т:темплум  


2007:март/април
жанровски конкурс


м:муцко

г:години:30
н:нешто за себе: Ја знам најголемата тајна, Тајната на Универзумот
emperor.mucko@gmail.com



 

ќ:ќемал и Елени

Шеснаесетгодишниот Мустафа Ќемал во пролетта на 1897 година учеше во вториот клас во турската Воена Академија во Битола, а дотогаш уште немаше добра прилика да го запознае градот. За празникот Велигден христијаните се имаа променето во нова облека, а куќите им беа исчистени и свежо варосани. За да го види градот во најдобро светло, Мустафа ја искористи неработната Велика Сабота за прошетка низ легендарниот Широк Сокак. На чардакот на една голема чорбаџиска куќа, во близина на сегашниов хотел „Епинал“, тој забележа една убава девојка, облечена во долг нов фустан од бела свила, навезен со златносончева срма и обрабен со црвено кадифе. Оти не беше сигурен дали ќе го разбере на турски, Мустафа се сети да ú се обрати покултурно на француски јазик, што го учеше во Академијата:
– Госпоѓице, дали ќе можете да се симнете од чардакот?
– Со задоволство! – одговори девојката на француски и се симна на Широк сокак. Мустафа продолжи да ú се восхитува на француски:
– Кога бевте горе на чардакот, не бев сигурен дали го гледам отсјајот на Сонцето во прозорецот, или Вашето лице! Како се викате?
– Јас сум госпоѓица Елени, ќерка на трговецот Ефтим Кринте – рече и му ја подаде раката. Мустафа ú ја бакна раката, како што беше западноевропски обичај. Допирот со нејзината мека кожа беше толку нежен, што неговиот восхит премина во додворување:
– За Вашата рака, госпоѓице Елени, вреди да војувам со години, како што Менелај војувал за својата Елена!
Елени беше свесна за неговата искреност, па така започна нивната љубовна романса. За жал, во тоа конзервативно време на крајот на XIX век, нивната меѓурелигиска врска беше забранета љубов.
*
Далеку од злите очи на чаршијата, се договорија да се сретнат во една колиба во лозјата на чорбаџи Ефтим крај битолското село Лавци.
– Знаеш – ú призна Мустафа – турчинките го кријат лицето со фереџе, како што налага исламскиот Шеријат. Искрено ти велам, до тој ден немав видено толку убаво лице како твоето!
– Ти верувам, – потврди Елени – но кога би се омажила за тебе, не би ми било пријатно и јас да носам фереџе!
– Не грижи се, нема да те терам на тоа! Нека видат сите колку убава жена има Мустафа Ќемал, и нека љубоморат на тоа! А ако еден ден дојдам на власт, ќе го укинам тоа носење на фереџиња, па и целиот тој глупав Шеријатски закон! Ги читам забранетите книги од Волтер и Русо, во кои се зборува дека во светот треба да се воведат поинакви закони, и цел нов вид општествен поредок: демократија! Туку... дали рече на шега, или навистина би се омажила за мене?
– Навистина! – по кратко премислување, тивко изусти Елени.
– Тогаш ич да не чекаме, да појдеме кај мене дома, во Солун!
*
– Ѓаурка ли ми носиш, синко? – му се развика мајка му Зубејде.
– Да, ја носам дома за да се оженам со неа. Ѓаурка е, од Влашкиот милет, ќерка на богат Битолски чорбаџија. Знам дека искрено ме сака, а со мене веќе ја загуби својата невиност. Како што е умрен татко ми, од тебе барам благослов за бракот, мајко, за да тргне работава аирлија!
– Аир да немаш, арам да ти е! Од мене благослов нема да добиеш! – строго возврати мајката. – Уште си многу млад, на 16 години; ќе треба да ја завршиш воената Академија и да станеш буљукбашија (офицер) во аскерот, та така да храниш жена и деца. А мораш да ги прашаш и родителите на Елени, дали ќе ја дадат да се потурчи?
*
– Не – беше дециден чорбаџи Ефтим Кринте.
– Аман, бре татко! Само него го сакам! – инсистираше Елени. – Веќе неколку месеци се гледаме во колибата во нашите лозја! Наскоро ќе дојде гроздоберот, ќе нé видат луѓето!
– Свесен сум дека сакаш да живееш заедно со него како со сопруг, но Битолскава чаршија тоа нема да го дозволи... Ќе пукне резил! – па по подолго размислување го повика на измеќарот Петар – Пеце, еве ти го ова ќесе со алтани! Појди во соседниве градови, Прилеп или Лерин, па купи некоја убава куќа! Елени сака извесно време да живее башка од нас!
*
– Пак ли доаѓате дома по полноќ „господине Претседателе, татко на турската нација“? – иронично му се обрати сопругата Латифе една летна ноќ во 1925 година, по две и пол години откако се зедоа. – И пак ли сте пијан како камен?
– Остави ме на раат, жено будала! – ú возврати Мустафа Ќемал (кој во меѓувреме го доби и прекарот Ататурк – „татко на Турците“) со сличен тон. – Ма знаеш оти почнав да пијам откако увидов дека ти не можеш да ме задоволиш в кревет!
– А кој тебе би можел да те задоволи, нимфоману? Да не успеала во тоа таа ѓаурката со која се курваше во Битола и Лерин?
– Не само таа, ами и оние две курви кај кои бев досега! – ú призна Мустафа на сопругата, па со оваа кавга заврши нивниот краток брак.
*
– Господине претседателе, во ова интервју за весникот „Џумхуриет“, дали ќе можете да ми признаете: кои се вашите најголеми грешки? – новинарот го прашуваше претседателот Мустафа Ќемал Ататурк, кој во таа 1938 година беше смртно болен од цирозата на црниот дроб, здобиена од долгогодишното пиење алкохол.
– Да, еве јавно ќе признаам дека направив две големи грешки. Едната е што го преместив главниот град на Турција од прекрасниот Истанбул во здодевната Анкара, опкружена со полупустина и соголени планини. А втората грешка ми е што се оженив со Латифе!
– За преместувањето на главниот град, на сите нú е јасно: Вие ја водевте битката на Галиполе, во која ако не се одбраневме, можеше да го загубиме Истанбул засекогаш... Но, за жената... ич не ми е јасно?!
– Имаше уште една жена во мојов живот, пред четириесетина години... – одвáј рабирливо промрморе болниот Ататурк – Џабе ми е што победив на Галиполе, кога ја загубив нејзината рака; и џабе ми е што станв „татко на турската нација“, а не станв татко на нејзините деца!
 




 

с:светот ги виде
нејзините шербетни очи

Стив Мекјури беше човек со немирен дух, склон кон авантури, а исто така имаше истенчен уметнички вкус. Своето идеално работно место го најде кога беше ангажиран од американскиот научно-популарен магазин „National Geographic“ да им испраќа фотографии од далечните земји зафатени со виорот на војната. Така, во осумдесеттите и деведесеттите години на XX век тој сликаше и праќаше фотографии од Иранско-Ирачката војна, Бејрут, Камбоџа, Филипините, Војната во Заливот, како и од секогаш немирниот Авганистан.
Меѓу илјадниците професионални фотографии што ги имаше сликано и објавено не само во „National Geographic“ туку и во други весници, магазини и книги во САД и ширум светот, една му беше посебно драга. Тоа беше портретот на едно девојче, сираче од Авганистан, кој му ја донесе светската популарност.

*

Во таа 1984 година, социјалистичката влада во Авганистан беше загрозена од исламистичките бунтовници, по што СССР воено интервенираше во Авганистан за да ú помогне. Стив Мекјури беше еден од ретките западни репортери кои се осмелија да известуваат од теренот. Преоблекувајќи се во тамошна облека, со широки шалвари и изгужвана горна наметка, незабележано ја премина Пакистанско-Авганистанската граница. Во платното на шалварите беа вешто зашиени повеќе ролни фотографски филм, за да не му ги одземат.
Отпрвин не можеше да се пробие до фронтот, па одлучи да фотографира во бегалскиот логор Насир Баг. Во логорот беа згрижени повеќе деца кои останале сирачиња од советските бомбардирања, а за нив беше организирано и неформално училиште. Стив веќе фотографира неколку машки деца, но девојчињата одбегнуваа да се фотографираат, затскривајќи си го лицето со фереџе. Конечно, меѓу другите девојчиња пронајде едно со посебно убави небесносино-зелени очи, кои кон рабовите на шареницата (ирисот) се прелеваа во темни нијанси. Со помош упорното инсистирање на својот преведувач беше убедена да го симне фереџето.
– Што ќе ми правите? – праша 11-12 годишното девојче, на кое му беше нејасен поимот за „фотографија“.
– Ако погледнеш во овој апарат, ќе го фотографираме твојот лик! – ú објаснуваше преведувачот – Тоа е исто како да погледнеш во огледало, и привремено да го видиш својот лик, само што вака ќе остане постојано забележан на филмот, а после ќе може да се извади на хартија за да можат луѓето да го гледаат!

*

– Златниот медал на Роберт Капа, за најдобрата фоторепортажа од странство, во оваа 1985 година му го доделуваме на Стив Мекјури! – свечено објави говорникот, што ја доделуваше оваа најголема награда за фотографи, еквивалент на Нобеловата награда за природонаучниците. – Наградата ја добива за неговата неповторлива фотографија на авганистанското девојче-бегалка, со продорни небесносино-зелени очи, наметнато со олабавена темноцрвена капулјача. Таа првин се појави на насловната страна на магазинот „National Geographic“ во јуни 1985, а потоа и во безброј други весници, магазини, постери и книги, станувајќи сéопшт светски симбол на воените бегалци!
*
– Морам да ја пронајдам, ако е сéуште жива! – му објаснуваше Стив на колегата Брајан во 2002 година. – Тоа авганистанско девојче ми ја донесе светската слава и големо богатство, а како што живее во заостаната средина, можеби и не знае колку луѓе ја виделе нејзината фотографија... Во деведесеттите години се обидував пак да појдам во Авганистан за да ја пронајдам, но беше премногу опасно, заради опаката Талибанска власт! Откако САД ги порази Талибанците во 2001, мислам дека годинава е крајно време да ја пронајдам!
– Но како ќе ја идентификуваме? – го прашуваше колегата Брајан. – Сигурно ќе се појават многу лажни кандидатки, баш како и во бајката со Пепелашка!
– Пепелашка беше идентифиувана благодарение на нејзината тесна чевличка, а ние ја имаме нејзината шареница! Запознат сум оти фирмата „Iridian Technologies“ има развиено компјутерска програма за препознавање на лица врз основа на квалитетни фотографии на шареницата!

*

Ситуацијата на теренот беше многу полоша отколку во бајката со Пепелашка – секој ден по неколку превртливи авганистански жени лажно се пријавуваа, Стив ги сликаше со дигиталниот апарат, но компјутерот една по една ги отфрлаше. Неделите си поминуваа, а очајот кај Стив растеше. За среќа, се најде и еден чесен човек што како дете бил во логорот Насир Баг, кој му посочи на Стив во кое село да ја побара.
Кога ја виде после 18 години, тој воопшто не можеше да ја препознае: пустината ú го имаше одземено сјајот од очите, а лицето што никогаш не било намачкано со крем ú беше поприлично нагрубено, како да е десетина години постара. Но, компјутерот ја препозна!
– Се вика Шарбат Гула – му објаснуваше преведувачот, – Нејзиното име на локалниов Паштунски како и на сродниот Ирански јазик значи „нектар“. Преку Турскиот јазик, каде што се изговара „шербет“, тој збор е стигнат и до неколку балкански јазици.
– А можеш ли да ú објасниш, дека нејзината фотографија ја имаат видено повеќе од милијарда луѓе? – праша Стив, гледајќи во нејзините очи, што некогаш сјајно блескаа како две капки нектар врз цвет; а сега сјајот им беше килибарен, како на две капки шербет врз тулумба.
– Ќе се обидам некако... иако се мали шансите на една полуписмена жена да ú се објасни толку голема бројка!
– Многу ти благодарам Стив, што ја имаш сликано првата и единствената досегашна фотографија во мојов живот! – најискрено му се заблагодари Шарбат. – Моите очи не го имаат видено светот, како твоите, но затоа светот ги виде моите очи!

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


































































































































































































































 

  д:дома