т:темплум  

 

и:иван шопов







Барам песна

Во туѓ збор се барав себеси.
Се изгубив.
Зад туѓи лица го барав својот лик.
Се растопив.
Длабоко во себе те барав тебе.
Не те пронајдов.
Во кула од карти барав цврст темел.
Се срушив.
Во железна ограда барав слобода.
Се заробив.
Низ скршено стакло нудев погледи.
Се изобличив.
На перница сакав сон да остварам.
Се разбудив.
Во овие нешта барав песна.
Ја напишав.




Чекорење

Со секој чекор на асфалтот оставам дел
од моите омилени патики.
Со секој здив го прочистувам воздухот и
уништувам дел од моите бели дробови.
И така, секојдневно, чекорам и дишам безделнично
во името на мојата голема цел.
Наѕирам бледи букви на камена плоча
и осознавам:
-чекорејќи и дишејќи додавам капки мастило
во пенкалото на една рака што ќе ми напише пофално слово
дури откако ќе ме види мртов.
За сега, раката пишува елегии во идно време.





Цитати од привременоста

“Животот што го бараш нема да го најдеш.
Кога боговите ги создале луѓето,
Смртта ја одредиле за нив,
А животот го оставиле за себе.
Затоа јади и пиј, Гилгамеш,
Наполни го своето тело,
Дење и ноќе весели се само!
Нека секој ден ти биде забава луда!”
-Ü велеше Сидури на будалетинката
што трагаше по бесмртноста.

“Зграпчи го денот, Иване!”
-Ми рече голата девојка
од средната страница на Вест
додека си го пиев утринското кафенце.
Каква риба!
Авион!





Еден ден...

Еден ден, кога станав во 09:37,
кога заборавив да си ги измијам забите,
кога си ја пуштив омилената музика,
кога се гледав во огледало петнаесет минути,
кога се договарав со друштвото за Нова година,
кога си снимив нова верзија на Nero,
кога сакав да направам песна но не ми успеа,
кога испив три пива и четири сока,
кога си размислував за годишните времиња,
кога ставив кредит на мобилниот по шест месеци,
кога читав “Дневник” и “Вест”,
кога не си земав капа и ми застуди,
кога се шетав во ГТЦ низ продавниците
и видов дека има ѓубре облека,
кога еден човек ми го с’сна кучето,
кога јадев руска салата,
кога си ги исеков ноктите...
Е, токму тогаш сфатив
дека нема што да се напише за тој ден.





Гола песна

Не дозволувај да станам еден
од оние неуспешни самоубијци
што цел живот упорно скокаат од приземје.
Не дозволувај да го докажувам
одамна докажаниот закон
за земјина тежа.
Не дозволувај да играм стриптиз во зима
пред толкав народ-сеирџии.
Само дојди на мојата приватна забава,
каде ќе се гледаме голи во огледало
и ќе уживаме во искреноста
на нашите гениталии.
 

 



Имаш ситно?

Играјте џамлии драги мои, но не заборавајте
дека понекогаш треба да грицкате и семки.
Битно е, исто така, да се напиете по една
со вашиот другар, сосед, непријател...
Да пукнете по некоја петарда за Нова Година,
да гледате сеир на улица,
да малтретирате недолжни луѓе по телефон,
да направите снешко кога има снег,
да се шетате во парк кога е сончево,
да пишувате СМС пораки без поента,
да кажете по некој виц...
Сетете се на разните слатки ситници.
Големите нешта го прават животот мал.
 

 



Лето

Деца што безмилосно го трошат распустот,
сонце кое ја потемнува кожата,
топол ветер, сув воздух
и капки пот што неуспешно го кријат студот во душата.

 

 




Мода

Се смееше како луд на брашно
пред полниот плакар
додека не сфати колку
убаво му стојат грдите алишта.
Тогаш се родија нови сфаќања
за модата во неговата глава.
Крокодилските солзи не му ја подобрија гардеробата.
Се соблече гол.
 

 



Огледало

Прегрни го својот одраз, тоа си ти.
А сепак не си!
Лажна саморефлексија
на неподносливо рамна површина.
Погледни си ги очите.
Ќе најдеш ли свет зад нив?
Поправи си ја фризурата за последен пат
и искрши го огледалото на парчиња.
Ќе добиеш седум години Јас.

 

 


Потреби

Луѓето не сакаат да летаат.
Ни малку.
Не сакаат ниту да нуркаат.
Воопшто.
Да беа птици, ќе сакаа да станат риби.
Да беа риби, ќе сакаа да станат луѓе.
Немаат потреба од летање, нуркање и одење.
Само болна зависност од непостоења.
Какви глупаци!







Поука


Судбината ми потшепна тивко
со добрина на куче што ‘ржи:
додека ти мочаш синко,
нема друг да ти го држи!

 

 


Празник

Загаден воздух од човечки здив
На секој чекор генератори на несоница
Дебилно зрачење од преистакната биологија
А никаде трага од Светецот.
Само поганост од наметнати слабости
Во градот на привремени вечности
Храбро одложување на познатиот исход
Неразумно истражување на веќе познатото
Весело давење на тивката свест
Во кристална чашка нејаснотии.

 

 


Сензор

Рано наутро.
Првите петли уште не пропеале,
а јас се залепив за најголемата кокошка.

 

 


Штета

Штета што постојат сакати души
што ја гледаат љубовта во небото,
ја гледаат во ѕвездите и Месечината,
во височината на планинските врвови,
во бескрајноста на големите пустини,
во длабочината на морињата и океаните,
во бистрата вода и утринската роса...

А не ја гледаат љубовта во неонската светилка,
во стапчињата за чистење на ушите,
во белата паста и четкичката за заби,
во домашниот ајвар и купечкиот ајвер,
во модриот патлиџан и зелената слива...

Никогаш нема да го почувствуваат вкусот
сличен на благата лутина на младото кромитче.
 

 



Туширање

Ти си мојот неостварен сон
Ти си моја неисполнета желба
Ти си мојот неизеден бурек
Ти си сî со префикс “не”
Ебате негативната.
 

 


За соништата

Не беше тоа метеорски дожд.
Паѓаа молитвите што долго ги фрлав кон небото
да се заплеткаат во некое соѕвездие.
Бог ги врати назад на земјата.
Или гравитацијата.
Сеедно.
Се урнаа врз мојата глава.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

































































































































































































































































































 

  д:дома