2007:март/април
општ
конкурс
м:маркоска марта
к:која вера?!
Длабоко во себе бев
уверена дека ТАА беше виновна за сé. Навистина пресудата кој на кого му е
виновен е неисправна и неиздржана, а давањето обвиненија однапред, ве тера
да ја заземете мојата страна, но јас го темелно го испитав тоа и сега ќе
ви кажам како се случи.
Се започна во Декември пред почетокот на Новата Година, кога правевме
планови за нашиот тридневен аранжман во хотелот Александрија. Беше
договорено: апартман 203, поглед на море, прекрасен брачен балдахин, кујна
полна со изненадувања. Можете ли да замислите, тој ми откажа, како да се
работи за некоја секојдневна, вообичаена, банална, здодевна или
депласирана работа, а не за романтичен дочек на Новата Година со саканата
жена. Иако по некој период му го простив тоа и се чинеше дека за кратко
време сé ќе си дојде на свое место, се случи уште едно негово извинување
дека не може да дојде на закажаниот состанок, во нашето до вчера омилено
бифе. Но да беше само уште тоа...Неколку дена по безизлезното прифаќање на
неговите хирови и помирувањето дека со ваков човек треба да си го поминам
остатокот од животот (личен став кој не можеше да најде свое логично
опрадување, но секогаш беше присутен), тој имаше смелост да ја избегне
средбата предвидена за нашите вообичаени убави неделни прошетки низ
паркот. Ќе речам: луѓе сме, се случува да се погреши нели, ама ова веќе
беше претерано. Кога се обидов да му телефонирам за да му го кажам
пресудното, дознав дека навистина за сé беше крива ТАА - ми кажаа дека
прво му го одзела здивот, му нанела неподнсливо ужасни главоболки,
вкочанетост на екстремиетите, симптоми на грчење и дијареа, нагли промени
на температурата, треска, студена пот низ целото тело и на крајот ужасни
црвени мозолчиња.
Се распрашував за него, за неа. Мислам дека се викаше Вариола Вера.
н:нека е на -
здравје!
Умирам од здодевност, паѓам во очај, поточно, повеќе од ова не можам да
паднам (или можам?). Добро, ако мора да биде така, но сакам барем да
верувам дека сум на најдолното дно, онака, чисто заради суета. Ако веќе не
можaм да го достигнaм врвот, барем дозволите ми да се гордеам што сум го
допрела дното (кој знае можеби некогаш некој, ќе го заврти песочниот
часовник). А тоа чувство на самозадоволување (било да е со прстот на едно
место или инаку), не може никој да ви го одземе.
Знаете, така тврдат и најголемите психолози, дека кога сте онеспособени да
се изразувате креативно (каков што е случајот со мене, затоа и ви
пишувам), вашата потисната потенцијална енергија, ќе премине во кинетичко
деструктивна. Тоа било, ете, некаков закон на природата. Еве и мене ми се
случува. Ми се случува?! Значи не сум никаков исклучок од правилото?! Е
дури сега ми доаѓа да се убијам. А постојано мислев дека сум нешто
посебно.
Од пред извесно време почнав да читам исклучиво стручна литература од
областа на психологијата односно (да не бидам еуфемист) психијатријата, и
откако се пронајдов во речиси повеќето патолошки случаи, дури тогаш маф ми
беше работата. Не можев да најдам ниту едно нешто што ме издвојува од
другите. Не можев да најдам доволна причина што го прави мојот живот
поразличен од животот на другите. Кога одеднаш се сетив: ќе измислам некој
нов термин за некаква си нова болест што ќе ме карактеризира само мене, и
јас, така да речам, ќе бидам основачот на таа болест. По весниците ќе
пишува: “...страшната и неизлечива болест, “таа и таа”, која ја покоси
Европа и е прогласена за чума на совремието, ја прошири личноста по
име....” Така, утре, после, мноооогу години, таа болест ќе биде позната по
моето име. И така бидна.
Си ветив дека од утре ќе бидам “парадентошизомазо-патохомосаурус”
или просто речено, мојата болест се добиваше, што би рекол големиот Волтер
(ете, и овој пат морам да позајмувам туѓа изрека), кога А-Б, ќе се помножи
со Д, а нивниот резултат ќе се подели со Ф, или обратно беше, не знам. И
не е ниту важно, но, да не беше таа болеста од која изумреле
динусаурусите? Она “саурус” на крајот некако ми е сомнително, ама тоа
сега, навистина, е незначајно, нема враќање, збогум драги мои, јас сум
неизлечиво болна.