2007:март/април
општ
конкурс
ј:јованов јане
н:на брегот
Седејќи на брегот на
росното цвеќе и морето го меркаше како грабливец и пеперутка во лет.
Песокот како напасни лебарки му навлегуваше меѓу прстите да му каже дека е
овде да му биде пријател, да држи рамнотежа за да свест не се изгуби. И го
совлада песокот, го држеше во рамка, истоштено со криви линии мрдаше и
тоталитарно посакуваше да го обои во црвено и светло па да го пушти така,
опустошен да ја чека следната плима.
Рацете му беа крунисани со делата на поданиците на родот негов. Тие цврсто
капеа низ ветрот кој што доаѓаше од спротивната страна негова, тој
просторот што ни најголемите мајстори на ножовите не успеаа никогаш да го
исечат, како виртуозите со телото не успеаа да го гушнат во мирна
прегратка и успокојат. Тие жалеа за непрежалената супернова во нивнот
досег, ниту сулфурната киселина не успеа да им го оддели тоа златното во
нив, физичарите не можеа да се изначудат како овие раце го прекршуваа
кеплеровиот закон, литератите сето тоа го објаснија со одлишната
метафизика, докторите само се почешаа по вратовите и рекоа дека
пеперутките во мај ќе се тука... Еве, тука беа и двете, една сестра и
друга сестра, а не се поднесуваа па пак работеа заедно.
Меѓупросторот со обичниот човек и зелениот густ океан со неговата
корумпирана моќ да ги привлекува исплашените басни и мисли на овдешниве
беше преградена со стакленица за која имав длабоки сомнежи за
автентичноста на ѕвездите кои ми ги покажуваше како нацртани ликови од
некоја оперска претстава на Чајковски, но во ноќ, во апсолутна ноќ,
морбидна и зелена, разгалена и за готвење. Таа дводимензионална стакленица
ја мразев, а ми велеа дека ме сака – на свој сопствен валкан и измислен
јазик ми велеа дека ме сака, а ја мразев и презирав иако сите призраци и
доблести беа овековечени во издржливоста и нескршливоста на обичниот збор.
Сакав да тргнам и да ја повредам, тргнав, тргнав и застанав – па се
вратив. Пак седнав. Сега ме возврати во бедата таа полумесечина и дупките
кои ќе ги направев поголеми да имав шанса, и ќе бев орел за да очите ги
видоа подобро од погоре но не можев, оти си го слушав мојот сопствен здив
и се враќав на срамната позиција – одново. Срамно, со мотив и желба а без
средство ќе се фрлев на сечилото на издупчената полусфера.
Со очите се гледаше себеси, и рацете и сферата – со дупки. Брановите од
левата страна замрзнуваа пред неговиот досег, пред самата стакленица, пред
виртуелните ѕвезди што му ги кажуваа прастарите. Брановите од десната
страна запалуваа се што беше маркирано како мисла. Последните неколку го
збунија, замислија и вратија назад. Пак ги гледаше – илјадници маршови на
невидливи армии и артилерии со боја бела на врвот како ударна сила се
удираа од стакленицата и пак како помирени со капитулацијата се враќаа
назад, посрамени во нивните подземни мисли... Минута и неколку, две минути
- три минути и тие остануваа назад за пак сферата да им ја подари
фантазијата и имагинацијата, а зеленото чудовиште од океан довербата во
некоја можна победа. Понатаму останаа само црните дупки меѓу стакленицата
и имагинарните ѕвезди што те голтаа па по неколку секунди беше мртов,
неподвижен, а потоа пак збунет.
Не можев понатаму, го зедов весникот, покрив главата и прекинаа илузиите
за стакленицата која не ја имав, ниту тие што ја измислија. Тешко ми беше
да ги надополнам резервите на сон вечерта после гнасното и безобразно
исцрпување на сите резерви сон од мене. Пак ми беше срам...
ш:шансона...
Ни најмалку не се
посомневав дека ќе ја насочи Месечината да пее против мене, а компонираше
најиздегустирани ноти на француски курвински парфеми, потсеќаше на
француските коцки од позлатени младешки сказни... Животот миговен го
помина во најмала рака детинесто низ планините кои косеа силни стогови
цврсти спомени, чекаа поволни потреси за меки обиди и разнежнување на
малите и нокти кои шетаа по неколку видови грубијанска кожа. Јас како и да
е, чекав, на блажените радуги седев со денови, секоја стрелкичка од
градските часовници ги скокоткаше моите задоволства и го полнеше мојот
испразнет пехар со таков хедонизам, така ме разгалуваа и ми кажуваа да го
заборавам времето и да се посветам на волшебните кроасани на Париз.
Еден ден ми се обрати со невозможно детинесто и во исто време лице на
проститутка, со јаболчници на пеперутка во полн сјај, подготвена да вади
молби за парење од сите околу неа, толку невина со нејзините атомски
реакции и овации на светлина во очите, ги мелеше француските улици како
вафли во рацете на разгалено чоколадно дете.
Мадмозаел, твоиве џебови не можат да ја носат мојата суровост, па и
твојава коса да ги задржи моиве погледи. Вие како леди-пикант знаете дека
носите парчиња мразови под моите стапала и ме приморувате да скокам околу
вас како куче спремно за игра или тигар спремен да го вкуси реткото
месесто овошје што му е забрането.
Таа чекореше живо и снажно по коцките гранит – тие метаморфозираа и се
претвораа во чоколада по патот кон Лувр, чинеа симфонии чоколадни коцки во
сопственост на дами кои мразат чоколада. Лудите невидливи ѕверови
прошишуваа секаде околу нив, врз нив, под нив, на нив – секаде допираа
бессрамните безбојници – вратот го виеја, косата ја шиеја, срамниот фустан
го лепеа до нежните праскови кожи, баш од нив се цедеше силата и се
празнеше егото...
Бессрамни, бессрамни семафори го менуваа правецот на стрелките и правеа
хаоси на улиците на Париз, досадни трепкачи се активираа пред нив и
исклучуваа после нив, рој мравки се криеја во земјотресното засолниште со
појавата на придвижувачите на асфалтната кора, звучни бранови со мал допир
за желба за вечерен секс се носеа од локалните кафетерии кои занемуваа при
силното сонце и вечерната месечина што се движеше по тротоарите кон
Лувр...
д:детенцето со
сијалиците
Прелетувајќи над
изморените планини со преливи од различни бои и изморени облаци кои се
тегавеа по врвовите на планините и ги довикуваа симболите на небесата да
им донесат и ним неколку залихи на ветер, се шеткаше таму горе и едно
детуле со неговите сијалици скриени во џебовите на неговата голема и
волшебна јакна со орган за слушање и мотив за летање. Тој трчкаше по
падините на вибрациите во воздухот и степените на притисок што наликуваа
на спирални метални скали, само невидиливи и се вртеа на толку различни
начини, што очите дури не ги забележуваа откраднатите слики од нивните
бокови.
До детенцето долета едно нилско коњче, видно разочарано, и му се пожали за
врелината на водата каде живеат.
Ами, нели си овде! Во небесите!
Сум – одговори малото коњче...
Остани! Еве, ќе ти дадам една сијалица и ќе ти помогне да бидеш каде сакаш
и да ти се исполни половина желба.
Коњчето му се заблагодари на детенцето и продолжи несмасно да плива по
потоците од бранови во воздухот.
Една трка се одржуваше помеѓу класата на африкански животни и детенцето
многу се заинтересира за таа трка каде се надвиснуваа облаци со жолтина на
песок и добрина на африкански мали глави и светлина на дијаманти од
земјите на добрата на добриот народ. Му се приближи уште едно детенце од
редот на спектаторите со излитена јакна со желба за летање и премногу
засолени лепчиња со него. Црното детенце се пожали дека тркачите само се
борат за десоленизација на нивните непца, и го замоли детенцето со
сијалиците во најразновидни бои да му помогне и нему, и на сите за солта
што ги сушеше нивните панделки на добрината.
Јас ќе ти помогнам добро детенце, земи ја бочвата со сол и еве ти ја оваа
сина сијалица...
Ти благодарам, ти благодарам... Само – што да правам со сијалицава?...
Таа ќе ви го осветли патот понатаму, само направи како што ти велам, сина
е бојата која ја немате...
Така и направија... Понатаму не се знае што се случи со нив.
Како и да е, детенцето со прекрасните сијалици во прекрасни бои не остана
сам по патот околу небесите на планетата. Тој сретна уште едно миловидно
морско суштество кое светеше како изморен семафор и ги држеше возачите на
коралните гребени збунети и нервозни, а како казна мораше да ги насочува
изгубените суштества по нивниот пат во морето. Светлечката риба се довери
на детенцето со прекрасните сијалици во прекрасни бои за проблемот со кој
се соочува, за истоштеноста и еднобојноста на нејзината кожа... Детенцето
повторно извади од џебот неколку сијалици и и ги даде на изморената риба и
таа повторно се нурна како стрела кон морето.
- Нека се, тие ќе им донесат мир прегладнетите корали и дозволи за пробив
на светлината кај вашите морски патишта со суштествата кои чекаат да
напредуваат и да одат понатаму.
Неговите сијалици го наоѓаа своето место во секоја дупкичка, во секое
отворче на сината магија. Тие се поклопуваа со цртите со кои беше
обликувана месноста, континетот, планетата... Имаше и заинтересирани кои
застануваа меѓу првите за да ги осветли новата парада на светлина, тие
чекаа и сакаа да бидат први засенети од неа, потоа тие ја предаваа не
соседните до нив, тие на другите до нив, од нив па до нив и преку нив до
сите нив. Тие страдаа за да не ги искористуваат своите садистички
можности, тие повторно први ја примаа светлината и беа просветлувани за
пак да се фалат на поголемите и помалите дека биле први во редот за
светлина – како истоштени баби во редица пред продавници ги колнеа и
плукаа се во себе, оти знаеја оти тие се криви и намерно се истоштуваа
понатаму...
Малото детуле со сијалиците во разни бои почна да дели низ многумина од
суштествата на земјата од неговите сијалици за да ги излекува од нивната
примордијалност. Над него врискаа женски гласови носени со километри, се
потчинуваа тие најдолните за да повторно бидат потчинети и осакатени и
омаловажени. Детенцето сеуште не се заморуваше оти знаеше дека носи
светлина и плива на светлина и е носен од светлината. За да ја засилат
светлината и да не дозволат да згасне направија лавиринти од огледала за
да ја добијат назад светлината. Детенцето се смееше со денови и со денови
леташе по рамнините и височините на земјата, него го гледаа и му мавтаа
раце за да знае дека мислат на него. За него почнаа да шират и звуци на
музика од светлина и да прават копии на неговите чекори за да ја доловат
добротата самите за што и не успеваа.
Набргу потоа на некои им здосади чекањето и добротата па им наплиснаа зли
мисли во главите и почнаа да го гледаат милото детенце со прекрасните
сијалици во секакви прекрасни бои и решија да го симнат од неговото шетање
таму горе, оти беа проклети, оти беа зли. Детето беше над нив, а тие беа
под него, и тоа страшно ги фрустрираше. И покрај добрината, тие не гледаа
добрина во добрината, туку зло во добрината, односно се повеќе добро од
доброто. Тие ненаситници зедоа алати, зедоа гревови и го симнаа детето од
патеката по која светлината го носеше. И неколку дена потоа беа наполно
задоволни од нивното дело се до моментот кога пак почнаа да бараат зло во
доброто и повеќе добро во добрината. Проклетите секогаш остануваа
проклети, и секој нов милениум се попроклети, осудени да се јадат самите
себеси, отпочеток апстрактно, а можеби за некое време и буквално.
в:верн, моја измама,
ваша хумореска
„Човекот што го бараше мили не беше дома, така ми рекоа во полиција“
„Ама, идиотке, и куче да беше полесно ќе го најдеше, оти го изгуби, оти се
изгуби мори!“
„Јас ти кажав оти рибата не требаше да ја носиш в долина, знаеше дека ќе
ја бара!“
„Сус мори, оди побарај го тоа кислородот сега, оди да не ме лутиш, ОДИ!“
Отиде до соседниот поплавен компартмент и донесе нешто што личеше на тегло
поминато низ неколку улични борби со скитниците.
„Користи го мудро, тоа е сега меѓу ретките залихи што ни останаа...“
„... ‘“’&’%&%’*’%’%&“’‘„“
„Диши сега, и не пуштај никакви звуци, само диши“
Се врати во своето дувло со милијарди планктони и Жил Верн во сенката на
нејасната светлина што се појавуваше преку нискиот морнарски прозор со
неверојатно глупа имитација на елипсоида.
„Тишина, тишина...“ - им зборуваше на исплашените морски животинчиња;
„Тихо нека биде, сега ќе дојде плимата, после и осеката ќе настапи, ќе
дојде и вашето време, само тишина.“
Се повлече тивко низ каналите на морскиот живот, низ мислите за
десоленизираната вода и навлажнетиот лебец.
Но малите животинки и` беа како инструмент за исповед, понекогаш и
проповед...
„Тишина реков - денеска ќе го пратам да оди горе, јас ќе го изнесам, нека
се надиши од тоа воздухот горе, нека види завиност, нека умри кога веќе
почнал да диши воздух. Знаеше дека е забранет, знаеше, знаеше дека ќе
умре, а му велев, рикав ко исплашена плашица и создавав милијарди
меурчиња... Да имаше ајкули, ќе заплачеа со мене рамо до рамо... Сега
морам пред вас, и пред книгава надводна на плачам... Верн мисли дека е
толку просто да си овде, нека мисли така - го мразам, не издржувам овде со
него, веднаш го носам над вода, веднаш нека вдиши толку колку да
умре...“
Од акцијата до афектот немаше многу разлика во нејзиното време и времето
во океанот. Го зеде маж и` кој се беше навоздухал до несвест, го бутна
полека нагоре и овој почна лесно и неверојатно глатко да лебди од
полутемнината кон светлината на денот и изобилието на смртоносниот воздух.
„Нека види како е да си горе, како е да си Верн, како е да те плукаат и
мијат нозете со твојот воздух...“