т:темплум  

 

д:димитров александар


г:години: 26
п:професија/интереси: дипломиран професор по македонски јазик и книжевност, со положен лекторски испит
д:досега објавено: во тек е...
н:нешто за себе: освен што работев во „Вечер“, за другото нема да се фалам.
о:објавувајќи што повеќе од мојата биографија ќе го откријам мојот талент, а тоа нема да го направам затоа што останувам скриен талент



п:
проекции во амфитеатарот

  Со бавни чекори, отпоздравувајќи со своите ногавици поради широкиот крој, влегуваше професорот. Зафаќајќи голем лак на триење помеѓу неговите кондури и избледениот зелен теписон при чекорењето, можев да претпоставувам дека уште малку останало од неговите ѓонови.
  Гласот на професорот го исполни амфитеатарот, навлегувајќи подлабоко онаму каде што столчињата беа празни, иако такви, сепак, имаше многу малку, земајќи ја предвид строгоста на професорот при ставањето на својот автограм во индексите.
  Мојата местоположба ме правеше да бидам добар посматрач на амфитеатарот, но не и на професорот. Моето внимание е отежнато и поради вчерашното останување до доцна заради партиите шах со другар ми Стевчо.
  Тој Стевчо е опседнат со шахот. Мислам дека не направивме пауза во текот на петнаесет партии. Јас можев да престанам во секој момент, ама Стевчо никако да прифати последна партија. Не можам да разберам некој да биде толку заслепен во шахот како што е тој. Заробеник на кралот и кралицата. Како во мозокот да му ишрафирале 64 полиња. Ах, Стевчо, Стевчо, шаховски занесеник...

***

  Погледнете ги овие покореници во првите редови: истурени нанапред, притоа не внимавајќи дали некој им го штити грбот. Каква несреденост во одбраната! Топовите се просто заглавени. Јас како ловец би го соборил оној пион (а и од женски род е) во вториот ред, трето седиште. Несомнено, лоша игра во одбраната на мојот противник. Не, чекајте!... што ако ми биде нападнат овој црниот коњ на БЕ-шест? О, па не може вака. Сега кралицата пред мене ќе ја префрлам на спротивната страна по хоризонтала. Токму тоа: со овој потег го штитам коњот, а му се заканувам на оној таканаречен крал во првиот ред. Следно што ќе сторам е да наредам засилување од левата страна... но, тие го пробиваат патот кон мојата кралица! Леле, таа е во стапица. Оној коњот ќе ја зароби...
  - Неееееее!
  Во истиот момент се разнишаа фигурите во амфитеатарот.



п:парада на цвеќиња

  Денот мирисаше на љубов. Моето претчувство не ме изневери, иако календарот не покажуваше Св. Валентин.
  Итајќи кон моето работно место, недалеку од мојата зграда, го здогледав симболот на моето претчувство: младо, нежно суштество опкружено со свет од цвеќиња. Беше грев да не се вљубиш во оваа продавачка на цвеќиња.
  Погледите со неа ми беа кочница врз чекорите. Стоев пред неа.
  Сонцето толку силно го истакнуваше своето присуство како да сакаше да биде стројник на двајца новопечено вљубени. Присуството на големиот број цвеќиња го чувствував преку опојната арома што насилно се втураше низ моите ноздри. Ја гледав само неа – цвет пред кого и пчелите би се поклониле. Разликата меѓу неа и цвеќињата што ги продаваше беше тоа што таа не беше скинат цвет.
  И' подадов пари за најблискиот цвет до мене и заминав, грабнувајќи ја неа во мислите преку целиот ден.
  Следното утро мојот интерес беше да излезам што порано за работа.
  Се залепив пред нејзиниот транспарентен излог, составен од прекрасни бои и форми на цветови. Нејзината насмевка ми го дразнеше грлото.
  Купив букет цвеќиња и заминав. Наредниот ден купив уште повеќе. Во деновите што следуваа јас отворав продавница за цвеќиња во мојот стан.
  Денеска ја имам платата. Мислам дека ќе направам нешто многу романтично. Отрчав до неа, и' ги тутнав парите во најнежните дланки коишто воопшто сум ги допрел:
  - Сите цвеќиња, - прошепотев.
  Утрото брзав да излезам од станот, борејќи се со армија цвеќиња која го беше окупирала мојот стан.
  Стоев осамен – неа ја немаше.
  На улицата само трагите од изгазени ливчиња и по некој цвет потсетуваа на нејзиното вчерашно присуство. Ја барав и следните утра. Никогаш не се врати. Мојата алчност или себичност ја украдоа работата на девојката. Таа немаше повеќе работа поради мојата избрзана реакција.
  Само еден цвет не успеав да купам.
  Мојот стан не мирисаше како претходно. Мирисот замина по неа.
  Ги собрав расфрланите цвеќиња по станот (тие не зборуваа и не ми се насмевнуваа повеќе) и ги изнесов на улицата. Ги подарував на минувачите. Улицата се исполни со цветови. Тие оддалеку почнуваа да ми се насмевнуваат. Можеби од благодарност, ама не и од љубов.



п:прегратка

  Видно подгрбавена од староста, немајќи го поранешниот сјај по нејзиното тело, потпрена до ѕидот, стоеше виолината. Правот ú беше најголемиот придружник во осаменоста. Начинот на кој беа затегнати жиците ја правеше вистинска распуштеница.
  Иако нагрдена во тие години, неговиот поглед не наоѓаше за потребно да се тргне од неа. Таа ги доживуваше сите моменти од неговата кариера. Таа не го напушташе кога му беше најубаво. Ете, нема да го напушти ниту сега.
  Ја гледаше со него од најраните години. Уште кога учествуваше на првите училишни претстави. Тогаш го опкружуваа првите реакции на поддршка. Ја гледаше кога влегуваше со него во првите поголеми концертни сали. Таа легнуваше на неговото рамо и тогаш тој го живееше нивниот заеднички свет. Тој и таа. Почнуваше да ги доживува најубавите моменти, проследени преку громогласни аплаузи.
  Ја гледаше со него на секојдневните патувања. Во најголемите концертни сали во земјата и во светот. Нејзе не ú пречеше неговата популарност. Никогаш не се противеше кога ја оставаше сама за да замине на некои, за неа, неважни состаноци. Знаеше дека секогаш ú се враќаше. А тој ја обожаваше поради нејзината кроткост и молчаливост. Таа зборуваше само кога тој ќе посакаше.
  Одеднаш му се редеа слики кога таа почнуваше да станува непослушна. На средина на концертите тој веќе не умееше да ја контролира. Ја гледаше со него пред полупразните сали. Тогаш во погледите на луѓето помислуваше дека веќе не се еден за друг.
  Престанаа поканите за концерти. Ја гледаше сè почесто скриена во некој затемнет дел од собата. Наоѓаше храброст и пак ја поведуваше со себе. Сега почнуваше да ја прикрива од луѓето, плашејќи се од нечија присутност: негова или нејзина. Се гледаше како двајцата срамно се прикажуваат по улиците. Застануваа во некое ќоше и тивко зборуваа. На една од неколкуте метални парички, кои се најдуваа пред нив, ќе се разлееше капка течност што ќе ја избрише од уличната прашинка. Сјајот на паричката блеснуваше на пладневното сонце.
  И сега, кога повторно ја гледаше, пак ја посака толку силно, зграпчувајќи ја кон себе во истиот момент. Дишеа повторно во ист ритам. Цел живот ја имаше за пред другите, а сега ја имаше само за себе. Љубоморно ја прегрна.
  Од нивната прегратка започнуваше музика.
 

а:автори

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



































































































































 

  д:дома