т:темплум  


2007:март/април
општ конкурс


с:станоевска жанета

г:години: 52
п:професија: преведувач
и:интереси: филм, литература, сликарство
н:нешто за себе: не љубам многу да зборувам за себе. Моите раскази кажуваат доволно.
zstanojeska@dgca.gov.mk



 

ж:жената на ноќта

Кога се доселивме во ново маало, ние децата брзо ги научивме сите интересни ќошиња, децата од соседството и нивните родители. Но, беше зима, а школската година во тек, па не можевме да остануваме надвор колку што сакавме. Бидејќи телевизискиот апарат се уште не беше пристигнал во нашиот дом, во долгите зимски вечери јас и сестра ми седевме крај прозорецот и ја гледавме улицата со набиениот и извалкан снег, недопрените снежни тантели на овошките во нашиот двор. Една вечер, во дворот на соседната куќа, близу до оградата, забележавме мрачна женска фигура како стои и гледа право пред себе. Бевме збунети зашто сфативме дека се работи за жена што дотогаш не сме ја виделе. Имено, госпоѓата од таа куќа ние добро ја познававме, бидејќи се дружевме со нејзината ќерка, Маја. Непознатата жена беше ниска, во темни алишта, а рамната контура на нејзината глава покажуваше дека носи шамија. Таа стоеше неподвижно околу половина час, одненадеж се заврте и се изгуби низ дрвјата во дворот. Бидејќи ова се повторуваше секоја ноќ речиси во истото време, еднаш додека игравме ја прашав Маја дали имаат гостинка. Кога таа одречно ми одговори, не можев да ја совладам љубопитноста, па ја прашав дали знае која е жената што стои секоја ноќ во нивниот двор. Таа рамнодушно ми одговори дека во задниот дел на дворот имаат две стари собички за издавање и дека во нив живеат Вера и нејзината стара мајка. На крајот таа додаде дека Вера никогаш не излегува. Навистина, наскоро ја забележавме сувата, малку подгрбавена бабичка која иако изгледаше доста истрошено, брзо се движеше со полните кошници храна. Но, Вера се појавуваше само ноќе, секогаш на истиот начин и на истото место. Заради слабото улично светло, дворот каде што таа стоеше беше речиси во апсолутен мрак, па од перспективата на нашиот прозорец нејзината силуета беше темна, таинствена и застрашувачка. Често, пред да заспијам се обидував да ја замислам во боја, ама никако не ми успеваше. Таа за мене беше отелотворение на самата ноќ, и тоа не на ноќта што значи починка и спокој, ами на онаа кошмарна и тегобна ноќ што ни влева страв. Кога се осмелив да ја споменам и пред некои други деца, тие сфатија колку сум опседната со неа, па ме застрашуваа со прикаски за грозотијата на нејзиниот изглед. Бидејќи притисокот на мистеријата почна да станува неподнослив, едно попладне убедив две другарчиња, но не и сестра ми, да зачукаме на нејзината врата и да се соочиме со нејзинот лик, каков и да е. За таа цел, откачивме една од разлабавените тараби на нашата ограда и се најдовме во задниот дел на соседниот двор. Таму, како грдо крпче на ново палто, прилепена на големата куќа, сета потоната во осој, стоеше трошната ниска градба што ја криеше за мене толку големата тајна. Тажниот изглед на нивното живеалиште ме поколеба , но знаев дека ако се повлечам ќе се изложам на подбивот на другарчињата. Така, навидум решително ја стиснав раката во тупаница и силно затропав на вратата на која наместа се беше подизлупила белата мрсна боја. Кога ги слушнав меките чекори како се приближуваат до вратата, срцето толку силно ми биеше, што клекнав за да не паднам. На врата се појави испиеното лице на бабичката во кое немо зјапавме неколку мачни секунди. Потоа панично летнавме да бегаме, но не по патот по кој дојдовме, ами избезумено го претрчавме дворот, прелетавме крај збунетиот татко на Маја и низ портата се најдовме на улица. Посрамени од оваа залудна дрскост, никогаш повеќе ниту ја спомнавме ни ја повторивме. Јас и сестра ми продолживме да ја гледавме Вера како здрвено гледа пред себе во ноќта, но стравот од нејзината појава полека го губеше интензитетот. Кога дојде летото со долгите и исцрпувачки игри, нејзиното ноќно стоење во двор престана толку силно да не окупира, но морничавата загатка остана нерешена.
И, во раното утро на 26 јули се случи несреќата која го подели помнењето на нашиот град на времето пред и по земјотресот. Ибезумени од жестокото тресење на земјата, уште неосвестени од сонот, низ правот од малтер и тресокот на куќните предмети, со молскавична брзина ги претрчавме десетината скали и дворот и се најдовме на улица. Таму веќе беа повеќето од нашите соседи, во иста состојба како ние, во пижами и ноќници, престрашени од оваа неискусена стравотија. За среќа, целото наше поблиско соседство беше на улица што не беше случај со голем број наши сограѓани кои останаа во урнатините. Одеднаш, во сета таа панична раздвиженост, ја забележав мајката на Вера како стои прибрано до една млада жена седната на троножно столче. Ми стана јасно дека тоа беше таинствената ќерка. Сметајќи на општата окупираност со ситуацијата, безобразно зјапав во неа. Кожата и беше неприродно бела и бебешки нежна, црн пласт од коса и паѓаше на рамена, а дискретна насмевка и го красеше лицето. Со очи на палаво дете таа расположено и отворено се обѕрнуваше околу себе набљудувајќи ги луѓето.
Изгледаше како убаво да се забавува. Истиот тој ден, ние го напуштивме градот за да се вратиме дури по цела една година. Но, затскриените сопчиња на нашите соседи повеќе не постоеја. Сакам да верувам дека онаа јулска катастрофа донесе барем едно добро, дека засекогаш ја изгони нежната Вера на светлината на денот за да заплива во реката од луѓе.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања














































































 

  д:дома