н:николов јордан
г:години: 30
с:студент по Општа
и компаративна книжевност (во подолго паузирање)
м:моментален
ангажман: радио водител и техничар во битолска радио станица, како и
професионален DJ низ клубовите.
д:дајте ми јазик
На мое огромно изненадување
(чудење), пред извесно време открив дека моите биографски и творечки
податоци се наоѓаат во една од вредните книги на осумнаесеттото издание на
Encyclopaedia Britannica, само со нејасна печатена грешка: место Јордан
Николов (како ми е крстеното име), во енциклопедијата е наведено Yo!rdan
Neekoloff. Како и да е, читателот нека не дозволи да биде збунет и залажан
од чисто печатарски неважности, кои можат да им се случат и на најголемите
мајстори во тој занает. Друга е приказната дали некој под моето име
објавувал, па дури и го живеел мојот живот, така што ги препроверив
податоците по кој знае кој пат и перфектно се поклопуваа со мојот
досегашен животен тек.
Еве што прочирав:
Neekoloff, Yo!rdan; роден на пладне 1975 година во месецот кој има мирис
на печени костени низ цела Битола. Училиштата ги завршува како во сон, без
воопшто да се сеќава со кого и кога седел во иста клупа. За училишните
предмети и да не зборуваме. Можеби за тоа е виновно преселувањето од една
надморска височина на друга (татко му бил старешина- радарист), и се
враќаат со семејството во родниот град по 12 години среќно детство во
Приштина. Студирал на катедрата за општа и компаративна книжевност при
Универзитетот Св. Кирил и Методиј, и моментално е почесен член на ПЕН;
Неговото творечко дело обилува со среќни невообичаености: го интересира
квантна физика, ботаника, изработка на проѕирни кошнички, рутата на една
невидлива планета, можноста да се патува на Месечината (со едноставни
платнени панталони), и најважно - начелата за еден севкупен, светски
јазик. По ова последното прашање ја создава книгата “Дајте ми јазик и ќе
ја помрднам Земјата”, која се распродава за рекордно време (350 страници
во луксузно, тврдо-укоричено издание), но авторот одбива реиздавање. “Тоа
беше единствена книга од вистински важната проблематика, а и трошоците за
тврдиот повез беа преголеми, па немам намера да ја реиздавам. Ме украдоа,
сите ме покрадоа!”. Ова се неговите стојалишта како за денешното
издаваштво, така и за недискутабилната важност од начелата на еден светски
признаен, универзален јазик.
Немам логично објаснување како се најдов во ова значајно енциклопедиско
издание, но тоа сигурно беше мојот животен пат, моите ангажмани и моите
дела меѓу кои и најзначајното. Сé се поклопува. За во целост да ја
согледате големината на делото наоѓам за неопходно да кажам збор-два за
самото дело, кое нели (без лажна скромност), ми обезбеди светска слава.
Сите ние, понекогаш, сме ги поднесувале оние тврдоглави и самовљубени во
сопствената реторика и боја на глас, настапи на некоја дама на безбројните
и до бесвест монотони симпозиуми наменети за славење на јазикот и неговото
неисцрпно богатството. Таму таа шармантна дама со обилие од извици и
гестикулации се колне дека користењето на зборот шанк во македонскиот
литературен (па и не само литературен јазик) е чисто сквернавење на
наследството од минатите генерации преродбеници. Тој превулгарен(?),
недетерминирачки, шовинистички(?), и во крајна линија не-наш збор таа го
проколнува на вечна неупотреба (во паузата меѓу двете пивнувања од
минералната вода), и со пролетерски жар и полет го одобрува користењето на
зборот поило, кој во потполност го отсликува поимот кој го прикажува и ја
содржи сета набиена поетика која само приглуп човек не може да ја види и
почуствува.
Поради ова и уште мал милион други крајно напорни предавања се зафатив со
макотрпна и неблагородна работа за изнаоѓање сéвкупен, светски јазик, кој
ќе ги поштеди луѓето во иднина да запаѓаат во суицидни расположенија, како
последица на симпозиуми од овој вид.
Во книгата (која тогаш носеше работен наслов “Конечно еден убав јазик-
зошто да не!?”), а која сега на секој жител на оваа планета му е позната
како “Дајте ми јазик и ќе ја помрднам Земјата”, универзумот го имам
поделено на триесет и пет категории или родови (цел универзум затоа што
кога ќе му дадете име на сé во него, сте му дале име на сé што постои, па
после да видам дали некој ќе може да пишува sci-fi дела без да плати
процент од продажбата). Тие триесет и пет категории или родови, понатаму
се разделени на диференции, кои пак се делат на врсти. На секој род му
доделувам по една едносложенка од две букви; на секоја диференција по еден
согласник; на секоја врста по еден самогласник.
На пример: ду значи животно; дуб - цицач; дубу - месојадец; дубуб -
животно од редот на мачките; дубуби - мачка. Аби - инсект; абив – коњски,
и така натаму.
Зборовите од мојот аналитички јазик не се без врска изнаоѓани, произволни
симболи. Секоја буква која ја творам е осмислена, и повеќезначна, како што
на кабалистите им биле буквите на Светото писмо. Некои лингвисти ми
пишуваат (како јас тоа да не го знам!) дека децата би можеле да го научат
овој јазик не знаејќи дека е вештачка творевина, за по одреден број
поколенија само тој јазик да остане распространет низ целиот свет, што ќе
значи крај на недоразбирањата и војните засекогаш, а и додворувањето ќе
оди непречено од назалните, горно непчестите и грлени гласови. Мојот
предлог моментално се разгледува во Министерството за наука и уметност и
Обединетите Нации, и јас сум, морам да признам, оптимист по прашање на
исходот.
Интересно е, можеби, да се спомене дека во деветтата категорија го
дефинирам поимот: уметник. Таму велам дека уметниците се делат на:
а) оние кои ú припаѓаат на власта,
б) балзамирани,
в) припитомени,
г) млади (уметници),
д) измислени-умислени,
ѓ) водители на ТВ бинго
е) сврстени во оваа категорија,
ж) оние кои лудачки се однесуваат,
з) ненашминкани,
ѕ) итн.,
и) оние кои штотуку се туширале,
ј) кои од далеку личат на човек.
Моето кардинално дело е, не без причина, сврстено со други помалку или
повеќе значајни дела од светската наука и книжевност, и како такво се уште
е предмет на тимски истражувања и залагања за примена во пракса. Па сепак,
зошто, и покрај сите факти кои се на страната на чесната намера на
редакцијата на едицијата и оддадената почит во едно вакво значајно
енциклопедиско издание, зошто никако не можам да му се оттргнам на
претчуството (додека по седумнаесетти пат го препрочитувам делот за мене)
дека зад оваа наизглед безначајна печатена грешка, и целиот одделок во
чест на мојот генијален труд, стои другар ми Јовица кој, еве веќе има
повеќе од пет години, смислува подобра шега, да ми врати за оној чек без
покритие од 10.500 (тогашни) марки, кој му го испратив по пошта и поради
кој тој ден во семејството славеа и му наздравуваа на непотпишаниот и
дарежлив роднина од странство.
Имено, во еден перфектно нормален, сончев, летен ден во семејното
поштенско сандаче на другар ми Јовица спокојно лежеше (во беспрекорен бел
и уредно адресиран плик) чекот-нормално, без покритие - од некаква си
европска банка кој го најдов кај старите, неважечки документи на мојата
тогашна газдарица, и кој веднаш го препознав по комичниот потенцијал, кој
едноставно вриштеше да излезе и да се докаже на дело.
Да, чекот ја оправда довербата.
Напишав (т.е. исчукав на машина) некаков коментар на англиски јазик, како
некаков братучед му испраќа на другар ми и неговото семејство “скромна
сума” да се почестат, и некакви други будалаштини на кои, видете чудо!
Јовица наседна! Ја подметнав бомбата (потпишан како директор на угледната
европска банка) и само чекав да слушнам “бум’!!
И бумот се појави во облик на семејна веселба, своевиден еклектичен микс
од свадбарски извици, гласна музика, солзи радосници и оро околу
трпезариската маса, на што јас само се смеев и смеев (два ката погоре), и
го чекав неизбежното: некој од нив да појде до која било банка, да го
покаже чекот, таму службеничката да му се изнасмее в лице, и усрамениот
бесно и одмазнички клопчето да почне да го одмотува до изворот: до мене!
Дали е можно толку стрпливо да има работено на планот: да има составено
тим (заедно со некои други кои сакаат за некоја финта да ми вратат), да
имаат собирано материјали (ја прочитале мојата книга, ги запаметиле моите
афинитети, ги класифицирале...), и конечно да ја имаат купено цела
енциклопедија, да го имаат одбрано делот, како абецедата што налага, да
имаат вешто додадено еден лист испечатен во иста техника како и книгата и
да ја имаат оставено во библиотеката од каде изнајмувам книги, да се
изненадам од каде Енциклопедија Британика кај нас, да ја земам и да
наседнам на шегата.
Можеби ви звучи невозможно, параноично или лудо, ама кое е вашето
објаснување, од каде јас во Енциклопедија Британика?
н:неизбежности
Неизбежно е во одреден период
од годината да почнам да носам капа и ракавици. Тие ќе се црни и палтото е
иста боја- и тоа е неизбежно. Тој период од годината неизбежно, болно ме
потсетува колку сме сами на овој свет (без разлика колку познаници и
пријатели туткаме околу себе!) но, иако тоа некако го знаеме, го
поминуваме целиот живот барајќи ја личноста со која ќе бидеме помалку сами
од вообичаено. Тој број на “блиски луѓе” неизбежно со тек на време се
сведува на едноцифрен. Тој мал, неделив број го сметам за приближно точен,
односно обратно пропорционален на вредноста на пријателството.
Не мора, нели, да споменувам дека неизбежно било да се родам тука, во
градот кој и ден-денес не успевам да го дешифрирам и не знам дали да го
сфатам како проклетство или благослов. (Вистината веројатно не е ниту во
една од овие крајности.) Крајностите, од друга страна, се карактеристични
за мојата личност; и тоа претпоставувам е неизбежно, оти ако не е така до
сега ќе научев подобро.
Неизбежно ќе биде удобноста на мојот дом да се наметне како репер за
комфор и да ни донесе бројни недоразбирања и непријатности кога ќе дојдеш
да живееш во него (кога е само прашање на време). Неизбежни, гледам, биле
и сите мали умирачки кои ми ги имаш приредено, а кои по правилата на
космичката правина (или како сакате наречете го тој механизам), сум ти ги
нанел и јас-јадниот, несвесен дека не сум исклучок од правилото за
кружниот од на тркалото.
Неизбежнии се сите невини зависности да ме пратат до Крајот, илузорно
оставајќи ме во привид дека поседувам дела потпишани од други, а до гадење
конзумирани од моја страна. Неизбежно било, значи, да западнам во истата
мамка како и којзнае колку други пред мене: да се осмислува и твори, да се
сложува и препрочитува, а неизбежно во сето тоа помалку да се препознаеме
отколку во редиците на некој друг, кој со којзнае какви магични техники
успеал да знае повеќе за болките на нашата душа.
Неизбежни се и сите најмачни каења за немоќ и кукавичлук, кои пак
неизбежно мачат најмногу ноќе кога телото сака да мирува во ноќта која по
редот и природата на нештата сака да е мирна. Тогаш, неизбежно, те
сонувам: неверојатно живо и пластично, со сите параболи, скриени метафори
и воедно со сите обични случки, највообичаени разговори и јасни пораки.
Знаеш веќе: исто онака како што ме сонуваш и ти!
Неизбежно е од филм, од музика, од случајни дополу-слушнати или прочитани
зборови, празнотијата во мене, место да се намали- да ја чуствувам како
расте.
Ти си, неизбежно, причина за тоа.
Неизбежно, во целата констелација на причини и последици, се гледам себе
си како ги пишувам овие редици во удобноста од почетокот на текстов со
недвојбена, чисто прагматична причина ти неизбежно да го прочиташ расказот
и немилосрдната острица на неизбежноста да ја закопаме во мир. До следните
неизбежности кои ќе не снаоѓаат во пар.
и:идентификаторот
Во сите мои литературни обиди
под пластовите претерувања, избегнувања од соочување со фактите, бројните
пренемогувања и криења зад непостојаноста на хуморот, под “искреностите”
завиткани во внимателно одбрани полу-вистини, со магиско ориентирана
техника (цел е остварување на ефект кој се насетува од подтекстот), под
сите овие, помалку или повеќе успешни украси, се крие (ако читателот само
погледне, ќе ја препознае) единствената идеологија која веќе подолго време
ја препознавам како своја и искрено ја барам кај другите.
Идеологијата е стара колку и човештвото и мислам дека сé уште се вика:
љубов. Колку и да се зачестени обидите денес оваа идеологија да се
вулгаризира, извалка и дискредитира, кај мене (во мојата целовитост од
дух, душа, тело, совест или сон) таа поприма особини на извонредно отпорен
и неуништлив кристал кој (ме зачудува од каде во мене таква сила), само
повеќе се бруси како нападите се посурови.
Го молам читателот призвукот на досега кажаното да не го занемари сега,
кога (за само некоја редица потаму!) ќе се соочи со баналноста на примерот
навестен со самиот наслов.
Се поместуваме со помош на избегнување на законитостите на
временско-просторниот континуум (Ајнштајн сигурно се превртува во гробот
поради контекстот во кој го ставам неговото веројатно најголемо
достигнување), значи се поместуваме со warp 5
брзина (ако не бев доволно јасен за помладите) десетина години наназад, во
време кога идентификаторот беше врзуван, во најдобар случај, со некаков си
евтин научно-фантастичен филм, а не со некакво си парче евтина електроника
која денес речиси сите ја имаат.
Што е толку корисно и значајно кај токму тоа парче електроника?
За сите оние кои во изминатата деценија можеби биле на пуст остров или
медитирале во некоја пештера изолирани од благодетите на
техничко-технолошкиот рај, па можеби не знаат што е тоа (а текстов го
добиле во шише), идентификаторот го пријавувате кај вашиот
телекомуникациски оператор и за мала сума пари ја користите услугата
идентификација на повик.
Јас тоа го сторив... и згрешив.
Еве зошто.
Во времето кога љубовта за прв пат ми ја демонстрира својата разурнувачка
моќ, тоа го направи преку физичката присутност на девојката и некаква
инаква, необјаснива и поразителна сила, која некои ја бараат во хемијата,
но никако да го пронајдат и именуваат хемискиот елемент. На овие два
елемента додадете и' ја телефонската линија која тогаш беше осигурана со
доза на таинственост, несигурност (иронијата тука е огромна!), и
неоснованата радост (речиси никогаш не ѕвони оној што посакувате). Таа
линија можеше да произведе и олеснување и очај во исто време.
Го сакав тоа време. Веројатно оти повеќе и' одговара на мојата (за мене)
нејасна конституција. Сакав да ми ѕвонат додека спијам рано изутрина и по
секунда или две да ми исклучат. Сакав лажно изнервиран да се вратам в
кревет, искрено радосен дека таа сакала да ми го слушне гласот, затоа што
ме сонувала или слушала музика која незадржливо ја натерала да мисли на
мене, па единствена можна реакција била да ми се јави. Така мојот, којзнае
од што предизвикан, синџир на мисли се влечкаше до последната верига дека
сум сакан од единствената личност која сакам да ме сака.
Ниеден од спакуваните и зафрлени пакети логичности од типот: многу е рано
да е таа; погрешен број; другар ти е од странство - му се прекина
врската... ниту еден не ми одговара, не сакам да знам, и се враќам во
земјата на чудата. Се покривам и под ќебето секундата-две тишина се
засилува и преиначува во шифрирана и тајна (само за мене разбирлива),
преќутна порака во која од шумовите, брумовите и другите телефонски пречки
препознав најнежна изјава на љубов.
Никогаш, се разбира, не дознав кој толку упорно и безгрешно го грешеше
телефонскиот број. Никогаш не дознав дали, можеби, тие повици не биле
наменети за сестра ми, па кога ќе ми го слушнеше гласот (тој-фантомот),
ја прекинуваше врската. Затоа, и поради уште еден куп случаеви од
досиејата Икс, го набавив (тогаш сé уште не толку распространетиот)
идентификатор.
Ми требаше потврда. Потврда која се докажува. Ладна дигитална потврда
која пред нос ќе ми ги покаже нештата кои длабоко во мене ги знаев.
Помина многу време откако идентификаторот се одомаќини, и помина повеќе
време отколку што сакам да си признаам, кое непогрешливо ми вели дека
задоцнив.
Сега ги читам броевите кои ме бараат со резигнираност и досада. Ја снема
магијата на телефонирањето. Те бараат пријателите - тоа го читаш; те бараат
од работа и тоа го читаш; те бараат роднините и тоа, за жал, го читаш; те
бараат сите оние кои не сакаш да те бараат - и тоа го читаш.
Само бројот за кој си го купил смешното парче електроника-никако да се
појави. Бројот кој го посакуваш сега, откако си успеал да се осигураш дека
никогаш повеќе нема да заслужиш да те побара.
а:автори