т:темплум  


2007:мај/јуни
општ конкурс


м:маркоска марта




 

c:chevrolet Blazer

Утрото Јадранка ми рече дека еден ден ќе вози таков џип.
Да... - рече, - ќе видиш...Јадранка да не се викам ако еден ден не возам ваков џип.
И право да ви кажам си ја замислив како гордо го преметнува појасот преку голишавото рамо, додека прстот го става на софистицираната рачка за брисачите, внимателно отстранувајќи ја утринската роса од шофершајбната.
Јадранка продолжи да го вози овој филм, иако никој во автобусот не можеше да го забележи тоа. Старата и дотрајана 23-ка, која како да е така намерно наштелувана, гасеше на секоја втора станица и возеше со максимум 30 км на час, не можеше да и го одземе на Јадранка тоа возвишено чувство што го имаше во денот кога таа го возеше својот џип.
Кога утрото не се појави точно во петнаесет до девет, како што вообичаено бевме договорени да се состануваме на кривината пред нејзината зграда, веднаш ми стана нешто сомнително. Па Јадранка никогаш не доцнеше, беше предвреме и кога не требаше да биде. Речиси никој не ја делеше нејзината пасија, поконкретно, опсесивност со точноста, бидејќи времето го сметаше за нешто што и причинува најголема тегоба доколку пропуштеше некој интервал или имаше некоја важна секвенца во која таа не беше директно инволвирана.
И токму затоа најчудно беше тоа што во овој момент неа ја немаше.
Ја немаше заедно да го започнеме утрото, во долгиот пат на кој дотрајаната и амортизирана 23-ка ни помагаше да ги измокриме (или исплукаме) евентуалните каменчиња од бубрезите.
Ја немаше Јадранка, за да ја споделиме шегата за комшијата кој редовно, искрено речено, (а сметам дека тоа беше неговиот третман за расонување), рутински се расправаше со жената, која му возвраќаше со непрекинато заканувачко мавтање на показалецот. Или за оној дебелко кој едвај влегуваше во своето Fiat Seicento, за кого претпоставувавме дека сигурно скришум го позајмува од неговата жена, додека таа комотно се шири и на другата половина од креветот што тој пред малку и ја ослободил.
Си реков, па добро де, признавам, навикнав на нејзината точност, и сега ужасно ми пречи што јас нејзе морам да ја чекам. Но набрзо ме утеши, а дури и ме зарадува мислата дека сигурно имала бурна ноќ, за која подоцна со нетрпение ќе ми раскажува, па утрово се вратила во својата драга постела да го досонува остатокот од животот...на секого може да му се случи, а ете се докажа дека и таа не е повластена во овоземскиот човечки живот и не е, ама баш, никаков исклучок од неговите правила.
Ќе земам еден весник, додека го чекам утринскиот автобус, си реков на крајот, кога дефинитивно сфатив дека денес сум препуштена самата на себе. И бидејќи имам лоша навика да го прелистувам весникот од назад кон напред, свесно прескокнувајќи ги страниците за економија и политика, но не со цел да се задржам на некролозите, туку на рубриката за култура (ако воопшто има таква во овој ден од неделата), случајно дофаќам две страни повеќе и кога во рубриката црна хроника, што ќе видам: Јадранка сликана во придружба на двајца батки облечени во униформи, очигледно припадници на безбедносните служби, кои и помагаат да излезе од огромен црн џип, ламја од минимум 3000 кубика. Лудача една, си велам самата со себе. Јас знаев дека е откачена на некој свој начин, ама за ваков чекор...?! Па, Јадранка не е дури ни премногу ексцентрична за да направи ваков екстремно непромислен и неочекуван потег. Ма да не се лажеме, нека биде меѓу нас, ама Јадранка и не беше којзнае каков авантурист или екстремист, ниту пак беше компулсивно - анксиозна, ниту пак беше премногу амбициозна, ниту пак имаше преголемо IQ.
Љубопитно ги голтам напишаните зборови и прескокнувајќи редови за што побрзо да стигнам до информацијата, читам погоре пишува: ....”Извесна 29 годишна И.К. фатена вчера, во луксузен црн Chevrolet џип, после двочасовно бркање по улиците на градот, откако еден господин А.Ц. се понудил да и обезбеди превоз...”

Избезумена, препрочитувам одново, не можам да поверувам...Овие новинариве сигурно направиле некоја грешка, како по обичај...Прво, нејзините иницијали се Ј.М, а не И.К, како што пишува овде...но ако подобро размислам, па нели таа неодамна ми рече: - ќе видиш....Јадранка да не се викам, ако еден ден не возам ваков џип.

И беше во право, навистина го возеше џипот тој ден.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




























































 

  д:дома