ч:чабаркапа милена
п:прамени среќа
Се претопија. Беа едно. Блискост која трепереше, не
сакаше разделба. Само тоа беше важно. Трепет кој оддаваше толкава топлина
која неможеше никаде да се впие, само во нив двајцата. Галење во пролетна
ноќ. Галење скриено од секого, такво тајно, длабоко, не смее никој да го
дознае. Се плашат и тие да го дознаат. Зошто се деца. Мали деца со големи
тајни. Смеат ли децата да љубат? Се погледнаа. Уште едно задоволство се
разлева по нивните лица кои блескаат од среќа. Голема среќа.
Се распрсна нетрпеливост која бараше повеќе. Бараше некое место
подалеку од тоа каде мораа да делат се пред другите, да делат погледи и
допири, кои по се изгледа само тие ги чувствуваа толку посебни. Можеби
само двајцата можеа да го осетат тоа така, невино и слатко.
Таа го прегрна и се стопи во него. Го бакнуваше по образот набрзина, како
да се плашеше дека ќе избега, како да се плашеше дека ако го бакнува
споро, тој ќе се извлече од нејзините раце кои меко го обвиваа. Таа беше
страст. Дали тој беше подготвен за толку многу?
Длабоко воздивна. Ја загрижи сопствената страст, пасија која ја издава
полека и неочекувано, токму на тоа најпривлечно место, во тие прегратки,
на тие гради кои мирисаа преубаво. Само ја крена главата и очекуваше
некакво одобрување, некаков знак да ја охрабри, да ја ослободи страста
која отчукуваше во целото нејзино тело. Усните и трепереа и си играа со
помислата како се приближуваат накај неговите. Си замислуваа цели
нежности, препуштања.
Тој и се насмевна. Овојпат тој се наведна накај неа и долго ја бакна во
образот. Истовремено и воздржано и страсно. Тоа ја збунуваше. Го обожаваше
тој момент кој се повторуваше бескрајно таа ноќ. Си ветија нешто.
Го погали по косата, прамените на среќата се лизгаа меѓу нејзините прсти.
Овојпат и срцето и затрепери. Од среќа. Од љубов. За него.
к:капка
Кога би можела да му кажам на светот само едно нешто.
Моиве раце само тебе те милуваат.
Само тоа го знаат.
Немој да се грижиш.
Нема потреба од грижи.
Земи ми го пулсот.
. . . . . . . . . . . . .
Нема никој да те скрши.
Јас те чувам во мене.
Мило.
Сон кој што не запира. Сон кој стана реалност.
Да можам да ти кажам само едно нешто.
Ќе те чувам од болка.
Од мрак.
Да можам само да те украдам.
Ќе најдам начин.
.....
Да можам да имам глас.
Да те викнам -
би те довикувала постојано.
Да можам да ги голтнам солзите во грлото
би ти кажала се.
Сонце.
Да можам да сум светлина
ќе те најдам веднаш.
Нема да губам време.
Без тебе не постои време.
............
Да можеш да знаеш нешто.
Ти си ми среќа.
Насмевка.
Виножито мое.
Да можам да те држам.
Да биде љубов.
Само да те држам.
Верувај ми.
Ништо повеќе.
Да можеш да не се плашиш од мене
јас нема да те скршам.
Те чувам.
Капка.
д:дрвото и карпата
На таа карпа се потпираше со рацете, додека целото тело му се предаваше
на небото. Таму цели парчиња се кршеа и одново се спојуваа, нијанси на ден
и ноќ се претопуваа, зраци и облаци пливаа, таму горе каде се е отворено,
а толку недофатливо.
Некаде далеку има дрво. Само, но исправено.Чудно е како се отсликува и во
морето и на небото. Некако како да го има секаде, а пак е само. Си стои
таму дрвото со своите гранки, мисли.
На толку сува планина. Или можеби тоа беше огромен камен.
Можеби.
Под него цело море. Или голем вир. Мирен и достоинствен.
Рајот е место на земјата.
Бранови ги бакнуваат карпите на брегот. А, карпите се толку ладни, не
попуштаат. Чувствуваат ли нешто воопшто. На такви прегратки и милувања
остануваат непопустливи. Дрвото посакува да е карпата. Посакува барем еден
бран, нека е јак, неодоллив, нека го скрши. Само да го љуби.
Кога морето ќе го нема.. карпите ќе потонат сами во своите солзи. Ако
имаат солзи...
Одново поглед кон дрвото. Како е да се биде таму. Да се гледа се од толку
високо.
Си размислуваше дрвото..
Ајде ориентирај ме. Кажи ми на која страна си, и само една страна ќе
постои за мене на целиот свет. Откриј ми позади која гранка се криеш, таа
гранка најнежно ќе ја тргнам. Каков ти е гласот.. како бранови кои
плискаат или песок кој се рони. Каков ти е допирот, ќе можам ли да го
издржам, ќе можам ли без него?
И дрвото сакаше да лета. Крилјата му беа одземени. Тоа дрво можеше да
сака. Знаеше да сака. Далеку е се, но не и за него...
Постоиш ли? Или морево е вино и јас те измислив..