т:темплум  

 

д:дозгулпмус








к:како антропономастиката го избегнува хаосот кој би настанал кога личните имиња би биле позајмени од зборовите во секојдневната комуникација


Ликови:

ЛИСТ - Виси на своите раце, обесен за една дебела гранка.

ШТО - Потпрен е на своите колена, а со двете раце фатил една гранка и постојано ја тресе, создавајќи силен шум.

КОРА - Силно го гушнала стеблото со своите раце и нозе.

ГЛУПАВА - Својот среден прст од левата рака го провнала во еден процеп на гранката и така виси чувствувајќи силна и постојана болка.

ДИВЈАК - Виси на левата нога, а со десната рака фатил една гранка со свежи лисја и ја шмука.

ЧУДЕН - Својата глава ја забил помеѓу две гранки и ги ококорил очите; една од рацете му поминува низ главата во пределот на увото; другите делови од телото (ако воопшто ги има) не му се гледаат.

ДА - Да е хермафродит, но од практични причини ќе ја претставиме како женско; примерно е седната во коренот од крошната на нејзиното дрво и постојано клима со својата глава по вертикална линија.

НЕ - Не е единствената личност која заедно со Да дели едно дрво; и Не е хермафродит, но од практични причини ќе го претставиме како машко; и Не седи примерно во коренот од крошната на неговото дрво и постојано врти со својата глава по хоризонтална линија; Не е свесен за Да, а и Да е свесна за Не, и без разлика што седат со свртени грбови еден/една спрема друг/друга тие никогаш не се виделе лице в лице.


Сцената се одвива во центарот на една метропола, поточно во гратскиот парк. Денот е во самото раѓање, неколку минути пред изгрејсонце. Актерите се сместени во крошните на дрвата од паркот и сите имаат различна поза. За секој актер има посебно дрво. Целта во сценографијата и презентирањето на карактерите треба да биде во согласност со значењето на имињата од ликовите. Ова значење, секако, не смее да биде премногу нападно туку, доволно е само да биде доловено.

Лист: Ме болат рацеве. Ми се здрвиле и сега не можам да се подигнам за да ги одморам.

Што: Што?

Кора: Престани да ја тресеш гранката. Како сакаш да слушнеш што некој кажал?

Што: Што? Зошто ме спомнуваш на сред реченица? Премногу си глупава!

Глупава: Па не би можела да бидам поинаква. Воопшто не те разбирам. Што сакаш да кажеш? Тоа би било како јас да ти речам дека си премногу Што!

Што: Што?

Кора: Ништо не можеш да слушнеш заради тресењето на таа глупава гранка, нарцисоиден дивјаку!

Дивјак: Да?

Кора: Ништо. Зошто секогаш се мешаш во туѓ разговор? И секогаш промумлуваш нешто кое не можам да го сместам ни во прашање ни во одговор. Ти си навистина чуден.

Чуден: Кора! И ти и твојата пријателка Глупава имате лоша навика да завршувате недоискажани. Што ако Што биде премногу Што? А каков да биде? Што ако Што биде навистина Што? Што ако ти си навистина или премногу Кора? Каков да бидам јас освен НАВИСТИНА Чуден?! Ти сепак си поглупава од Глупава. Таа барем не се дери како тебе!

Што (уште позасилено ја тресе гранката. Бидејќи неговото име беше повеќепати спомнато, тој мисли дека останатите навиваат да ја скрши гранката и почнува да пее во правилен ритам, весело нишајќи ја својата глава): Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што! Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што!

Чуден (видно изнервиран): Глупаку! Остави ја гранката!

Глупава: Чуден, зошто ми го грешиш името? Што, престани веќе еднаш!

Лист: Помогнете ми, ќе паднам! Дивјаче, дивјаче!

Дивјак: Да?

Да (таа дури сега се буди од галамата која ја предизвикува Што и го слуша Дивјак како го изговара нејзиното име): Да!

Лист: Занишај се и со раката мислам дека можеш да стигнеш до мене.

Дивјак: И што со тоа?

Што: Што?

Лист: Уште малку и ќе паднам! Не си ги чувствувам рацеве! А висинава ме плаши. Ќе скршам нешто! Побрзај!

Да (обраќајќи се на Лист): Не мрдај толку!

Не: Што? Премногу мрдам? Или да мрдам колку што мрдав кога ме спомна?

Да: Што да мрдаш бе мрднат еден!

Што: Што? Да мрдам посилно? (се засилува уште посилно; се чини дека ќе ја скрши гранката)

Дивјак (се занишува со телото и почнува да прави се’ подолги и подолги лакови во воздухот; дури го прави ова изгледа навистина дивјачки): Аааааааааа! Ааааааааааа аааааааааааа!Ааааааааааааааааааааааааааааааааааааааааа аааааа (се отпушта од својата гранка и лета накај Лист)!

Лист (уплашен од глетката се занишува, а со тоа го упропастува успешното слетување на Дивјак): Што правиш ненормален еден!

Не (има навистина смирен и целосно cool поглед): Денов е навистина глупав! Зарем во оваа положба во која се наоѓаш ти одбираш да ми кажеш нешто толку банално како “нормален еден,” обраќајќи ми се? Нормален сум, а ти не си кога тоа го кажуваш, глупаво висејќи на таа глупава гранка!

Глупава: Глупав, Глупаво или Глупава?! Навистина не сакам кога ми се обраќаат со некои смешни форми од моето вистинско име! Јас сум Глупава и точка! Запамтете сега и засекогаш!

Кора: Штоооооооо! Штооооооооооооо!

Што: Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што! Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што!

Кора: Ќе те убијам, ќе те убијам, ќе те убијам жими дрвово!

Што: Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што! Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што!


(Во овој овој потполен хаос на звуци, разговори и движења, се случува силен земјотрес, но од преголемиот хаос никој не го приметува)

Кора (нејзиното дрво прво почнува да се навалува, а таа е на страната од дрвото која ќе падне на земјата): Еј, погледнете горе!? Видете го оној облак во форма на планина која е свртена наопаку! А и се движи некако чудно брзо!?

Чуден (обраќајќи се на Кора): Чуден, Чуден, глупава една!

Глупава (мислејќи дека и се обраќа нејзе): Фала Чуден. Изгледа само тебе ти значи тоа што го зборувам.

Чуден: Што зборуваш пак ти?! Сепак, благодарам... (повеќе за себе): Божеее...

Дивјак (во овој момент стигнува до Лист, но заради Листовото преместување и земјотресот не успева да се фати за гранката од дрвото на Лист, туку се фаќа за неговите нозе): Ааааааа! Ќе паднеме! Држи се цврсто брате!


(Сега веќе хаосот кулминира и се’ тргнува надолу, буквално надолу!)

Лист (и неговото дрво почнува да паѓа од земјотресот): Дивјаче, сеуште се држам за гранкава, но можам да се заколнам дека паѓаме!

Дивјак (воочувајќи го ова уште пред да биде кажано од Лист, го напрега телото постигнувајќи форма на топка): Ааааааааа (ама сега веќе плашливо за разлика од првиот пат)...

Чуден (и неговот дрво почнува да паѓа на страната на која што Чуден е свртен со своето лице; гледајќи како земјата забрзано му се приближува, не успева да ја одглави раката од својата глава, а со тоа и главата од дрвото): Што?!??

Кора прва паѓа на земјата, а дрвото со својата тежина ја преполовува.
Чуден ја зарива својата глава во левата половина од телото на Кора, а раката уште повеќе му се зарива во главата и сега е свртена со дланката нагоре.
Дивјак ја искористува раката на Чуден и својата топчеста форма и се отпушта од нозете на Лист, за сега да добие сила од раката, односно дланката на Чуден, која како катапулт го исфрлува силно нагоре.
Лист ја нема таа среќа и раката на Чуден што тукушто го отфрли Дивјак по вертикала нагоре, сега му се забива во неговото меѓуножје. Лист крикнува од ужасната болка и така умира.

Глупава (Од потресот и се крши средниот прст на левата рака, од падот и се крши десната нога на повеќе места. Целата е испокршена. И таа е при крај на животот но успева да проговори целата во болка и силен плач): Глупава! Глупава! Сега кога сте потивки, вака мртви на земјата, запамтете дека сум Глупава! Не сум ништо друго и не ни сакам да бидам! Барем тоа можете да го почитувате. Јас сум Глупава, Глупава, Глупава (полека издишува повторувајќи “Глупава, Глупава”)...

Што, бидејќи е веќе во транс повторувајќи ја својата песна, не ни приметува дека паднал на земјата. Продолжува со пеењето и со тресењето на гранката; во тој момент дрвото на Не и Да паѓа точно над него, но го промашува. Не и Да удираат во земјата странично и отскокнуваат во воздухот за повторно да паднат на земјата, но сега свртени за 180 степени. Гледаат за првпат во лицето на оној што никогаш не го виделе. Во овој момент тие се однесуваат како материја и антиматерија и меѓусебниот поглед прави потполно да исчезнат! Дивјак веќе паѓа надолу и го закопува Што во земјата, од силниот удар, а самиот Дивјак умира од преголема возбуденост заради исчезнувањето на Да и Не.

Во овој момент Сонцето изгрева зад планината и се’ е некако мирно и убаво. Во паркот лесната магла полека се расчистува. Воздухот е свеж и мириса на пролет. Покрај песната на птиците, се слуша, едвај забележливо “Што, што, што, што! Кој е најсилен на светот? Што! Што, што, што, што! Кој е најсил…” но и тоа згаснува.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања























































































































































































































 

  д:дома