене премногу. Налудничаво. Сонувам,
претпоставував имав голема желба за оживување желба за оживување на. . .
.
а:автори