април
д:димитриева марина
г:години:27
п:професија:новинар
д:досега објавено:главно поезија и тоа во алманасите на Мугри, во Лоза (ФлФ), во Портал
marinad25@yahoo.com
п:преполни подруми
Некогаш кога е попладне и кога немам што да правам, а така е добра половина, да не речам добра целина од моето време, претурам по моите интимни подруми небаре ќе најдам таму нешто што може да се искористи. Но, како и во сите подруми така и во овие нема ништо што може да се искористи, само еден куп истрошени работи, кои не сакаш да ги фрлиш, само заради тоа што се спомени за некого или нешто, или пак едноставно не си фрлачки тип па, само трупаш носталгични работи за себе, во себе. Во подрумите можеш да најдеш се, но јас во моите најчесто чувам зборови, исечоци од слики, кои скоро никогаш не се цели, тие, сликите, секогаш им фали на работите нешто, глава, тло, позадина...Чувам и случки, ама и тие не се цели, зашто ако се цели зафаќаат многу место, а јас како многу практична личност ги чувам само кулминациите од нив.
И денеска е ден кога ќе поседам побајаги во подрум, надвор е жешко и ако излезам може да добијам сунчаница, а овде е ладно, не струјат веќе емоции, а се е јасно како ден иако е малку мрак, разбираш?
Лето е, тој е на теренот, игра фудбал, јас седам згрчена во еден агол на трибините, меѓу столчиња и го гледам, позадина нема, не знам дали е попладне или утро, а тој е убав и свети некако. Гледајќи ја оваа слика сфатив дека ми недостига, очајно ми недостига движење.
-Сега си без врска-ми вели глас од зад грб.
Каков безобразлук -си мислам и велам: -Не те чув кога тропна. И што бараш по мене во подрумов, гости се чекаат во дневна, таа е за сите така достатно широка, а може и да се најавиш претходно.
-Да не ти пречам во планот на денот, директорке-злобно ми враќа.
Добро, си велам-сака да игра со вратка, не се задевај, уште тоа ти треба.
Зборови, многу зборови имам и сакам да ги наредам, ама се губам и никако не знам кој метод да го применам за тие да си го најдат редот. Ми фали методика на работа, инаку зборови знам многу, ама тоа ти е, не знам да ги редам, ене, цели рафтови ги имам, ги имам во тегли, во шишиња, а мама вика дека и тие со и тие без козерванс, скапуваат, мислам ако не се употребат на време. Да почнам од А да редам е малку излитено, може да пробам тематски.
-До кога мислиш да ти го повторувам прашањето?-се јави пак гласот, а можеби имаше и личност.
Кое-се вртам-прашање? Опс, гледам напаста од пред малку уште била тука.
–А бре до кога ќе седиш тука, луѓе, автобуси и мигови ти поминуваат под затворениов прозорец, а ти никако да излезеш, еееееееееееј!-ми врекна на уво.
-Ми го пукна тапанчето-велам-доста, сфатив, ама не можам сега надвор, знаеш дека мразам да се потам, надвор е сигурно 43 под сенка.
–А? Што збориш ма, а бре надвор вее снег, улава. Најди си ја тука санката, обично тие седат во подрумите, и качи се горе.
Тој ме здогледува, со десната рака си минува низ косата и на носот му вели:-Пак дошла, зошто? Јас стојам како виновно дете, тој ме гледа, гледањето трае вечност, ама ништо не се случува. Рез. Чекаме пред дискотека да влеземе, пуштаат само парови, само јас и тој сме распар, пријателите не спаруваат, влегуваме. Тој ме држи за рака, се ежам колку му е студена, мигновено помислувем дека не е нормално спортист да е толку ладен, обично имаат повеќе енергија, потопла крв.
Еве, баш оваа ситуација можам да ја направам зборовна, ама како? Дури и љубовна може да стане нели, зборовнољубовна. Можеби со слики мислам и памтам подобро. Со спомени. Не со зборови. А пак ако користам евентуално зборови подобро функционирам кога зборувам во ти форма за себе, тогаш подобро се дефинирам, знаеш, така подобро се гледа човек, од страна.
-Ајде ма, снегов ќе се стопи дури да се качиш на виделово.
Ту ама ме заморува гласов, нели некои гласови заморуваат повеќе отколку некои луѓе? Јас и тој танцуваме, светлина има, не, снег е тоа, другите се спуштаат со санки ене, ама ние танцуваме, еден до друг, на една височинка.
Сон или спомен, соноспомен?!
Некој безмилосно ја крева ролетната во мојата соба, ги тријам очите, втренчено гледам во сестра ми небаре е вонземјанин, се чудам од кога таа почна да сака светлина и жештина попладне во јули.
Мислам дека подрумот е сега идеално станбено решение.