т:темплум  

 

п:петровска ирена







 

Соочување

Тотална апатија…
Колку време седам вака?
Со часови… со денови?
Точка.
Мојот свет е една точка… во која зениците се судираат со нем тресок, а мозокот ја обработува и перцепира како линија на хоризонт…
Или?!...
Не, тоа е само една точка.
Во неа: јас и светот и ништо…
Запрено време.
Мртов живот.
И болка - некој со чекан се обидува да ми го редефинира черепот. Безуспешно.
Тој се противи, проклетиот череп се противи!
Попушти, молам.
Ако попуштиш болката ќе изчезне, ќе стане тапо ехо заробено во беззвучен простор.
Ќе бидеш слободен, ќе се менуваш… Како амеба - без форма, без граници.
Попушти, проклет да си!
Нема да попуштиш.
Ти си како мене… мразиш да се менуваш, страв ти е да си слободен. Попрво ќе се распрснеш на милијарда парчиња растурени по ѕидовите и подот на твоето его…


 


Сказна за човекот со 4001 белешка

На светот си бил еднаш
човек (што име му не знам)
Кој секогаш со лист во рака
Денот да го започне сакал.
Брзајќи кон патот на славата
Не кревајќи ја главата,
Броел, мислел и запишувал
И од секаков одмор се лишувал.
Неговата чанта ризница на умот му била
(таму ги чувал веќе скршените крила
на сопствените мисли, на листови чисти)
И секој ден така
Без да му причинува мака,
Човекот по една белешка на хартија ставал
По еден лист на својата чанта и давал.
За времето пред да почне да пишува
Не сакал ни да размислува:
Тие денови на незнаење
Му биле извор на каење
Што правел тогаш?!
Времето на пријатели го трошел,
Срцето со љубов го растел,
А разумот на ливада го пасел
Загрижен за некакви глупости разни
Некакви прашања празни
(за животот и смртта)
“Сега, ова е суштината
Тука лежи вистината
Во овие листови хартија
Испишани со мастила
Е сето светско умеење
Смислата на нашето живеење”
Така мислел тој се додека пат не му запрел конвој.
Да, конвој од војници или полицајци
(не знаел точно што се, но се некои странци)
Го извлекле учтиво, фино
Од вратата на автомобилот,
За исправи замолиле, добро го одмериле,
Па уште подобро го средиле:
Во ќош го затвориле
(за неговата сигурност збориме!)
Човекот, седнат во мувлата на подот,
Отпрвин бесен што му го сопреле одот,
Но потоа свесен за времето што му се дава
Белешките да ги стави во глава.
Љубопитен за нивниот број, почнал да брои “кој е кој”
Броел така некое време
(колку точно, кој ли ќе знае?
Зар може да се рече колку долго
полутемнината се влече?!)
а потем, уморен од своето бреме
го заклучил бројот на умното семе:
4001 белешка, 4001 ‘ркулец на жито од неговата глава!
Ова било доволно за вселенска слава.
Горд на себе и своето дело, силно се плеснал по умното чело
Задоволен, си дозволил одмор -
Да склопи очи во целовечерен сон.
Утрото светло штом зеници му спекло
Отворил очи и ја побарал мудроста на векот.
Но, глеј чудо! На листовите се што можел да види
Биле некои линии криви.
Зар е можно? Зар такво нешто да се случи?
Човекот во очај почнал да се гуши
Целиот живот пред него му минал
Но не разбрал каде патот му се срушил
И со своите последни сили
Извикал од петни жили:
Помагајте, било кои!
Но за се веќе предоцна било.
Војниците со чекор студен,
Го клоцнале трупот блуден,
Ги виделе листовите и силно се закикотиле
Над цртките што на нив самите
Им личеле на писмото на будалите.
Така завршува оваа сказна
За човекот што си напишал 4001 казна.











Секогаш ...
(или за веројатноста да се упропасти лист хартија)

Секогаш кога чекорам кон сонцето
Го наоѓам само неговиот отсјај во тревата

Секогаш кога чекорам кон небото
Го чувствувам само неговото присуство во воздухот

Секогаш кога чекорам кон месечината
Ја наоѓам само маглата околу неа

Секогаш кога чекорам по земјата
Ги спознавам само нејзините делови

Секогаш кога ја барам вистината
Наоѓам милион измислици

Секогаш кога мислам дека имам нешто
Тоа се крши или исчезнува

Секогаш кога мислам дека можам нешто да направам
Наоѓам илјада докази за мојата неспособност

Секогаш кога сакам да напишам песна ...
Пишувам вакви глупости










Его и алтер его
(на братучед ми Владо,
каде и да е)


Денес по долго време, се сетив на тебе
(речиси постојано мислам на тебе)
Се сетив дека денес ти е роденден
(за денов се подготвував уште пред една недела)
Толку глупаво се чувствувам кога на тебе се сеќавам
Како на странец кој минал по мојата улица
(ти не си странец зашто улицата се вика Живот)
Колку е глупаво да наоѓаме изговори:
Далечината не разделува
(дали таа оддалеченост се мери со милји меѓу континентите или срцата?)
Ова го пишувам како писмо без адреса
Предодредено да талка по светот
Барајќи некој кој ќе го прими, ќе го прочита,
И ќе се насмевне, препознавајќи ја сликата на еден збунет поглед и едни испружени раце
(се молам да го искинеш пред да го прочиташ, зашто е само беден обид
Да ти подарам дел од себе за твојот роденден кој мораш да го славиш толку проклето далеку!)





 




De natura homini

... Со врисок ги отворив очите
И здогледав светлина во мракот ...

Талкав низ слепило
Удирајќи се во ѕидовите на моето (не)постоње
Чекав
Знаев дека доаѓа
Мигот
Кога ќе прогледам
Со врисок ги отворив очите
и здогледав светлина во мракот
Ме обзеде, почнав да ЖИВЕАМ
Да чувствувам
Дека боли секој здив што до вдишувам
Но ДИШАМ
Тогаш знаев, ЉУБАМ
Што сум јас?
Одраз на Оној кој ме создал
Творецот својот лик ми го дарил
Но духот Негов е еден
Ова во мене што ползи е чуден
Ромор од воздивот на Бога
што од срце му се скинал
штом сфатил какво суштество створил
Човек ...

Го најдов она што го барав
Станувајќи МОЕ се претвори
во нешто ТУЃО
И малку ми се виде
Светот кога таму универзум кружи
Ракава посака него да го земе
“Проклетството на твојата душа
Е кога имаш се, уште да бараш
А проклетството што јас ти го реков
Е кога ќе побараш уште, ништо да немаш“
И сетив како светот од рака ми се лизна
И видов како потона во мракот

Плачев со солзите на моето покајание
Удирајќи во ѕидовите на стравот
Барав
Морац да го најдам
Она што самата го фрлив ...
Со врисок ги отворив очите
и здогледав светлина во мракот
И знам
Живеам
Дишам
Љубам
Ова е универзумот што го барав.

* * *
А таму ... Вселената кружи ...












Соломон

Милион капки
И во секоја различен одраз
Од мојот шаренобезличен свет
Во кој се обидувам да најдам суштина
А неа ја нема - светот на сронет камен почива
Го чувствувам како се движи под нозеве
Танцува во искршен ритам
А јас, трудејќи се да останам на нозе
Го губам тактот и изгледам смешно
Проклето смешно!
Се смеам ... сама го изградив светов -
Сама и ќе го уништам












Ликови

Ликови
што се повторуваат
Се размножуваат ...
Се допираат, а не се чувствуваат
Се чувствуваат а не се допираат

Ликови
Збунети
Исплашени
Скаменети
Во својата немоќ да оживеат
Да дишат и постојат

Ликови што ме прогонуваат
И опседнуваат
Но не ме сопираат
На патот по кој чекорам
Тие се само рефлексии
На луѓето кои одамна ги познавав

 

 

 



На В.

Спротивни а толку слични
Ти - мојот втор разум
Јас - твојата втора душа
трудејќи се да ги избегнеме неизбежното
се најдовме на средина
Ти - мојот челичен оклоп
Јас - твоето кревко тело
И сакавме, барем за миг двајцата сакавме
Ние - вечните трагачи по илузијата
А се убивме, двајцата се убивме
Ти - мојата вечна рана
Јас - твоето отворено дело
 

 

 



Капки вода

Капки вода
на твоето чело
на листовите надвор
на моите раце
Неподвижни
како нас
Но живи
Дали сме ние?

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



















































































































































































































































































































































 

  д:дома