т:темплум  


2007:март/април
жанровски конкурс


з:зајковски драган

г:години:31
п:професија:магистер по историски науки
д:досега објавено:нема

н:гнешто за себе:професионален блог кибицер



 

п:провинцијалка

Двајцата броеја по 23. Он од Скопје, а Тина од провинција. Се знаеја веќе 4 години. Заедно студираа и неретко пиеја чај во „Багдад – кафе“ во Безистен. Беа само другари. Додуша он ја имаше искибицирано уште за време на часовите по физичко на Олимписки базен. Згодна колегињица. Но, освен неколку пријателски гушкања и бакнежи у образ, немаше ништо сериозно меѓу нив. Не ни помислуваше на тоа. Го интересираа некои други колешки.

Ниту, пак, она беше нешто којзнае колку заинтересирана за него. Носеше маички на прерамки и прстен подарок од дечкото. Се фалеше дека се во сериозна врска уште од прва средно.

***

Таа, 1998-ма беше година на Змејот. Љубчо и Циле ги прегазија бранковци, Македонија го призна Тајван, Кирчо плачеше пред камери, а Тина повеќе не беше ладна кон својот колега. Напротив. Мали кокетирања, неколкудневен романтичен флерт и фронтален напад. Тој јануарски ден, додека сите го чекаа снегот и се жалеа дека е проклето ладно – во оние катакомби на Филозофски, чекајќи за потписи – таа прва го прегрна. Му рече дека не и е сеедно. Веднаш, потоа, прва се посегна да го бакне. Тој соодветно одговори. И баш го болеше за доцнењето на снегот и скопскиот сув студ. Му дојде топло на душата.

***

Таа зима снегот падна дури во февруари. Сечко полуде. Улиците стакло. Сакавте снег – Ете ви снег. Единствено децата се радуваа. И он беше среќен. Но не поради снегот.
Тоа февруарско попладне возот Белград - Солун доцнеше. Се стутка до него. Некој од горе намерно го беше отворил небото и ги местеше коцките.
„Ваков снег немало оддамна“ – евоцираше спомени тетката која седеше до нив во чекалната.
А возот упорно доцнеше, ли доцнеше. Се јави дома да каже дека ќе спие кај другарка од Скопје. Излажа.

***

Веќе во април снегот беше заборавен. Дојдоа дождовите и подготовките за Велигден. Црвени јајца, илјадници свеќи кои треперат во ноќта, две срца сред толпата од верници и неверници; две силуети сред масата од грешници. Му кажа дека ја притискаат нејзините на веридба. Но не за него, туку за „љубовта“ од средно. Она као неќе, ама мора. Што ќе кажеле нејзините. Оделе заедно веќе 6 години.
„Па ако толку и се свиѓа на мајка ти, тогаш она нека се мажи за него. Не сакам да те делам со никого“.
„И мене ми е тешко“ – се правдаше она.
„Аха, ептен ти е тешко со два кура“ – рече, а не мислеше така. Шлаканица. Го здоболе до срце. Плачење.
„Извини. Само тебе те сакам“. И обавезно гушкање.

„Батали ги твоите. Кој ги ебе. Избегај“
„Што збориш, бре будало. Знаеш дека татко ми е џандар“
„Е ако де“
„Не е така“
„А како е?“
„Морам“
„Тогаш кој те ебе!!!“
„И тебе кој те ебе. Така да знаеш.“
„Знам.“

***

Септемвриска сесија, циганско лето и парк обоен во жолто. Златна алка на нејзината рака и вереничко ланче со крвче на вратот. Му кажа дека згрешила и дека не е доцна. Во последен момент ќе го кажела историското НЕ. Исто како Тито на Сталин.

***

Ноември и мирис на паднато лисје. Додека шеташе на кејот – над Скопје се чувствуваше чудно примирје. Му се стори дека северното ветре му влегува во коските, а на Косово вриеше. НАТО се спремаше да ја „удри“ Србија, а ѓаволот повторно ликуваше палејќи ги своите кандила над Балканите. Тој ноември Тина ги донесе фотографиите од свадбата на факултет. Сите се збираа да ги видат. Као никогаш да не виделе свадба.
„Леле колку си убава“. И навистина беше.

Не ја виде никогаш повеќе. Дојдоа други грижи и амбиции.
„Никогаш не сум ја сакал. Кој ја ебе“ – ги убедуваше другарите. Потоа слушна дека Тина родила. Се убеди дека му е сеедно.

***

„Животот би бил досаден и монотон
доколку не се состои од непредвидливи нешта“
анонимен мудрец

Тој април пролетта доцнеше. Отиде на викенд во Охрид. Во хотелот едно чудо деца донесени на ескурзија. Додека го чекаше лифтот некој го буцна по грбот.

„Кај си бе машко. Те неам видено со години“

Се заврте и ја препозна Тина. Беше истата. Можеби малку здебелена, со стара фарба и потшишана коса. Се вработила како наставничка и ја „спупиле“ да ги носи учениците на ескурзија.

„Морам да ги сместам децава. Ај после на раат да се видиме. Важи?“ – рече. „Уште си истиот да знаеш“.
„И ти си истата“ – одговори он. А ниту он, ниту, пак, она, беа истите.

Во хотелското бифе седнаа еден спроти друг. Имаа многу што да си кажат. Додуша како по обичај, он повеќе молчеше и слушаше, а она – Ех она – во тесни фармерки и дискретна шминка – нон стоп уста не затвараше.

„Имам две деце“ – се пофали.
„Очигледно за овие шест години не си губела време “ – му излета без намера. Ама наместо да се налути, Тина заповеда: „Дете, ај наточи по уште еден бренди“ – и почна да се жали од свекрвата, од свекорот, од мажот....

Стана од фотељата и го бакна оставајќи му влажен отисок на образот.
„Невена, вечер, ќе ги носи децава во диско. Мене не ми се оди. Ме боли глава“ – се смешкаше. „Јас сум во соба 327. Нека помине девет и чукни на вратата“.

За момент цела една заборавена историја повторно оживеа.

Наслушнување и благо потчукнување на вратата. Му отвори. Носеше некоја од нејзините маички на прерамки. Прва го прегрна. Се посегна да го бакне. Тој вешто се тргна. Побара вино. Додека го отвораше второто шише и призна:
„Дали знаеш дека тој 12-ти ноември купив карта за воз. Сакав да ти упаднам у матично као на филм“.
„Ќе беше интересно. Свекрва ми ќе се шлогираше“
„Ама претходно ја здрвив главата. Со Радиш, Секи и Шаман се напраивме ѓубриња у Феријално. Ме пишманија.“

По второто, дојде и третото шише Александрија. Негде пред полноќ Тина заспа мртва пијана. Ја соблече и ја легна во креветот. Додека ја покриваше со излитеното хотелско ќебе ја бакна во косата. Од некаде го познаваше тој вкус. Излезе на прсти.

***

Се разбуди пред 10 часот. Мамурлакот силно го беше стегнал, но сепак, чувствуваше некое олеснување. Историската сага наречена Тина заврши. Конечно успеа да го затвори тоа поглавје од сопствената историја.
Негде пред прва наплатна кај Гостивар, доби СМС порака. Тина му пишуваше: „Извини за се и Благодарам“. Не и одговори. А и немаше потреба. Тој никогаш вистински и се немаше налутено. Впрочем, како може да се лути на единствената девојка која вистински ја сакал. Барем досега.
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања
















































































































































 

  д:дома