март
н:николов јордан
г:години:30
п:професија/интереси:студент
(на stand by) на Компаративна книжевност;
м:моментален ангажман: водител,
уредник и радио техничар. Исто така и ДЈ (во група и самостојно)
д:досега објавено: во Тхе Култ
(периодичен весник на Младински Културен Центар-Битола) и Студентски збор
н:нешто за себе (информација од
прва рака): мислам дека сум зависен од еспресо кафе и опсесивно купувам
плочи. Пациент сум и по mountain bikes, ама со тоа не сум во критична
ситуација. Ова со кафето и плочите ме плаши. Можеби треба да побарам
професионална помош :)
e-mail:
yordan@bitola.com.mk
и:интимна историја
на болеста
Пациентот, стар 27 години, студент,
неженет, веќе подолго време се жали на некоординираност, односно
несоодветствување на мислата и пишаниот збор. Наведува потешкотии при
префрлување на хартија одредени созреани и сигурни чувства и ставови.
(Приложува некакви ракописи од, како што потенцира, перфектно замислени
скици на раскази, но не реализирани!). Тешко е истите да се
окарактеризираат, особено од лаик (во таа област) како што сум во случајот
јас (долу потпишаниот др. спец.), но субјектот упорно ги покажува при
секој преглед.
Пациентот се жали на несигурност не само на
книжевен план туку и во одредени (нефиктивни) конкретни ситуации, која
несигурност се должи на личноста, чие име одбива да го спомене (од
суеверие или страв, или пак станува збор за патологија?). При такви, би
рекол, “блиски средби” пациентот го мачи пренагласената емоционална
чувствителност која редовно води кон дисхармонија меѓу замислата и
дејствувањето. Ваквите неприлики (наводно во огромен број случаеви) го
наведуваат овој млад човек да западне во една летаргична и крајно
обесхрабрувачка состојба која тој несвесно ја засилува со изразен цинизам
и невообичаен смисол за хумор со краен (токму спротивен) ефект од оној кој
го посакуваме за негова добросостојба.
Ergo, комплетната комплексна состојба ми
даде за право да извршам целосни испитувања на психо-физичките способности
кај пациентот (поради негова дискреција: Бруно Бразил), и да ги предочам
пред јавноста со цел профилирање (па понатаму и третирање) на овој
своевиден, ќе се осмелам на неблагодарна категоризација:
медицинско-социјален феномен. Се надевам моите претерувања ќе ги оправдам
со наодите кои ги приложувам кон овој текст.
Dr. Med. Љупчо Дуков
(спец. по невропсихијатрија)
54332
ПРИЛОГ КОН ОТПУСНАТА ЛИСТА
на “Бруно Бразил” хоспитализиран на инфективно одд. при Клинички Центар –
Скопје од 12.05. 2005 до 06.07. 2005 год.
Dgn: Status emotio ignotus prolongata *
-МИНАТИ ЗАБОЛУВАЊА: Опериран од хидроцела
тестис; две несреќни љубови и прележани големи сипаници.
-ОД СТАТУСОТ: Објективен наод уреден освен:
ЦЕНТАР ЗА ДИГЕСТИВНА ЕНДОСКОПИЈА
-Храновод: без особености.
--------------------------------------------
* Дијагноза: Пролонгиран емоционално непознат статус (нап. авт.)
- Гастер: Уредна лигавица по целата должина на
желудецот. Сепак, земен примерок за биопсија од чудни израстоци во облик
на кирилични букви по цела површина на желудникот. Антрално се гледа
екстралуминално втиснување, веројатно од тежината на зборовите.
МНЕНИЕ:
Наодите покажуваат (а и впечаток е)
грчевите во стомакот се последица на неискажаност до женската личност и
нејзиниот мирис (кој го влошува заболувањето), фактори кои се среќаваат во
еден од неговите раскази, кои би требало да се разгледуваат повеќе од
колку чиста фикција, и да им се даде поголема тежина во случајов.
Понатаму од наодите индикативна е rtg. снимка на
градниот кош, која на местото каде би требало да е лоциран срцевиот
мускул, прикажува сенка (несвојствена и досега нерегистрирана во
медицинската практика) со големина на тупаница со јасна, недвојбена форма
на солза- онаква каква ја гледаме во цртежите на децата или во стриповите.
Запрашан дали е свесен т.е дали досега
знаел за ваквата внатрешна слика пациентот, подзамислен и не многу
изненаден одговори: “ Не, не бев свесен дека имам сенка од солза на
местото од срцето, ама веројатно затоа вака се чувствувам”.
ПАРАКЛИНИЧКИ НАОДИ: Se (седиментација):
27/35; Er (еритроцити) 3,7; Le (леукоцити) 4,2; Hb (хемоглобин) 120; Le
Formula: 1; Neutro: neutral; Ly (лимфоцити): 0,56; Stereo: On
(Забелешка: крвта во спротивно на општото расположение на пациентот дека е
дремлива и бавна, покажува стадиум на вриење).
СЕРОЛОШКИ АНАЛИЗИ: Јонеско и Маркес за
Бруцелоза- негативни. Директен синтаксичен тест на Еко - позитивен.
МИКРОБИОЛОШКИ: Во два наврата
спермокултурата разиграна.
ОД ТЕКОТ НА БОЛЕСТА: На одделението
третиран со витаминска и мултимедијална терапија (новитет на нашите
простори), со незначително подобрување на општата состојба пропратена со
авторска блокада и неинспиративна празнина и (во краен стадиум) изразена
иронија и цинизам кон се во што не препознава љубов. Поради извршените
многубројни микробиолошки, серолошки и лабараториско-биохемиски анализи
кои не упатуваат на можност за каква било органска генеза на
некоординираноста, односно несоодветствувањето на мислата и пишаниот збор,
за несигурноста и пренагласената емоционална чувствителност, научно-
лекарскиот колегиум (чиј претседавач сум јас, долу потпишаниот) доаѓаме до
шокантен факт дека пациентот во текот на болеста (корените се нејасни и
дискутабилни), развил зависност и (феноменално!) физичка потреба од љубов,
нежност и разбирање од една личност. Сето тоа сублимирано во таа девојка
(за жал се уште непозната), тој наоѓа излез и бегство од медиокритетството
и сивилото на денешницата во која (по негово кажување) се друго му остава
само блуткав вкус во устата.
ЗАКЛУЧОК: За жал пациентот по ни еден основ
не можеме понатаму да го задржиме на инфектолошкото одделение (каква
иронија!) поради неконвенционалноста на неговата инфекција. Не е исклучена
можноста субјектот да го хоспитализираме во иднина (тука ми даваат за
право минатите мошне силни напади при кои се вршени реанимации со најдобри
филмски, литературни и музички остварувања).
Се додека девојката, чии иницијали во форма на кирилични
израстоци ги пронајдовме во желудникот, емотивно не го закрепне и (се
надеваме) целосно заздрави “Бруно Бразил” (алиас земен од омилениот стрип
јунак на болниот), или пак, во друга крајност: додека емоционално и
духовно не затапи и се помири со животарење како, впрочем, и огромен дел
од човештвото, пациентот ќе биде инвалид во секојдневието.
Контрола за 12 месеци.
При повторен преглед болниот треба да ја покаже оваа листа.
Dr. Med. Томе Балковски
(спец. по инфектологија)
64221
ф:формула за смеење
Веќе двесте метри ја сечеше вечерната магла со катаната последен
пат видена во филмовите на Тарантино и, незабележувајќи дека сече нешто за
нијанса потврдо и покомпактно од маглата, слушна како четири дрва (некаде
имаше прочитано дека на далечниот исток четири е помалку од три поради
несовршеноста на парните броеви !?) паѓаат со сé лампионите од
неорганско-снежно потекло, кои беа, не по своја волја, на нив прикачени.
Опсу во знак на извинување кон природата. Опсу облечен модерно. Беше
премногу ладно да биде облечен поинаку.
Да, мечот и маглата налагаат и претпоставуват инаква облека и
самоконтрола при поривот за пцости, но ништо не е како што би требало
деновиве. Денес се псуе како извинување и се носат широки сомотски
панталони фино напикани во длабоки чизми да не се наводенат од снегот или
крвта на непријателот, тоа наместо традиционалната зимска облека. Добра
зимска јакна со крзно околу капуљачата и зимски качкет, на пример.
Но, качкетот ќе го лутеше таа вечер! Сé го лутеше таа вечер. Дури,
налутено, се прашуваше по која обратна логика и перспектива (да не
зборуваме за неприменетоста во трговијата!) четири е помалку од три!
4<3!
Па како очекува источната цивилизација да нé придобие со својата
вплотеност на духовното и прагматичното кога прагматичното поприма нијанси
на мистично! Се позанимава уште некое време со случајните информации што
му прелетуваа низ главата а кои исто така го нервираа до бесвест и тогаш
се запраша зошто, и на кого е толку лут. Јасно, човек денес, и тој е еден
од нив, има милион и една причина да пизди но, никогаш тој не пиздеше до
тој степен да оди наоколу и да сече сé живо со катаната, која исто по
логиката и резонирањето на Истокот прво се запознава со вас па ве сече.
По десетина минути, триесет и пет коли поминати крај него и седум исечени
стебла подоцна, ликот од расказот подзастана и оддалеку би изгледал (кога
маглата би допуштала да биде виден) како човек кој се сетил на нешто. Да,
тој се сети на нешто, само не знаеше точно што е тоа.
Се сеќаваше на фрагмент, па на уште еден, од нешто што му имаше енергија
на екстремно иритантен податок кој не беше сигурен дали некој му го кажал
или го прочитал или, можеби, го видел (и/или слушнал) на телевизија.
Да, нашиот лик беше прилично нервозен во последно време.
Причините задираат длабоко во личните љубовни искуства, се претопуваат со
фин fade in во општествените прилики, оттаму одат во длабочините на
религиските сомнежи, се разводнуваат во монотонијата на секојдневието за
да се појават засилени во мочуриштето од застојани, мувлосани карактери
кои си земаа за право да му се мешаат во интимата, која по сите правила на
човештвото (без разлика на запад или на исток, дали на јужната или на
северната полутопка) има примат на неприкосновеност!
Освен на ова парче земја! Така пак идиме до катаната последен пат видена
во филмовите на Тарантино, и причините зошто ја набави. Тоа е долгичка
приказна, и ако ликот не доживее нервен слом или не го фркне капка,
некогаш, можеби, ќе се позанимаваме со тоа.
Назад на делумните, нејасни, расфрлени делови од речениците кои му паѓаа
на ум. ...Формула... руско потекло... научник... ОР... Американец...
Петок, 7 октомври 2005-та... мажи... поголема смисла за хумор... помалку
аналитичен ум... Две децении интензивно проучување...
И тогаш го плесна!
Тогаш го погоди целосно, без и најмала резерва, зошто е толку изнервиран.
Пред да ви кажам што беше тоа што толку го погоди нашиот лик (отсега во
текстот Л.), дозволете да ви кажам нешто за него.
Л. е комичар. Тој е комичар веќе 15 години, а има 37. Всушност, комичар е
и пред тоа, во приватниот живот, но не беше свесен за тоа. Од мал се
ужаснуваше од кловнови, па почна повеќе свесно отколку инстинктивно да се
насочува кон хуморот кој ретко кој од блиските го користеше (па и
разбираше). Хуморот му се градеше врз филмовите на Браќата Маркс (ама не
тие браќа Маркс!). Му се изгради и од животните прилики и сопствениот
сензибилитет, како и од (тогаш) тешко достапната литература на Flen O’
Brian и Kurt Vonnegut. Се вработи на 21 година во локалниот Народен театар
и хонорарно работеше радио драми и објавуваше кратки раскази под
псевдоними. Пишуваше и фрафити, pro bono.
Инаку, имаше помалку-повеќе вообичаен, по ништо спектакуларен и во ниеден
поглед интересен, возбудлив, храбар, одважен, авантуристички, убиствен,
непредвидлив, или страстен животен пат.
Беше најобичен. Тој и неговиот (дотогашен) животен пат. Немаше прилика да
преживее пад со едрилица од голема височина. Немаше учествувано во масовни
тепачки кои би значеле одбрана на некакви (колку и мали да биле!) идеали,
немаше прилика да учествува во достоинствена татковинска војна, да покрени
демонстрации против било кој, да ја одбрани честа на било која девојка, да
спаси едно животно од садистичките, фашизоидни зоолошки градини. Немаше
освојувано планински врвови, не бил во затвор поради политички чистки или
полициски рации, немаше искусено психоделични дроги, ниту беше застранил
по било кој друг хазарден, примамлив пат за секој нормален, млад,
авантуристички настроен дух.
Напросто: животот му беше досаден.
Му беше досаден, како што животот на неговиот татко е досаден, животот на
неговиот дедо бил досаден, како што му бил досаден и на неговиот прадедо,
и на неговиот пра-прадедо. Тој не сакаше животот на неговото дете да биде
досаден. Тука повторно доаѓаме до катаната последен пат видена во
филмовите на Тарантино. Да, таа има циклично-досадна улога во фактичкото и
симболичното кинење на синџирот на досадата (иронично ама...).
Со неа тој ќе оди (барем така во себе се закани!), во редакцијата на
весникот кој успеа толку многу да го налути и изнервира и драматично и
демонстартивно ќе го пресечи синџирот.
Да, беше тоа новински напис кој задре најдиректно и најдлабоко во
единствената работа во животот во која беше сто насто сигурен дека плива
како риба.
За да разберите подобро што го извади од такт Л. еве го во целост написот
објавен во Дневник од 7 октомври 2005-та:
Откриена
формулата
за смеење
Американскиот научник со руско потекло Игор Кристафович ја
открил формулата за смеење. По две децении интензивни проучувања
Кристафович дошол до историско откритие (!?!) и е подготвен да го сподели
со бројните комичари, актери и политичари на кои хуморот и смеата им се
најпотребни.
-Благодарение на хуморот, човечкиот вид е тука каде што е,
далеку од сите останати суштества што одат по Земјата.Сепак, мажите имаат
поголема смисла за хумор од жените зашто мозокот им е помалку аналитичен
од женскиот. Војната на половите е всушност најжешка на полето на
смеата-вели Кристафович.
По долгогодишните истражувања, д-р Кристафович ја открил
својата тајна-формулата за смеење која гласи:
С=ЛА x СШ/В + ОР,
што значи дека смеата (С) е производ на личната ангажираност
(ЛА) на оној што ја кажува шегата, сложеноста на шегата (СШ), времето (В)
потребно публиката да ја сфати раскажаната шега и општото расположение
(ОР) во кое се наоѓа целата публика. Ако расположението е добро шегата,
под услов да ги содржи дадените елементи (!?!) ќе биде подобро прифатена,
а смеата ќе трае подолго и ќе биде погласна, што е јасен знак на
одобрување за оној што ја кажува шегата. !?!?!?!?!
На Л. никако не му влегуваше в глава од каде му право на д-р Кристафович
да си поигрува со древната вештина и исконска потреба на луѓето кон
смеата. Терапевтските влијанија да не ги спомнуваме! Човекот ни две ни три
застанал да чепка во најкарактерната особина на човечкиот род (да, таа го
дели од остатокот на животинскиот свет!), и по дведецениско, интензивно
проучување дошол до историско откритие во вид на математичка формула!!!
Добро, дали е тој нормален!?
Дваесет години му требаа да сфати дека квалитетот на шегата (т.е.
должината и интензитетот, Господе Боже!!) зависат од личната ангажираност
на кажувачот, сложеноста на истата, времето кое е потребно да се сфати
раскажената шега и општото расположение во кое се наоѓа публиката!? Тоа
истото можеше да му го каже било кој комичар без докторска титула, и тоа
само за 6 минути!
Што е во сето ова она што го извади од памет Л. и што го натера да ја
извлече катаната, заспана на ѕидот, првпат откако е купена (право мало
богатство!), и што го придвижи кон оној што го вреѓа.
Чувството на ништозност!
Тоа чувство веќе не можеше да го поднесе. Не можеше и не сакаше. Не му е
виновна редакцијата. Тие пренесуваат информации кои веројатно се прикажани
и во многу други весници во многу други држави. Не можеше да се справува
веќе со помирливиот начин на кој ги восприемаше, како најбаналните, така и
најсуштествените нешта кои го допираа. На храброста одлучи еднаш да ñ биде
домаќин! (Речникот на Далечниот Исток му се допаѓаше. Беше полн со чисти,
отсечни, убиствени поими кои не ја изгубиле силината и значењето, како
храброст, достоинство, љубов, срам, смрт).
Тој мора да го прекине безличниот, срамен, здодевниот ланец на поколенија
кои мрзливо промарширале низ оваа стварност на овој свет (ете го
убиствениот стил). Неговото дете нема да се срами од таткото. Неговото
дете ќе сака да раскажува за него. Ќе раскажува за тоа како татко му
згнасен од простотилакот и сквернавењето на неговата професија = неговата
личност, од д-р Кристафович, отиде во редакцијата на весникот кој го
објави ова малигно парче текст и, додуша облечен модерно, на традиционален
самурајски начин ја извлече острицата на милион пати кованиот челик на
катаната, и на очиглед на сите присутни седна среде редакцијата крснозе и
по добро увежбаната, драматуршка пауза си го одзеде животот со класично
харикири.
Тоа е она што тој имаше да им каже на уредувачкиот одбор, од прва рака,
од доверливи извори. Толку сериозно и искрено си ја сакаше професијата, и
толку многу го погоди игнорантскиот однос на цела јавност кон достојната
на почит професија: комичар, што сето тоа го сфати пре-лично, и наместо
некого да убие-се уби самиот. Комедијант до крај.
Не е познато дали личната ангажираност (ЛА) на оној кој изврши ритуално
самоубиство (РС), сложеноста на чинот (СЧ), и времето кое е потребно
публиката да ја сфати пораката (В), доведоа до општо расположение (ОР) на
публиката при кое пораката (П) беше примена.
Познато е дека по оваа случка Л. стана своевиден херој-антихерој, кај
тинејџерската популација со кој сите се заебаваја три-четири месеца. Потоа
на никој веќе не му беше смешно тоа што го направи. Странските организации
за заштита на човековите права негодуваа поради вклученоста на крв во
самиот чин. Тој елемент го сметаа за невкусен, инаку, чинот е смешен.
Секако.
Исто така, познато е дека детето на Л. се срами од татко му.