т:темплум  

 

мај
б:
бојковски милко




б:блузот не престанува

Пијам црно кафе и пушам лоши цигари. По цела ноќ. Дома пред огледалото се подготвувам ко платен убиец. Ги навлекувам познатите навики да ја прелажам ноќта. Не е толку наивна па останувам сам. Прозорецот е свртен кон светлата страна, навлегуваат звуците на улицата преку ролетните се до мојата растурена соба. На креветот имам стар полуотворен куфер, костим, пакетче кондоми, и пепелник. Радиото врти една иста монотона мелодија. Местата за излегување се сменети, а луѓето и онака се доволно затапени за да не најдам доволна силна причина да живеам и да ги сослушам нивните празни приказни. Се јавувам кај еден, кај друг се додека не го убијам и она малку трпение во себе и не излезам сосема сам. Телефонот е повторно глуп. Чадот од цигарите понекогаш станува толку густ што ги менува облиците на собата. Продолжува да натежнува, можам да се протнам...

Обично свиревме во саботите. Петоците беа врнежливи. Во тоа време некакви чудни орли го надлетуваа местото. Порано мислев дека го параат небото со своите остри канџи и затоа не престануваше да врне. Клубот беше полупразен. Целиот во кафеав мебел. Не викаа Speedball. Бевме единствениот бел блуз состав во околината. Црнците не сакаат кога им ја крадеш музиката. Посебно ако не ја свириш правилно. Но ние го правевме тоа добро. Со сета жестина и болка. Се собираа претежно околу единаесет, свирката траеше до еден. Шанкот беше нивното собиралиште. Многумина од нив танцуваа. Имаше и тепачки. Не е лесно со старите љубови во градот. Секогаш ќе се најде некој да те подсети, но никој да ја сподели бедотијата со тебе. Го напуштавме клубот пред зори. Шетавме по улиците или собрани на купче пиевме евтино вино. Ги трошевме заработените пари и пак одново истото срање. Немаше каде да се оди. Тешки времиња. Во чевлите сеуште можев да го почуствувам секое мало каменче кое ми се имаше закачено за стопалото, а на усните вкусот од свежа прашина. Месечевата светлост удираше по оградите на западните куќи. Целиот хоризонт беше обоен. Се беше така тивко само повременото подчукнување на нашите чевли по влажниот асфалт ја пореметуваше завладеаната штама во поблискиот и подалечниот простор. Се движевме низ зградите полнејќи ги градите со каење и очај. Небото добиваше боја онаква каква што има само на лицата на скитниците, или трагачите по невозможното, блузери како сакате. Сеедно. Никогаш не се враќавме назад. Човек одбива да се враќа на места на кои бил повреден или понижен. Мора затоа толку многу да боли далечината. Такси немаше па моравме пеш до следниот град. Не е лесно за одење со сиот тој товар и алкохол во себе. Нозете те издаваат. Свиткани под капутите изгледавме ко прогонети сеништа под неонските реклами. Постојано покрај нас поминуваа автомобили но никој не одеше во наш правец. Требаше одамна да се откажеме, се запрашувам што е тоа што не одржува во живот. Изгледа мора да се има верба во нешто. Колку и да звучи тоа излитено. Црвените светла се повеќе и повеќе повикуваа. Белата линија се провлекуваше по средината на патот. Ја следевме. Песјата глутница беше на пат до го исполни своето проклетство. Ветровитиот град беше следен. Се отвараше пред нас ко љубоморна курва која ги ширеше нозете сакајќи да ме има само за себе. Иако нашата мапа одамна ги имаше загубено своите координати сепак некако успевавме да излеземе на крај со сите правци. Хотелот изгледаше здодевно и само. Изграден пред војната така да немаше кој знае колку муштерии. Мирис на ветви сеќавања. Се сместивме на последниот кат. Нашиот гитарист ги средуваше термините за свирките, датумите за исплаќање и сите тие технички работи. Инструментите ги чувавме во соба блиску до креветите. Сите хотелски соби се исти се разликуваат само по сликите закачени по ѕидовите и хотелската услуга. Во барот одеше некаква спора музика, лицата изгледаа уморно и поспано. Носев темни очила па така никој не забележуваше каде е упатен мојот поглед. Се тркалаше по вратот на една од девојките кои седееа наспроти мене. Вистинска насмевка. Наближуваше полноќ. Низ стаклото од криглата се враќав назад во чадот. Рано утро. Од агол до агол насекаде гласови. Претурам по фиоките да најдам една сосема обична кутија. Таму ги чувам сите оние неискажани зборови оние кои допрва треба да бидат кажани. Залудна е мојата потрага па оставам гласовите да мрморат. Секој од нив носи своја приказна. Ја одбирам онаа која најмалку боли, ако воопшто постои таква. Онаа која не наликува на лошо расположение. Моите испотени дланки ја превиткуваат наопаку со надеж дека ќе и ја истиснат целата агонија што ја содржи во себе. Но самиот знам дека сето тоа е невозможно и дека на крајот ќе успее да ме стондира и успие. Набргу заспивам.

Го чекам додека се стемнува. Сенките го заземаат своето место на моите полици. Мојот другар е среќно копиле тој ги прибира сите девојки кои доаѓаат кај мене. Се смешкаат на влегување а излегуваат со смекнат израз. Понекогаш е прегласно но никој од станарите се уште не се пожалил. Поголемиот дел од времето молчам, додека тие се забавуваат. Никогаш немало толку луѓе во мојот стан. Мора да постои подобро место некаде. Чекам да стивнат сите бесцелни разговори за да можам да се ослободам од притисокот кој го чувствувам во себе. Некои од девојките изгледаат сосема пристојно, ги рагледуваат моите плочи. Меѓу нив има само блуз. Ме прашуваат како можам да слушам таква музика. Одговорот е во изгрејсонцето. Смеа. Секогаш сум сфатен крајно несериозно не ми пречи знам дека еден ден ќе најдам некој кој ќе ја сака таа музика исто колку и јас. Пред изгрејсонце сите се повлекуваат. Останувам да ги набљудувам преку клучалката. Таа си ја чешла косата седната на креветот додека тој пали нова. Ги покрива градите со едната рака, а со другата прави неопишливи кругови во воздухот. Тој со нервозни прсти и го исправа лицето за да го прекрие плачот во себе. Потоа престануваат сите оправдувања, сета горделивост исчезнува во времето. Им се смеам но не злобно. Заминуваат заедно. Ме оставаат со плочите да лежам на подот. Сонцето пробива низ ролетните се до моето озарено лице. Истата мелодија, истите тонови, истите љубови. Погледнувам на часовникот. Нема кој да ја смени плочата.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






















































































 

  д:дома