д:дамјаноски милан
г:години: 28
п:професија/интереси:
преведувач
д:досега објавено:
три пати ми го пуштиле гласот на дневник
кога сум преведувал
н:нешто за себе:
ех...
г:градот на филозофите
Градот на филозофите започна
славно. Се организираа изложби, секој ден се одржуваа дебати, парковите
беа преполни со луѓе кои ги докажуваа своите тези. Некаде зад нив
музичарите шетаа со своите инструменти и крај фонтаните настануваа
спонтани џем-сешни. Поетите го гледаа сето ова со блага насмевка и ги
започнуваа своите долги поеми. Птиците летаа над градот и се чудеа зошто
нема чад и смог.
Првите проблеми започнаа по еден месец. Трамваите почнаа да се
расипуваат, одводите се' повеќе се затнуваа, лифтовите се заглавуваа меѓу
катови. Никој не знаеше што да се прави со ѓубрето. Во парковите џагорот
стануваше се' побучен и понапнат. Поетите почнаа да пишуваат сатирични
куплети. Музичарите сеуште продолжуваа со своите џем-сешни.
Третиот месец почнаа да се кинат ланците на велосипедите, паднатите лисја
од дрвјата почнаа да се распаѓаат од дождовите кои паѓаа, од ѓубрето почна
да се шири реа. Сликарите прејдоа во апстрактна фаза, вајарите почнаа да
градат гигантски ready-made скулптури од ѓубрето, поетите почнаа да пијат.
Советот на филозофите реши дека е време да се состане за да ги реши
проблемите со дијалог. Тоа траеше две минути. Позитивистите веднаш рекоа
дека се' ќе се реши само од себе, егзистенцијалистите се спротивставија и
рекоа дека е ова само дел од мачењето низ кое мора да поминеме,
идеалистите рекоа дека реалноста е само лош одраз на метафизичката
совршеност, субјективистите само ги затворија очите, а прагматистите ги
спакуваа куферите. Птиците летаа над нив и се прашуваа каде да најдат
храна.
Петтиот месец се расипа водоводот. Тогаш се предадоа и ги викнаа
мајсторите.
а:автори