в:весна мундишевска велјановска
а:априлска
Слушнав:
“Ветрот
назад
огнот го
влече”.
Глупости -
рекоа,
тревите пенат,
златно воздухот
тече.
Се слекоа
дрвјето,
расцветаа дланки,
сонцето
пече.
“Назад
ни стои
зимата” -
пак баба ми
рече.
Мириснав -
снег.
Издишив.
Здивот мразулци
сече.
б:бидување
Слушнав:
Земјата гори,
пресушија дождовите,
сред општиот хаос
ги удавив соновите.
Сонцето збркано
собира зраци,
раскикотен немирот
го турна в облаци.
Беспросторна магла
ги ослепи чекорите,
пиштеше мракот
под жигот на оковите.
Ископав ѕвезди,
ги запалив бреговите,
полесно можеби
ќе испливаат деновите.
п:предизвик
Љубопитна
Ноќта
расфрла искри,
очи
да ù бидат, вид.
Невиден пламен
ѕвездите ги голтна,
од пискоти никна
бескраен ѕид.
Кришум пријде
месечина бледа,
дождови безброј
в поглед ù скрит.
“Залудно...” - низ шепот
ја преплаши ветрот -
“бегај, Огнот
уште не е сит”.
в:варијација
Приквечерината искрадна
слепи чекори
и веднаш се изгуби
во јазолот на немирот.
Од зад пердето на молкот
згрмеа камбани
опоменувајќи упорно
да се скроти пирот.
И глуви, удирајќи од
асфалтот, ѓоновите
гмечеа ѕвезди
во седлото на мракот.
Пред мене двоумења,
а в срце нечујни пламени,
скршнувајќи од патот
го најдов зракот.
б:барање
(на К.М.)
Се стрча по зраци
јавајќи го ветрот.
Сонце ил' бура?
Што си?
Незабележана дојде
стопена со дождот.
Подари срца за
цветови в коси.
Расфрлена во бескрај
заползи со полжавот.
Зачува само
нозе боси.
Погледна во
огледалото на животот.
Се најде
себеси.
з:збунување
Збунети
птиците
место в небо,
нуркаа
в земја.
Во срцето
на песокта,
место вода,
бараа
темјан.
Удирајќи се по пат
од камењето,
и сами
камен
станаа.
Тресејќи ги
бездушно
пердувите,
во искри
пламнаа.
Зафатени
во виорот,
корењето
заплакаа
млади.
Испаничи
и тлото.
Преплашено
почна
да чади.
с:соочување
Птиците
облетуваа пристаништа
трагајќи по
грандиозни
бродови.
Клуновите
им се кршеа
копајќи по
вонземски
сводови.
Облаците
крвареа бело
ткаејќи од
солзи
чадови.
Пердувите
им се топеа
грабајќи по
зовриени
гладови.
Срцата
им пукаа тивко
учејќи немо
нови
падови.
Душата
е премногу нежна
за камшици од
бесмислени
јадови.