т:темплум  

 

јуни-јули
к:
крстевски ѓорги



г:години:24



т:таинствениот јавувач

На Ана Алексовска

Јас и немам којзнае колку возбудлив живот. Сè до пред шест месеци сите денови ми наликуваа еден на друг ; од понеделник до сабота бев на работа од осум до четири часот напладне, па одев дома ; во неделите или шетав сам во градскиот парк или одев на ручек кај омажената сестра која живееше на спротивниот крај од градот. Немам родители и не сум женет. Живеам сам, во еднособен стан под наем. Повлечен сум по природа, и за најблизок би можел да го сметам продавачот од продавницата во приземјето на мојата зграда во која купувам секој ден, иако честопати си мислам дека тој едвај и да ме забележува.
Да ми го раскажуваше некој друг ова што сега јас ќе ви го раскажам, немаше да му верувам.
Пред околу шест месеци, откако се вратив од работа и откако ручав, прилегнав на креветот за да одморам. Од дремката ме оттргна ѕвонењето на телефонот. Беше, по сè изгледа, сабота бидејќи кога се јавив, очекував да го чујам гласот на сестра ми која ќе ме покани на ручек наредниот ден; но наместо нејзиниот рапав глас, јас чув плач. Плач на некој што не го познавав. Отпрвин си помислив дека станува збор за некаква грешка, па потоа си помислив и дека некој сака да се пошегува со мене, и посакав да ја спуштам слушалката, но кога повнимателно се заслушав сфатив дека тој плач е искрен.
Утврдив дека гласот му припаѓаше на маж.
Немав пријатели и затоа не знаев кој би можел да биде тој. Затоа и не ја спуштив слушалката, туку останав да го ислушам до крај, за можеби да дознам кој е. За жал, не успеав. Откако се исплаче, непознатиот ја прекина врската.
Јас бев вчудоневиден. Веднаш почнав да си поставувам прашања. Од каде некој би можел да го знае мојот телефонски број? Дури по една минута се сетив и јас да ја спуштам слушалката.
И се јавив на сестра ми и ја прашав дали го дала некому мојот телефонски број, но таа ми одговори негативно. Прашав да не се пошегувале таа и нејзиниот сопруг, но одговорот беше ист. Очигледно беше дека сестра ми не знаеше ништо во врска со тоа.
Не верував дека можеби беше некој од моите соработници. Всушност, со нив не се ни поздравував кога ќе се сретневме во некој од ходниците во зградата каде што работевме. Други не познавав, освен продавачот од приземјето.
Се симнав долу и го прашав дали знае нешто во врска со телефонскиот повик, но тој знаеше уште помалку од сестра ми. Дури се изненади кога чу дека имам телефон воопшто.
Таа вечер не можев да заспијам до доцна во ноќта. Се превртував во постелата и само мислев на тоа кој би можел да ми телефонира плачејќи.
По неколку дена повторно ми се јави истиот глас. И овојпат плачеше. Плачеше искрено, од сè срце. Тоа можев да го почувствувам и јас преку жицата што нè разделуваше којзнае колку километри. Морам да признам дека неговиот плач делуваше и на мене, и ме растажи, со оглед на тоа што истиот тој ден претпоставениот на работа ме искара за еден ненамерен пропуст што го направив, и потоа сето време бев нерасположен.
Кога непознатиот заврши со своето плачење, и кога и јас ја спуштив слушалката, се чувствував многу тажно. Така се чувствував до крајот на тој ден, кога и јас заплакав вечерта пред да заспијам.
Неговите јавувања не престанаа. Се јавуваше на секои три-четири дена, и секогаш плачеше, а понекогаш плачев и јас, и по извесно време неговите јавувања прераснаа во еден вид општење помеѓу нас.
Во меѓувреме, јас на секој начин се обидов да откријам кој беше тој. Се обратив во поштата, во полицијата, во разни други служби, но никој не знаеше и не можеше да открие. Најпосле, и мене ми стана сеедно кој беше. По секое негово јавување јас се чувствував онака како што тој се чувствуваше, и моето расположение, на некој начин, стана зависно од неговото.
И еве, по шест месеци, сè уште ми се јавува. Мене тоа не ми пречи, тие нешта ја разбиваат секојдневната едноличност во мојот здодевен живот…

 



д:двојник

Го гледам секогаш додека се бричам. Тој совршено ги повторува сите мои движења со бричот по насапунетата кожа на лицето.
Го гледам и додека се чешлам. Има чешел со иста боја како мојот. Црвен, со ситни запци.
Тој има исти мозолки како моите. Ги истиснува на истиот начин како и јас, со врвовите на обата показалци.
Понекогаш, додека ги мијам забите, го фаќам како скришно погледнува кон мене, но кога ќе забележи дека и јас гледам кон него, веднаш го спушта погледот надолу и гледа во жолтата четка за заби, иста како мојата.
Ние најчесто се среќаваме во бањата, но и во претсобјето, каде што на ѕидот има огромно огледало. Само што едниот од нас никогаш не успева да излезе од неговите рамки.
 




р:расипаниот часовник

Девет минути пред полноќ е.
Влезната врата се отвора, и во двособниот стан влегува една девојка со долга црна коса фатена во реп. Девојката ги соблекува патиките и зачекорува по мекиот килим во правец кон бањата. Откако ја вклучува светилката, влегува во бањата и во мијалникот ги мие рацете што потоа ги брише со крпата закачена на еден клин до огледалото. Потоа излегува од бањата и ја исклучува светилката, и влегува во спалната соба, откако и таму го вклучува светлото. Отвора еден плакар и оттаму ја вади својата ноќница. Ја соблекува својата работна униформа и ја положува на еден стол, а потоа ја облекува ноќницата, а нозете ги вовлекува во црвени влечки. Излегува од спалната и ја исклучува светилката. Оди во дневната и запира пред телевизорот. Со едно пружање на раката го вклучува и се загледува во неговиот осветлен екран на кој се прикажуваат вечерните вести. Гледа околу една минута, а потоа оди во кујната, ја вклучува светилката, се доближува до мијалникот и зема една чаша од полицата десно од него. Ја одвртува славината од чешмата и ја наместува празната чаша под млазот. Таа се полни до врвот и девојката ја принесува кон устата. Кога девојката го допира врвот на чашата со своите усни, веќе е една секунда пред полноќ.
И наместо ѕидниот часовник да отчука дванаесет пати, означувајќи го со тоа крајот на стариот и почетокот на новиот календарски ден, нешто чудно се случува со него. Откако се слуша некакво крцкање во неговата внатрешност, стрелката за означување на секундите почнува да се движи обратно.
Тогаш девојката ја спушта чашата што ù ги допре усните и ја наместува под млазот што се враќа во чешмата . Потоа ја завртува славината, а празната чаша ја става на полицата десно од мијалникот. Се оддалечува од него, ја исклужува светилката и излегува од кујната. Оди во дневната и запира пред вклучениот телевизор, каде што стои околу една минута пред неговиот осветлен екран на кој по обратен редослед се прикажуваат вечерните вести. Со едно пружање на раката го исклучува и се упатува кон спалната соба. Таму ја вклучува светилката, а потоа ги извлекува своите стапала од црвените влечки. Ја соблекува ноќницата, и ја облекува својата работна униформа што е положена на еден стол. Ноќницата ја става во еден плакар што потоа го затвора. Потоа излегува од спалната и ја исклучува светилката, по што, се упатува кон бањата. Пред да влезе во неа, девојката го вклучува светлото. Таму ги брише рацете со крпата што ја зема од еден клин во ѕидот до огледалото, а потоа ги мие рацете. Веднаш потоа излегува од бањата и го исклучува светлото. Зачекорува по мекиот килим во правец кон влезната врата. Ги облекува патиките, ја отвора вратата, и девојката со долга црна коса фатена во реп излегува од двособниот стан.
Девет минути пред полноќ е.




 

с:сообраќајна несреќа

Ја сретнав излегувајќи од лифтот. Во рацете носеше кеси полни со овошје. Ме замоли да ù ја придржам вратата за да влезе , а потоа и да го притиснам копчето од тринаесеттиот кат. Ја послушав, и таа ми се заблагодари. Ме праша како се моите родители. Добро се, одговорив. Ме праша како е сестра ми. Немав сестра, но таа не можеше да го знае тоа зашто починала уште пред да се родам.
Не ù одговорив. Молчев.
Молчеше и таа.
Тогаш се сетив дека зградата во која што живеам има дванаесет ката.
Наскоро лекарите ме освестија, и едниот од нив ме праша како се викам.



 

с:сценарио

Ти ќе седиш на стол во дневната соба и ќе бидеш замислена. Тој ќе се качува пеш по скалилата. Ќе се накашла пред да ја отвори влезната врата. Ти ќе погледнеш во тој правец. Ќе затрепериш.
Тој ќе влезе, а ти ќе станеш.
Ќе се погледнете еден со друг.
Тогаш ќе се доближите и ќе се прегрнете. Ќе си простите за вчерашната безначајна расправија и ќе се бакнете.
Потоа сè ќе си продолжи по својот вообичаен тек, сè до наредната расправија.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори  

з:застапени автори

  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


































































































































 

  д:дома