мај
а:арсовски виктор
г:глад
Згради.
Сонце. Премногу е жешко. Облаци, но мали и небитни. Зошто мора да биде
жешко? М. седеше на балконот со дневниот весник. Реклами за кредит.
Политика. Спорт. И мал безначаен натпис за ограбена жена. Полицијата се
уште трага по сторителите. Внук и. Го остави весникот и влезе внатре.
Светлината се одбиваше од излакираниот дрвен мебел, се уште исчуван. Дури
можеа, на светлоста, да се забележат и дамките од скорашното чистење.
Стол. На зидот слика со избледен црнобел портрет. Другите - празни.
Масичка. Телевизор. Тросед. Но сепак може да седат шест души. Седеа еднаш
и беше комфорно. Зарем еднаш, па колку пати. Почнав и да заборавам. Не, не
е тоа заборавање, никогаш не можам да заборавам. Колку беше подобро. Колку
ли само се забавувавме. Луѓе. Разни места. Бевме најдобри. Секое
присетување му го собираше челото, збирајќи му ги очите, а со тоа му го
стеснуваше погледот. Веќе не е толку светло во собава. Сигурно се
стемнува. Да. Секое нешто си има крај. А мојот, мојот крај?
Звонче.
- Не е можно.
Звони и звони и звони и звони...
- Добро идам.
Звонче.
- Идаам!
Одвај се поткрена од креветот. Беше исцрпен, гладот го исцрпуваше, и сега
дури се наоѓа некој дрзок да му го прекрати сонот. Отклучи. Огромна
насмевка.
- Кој кур се смееш. На тоа насмевката само стана поголема.
- Пола час звонам. Спиеше? Таман, ке правиш по едно кафе.
Младиот човек влезе во станот нестрпливо. Седна. Го вклучи телевизорот.
Вести. Политика. Свет. Катастрофи. Војни. Крај на светот. Утрешната
прогноза. Спорт. Почна непрекинато да ги менува каналите.
- Ајде М. што стана со кафето.
М. сонливо го набљудуваше подигањето на кафето.
- Еве го... Уф неможам да се наспијам, спијам само по 3-4 часа.
Младиот човек се смееше.
- Да, по 3-4 часа на секои 3-4 часа.
Решително одби да реагира на коментарот, и се одлучи за полесната
варијанта. Цигара. Сивиот дим играше на зраците на сонцето.
- Уште постиш? Се заебавам. Уште гладуваш?
- Да, постам.
- А зошто? Знам, знам. Реагираше на гримасата на М. Ми кажа. Но зошто?
Помина долго време. Не ти пречи? Човеку, по тоа што ми го имаш кажувано,
ти всушност гладуваш за глупости.
- Не гладувам за глупости. Почнав да гладувам со намера, а сега веќе не ми
се ни јаде. До кога да ти објаснувам.Па ти не разбираш. Па не сум на суд.
Мое право е. Не. Па тое е моја желба, а не право. Никој не смее да осуди
желба. Да. Желба е. Желба. Желбата му беше да гладува до последниот здив.
Не знаеше како поинаку. Се напнуваше, но никогаш не поверува дека иднината
ке биде подобра од минатото. Зарем не беше подобро тогаш? Тогаш се дружеа,
играа, целото друштво беше, а сега сите се на свои страни. Тогаш можеше да
се верува. Не, тогаш не се веруваше. Беше глупаво да веруваш. Тогаш
комплетноста, целината ги правеше среќни, па според тоа секој човек беше
среќен. А сега. Оделени се. И сега можеш само да гледаш како нештата
одминуваат. Далечни се. Тие нешта. Самоубиство? Па не е тоа самоубиство.
Тоа е само еден начин. Глад. Гладуваше речиси 16 дена. 16 дена...
- ...16 дена поминаа откако ги видов последниот пат.
- И?
- И? Тогаш се сретнавме онака,.. По пат. Жалната насмевка на М. предизвика
реакција на младиот човек кој почна да се смее. Пак.
- Добро бе, што ти е на тебе. Не се убиваш поради тоа, нели?
- Доста! Тебе можеби не ти е гајле. Смеење. М. нервозно стана од масата.
Отиде до телевизорот. Го смени каналот. Го зголемуваше тонот. Се погласно
и погласно и погласно... Зарем да ги слуша тие глупости. Тој не разбира,
па имам преживеано многу повеќе од него. А тие. Тие ме придружуваа цело
време додека... Па тој со нив стана личност. Цигара. Димот повторно се
вивна кон последните зраци од сонцето кое заоѓаше зад последните ридови.
Чудно, си помисли, како се се повторува. Круг. Можеби. Можеби е тоа
едноставно така. Така. Не може да биде така! Повторно се налути, но овој
пат беше прекинат од болките. Тешко ми е. Гладот. Да полежам. Тросед.
Троседот. Гладот го исрцпуваше. Тешко ми е. Уште малку ке се стемни.
Телото се покоруваше на гладот. Тогаш ке биде попријатно. Тогаш ке можам и
да излезам на балконот. Уште малку...Тогаш...
Квечерина. Месечина. Стотици крстови. Сликички. Датуми. Блескаа само они
што беа обложени со позлатени рамки. Бетонски плочи. Неколку дрва.
Гаврани. Уште гаврани. Еден пламен. Две силуети. Двајцата палеа по една
цигара. Младиот човек беше загледан во свежиот гроб покриен со мали
ефтини, па и пластични, но бројни, многубројни букети цвеќе. Добро де,
повеќето од нив беа каранфили.
- Неверојатно. Бев кај него... Ми умре... па можам да кажам скоро и на
раце. Умре тажејќи... Идиот!
До него стоеше друг млад човек кој си ги чистеше ципелите од калот.
Најнова мода беа. Црни. Како секогаш.
- А да си одиме.
- Ајде. И така џабе стоиме тука. Идиот!.
Низ небото полека се движеше месечината додека од спротивната страна
сонцето и го отстапуваше местото. Се до наредното утро.