б:бојковски милко
в:возови
1
Размислувам за возовите. За долгата композиција на тешки вагони. За
пустите перони и болните еха од последните зборови. За долгите мавтања при
секоја непосакувана разделба. За солзите. Размислувам за нив... Каде ли ме
носат сега? Посакувам да тоа биде моето детство. Таму стоиме јас и мајка
ми и го чекаме тешкиот. Јас непрекинливо јадам сендвичи и ја држам за
рака. Со нетрпение погледнувам долж пругите во раздвоената котлина низ
која ќе пристигне. Декември е. Од нашето дишење испарува најубавата
месечина која дотогаш ја имав видено. Сцрвенет набабрен портокал. Повеќето
од патниците се испоседнати на ишараните жолти клупи. Отечени лица. И тие
чекаат но кај нив е одсутна возбудата што ја чувствувам јас ова е моето
прво патување по бескрајните пруги. Почнува да дува ветар. Таа ме
приближува кон себе си и ме сместува под нејзиниот црн топол капут. Таму
се чувствувам сигурно, згрижено. Другите деца си играат со една голема
плава топка која ја шутираат по прашливиот поплочен тротоар. Се слушаат
викотници од нивната игра. Мајка ми уморно погледнува на часовникот и
воздивнува. Посакав да си поиграм со децата таа ме одобрува. Ја шутираме
високо над нашите мали глави. Се крева густа прашина но сеедно нам ни е
забавно. Косите ни се разлетани насекаде, замрсени. На перонот пристигна
една средновековна жена која се мачеше со откинатата рачка на стариот
куфер. Со голем напор го влечкаше куферот наоколу. Никој не и помогна. Јас
се стрчав накај неа и се понудив за помош. Се насмеа. -Нека не мора.
Одговори кратко. Од под црвената шапка и го видов испиеното лице и помалку
насолзените очи. Не можев да разберам. Се оддалечив зјапав извесно време
во неа и потоа се свртев назад. Наеднаш еден постар човек со мустаци и
побелена коса во долг сив мантил и поднакривена капа извика -Еве го доаѓа!
Луѓето почнаа возбудено да се туркаат околу перонот и да ги прибираат
своите заиграни деца. Некој гласно го извикуваше моето име. Беше тоа
мојата задишана мајка. Ме фати цврсто за рака и ме повлече во толпата.
Погледнав по долгите дрвени скалила кои чекаа само да се искачам по нив.
Го слушав внимателно како татни пристигнувајќи оддалеку. Неговиот повик
одекнуваше во моите уши. Ми се допадна. Стануваше се посилен подраг. Се
приближуваше. Забележав како некои не беа пресреќни поради неговото
доаѓање како да сакаа сето тоа да го одложат за некое друго време за некои
други денови. Но не сега не тука. Ми беа чудни. Си ги стегаа дланките се
поцврсто. Се прегрнуваа по не знам кој пат. Се бакнуваа. Конечно пристигна
долгиот испуштајќи крик на тешко ранет војник. Сите се поздравуваа ако
имаа со кого и веднаш се качуваа внатре. Мајка ми ме зеде со неа и се
најдовме во внатрешноста на возот. Внатре владееше општа турканица ги
бараа своите купеа. Ние требаше да бидеме во купето со број <35”. Тоа се
наоѓаше на крајот, мораше да се помине низ неколку вагони за да се стигне
до таму. Побрзавме. Вагоните просто зостануваа зад нас. Најпосле стигнавме
во предпоследниот вагон купето се наоѓаше одлево. Влеговме внатре. На
долниот кревет од десната страна читајќи весник седеше млад човек.
-Добровечер рече тивко мајка ми. Тој отпоздрави исто така. Беше скромно
облечен во темнозелена јакна, избледен кариран џинс и износени патики на
нозете. Имаше питоми очи, свежо обричен. Ги пренесовме нашите работи на
горниот кревет и се сместивме на креветот наспроти него.
-Каде патувате праша?
-Далеку одговори кратко мајка ми. Не и се допаѓаше зборувањето со странци.
-Јас сум Иван, се претстави тој.
-Драго ми е Марија.
-А малиов како се вика?
-Милко реков пелтечејќи.
Се насмевна и продолжи да го чита весникот. Со него имаше само еден ранец
за планинарење, голем куп на хартии и толку. Од големата торба на горниот
кревет го извадив шишето со сок од кајсии и отпив. Му понудив одби
љубезно. Седнав на креветот ми беше удобно. Ги потргнав големите застарени
завеси, надвор на перонот беа останале само неколку сакани познаници кои
на патниците им пожелуваа среќен пат. Возот тргна забревтано. Имаше многу
луѓе излезено на подотворените прозорци кои мавтаа полека. Успеав да се
искрадам од купето и застанав крај првиот прозорец што го видов. Веќе беше
стемнето. Попатните светла ми удираа благо во очите. Минливоста на нештата
растеше се повеќе и повеќе. За првпат ја видов тетовираната кожа на ноќта,
околните снежни врвови му даваа некаков тажен отсјај на замрзнатиот
простор. Наоколу се беше мирно заспано. Разнишаните крошни на дрвјата се
брануваа од сега веќе забрзаниот ветар. Ја наведнав испотената глава
надолу за да ги видам повторно скалите по кои се качувавме. Мхм... скалила
до небото си реков. Изгледаа како исцепкан автопат кој ме носеше до
нејасната цел. Неизбежен пат до себе си. Но сеуште не бев подготвен. Се
надевав гледајќи во замагленото небо во сите тие испрекинати патеки до
вечноста. Исплашен го треснав силно прозорецот и веднаш избегав во купето.
Влегов тивко Иван и мајка ми беа скоро заспани. Ја прегрнав нечујно и
заспав..... Одтогаш ги засакав.
2
Се будам...Околу мене многу непознати гласови. А да сега ми текнува јас,
Бранко, Драган, Милан, Предраг и останатите на пат кон Белград. Концерт на
Парпл. Се пие во големи количини успеале да ги отворат шишињата црвено
вино кои ги имавме понесено. Драган пронашол отворач во соседното купе од
некои девојки. И тие беа тука. Смеа насекаде. Поспано погледнав низ
прозорецот сонцето печеше, создавајќи неподнослива топлина. Ги разлеваше
своите зраци по моето згмечено лице. Осветлен погледнав нагоре, над мене
висеа нечии нозе. Мирис на тежок тутун се ширеше низ целото купе. Сите
пушеа. Не се обидував да станам знаев дека ќе ми се слоши ако го направев
тоа. Останав да лежам вкочанет со главата наведната и потпрена врз моите
колена. Ги почувствував над мене како се движат како сензуално ги
прекрстуваат нозете, како внимателно си ја врзуваат косата, како се смеат.
Не можев да ги видам само ги замислував, ги слушав внимателно другите како
се обидуваа да им бидат интересни. Но ете јас лежев неподвижно и не бев во
состојба ништо да сторам освен да ги набљудувам и да се молам главоболката
и гадењето што поскоро да поминат. Така е со мене и девојките кога ми се
во близина или се сплеткувам или пак сум препијан да зборувам со нив. Ова
беше една од тие ситуации кога бев толку немоќен, толку бутнат. Некој
пушти музика лесни за препознавање Стоунси -"Under
my thumb there's a girl who once had me down".Одамна
не бев ја слушнал таа песна сеедно ја препознав веднаш. Почнав да ја
потпевнувам додека тие разговараа, додека пред очите ми прелетуваа
златножолтите полиња и секогаш присутната монотонија. Од знаците ја читав
километражата и имињата на градовите кои што следуваат. Бевме некаде пред
Ниш. Атина - Скопје - Ниш - Белград тоа беше распоредот на станиците.
Гледав низ прозорецот кога погледот ми беше попречен од убаво извајани
нозе кои се спуштаа од горниот кревет. Се симна долу запали цигара и мирно
седна на спротивниот кревет. Имаше околу дваесетина години. На прв поглед
изгледаше расеано не забележа дека веќе бев разбуден па имав можност
слободно да ја впивам нејзината податлива убавина. Преку нејзината сенка
навлегуваа сончевите одрази и нежно се пресликуваа врз мене. Полни усни и
вистинска насмевка. Кратката коса и го откриваше младото лице. Замислено
гледаше во таванот спуштајќи го погледот накај мојот кревет. Ме забележа
како ја гледам и повлече силно од цигарата.
-Здраво се наспа? праша заинтересирано.
-Не баш, не можев добро да спијам.
-Се викам Магдалена. Од Атина сум.
-Драго ми е Магдалена, јас сум...
-Милко знам ми кажаа другите.
-Што уште ти кажаа другите?
-Дека пиеш премногу.
-Да само кога ми е досадно а ти?
-Пијам но умерено.
Во нејзиниот акцент се насетуваше нешто македонско. Зборуваше убаво.
- Каде научи да зборуваш македонски?
-Имам роднини во Македонија татко ми е по потекло од таму. Како мала
доаѓав често во Македонија повеќе не.
Ја замолив да ми донесе нешто за пиење безалкохолно ако може. Ми горчеше
во устата од разните срања што ги испив претходната ноќ. Стана и почна да
буричка низ нејзиниот ранец. Многу добро и стоеа фармерките што ги носеше.
Го истакнуваа во целост нејзиното прекрасно градено тело. Ми донесе
некаков пијалак која сама го беше подготвила, благ на вкус но добро легна
по напорната пијанка. Седна до мене и почнавме да разговараме. Ме
прашуваше за вообичаени работи навиките на луѓето со кои се дружев места
за излегување, животни определби и онака прашања што искрено не ме засегаа
во моментот. Од неа успеав да разберам дека студирала на економскиот
факултет во Атина.
-А ти студираш работиш?
-Во јуни запишав компаративна. И објаснив за што појасно станува збор.
-Видов дека носиш некои листови хартија пишуваш?
-Претежно за себе, не се оптоварувам со другите. Поет само за себе си. Ха
ха ха ха!
-Би сакала некогаш да прочитам нешто. Имаше некаков чуден блесок во очите
кога го рече тоа.
-Добро ако останеш доволно долго со мене ќе имаш можност.
На некого му падна конзерва со пиво на подот и го прекина нашиот разговор.
Беше тоа некоја нејзина другарка. Ми го кажа нејзиното име го заборавив.
Станав се поздравив со другите и веднаш излегов надвор ми требаше малку
чист воздух од толку цигари кои создаваа непроѕирен загушлив чад. Таа
излезе со мене.
-Ти се лоши? ме праша загрижено.
-Не но после пола година непушење тешко ми паѓаат кога ги има премногу.
-Јас се трудев да ги откажам но тешко ми оди.
-Треба само силна волја и самоконтрола (успеав да го изговорам иако го
мразам тој збор).
Таа се поткачи на едно скалило и го турна до половина големиот прозорец.
Надвор дуваше свежест ветер. Почна да ја лелее нејзината разлетана коса.
Ја гледав со втонат поглед. Се насмевна. Веќе се почувствував подобро.
Стоевме блиску до прозорецот и молчевме. Над градот тежеше обична јулска
вечер. Надежно ги затоплуваше оладените осамени квартови. Провлекувајќи се
помеѓу високите згради кревката светлина по косите ни лепеше прекрасен
прелив од крвави бои. Исончаниот пејзаш смирено позираше пред нашите
воочливо возбудени клепки. Срцето на градот тупотеше уморно и тешко како
пред колапс од насобраната жештина. Магично тивко. Посакав засекогаш да
остане така, сиот мој молк да го усмртува нечија невина насмевка како што
беше нејзината. Секогаш е така кога имаш ураган во градите, искри во очите
и поезија која се раѓа од секое движење од секој насмев. Чисто емоционално
обоена. Стоевме така долго време кога од купето излезе нејзината другарка
и успеа да не прекине по втор пат.
-Вие сте тука, сите помислија дека до сега сте некаде исчезнати.
-Зјапавме во бесконечноста, реков помалку подбивливо.
-Аха. ¨е влезете ли внатре ве бараат?
-Да еве сега одговори Магдалена.
Се погледнавме и послушно влеговме внатре. Сите беа поопуштени од
последниот пат кога ги видовме виното ги имаше земено под свое беа на
добар пат да го постигнат својот зенит. Сите зборуваа ветувања, адреси,
телефонски броеви и разни начини да се избегне разделбата. Ние седнавме на
долниот кревет таа донесе нови пијачки се поднамести добро на старата
перница и почна да ми раскажува за плановите што ги имала на ум. Ми беше
несфатлива како и другите луѓе кои предвреме истрчуваа во времето,
предвреме во сонот. Тоа е како самосебе предавање на нешто за кое ни
самите не сме сигурни. Како недефиниран звук кој упорно се наведнуваме кон
земјата за да го чуеме но се е така стихијно и потоа се уморуваме од
чекањето и остануваме разочарани, наместо да го пуштиме да струи низ нас,
да не исполнува. Затоа не треба да се брза полека ќе дојде, можеби е
веднаш зад аглот. Времето е семоќен бог. За мене нештата се одвиваа полека
без некој предодреден редослед. Воден според инстинктите. Работите сами
меѓу себе се хармонизираа или дисхармонизираа. Сега лежев покрај неа а за
утре не знам. Но сепак ја слушав ми беше интересна, ми кажуваше за
типовите што ги имала стравот што го чувствува, за тоа како сите нејзини
врски завршувале со неславен епилог.
-Ги жалам сите тие фраери не знаат што пропуштиле. Се насмеа. Повлеков
голема голтка и легнав врз нејзиното рамо таму е топло, засолниште од
надворешната апатија. Потоа следуваше голема тишина. Почнав да и ја
навртувам исправената коса и се допадна. Ми кажа дека отсекогаш сакала да
има кадрава коса долги и густи локни. Локна икона а, но за тоа друг пат.
Сега нема да зборувам за тоа. Времето одминуваше ја набљудував непречено и
лесно. Тогаш забележав колку беше убава додека ја превиткуваше чашата низ
дланките. Ја намирисав нејзината коса и ги затворив очите. Околу седум
стигнавме во Белград. На железничката станица многубројната толпа го
избираше својот следен правец на движење. Имавме уште два часа до
концертот. Стопиравме такси и пристигнавме во центарот на градот.
Поминувајќи забрзано минувачите изгледаа прилично нервозно лесно може
човек да се загуби во нив. Да си избере добра насока, лажно лице и
утешителна мисла за попат. Сите избираа порано или подоцна јас некако
одложував и не сакав да видам дека тоа одложување пополека се изјаловува
се смалува. Боли. Сеедно сеуште бев на чисто самиот со себе а тоа ми беше
најважно. Другите веќе смислуваа начин како да дојдат до храна, да најдат
некоја сендвичарница, но не бев гладен не беше ни таа. Решивме да
прошетаме другите останаа да јадат. Чекорите си одговараа. Излозите веќе
беа запалени со сета своја блескавост. Ритамот беше бавен или пак мене ми
наликуваше само дека е така. Одевме на југ, поминавме преку две широки
улици лево до плоштадот и се најдовме до една продавница за музички плочи.
Имаа многу и тоа доста добри. Јас ги барав моите учители оние коишто со
своите звуци ја оплодуваа месечината. Не беа многу но со сигурност го
знаеа патот. Таа дошепна-Ми се допаѓа Коен. Леонард пишуваше стихови за
славење на љубовта, тешко е да се долови неговата музика нешто како
отелотворување на срцето и душата. Помислив- уште едно скалило погоре.
Купив неколку р'н'р доста ефтино и ја напуштивме продавницата. Отспротива
продаваа алкохол требаше да купиме за останатите. Земавме малку вотка,
осумстотини грама џин и се разбира пиво. Веќе беше околу 9. Се упативме
кон Саемската хала 1. Имаше народ на влезот, народ надвор, насекаде народ.
Во очите можеше да им се прочита избезуменост, восхит и сите други чувства
што беа тешки за сокривање. Сите се наоѓаа во некаква возвишена состојба
речиси пијани. Тоа ми се допадна. Ние ги пронајдовме останатите или тие
нас не знам како и да е, знам само дека влегувањето беше еуфорично. Парпл
е бенд што не така лесно ја губи вербата и покрај годините сеуште ја имаа
таа способност кога се на сцена за миг да одлутаат од овој во друг живот
во кој има повеќе радост отколку болка. Им завидував на таа способност.
Музиката започна да спојува. Таа беше сосема далеку од безначајните животи
и ефтини души. Безвремена. Се опивавме полека. Нештата околу мене ги
замислував во бои, секој звук имаше своја боја најмногу преовладуваше
длабоко пурпурната, нејзе ја перцепирав во некои други димензии. Во
воздухот лебдеше мешавина од нескротлива енергија и заедничко треперење на
битијата. Станувавме едно. "Perfect Strangers"
беше кулуминација на сето тоа. Нејзе и беше омилена. Ја бакнав повеќе не
бевме странци. Генерациски гледано тука се наоѓаа луѓе на возраст како
моите родители уште еден доказ за неограниченоста на музиката. Над нас се
спушташе огромен бран од невозможни ветувања. Потајно се надевав дека овој
пат ќе ме одмине, но последно што помнам е маглива сенка која исчезнува
зборовите и се толку изобличени, и не можам да ги чујам. Го помнам само
суптилното мрморење на таксистот не знам но има некоја демонска сила
којашто ме привлекува за овие луѓе мора да е поради патот, ја помнам
неговата војничка лузна допушената цигара. Во главата единствено ми
одекнуваа зборовите "педерот секогаш го зема
веселиот дел". Се сложувам Исаковски и не само
тоа што е весел тоа е највеселиот дел кој моментално го имаме. Дури
подоцна се обидуваме да се убедиме самите дека заборавот повторно ќе го
земе своето. Залудно. Таа игра прилега на упорна збунетост што длабоко се
вкоренува во нашиот мал изопачен мозок. Помнам многу малку легнав на нешто
меко мислам дека тоа беше мојот кревет не ме фаќајте за збор сеедно набргу
потонав.
3
-Карти карти ве молам. Нечиј зарипнат глас неуморливо боботеше над мене.
Откако патувам знам дека контролорите беа постојано намуртени или пијани,
тука нема исклучоци. Или едното или другото. Му ги подадов картите и се
завртев на другата страна. Не ми беше до ништо не сакав со никого да
зборувам. Сакав само да пијам и да се возам. Изгледа дека човек не може ни
тоа задоволство да си го приушти а да не биде прекинат од некои кретени.
Се враќав од едно мое патување. Имав претстава каде бев дотогаш но не
знаев каде одам. Пиев, многу пиев и продолжував да пијам. Алкохолот е
тивок убиец. Најпрвин ги заматува мислите па телото и на крајот те има.
Целосно. Иако отпрвин наликува како зголемување на креативната енергија
сепак тоа е само привидно спасение, отпосле се покажува дека всушност е
свесно плетење на пајажината на која сите ние сме биле пленови. Седев и
помислив на Waters, Muddy Waters.
Да на "Forty days and forty nights since my babe left
this town"
The sun is sunning all day long but the rain keeps falling down.
Со денови врне внатре и надвор. Одвреме навреме ќе се појави сонцето од
позади високите ридови колку да оправда не знам што, но тоа трае многу
кратко како една мала илузорна надеж. Нејзините очи ми беа далечни и сето
она што ме поврзуваше со неа. Патните познанства повеќе не ме возбудуваа
како порано се почувствував стар доста стар. Спомените сами навираа додека
нејзиното лице избледуваше. Капките од дождот лизгаа успорено по
прозорецот од испразнетото купе. Наближувавме до ветениот од не знам кој
град. Се сеќавам првин таа остана а јас заминав сега е обратно и така по
ред никогаш да се вкрстиме никогаш да се совпаднеме. Тоа не беше истиот
град не бев ни јас истиот, ништо не беше исто. Светлата беа скржаво
запалени, во ноќта изгледаа како милиони свеќи што полека согоруваат. Мхм
добро место за погребување на сите сеќавања на сите лица. Возот застана.
На станицата по обичај не ме чекаше никој. Се свртев го оставив ранецот и
застанав. Ја немаше мајка ми.
Размислувам за возовите. За долгата композиција на тешки вагони, за
пустите перони и болните еха од последните зборови. Размислувам за нив.
Што ли останува откако тие ќе заминат? Останува молчењето.