2007:мај/јуни
жанровски
конкурс
с:станоевска жанета
г:години:52
п:професија/интереси: преведувач
н:нешто
за себе:постојано зборувам за себе преку моите раскази, но на малку
поинаков начин. Секакво изнесување на конкретни податоци е одвишно.
stanojeska@yahoo.com
р:радмила
Радмила често доаѓаше
кај нас иако не ми беше сосем јасно која беше таа сила што ја тераше да
седи со часови за да размени за тоа време само неколку реченици. Мајка ми
ќе ја прашаше за нејзините татко и брат, таа по правило ќе одговореше дека
се добро, а сето друго време го минуваше набљудувајќи не како влегуваме,
излегуваме, пишуваме домашно или меѓусебно разговараме. Се чинеше дека
доаѓа само да ја впие во себе атмосферата на секојдневицата на едно
семејство многу поинакво од нејзиното. Беше ќерка на најдобиот пријател на
дедо ми и ние ја сакавме. Радмила имаше широко и речиси сосем тркалезно
лице, модри весели очи, шпрт меслест нос и бескрајно добродушна, невина
насмевка типична за луѓето со ментален статус меѓу возрасен и дете. Беше
ниска по раст и дебелка, па заради ваквата телесна градба и
карактеристичното лице, личеше на некакво човеколико прасенце. Имаше нежни
раце, со танки и долги прсти што речиси иронично сугерираа префинетост и
интелигенција. Не беше необразувана, иако најголем дел од школувањето го
беше добила од приватни наставници. Беше девојка, веќе не многу млада,
длабоко религиозна. Таа речиси секојдневно одеше в црква и пееше во
црквениот хор. Беше од семејство духовно опустошено од болести и прерани
умирачки, а материјално крајно пропаднато во времето на конфискациите на
имотите на некогашните богаташи.
Минатото на нејзиното семејство го знаев од раскажувањата на мајка ми, па
затоа во оние ретки случаи кога бев кај нив, можев да ги забележам малкуте
скапоцени предмети кои жално и неподобно стрчеа во куќата со толку скромна
покуќнина. Честите молчеливи и долги посети на Радмила траеја со години.
За тоа време ние децата пораснавме, а таа подостаре, русата коса и се
прошари со сребрени влакна, рацете ја изгубија нежноста. Нејзината
насмевка стана ретка, а заради брчките околу устата, детската добродушност
во неа исчезна и доби израз на воздржана тага.
Окупирани со своите животи, дури откако помина доста време забележавме
дека Радмила долго време не дошла кај нас. Не вознемири помислата дека
можеби нешто лошо се случило во семејството, па бидејќи немаа телефон, јас
и мајка ми решивме да одиме кај нив и да видиме за што се работи. Го
најдовме сам дома нејзиниот татко, убав модроок старец со интелегентно
лице и фини манири. Иако одамна беше станал сиромав, по начинот на којшто
ракуваше со предметите, по отменото пиење на чајот, по исправеното, речиси
горделиво седење, се гледаше дека бил навикнат на многу поубави нешта. Во
почетокот беше воздржан иако се гледаше дека има нешто да каже, но, нагло
се премисли и почна да кажува што се случило. Рече дека пред повеќе од
месец дена Радмила излегла да купи кафе и не се вратила дома. По долга
потрага во која освен синот Дамјан и некои блиски роднини била вклучена и
полицијата, се открило дека е жива и здрава, но дека се вљубила во маж кој
е тежок инвалид, згора оженет. Но, и покрај многуте обиди да ја разуверат
да се врати, таа упорно тврдела дека таму живее многу посреќно и поубаво.
Со наведната глава и глас полн со очај тој заклучи дека таа сега живее во
некаква шупа на периферија, во понижувачка и неприродна заедница со маж и
со неговата законска жена. Мајка ми очигледно не знаеше што да каже и
тројцата упорно молчевме кога се огласи ѕвончето. Отворив јас и за малку
ќе се онесвестев....пред мене стоеше Радмила, дотерана во црвен фустан, со
кармин на устата, сета натопена во евтин парфем.
Таа само површно ме погледна и брзо помина покрај мене упатуваќи се кон
дневната соба. Едвај беше влезена внатре кога почна да зборува со висок
тон каков што никогаш не бевме чуле од неа.
- Што е оваа потера по мене ?! Зошто не ме оставите да живеам како што
сакам? Имам ли и јас право да бидам жена? Никогаш не помисливте дека и јас
сакам некој да ме погали! Не сум веќе дете! Одамна не сум дете, ама вие не
знаевте... Јас имам право... имам право и мене некој да ме сака! Имам
право....
Тогаш гласот & се изгуби во поплавата од солзи. Ние занемевме пред
зрелоста на нејзините зборови и гледавме во подот неколку тешки минути.
Тогаш мајка ми стана, набрзина се поздравивме и заминавме. Цел пат до дома
мајка ми молчеше, а јас го почитував тоа.
Неколку месеци подоцна, едно попладне Радмила ненадејно ни дојде на
посета. Малку личеше на себе заради многуте загубени килограми.
Тркалезното лице се беше издолжило и спуштило надолу, косата и беше сосем
посивена и изветвена. Но, иако телесно опадната, беше поразговорлива,
духовно позрела и вешто ја одбегнуваше темата на нејзината очигледно
завршена романса. Мислевме дека на ова ќе заврши нејзиниот излет во светот
на возрасните, но се излажавме. По кусо време, Радмила одново исчезна од
својот дом. Во следните години таа на различни интервали бегаше од дома и
се враќаше, секој пат во полоша состојба. По смртта на татко и, немаше кој
да посредува во нејзините расправии со братот кој со гадење гледаше на
нејзините “вљубувања”, па по едно такво отсуство, тој повеќе не ја прими
дома. Така, Радмила остана и без засолништето на татковиот дом, а ние
изгубивме секаков контакт со неа. Неколкупати ја видов оддалеку на улица,
но изгледаше толку пропаднато и изгубено, што немав храброст да и пријдам.
Беше јасно дека го загуби здравјето по недостојните живеалишта на
нејзините “пријатели” . Последниот пат кога ја сретнав изгледаше многу
стара за својата возраст и видливо болна, со огромни отоци на нозете.
Мирисаше непријатно, а очите што постојано и солзеа ги бришеше со
растрперените, испукани и од студот вцрвенети раце.Ме изненади што воопшто
ме препозна, а уште повеќе тоа што се распраша посебно за сите членови на
моето семејство. Кога и реков дека е секогаш добредојдена во домот на
мајка ми, таа неуверливо ми вети дека ќе оди да ја посети. Не помина долго
време кога чувме дека умрела.