ј:јаковчевски милан
http://iacovibus.blogspot.com
с:спаси
ме
Epistula Fervens
Ко безумен давеник срцево бие среде ноќва ладна
меѓу грешници - грешник, судба мене ми е
пред животот паднат, а крвта ми врие, ги колне тие
ѓаволи, робови на страста а некој ги крие
од умов што спие, од душава жедна и за крв гладна...
Болките ме болат, духот се гасне. Од пеколни казни
очиве плачат и сенките ги колат. Јас нê,
тие колнат, дупки празни - за гневот да не згасне,
да префрлат вина за друг да се сепне;
од отров да касне и тивко да тоне кон маки разни...
Витез ти не си, тоа го знам, ниту дама дворска моја
што злато нуди кеси, усни да ú бакнам;
во очите твои има срамна боја на вековен храм.
Помогни ми те молам, си пресудив сам.
А молитви тивко ткаам, надеж за прошка твоја...
И редам јас вака пусти и врели стихови тешки
сал’ смртта ме сака, но рано е нели?
Сеуште имам сонови жешки. Лиј во постели бели
дарови - страст и љубов со мене дели;
дека ме сакаш срцево вели... Ах, мисли претешки!
Наместо крај, мојата душа моли во часов зол
штом во тебе нема сјај на нови идоли
не додавај на раниве сол, и без тоа сè ме боли.
Спаси ме, ако треба и крв пролиј...
на песнава благоволи, штом животот твој е гол.
с:слова
(прв дел)
Inconcenssus formosus
Со душа грешна, душа болна и насолзени, суви очи,
ноќва дур ангели ме колнат грлово сал’ слова точи,
за тебе љубов моја писанија од искон јас вадам.
Зар од гробов можам нешто друго да ти дадам?
Знај ти крив сум јас беден, што те љубам сега тебе.
В мрак стојам везден, и се мразам само себе,
знак од Бога барам и дур има крв во моиве вени
живот тебе ќе ти дарам - овие слова благословени.
Дур твојот поглед други гледа, не ме сака мене, паднат,
молам дај ми прошка бледа, и сите усти нек се затнат;
нека да види светот тага што е, нека чуе стари песни.
Знај сето ова лага не е, не се само стихој лесни,
зар умов мој в лага бдее, зар немам јас бол тежок?
Иако често устава ми пее, на срце имам знак жежок
од времиња стари, сиви, без тебе полни - со тебе празни,
кога љубев тела диви, сини очи. Кога галев кожи мазни.
Ти повтор скраја стоиш, Сонцето од мене го криеш...
Ех, да можеш солзи да ми броиш, и со нив да се миеш
ќе видиш што срце ми стега, ќе слушнеш копнеж мој:
И виновен кој е сега? Јас или ти... Те молам кажи - кој?
п:повторно
умирам
Amplexus mortifer
Во ноќта те видов, во туѓ живот беше
на срцево нов отров - нов копнеж ќе е...
сакав да те имам, за друг знам, ти не си
а сега јас те губам, се губам и себеси.
Ти нудев јас Вечност, љубов ко дар свет,
бакнеж - за тебе прост, а на верност завет;
но ти немаш очи, ил’ не сакаш да видип
во клетите ноќи, со друг дур љубов водиш.
Си поигра ти така со мојта кревка душа,
со срцево што сака да те гледа, да те слуша
за веднаш да те снема... исчезна за миг,
низ спомени те има, од минатото - жиг.
И повтор јас те гледам, скраја како стоиш,
и песни нови редам среќен што постоиш.
Мртов јас сум пак, макар што не сум крив.
Ти знај дека сепак - за тебе, клет, сум жив.
з:заробен
Libertas Gravis
Беспомошно стравувам во овој гнил свет
и очајно го проколнувам мојот Творец,
се чувствувам како одамна овенат цвет,
како Црна Дама во стар, напуштен дворец.
Мртвите врани се мое верно друштво
во доцното време на дождливите дни;
го мразам остатокот од неживото човештво
што носи кошмари во сите мои сни.
Синџирите на мојата карма послушно ги носам
и мелодијата на смртта ја пеам јас често,
по трулите патишта за малку љубов просам
- ако за тоа во туѓите срца има место.
Крвта во вениве, чест пијалок мој, многу лут
ми го кине срцево и напатенава сува душа.
Заробен во вечниов дом - мојот гроб крут
викам, колнам! Тешко, тешко кој ме слуша...