т:темплум  


март

и:
иванов никола


г:години: 25
п:професија/интереси: Freelancing


с:
сценарио

1. Нема теми

На текстот работам веќе неколку месеци. Не многу успешно, можам да речам. Состанокот е денес попладне, во шест часот. Нема да биде многу пријатно. Време е да ја стуткам и последнава шкрабаница и да тргнам.

Ме пресретнува на вратата. Добро е расположен, го очекува сценариото.
– „Како си Мајкл?“
– „Добро Пит.“
– „Го одобрија буџетот, а и зборував со некои луѓе. Сè изгледа добро.“
Ух, навистина го очекува сценариото.
– „Седни. Пијалок?“
Не ми е до седење, но седнувам полека и климнувам со главата. Добивам чаша виски со лед.
– „Го имаме, нели?“
Не знам зошто недостатокот на насмевка на моето лице не го онерасположува. Седнува наспроти мене, озарен како мало дете кое добило неочекуван подарок. Отпивам од вискито и полека ја оставам чашата на скапото биро. Капки пот ми се слеваат под кошулата.
– „Пит, имаме проблем...“
– „Да?“
– „Немам сценарио...“
Насмевката полека се губи од неговото лице.
– „Не го донесе?“
– „Не го напишав...“
Капка пот се тркала надолу како огромна лавина. Насмевката повеќе ја нема.
– „Едноставно немам добра тема. Нема за што да се пишува...“
– „Оди дома, одмори се. По две недели врати се со текст... или не се појавувај повеќе...“
Климнувам со главата, немам што да додадам. Станувам подгрбавен, и полека се упатувам кон вратата. Ја вадам кошулата од пантолоните и ја одврзувам краватата. Излегувам надвор.

Навистина нема теми.


2. Секој со своите проблеми

Го слушам Пит како веќе еден час зборува за фијаското со сценариото. Ми се чини дека само за тоа зборува последниве недели. Пивнувам од виното, го чекаме главното јадење.
– „И ми вели: Пит, имаме проблем.“
Смеа. Сепак за некој од присутните ова и не е така лоша тема за дискусија. Ха, проблемите на филмската индустрија. Лани Пит го испушти оскарот. Оваа година тоа не смее да биде случај. Никој не смее да му застане на патот.
– „Никој не смее да ми застане на патот.“
Ете го. Се потсмевнувам и се вклучувам во муабетот.
– „Знаеш Пит, целата економија е во застој. Зар навистина мислиш дека оскарите се поважни од каматните стапки?“
И тој се насмевнува.
– „Секој со своите проблеми, нели Џим? Феликс овде сигурно ќе рече дека најважни се гласачите и нивното здравствено осигурување.“
Смеа. Пивнувам од виното. Доаѓа главното јадење.
– „Сега е најважно бифтекот да е добро приготвен.“
Смеа.
– „Специјалитетот на куќата, господине.“ - вели келнерот додека ги поставува чиниите.
Јас засекувам од месото, а Пит потстанува и наздравува.
– „За оскарите...“


3. Ништо не е лесно

Не е лесно да се разговара со Феликс. Како стеница се закачува за работи кои навистина немаат никаква врска со нашите проблеми. Зборувал со Џим. Зборувал со Џи-ми. Имало некоја група луѓе со поинакво мислење. Џим рекол дека... ма, кој курац е тој Џим!
Ѕвонење...
– „Кажи Кети?“
– „Феликс е овде господине Кени.“
– „Нека влезе Кети. И Кети, пушти го и Волтер штом ќе дојде.“
Кети, мојата секретарка. Не многу бистра девојка, но добро пуши. А копилето Феликс пристигнува за рекордни 10 минути.
– „Феликс... одамна не сме се виделе. Што има ново? Како е Клара, децата?“
– „Вилијам...“
Се поздравуваме. Раката му е испотена. Сигурно трчал до овде. Или тоа, или e нервозен.
– „Седни. Бурбон?“
– „Да, молам.“
Одам полека кон кабинетот со пијалоци. Полека ги вадам чашите... се влечам. Чекам да дојде Волтер. Го слушам како се провикува од надвор. Влегува.
– „Феликс, ти кучкин сине! Каква мешаница правиш овој пат?“
– „Волтер... не знаев дека и ти доаѓаш...“
– „Не знаев ни јас! Бил, тури и за мене!“.
Полнам уште една чаша. Гледам дека Феликс е малку изненаден, но знам дека брзо ќе се соземе. Волтер се дере како и обично.
– „И што правиме сега Феликс? Бил ми раскажува дека имаме некакво недоразбирање... и тоа во нашите редови!“
Ги носам чашите. Им ги подавам.
– „Мислите дека ќе го решиме ова сега?“
– „Остави ги на маса Вилијам. Ќе наздравиме после.“
Снаодливо копиле е Феликс – како инаку би стигнал до овде? Знае зошто Волтер е тука. Кога би можел да сврти еден телефон би го викнал Џим, а можеби и оној бубуличавиот од север. Тогаш Волтер би викнал некој од своите и до ручек цела зграда ќе знае и напред на тревникот ќе се насадат новинари. Но, Феликс нема да го направи тоа. Паметно копиле.
– „Волтер, знаеш како одат овие работи. Ќе го поддржите нашиот извештај и ќе го пуштите нагоре. Формални канали и силно лобирање. Ние ќе ве поддржиме вас. Само ми требаат два дена да се подготвиме пред било што да почне. Односи со јавност и слично.“
Нивниот извештај. На последната средба Волтер рече дека не прочитал поголеми гомна во последните 8 години и го искина. Џим беше таму. Феликс знае. Волтер знае дека Феликс знае. Волтер ја пружа раката.
– „Нема да биде лесно, но во ред – два дена Феликс. “
– „Ништо не е лесно, Волтер.“
Се ракуваат и Феликс посега по чашата. Каква стеница.


4. Лов

Не е многу паметна девојка Кети или Кејти. Но добра е во кревет и мисли дека може да се пробие во светот на славните. Затоа и се ебе со мене. Сака и да ја фотографирам. Мислам дека си прави портфолио. Тоа се разбира не ми смета се додека сексот е добар и чест.

Последниот пат ми кажа една луда приказна. И се испушти веројатно. Сеедно. Тоа е причината што сега со Чарли летаме кон стариот контитент. Чарли има нос за вакви работи и затоа и му раскажав. Кети или Кејти работи за Бил Кени. Случајно слушнала некои разговори. Ја повикав едно попладне и Чарли ја праша дали знае кој сè бил кај Кени изминатиов месец. Волтер Рајт, Феликс Досон, Џим Кејси, дури и старото дртало Пат Л. Смит... еден куп луѓе. Врвулица.

Чарли ме пофали. Следниот ден резервиравме билети.

– „Мет, мислам дека намирисавме вистинска работа.“
Климнувам. Гледам дека е спремен, нетрпелив. Тој ќе зборува со луѓе, јас ќе фотографирам. Ако претпоставките ни се точни кога ќе се вратиме ќе го направиме уредникот среќен и ќе се прославиме. Телефонот му ѕвони.

– „Меги... да, само што не сме полетале... па... кога да ти кажам... не немаше време... да, да со Мет сум... се враќаме за десетина дена... Чао Меги, те љубам.“
Меги, девојката на Чарли. Меган за колегите. Работи во некое филмско студио. Никогаш не е среќна кога Чарли ќе замине наеднаш во лов на информации.
– „Да не е лута многу Чарли?“
– „Ја знаеш Меги. Ќе биде во ред.“
– „Можеби треба да ја прифатиш нејзината понуда.“
– „Можеби ќе ја прифатам Мет. Можеби после некоја ваква екскурзија ќе кренам раце и ќе речам доста е.“
Меги, вели Чарли, е вистинска кучка во бизнисот. Но, прекрасна девојка. Зборувале за брак и таа предложила двајцата да се повлечат и да работат самостојно, независно.
– „Можеби ова ќе биде последно.“

Капетанот го најавува полетувањето. Се врзуваме. Ловот започнува.


5. Се вратив

Пред некое време денот осамна со вести од странство. Весникот што ме чекаше пред прагот имаше огромен наслов за случувањата. Добро е кога нешто така експлоатирано ќе те освести од мамурлакот. Влегов дома и веднаш седнав зад машината за чукање.

За помалку од еден месец го напишав целото без поголеми потешкотии. Мислев дека ќе имам проблеми со крајот бидејќи приказната сеуште беше актуелна. Некаде по пат зборував и со Меган. Кучка е знам, но секогаш е фер кога ќе и покажам на што работам. Рече дека штом ќе имам некоја посериозна ревизија веднаш ќе зборува со Пит. Знам дека најмалку што може да направи е да го стави сценариото на врвот од купчето.

Го пијам своето виски. Доаѓа Меган. Седнува. VIP е овде. Нејзиниот коктел со разноразни додатоци пристигнува веднаш.
– „Значи, го пречука ли барем три пати?“
– „Готово е Меган.“
Го поместувам пликото од мојата кон нејзината страна на масата. Знам дека Пит може да биде прилично незгоден заради ова, но Меган тврди дека проектот не е мрднат, а Пит е целосно одлучен да направи добар, или подобро речено, успешен филм годинава.
Меган го меша коктелот. Отпива. Долга голтка. Го става пликото во својата ташна и станува.
– „Дојди на забавата задутре Мајкл. Сите ќе бидат таму. Питер сигурно ќе сака да те види тебе.“
Заминува брзо. Зад мене ја слушам како му вели на келнерот да ми донесе уште една чаша виски и сè да стави на нејзина сметка. Меган знае што зборува. Таа му е десна рака на Пит – Питер како што го вика таа. Во бизнисот само цели имиња – знае често да потенцира Меган. И Мајкл наеднаш не звучи така лошо.

Се вратив.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 






 

  д:дома