март
с:савески здравко
а:архимед на модерното време
“Не чепкај
ми во круговите!”
Архимед во моментот кога беше убиен
од еден римски војник
-
Извинете, чичко, колку е саатот?
- Саатот?! Што знам? Ноќ е!
“Еј, што чудно детиште!” - си помисли студентот - “Уште не пораснал, а
веќе го интересира колку е саатот. Каде брза? Нека си ужива во животот!
Впрочем, зошто сите толку ги интересира колку е саатот?! Си закачиле оков
околу рацете и саде го гледаат. Што прават? Се радуваат што му робуваат на
времето?! А мислат дека затворениците робуваат! Па нели ним им е сеедно
дали е 5 часот или 7 часот 53 минути и 23 секунди? Глупости!! Јас да бев,
ќе ги укинев саатовите! Па нека пропаднат “Своч” и “Касио”! Што ме
интересира тоа мене!
Требаше да му речам на малиот: 'Точно е 8 без 45.' Ќе го збунев малку.
Впрочем, нека си ги размрда малку виугите, ќе му треба! И од каде тој мене
'чичко'? Ако шетам неизбричан, не значи дека сум чичко! Ах, тој мал
неранимајко!
Туку, кај отидов јас. Е-хе-хеј! А каде бев? Ах, да! Тема, тема, кај да
најдам тема? Почнувам да станувам очаен. А што се глупира пак овој?”
Студентот здогледа еден свирач кој тегнеше една песна, надевајќи се дека
ќе разнежи нечие срце.
“Што глас ќе беше тоа?! Гаврански! Но чекај! Ми даде идеја! А да застанам
и јас како него и да почнам да рецитирам занесно:
Дајте ми тема, дајте ми,
Да видам Охрид, Струга да видам.
Хе, хе, хе. Тоа ќе биде нешто. Само, што ќе ми се Охрид и Струга сред
зима? Лоша идеја, драги мој. Или не! Ѕвониш на нечија врата во Охрид и и'
велиш на некоја бабичка: 'Добар ден. Јас сум турист; сакам да изнајмам
соба!' А таа пак за награда ти пружа една толку интересна фаца со
прашалник во очите: 'Дечко, луд си или мене ми застана саатот едно шест
месеци?' Тоа ќе биде слика. Без сомнение за Нобелова награда за
сликарство. Значи, тема, тема, тема. Каде си, темо моја?”
И одеднаш...
“Не!? Зарем?! Каква поза, каква инспиративност! Ван Гог, чувај си го
престолот! Доаѓам да ти го земам!”
Студентот здогледа една силуета што лежеше во чудна положба. Во
издигнатиот дел крај трговскиот центар силуетата со долниот дел од телото
се протегаше по неговиот раб, а со главата беше нурната во земјата во
неговата средина. Студентот се приближи. Силуетата спиеше.
“Каква положба!” - се восхитуваше студентот - “Чиста инспирација! Гледаш
човек, а мислиш ној е!”
- Господине скитник, дали ќе сакате да ве овековечам во моите слики?
Скитникот молчеше. Студентот дури тогаш забележа дека тој всушност спие.
Не се онерасположи. Напротив, весело додаде:
- Вашето молчење ќе го сметам за позитивен одговор.
Седна во близината и се подготви да црта. Почна со стручно око да го мерка
скитникот.
“Хм, во кој стил да биде сликата? Повторно реализам? Нееее. Преку глава ми
е веќе од тој досаден реализам. Покрај тоа и демоде е. А јас сум млад
човек. А млад човек демоде бидува ли? Неее. Впрочем, ваква модерна поза
заслужува само модернизам.”
Почна да црта. Ентузијазам бликаше од секој негов потег.
- Ух! - извика, станувајќи од цементот врз кој седеше - Па ова студело!...
Нема врска! Ќе цртам простум.
Но нагло се тргна.
- Да, бре! Како порано не се сетив! Птичја перспектива, драги мој, птичја
перспектива, тоа му е лекот!
За миг се надвисна над скитникот и продолжи да црта. Ентузијазмот што го
беше зафатил го извлекуваше најдоброто од него. Од среќа подигруваше секој
атом во него. Кога...
- Што правиш, бре момче?! - го сече еден засипнат глас.
Студентот се стресе. Виде старец што зачудено го гледаше.
- Што те мачи тебе, стари?! – речиси му се развика - Цртам, не гледаш!? А
ти ми пречиш! Ми ја бркаш инспирацијата!
- А бре дете, зошто не го разбудиш човекот? Ќе премрзне на студеното!
- Што знаеш ти, стари, што знаеш?! Ајде, бркај си ја работата!
- Синко, не може вака. Ќе премрзне човекот! Ќе го разбудам.
- Не! - се стаписа студентот фаќајќи го старецот за рака. - Не чепкај ми
во инспирацијата!
И го истурка старецот.
- Ајде, врви си по патот! Еј, што чудак!
Воздивна длабоко за да се смири и се сврти кон скитникот. Вџашеност
извираше од неговиот поглед - скитникот се беше разбудил.
- Што се случува овде? - запраша тој.
- Ништо, ништо - возврати студентот.
Скитникот стана и веќе тргна да си оди. Искрата надеж кај студентот дека
ќе го убеди скитникот да позира уште веднаш се распрсна од
незаинтересираноста на скитникот, кој потполно заборави на него и пополека
си замина. Бес го опфати. Сакаше да го брка старецот за да се пресмета. Не
можеше да го види. Се сети: “Па можам да му дадам пари за да ми позира!”
Се сврти во насоката во која замина скитникот. Ни трага од него. Студентот
снеможено седна на цементот. “Целиот свет е против мене!” - помисли. Го
погледна тажно своето само начнато ремек дело. Тага проструи низ неговото
тело. “Што да се прави” - си рече потиштено и продолжи да црта. Но без
радост. Без задоволство. Инспирацијата го беше напуштила. Веќе не беше
сигурен дека ќе добие Нобелова награда за сликарство.