јуни-јули
д:димитровска јасна
г:години:23
yasnah_d@yahoo.com
г:глуварче гоус ту Фалусленд
На почетокот беше едноставно. Живееше на зелениот тревник (да се разбереме
- не се сите тревници зелени) и прашања како оние за сексуалноста,
родовиот идентитет и дали изгледа дебело во новите панталони не го
тангираа. Но, еден сончев ден на тревникот се појави еден не многу успешен
фотограф во шоу-бизнисот кој беше во потрага по својата наредна муза (за
тоа што и се случило на минатата ке дознаеме на самиот крај).
Фотографот, шетајќи се така низ зеленилото исполнето со цвеќиња и други
растенија кои без некаков ред, онака диво растат по градовите и тоа со ист
интензитет, а богами и бои како станбените згради, случајно се загледа во
едно глуварче кое безгрижно си живееше до една грмушка.
Пред тоа имаше фотографирано многу глуварчиња, но што беше тоа што го
привлече токму кон ова, беше очигледно. Дршката му беше стројна и висока,
мазна и интензивно зелена, а главата, ах, да не почнуваме! Сите сегменти
беа подредени во совршен ред, а густината го издвојуваше од целиот хабитат
правејки го снежно-бело блескаво и сјајно.
Го фотографираше од секој можен агол, и на глуварчето отпрвин му стана
чудно, но потоа почна да му годи целото внимание кое го добиваше па дури и
самото почна да позира и да се смее со пластично-намонтирана насмевка,
нешто кое за прв му се случуваше.
Фотографот не можеше да му се изнаслика и со секоја направена фотографија
добиваше инспирација за наредната и пред да стане свесен дека сонцето
заоѓа автоматски го вклучи блицот и се сепна. Па поминал речиси цел ден!
Не можеше туку така да се раздели од својата муза, кој знае што може да му
се случи преку ноќта? - си помисли, погледна наоколу, го откина глуварчето
и си го однесе дома.
Наредниот ден сите дознаа за новата муза на не многу успешниот фотограф во
шоу-бизнисот кој преку ноќ стана успешен и набрзо глуварчето се појави на
сите билборди и рекламни паноа од друг тип, на сите ток-шоуа и забавни
емисии, го имаше на насловните страни на Теа модерна, Фокус и како ударна
приказна во Вест под наслов „Ме прегази патика, преживеав и успеав“.
Глуварчето потпиша договор од многу нули со една од најпрестижните модни
агенции, а набрзо потоа го пратија и во Париз.
Кога пристигна во Париз, на аеродромот лично го пречека Мишел Адам и за
кратко време го освои градот, а набрзо и светот.
Така глуварчето стана светски познато и неговата дршка и глава станаа
највисоко ценети инспиративни објекти во светот на уметноста.
Набрзо почнаа да се појавуваат радикални авангардни уметници кои го
отфрлаа глуварчето како неповолен објект на инспирација и кои го напишаа
„Манифестот на анти- глуварчизмот“ (ова како да беше еден предзнак за
надолната линија по која од тој момент почна да се одвива животот на
глуварчето.)
Уште при пристигнувањето во Париз на глуварчето му припишаа диететски
режим и вежби кои треба да ги спроведе, а глуварчето веднаш и со голем
елан се фрли на работа. Сега глуварчето мора да ги следи сите светски
трендови, да биде екстрамодерно и вистински „тренд сетер“. Така по некое
време му рекоа дека е потребно да ослабе некои десеттина килограми, но
ослабувањето не одеше доволно брзо, па затоа решија да му отстранат два
милиметри од дршката. По некое време увидoа дека тоа не е доволно, па му
отстранија уште два. Сега глуварчето беше „екстра ин“ и тоа траеше некои
два-три дена додека во неговиот апартман не влета неговиот менаџер со
новоста дека мора да постави нов тренд бидејки овој застарува. Глуварчето,
кое сé уште се опоравуваше од претходната процедура се изненади, и збунето
го погледна својот менаџер, но беше спремно на уште еден чекор.
Креативниот тим на агенцијата реши дека ќе биде совршено ако на глуварчето
му ја отстранат внатрешноста од дршката и главата бидејки на тој начин ќе
се добие еден транспатентен, воздушест ефект, а глуварчето ќе лебди по
модната писта. Така и направија.
По неговото прво појавување на сцена се случи нешто дотогаш невидено. Сите
луѓе занемеа, сообраќајот како и часовниците запреа, бомбардирањето на
источен Авганистан се одложи (на неодредено време), и за цели седум
секунди никој не правеше ништо. Сите воодушевено зјапаа во глуварчето кое
полека лебдеше облечено во најновите креации. Тој ден го прогласија за
официјален ден на убавината.
„Е овој триумф долго време нема никој да го надмине и јас ќе живем среќно
и на врвот засекогаш“ - си помисли во својата празна глава глуварчето,
тегнејќи го синџирот со дијаманти без кој ќе летнеше како балон во
атмосферата.
Меѓу другото, една работа во врска со глуварчето им падна во очи на повеќе
луге кои себе си се нарекуваа колектив за родова определба, а тоа беше
прашањето- „од кој род е глуварчето?“. Колективот имаше свое стручно
мислење за ова прашање само проблемот беше во тоа што мислењето беше
поделено. Едниот дел од луѓето сметаа дека глуварчето е од машки род, а
другите сметаа дека е од среден род, за женски не смееше ни да стане збор.
Оваа дилема ја разбранува дури и јавноста и наредното нешто кое се случи
беше консензус на кој присуствуваше и глуварчето, а на кој се одлучуваше
за неговиот род. По долги и исцрпни дебати и нагодувања се реши дека
глуварчето е всушност, навистина и непоколебливо точно машки,
хетеросексуален, десничарски објект на инспирација и како таков го запишаа
во Вебстеровиот речник. Глуварчето, се она што ќе му го кажеа го примаше
со својата испразнета глава и ако веќе во наредниот момент му соопштеа
дека решиле да го декларираат како вселенска кокошка послушно ќе климнеше
за потврда.
Во меѓувреме светот се презаситуваше од лебдечките модели, лебдечки
филмски ѕвезди и лебдечки познати личности поради најбанални причини, кои
пак сакаа да лебдат во исти простории со претходно споменатите. Затоа
креативниот тим на глуварчето, заедно со неговиот менаџер повторно се
најдоа пред задачата на конструирање (деконструирање) на нов имиџ кој ќе
ги стави во сенка сите предходни. Но, веќе наредниот ден, светот го
разбранува шокантната вест за исчезнувањето на глуварчето и веднаш почна
да се шпекулира за причината на неговото исчезнување. Нашироко се
зборуваше дека конкурентната агенција е вмешана, дека станува збор за
испланирано убиство од страна на љубоморен љубовник, дека владата е
вмешана или дека некој го киднапирал и дека откупот ке биде
мултимилионски. Но, за воља на вистината, на глуварчето спиејќи покрај
базенот случајно му се извадил дијамантскиот синџир од повеке карати од
вратот при што веднаш одлетал во атмосферата.
Ах, да! Во врска со претходната муза на не многу успешниот фотограф во
шоу-бизнисот кој преку ноќ стана успешен.... па....неа ја прегазил
автомобил кој бил управуван од непознато лице.