т:темплум  


2007:март/април
општ конкурс


б:бојковски милко




 

д:денови како бели коњи

Таа нема никого; освен сонцето и мене
Борисав Станковиќ
 

Деновите поминати крај неа наликуваа на бели коњи кои неповратно се губеа позади високиот рид. Дури и кога сонцето ќе се повлечеше некаде зад големите оџаци, начичканите облакодери, затварајќи ги очите сеуште можев да го слушнам нивниот одек во мојата глава. Моќни копита. Се прашував каде брзаат. Целиот град се сокриваше во длабока сенка и сите животинки се прибираа во своите дупки со надеж дека ќе ја изгаснат својата жед. Луѓето стануваа само црни точки коишто се губеа на големото сино платно. Асфалтот беше празен и навлажнет од солената пот додека на долгиот фустан засушуваа моите контури. Од онаа вечер. Кога лебдев мирно закачен на нејзините усни. Ја посетував два пати неделно. Живееше сама во викендичка која и ја беше оставил татко и. И носев разни супи, домати, слатко од дуњи, се што се наоѓаше на пазар. Нешто од тоа и праќаше и мајка ми. Возев до таму точно 42 километри. Секогаш ме пречекуваше со нестрпливост. Јас бев нејзината единствена врска со светот. Седеше на тремот и со одсутен поглед беше втренчена во своите стопала. Омилениот дел од нејзиното тело. До неа лежеше стариот Хенри. Секогаш раздразнет и подготвен за игра. Скокаше наоколу и со своите шепи ми се качуваше на стомакот. Таа само љубопитно не набљудуваше и се смееше при секое мое паѓање во тревата. Ми велеше дека повеќе не можам да го издржам и дека многу лесно ме совладува. Потоа заедно влегувавме внатре и таа ја подготвуваше вечерата. Помагав при сечење на продуктите додека таа го правеше останатото. Носев дрва и го наложував огнот. Беше убаво, двајца луѓе заедно. Се лулав на фотелјата и помислував на нејзино враќање. Колку нештата би биле различни. Не и поставував никакви прашања ниту очекував некакви одговори. Тоа беше нејзин избор а не мој. Ние двајцата всушност не се ни познававме но моите посети беа повеќе од обично пополнување на времето. Таа го знаеше тоа. Иако не бев вљубен во неа сепак ми беше драга. И кажав за слаткото кое и го праќаше мајка ми. За време на вечерата беше тивка. Ми кажа само дека Хенри наскоро ќе си замине и дека тогаш ќе остане целосно сама. Стар е рече. Сега има точно седумдесет човечки години. Претпоставував како се чувствува. Некаков гест требаше да го оправда мојот молк. Не реков ништо. Во нејзините очи гаснеше сета светлина која ја исполнуваше собата. Таа ја раскрена масата. Добра ноќ.

По пат накај дома мислев на нејзината реченица. Она што не храни тоа и не убива. Да така рече. Мислеше на луѓето. Замислете оној што по дефиниција би требало да ве заштитува да ве дави. Помислив на сериски убиец маскиран во полицаец. Лудо а? Но таква е човечката природа деструктивна и чудна. Премногу интровертни луѓе раѓа модерното општество. Намерно ги прави такви. Разни класи, разни раси. Сите наредени и задоволни во своите калапи. Секојдневно поминувам покрај нивните автомобили, банки, фирми. Општ дефицит на чувства. Велат уметноста е во криза. Целиот свет е вакумизиран. Драмите се израз на невиден простилак, ко некого да го боли за тоа. Не знам каква е вашата природа но со сигурност знам каква е мојата. Ми треба сон. Дома. Мајка ми седи во претсобјето. Татко ми р'чи во спалната.

- Пак беше кај неа?
- Аха.
- Знаеш, жал ми е за таа девојка. Откако почина татко и ништо не е како што треба.
- Мислам дека сега е подобро.
- Се надевам дека е така. Таа девојка премногу рано се предаде. Оди легни си, утре рано треба да станеш за на работа.

Следните денови не се чувствував баш најдобро. Повраќав. На работа бев расеан. Чуствував дека нешто не е во ред. Одвај чекав да дојде викенд. Зошто мораше да биде толку тврдоглава и да живее така. Оддалечена од се. Потоната во тишина, одбивајќи да се соочи со било што. Животот е еден голем overdose. Намерно ги одбегнуваше луѓето и беше длабоко уверена дека не заслужуваат втора шанса. Таа немаше никого да и каже дека припаѓа некаде. Можеби таквата помисла си го сторила своето. Сето друго е навика. После работа отидов кај нејзе. Ја немаше на тремот. Вратата од задниот влез беше отклучена. Ја барав насекаде но изгледаше попусто. Се сетив на градината. Тоа беше мало местенце преполно со цвеќиња кое таа само го уредуваше. Седеше во тревата со скрстени нозе а во рацете и беше Хенри. Изгледаше избезумено. Беше расплакана. Ја прегрнав. Почна вознемирено да пелтечи.

- Ми умре на раце... не можев ништо да сторам... стопирав... беше предоцна... она од коешто најповеќе се плашев тоа и се случи... јас сум виновна за се... мојата потреба го уби...

Се обвинуваше себе си додека јас стоев настрана, вкочанет и во неможност да изговорам било што. Чувствував блага зашеметеност врз моите тешки капаци. Зедов две лопати од подрумот, го преместив Хенри во близина на градината и започнав да копам. Сонцето паѓаше во длабочина на дупката во која ги закопував сите нејзини лоши сеќавања. Низ нејзините прамени струеше слаб ветер. Тие прославуваа нечие враќање. Можеби за таа одлука имаше влијание и смртта на Хенри. Можеби. Градината остана нема. Истиот автопат. Деновите поминати крај неа наликуваа на бели коњи кои бесцелно се губеа зад високиот рид. Некогаш се прашував каде брзаат, повеќе не. Сега знам, да сега знам.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




















































































 

  д:дома