2007:јули/август
општ
конкурс
д:димитров александар
ф:фотографија
Неговиот живот не познаваше ништо друго,
освен возови. Неговата куќа, ако веќе коцка од четири лошо малтерисани
страни и поткровје кое во секој момент ќе изгуби во борба со ветрот се
нарекува куќа, стоеше навалена токму со страната откај шините. Два
прозорци од нечисто стакло и дрвена врата што скрца беа единственото
архитектонско решение. Оџакот, сосема искривен и исцрнет, беше отпосле
додаван. Внатрешноста укажуваше на личност што не го троши времето за
создавање ред. Очигледно не му претставуваше задоволство да го види
креветот наместен, или пак, повеќе од една чаша или сад да бидат чисти во
исто време или да нема прашина по стариот мебел, кој се состоеше од маса,
два стола и ормар од кој едната врата зјаеше и ги повикуваше стаорците за
прибежиште.
Неговиот израз и држење соодветствуваа на
инвентарот: стар, дотраен, без сјај и убавина. Тоа што неговиот надворешен
физикус не можеше да се пофали со младост и енергичност не беше резултат
на дамнешна година на раѓање, туку на својата прерана истрошеност од
животните прилики.
Лежеше на железниот кревет. Мувите низ загушливата просторија беа
единствените придружници во тоа спарно попладне. Веројатно не му пречеше
скокотливото дразнење од движењата на мувата по неговиот образ, иако
лицето му беше измазнето од утринското бричење. За еден момент ги истрга
мувите од себе, правејќи движење со раката. Веднаш потоа, тие повторно
слетуваа по неговото тело, небаре тие беа пчелите а тој цветот. Често беше
принуден да направи движење со раката по челото за да ја забрише
насобраната пот.
Погледот во часовникот извлече од него
поенергично движење со кое тој се најде кај вратата. Немаше потреба да ја
отвори затоа што таа преку цел ден не се затвораше. Навечер само
прозорците остануваа спроводник на топлиот ветер од надвор во
просторијата, додека вратата ја затвораше од навика, а не поради некоја
особена причина. На чекор до вратата, однадвор, стоеше малечко столче кое
му служеше за попладневните починки. Всушност, на тоа столче ги доживуваше
најбучните моменти од денот, исполнети со слики на тешки, брзи возови.
И сега знаеше дека возот се наоѓа на
неколку скромни километри оддалеченост од неговата куќарка. Седна со
погледот закосен во лево. Пред себе имаше сува земја, ретка пожолтена
трева од жешкото сонце и шини. Шини од кои испаруваше топлината на
железото и го правеше воздухот уште потежок. Звучниот сигнал од
локомотивата ги вознемири инсектите по блиските полиња. Човекот се
исполнуваше со ова пискање на сирената. Тоа за него претставуваше најава
на гости, иако тие никогаш не се задржуваа повеќе од неколку секунди.
Возовите никогаш не застануваа. Му беше доволен мигот на нивно присуство.
Така тој комуницираше. Ниту еден кажан збор со некого, ниту мавтање со
рака. Неговата комуникација се состоеше преку сликите. Сликата беше со
истата позадина пред која се јавуваше возот и исчезнуваше до неговото
влегување во нова слика.
Човекот трепереше додека поминуваше машината на тркала. Само тој знаеше
какво е тоа исчекување и колкаво задоволство му нуди моментот кога се
соочуваше со нешто кое укажуваше на човечко присуство. Возот што
одминуваше остави парче хартија што лебдеше и се превртуваше на ветрот.
Излезено од некој прозорец на возот, парчето хартија благо се спушти во
прашината. Човекот стана и појде натаму. Го најде изгубениот предмет со
лицето покриен во прашина. Кога го истрга бледо-кафеавиот слој земја, во
рацете забележа фотографија. Беше фотографиран женски лик: лице чија
убавина не дозволуваше а да не го задлабочи неговиот поглед. Никогаш тој
не беше видел таков поглед како на фотографијата. Нејзините совршени усни,
уредно полните образи, делумно извитканата коса со нежни краеви што паѓаа
по рамената и особено насмевката која ги истакнуваше убавите заби создаваа
чувство на внатрешна топлина кај човекот. Тој знаеше дека ваква човечка
совршеност немаше да умее да погледне доколку не беше на фотографија. Сега
лакомо и гладно ја голташе убавината од фотографијата. Во рацете ја држеше
толку нежно што помислуваше дека таа е жива. Ниту за момент не ја испушти
фотографијата од своите раце. Додека јадеше, раката што го држеше ликот на
девојката, се потеше а мускулите на прстите се опуштаа од некое внатрешно
необјасниво чувство.
Таа вечер не постоеше убавина од
заоѓањето на сонцето и вжареното небо кое планините го делеа од празните
шини. Таа вечер постоеја само ѕвездите на летното небо, железниот кревет
со човекот што лежеше на него и една фотографија, стисната нежно во една
испотена рака.
ш:што кога
бев малечок, а што сега, кога сум голем?
Кога бев малечок...
Кога бев малечок, бев многу мал. Сите ми изгледаа огромни. Кон секој
мораше да ја држам главата нагоре за да го задржам погледот со нивниот.
Како малечок многу сум плачел. Како малечок сум се смеел постојано, освен
кога сум плачел. Сум добивал се што ќе сум посакал, па и ќотек, се
разбира. Не ми било грижа за никого, освен за самиот себе. Не сум се
срамувал од ништо. За секоја постапка не сум размислувал до три. А имало
денови и по три пати да се помочам во кревет. Сум се плашел од учителката
како од стара баба што се наведнува да те бакне и да ти го искине образот
со грубите прстишта. Чоколадите биле моето вистинско опкружување. Не се
занимавав со тоа дали ми останало кафеаво околу устата и носот и дали
можеби кафеавото се измешало со некое мрсулче кое потекло во тој момент.
Не ми било гајле дали ќе кажеш секому “добар ден”. Па и на првата
симпатија ми беше сеедно дали ќе и речам здраво или ќе се скријам зад
првиот агол. После криењето ќе се каев, ама сеедно. И за првата единица во
дневникот не се ставав во карантин. Знаев дека симпатијата е виновна. Како
растеа емоциите за симпатијата, почнував да ги чувствувам првите знаци на
срам. Секогаш убаво ќе размислев што ќе кажам кога ќе ја сретнам. И
секогаш тоа немаше да успее. Ќе премолчев и ќе си заминев. Почнував да
растам. Ги менував симпатиите. Научив да имам критериум. Знаев што чини а
што не чини. Бев културен во друштво и одмерен во разговорите. Чувствував
трансформација...
Сега, кога сум голем...
Секоја постапка ја разгледувам од секој можен аспект. Постојано се
прекорувам себеси – сум можел и подобро. Излегувам постојано. Не ги слушам
по дома, освен кога барам пари за излегување. Ставам гел на косата. Во
кафичите пијам пиво. Од далеку гласно отпоздравувам кон другиот крај на
дискотеката за да биде забележано моето присуство. Се чувствувам
супериорен кога за рака ја водам девојката што е доволна за раскин и
помеѓу највљубениот пар.
На улица повеќе не се обраќам со “чичко”, туку со “стари”. Во градски
автобус ретко станувам на постари. Плукам кога сум во движење (да
расчистиме, никогаш не ‘ркам на улица). Дома редовно си го местам
креветот. Забите си ги мијам барем еднаш на 24 часа. Размислувам за
ентериерот, за промени, за мојата нова девојка, за другарот што се налути
вчера, за соседот и неговите лоши навики, за мојот однос кон светот.
Размислувам за војните, за омразата, за глобализацијата, за затоплувањето,
за животот на други планети. Се загрижувам за животните. Размислувам низ
политичка конотација. Делумно ми е страв од иднината. Сфаќам дека
нејзината амбиција ќе спласне како следна содржина во историјата.
Понатаму би се случувала фазата на култивирана возраст. Тогаш кога би бил
доволно зрел...
Ако не го пронајдам доволно квалитетот во себе, тогаш уредно, преку
ургенции, ќе дојдам до посакуваното работно место. Мојот шеф е суштество
кое секој би можел да го замени. Се покорувам пред него а се полнам од
нервози кога помислувам на него. Жена ми дома би очекувала ручек барем за
тој ден а јас би и префрлил дека никогаш во историјата мажите не си ги
заменија улогите во домаќинки, па зарем таа мисли дека јас ќе бидам
првенец во таа насока? Ќе си ги одработам домашните обврски на еден маж:
гледање вести и фудбал, читање весник, испивање на некое пивце од фрижидер
и дремнување. Во моментот кога ќе се распискаат децата, ќе станам нагло и
скришум ќе се провлечам низ влезната врата. Ќе се најдам со друштвото и
откако ќе се убедиме дека никој нема намера да чести таа вечер, ќе си
заминам повторно дома и ќе заспијам до саканата женичка, свртен со грб.
Утредента би се прашал дали е ова начин на кој вреди да се поминува
животот. Прашувајќи се преку цел ден, би ги повторил истите постапки од
претходниот. Мал кога бев – не разбирав, ќе си помислам. Сега еве, сум
возрасен – што научив? Ме познаваат неколку стотици души од кои јас ги
знам половината а другата половина не ги почитувам. Дали од тие барем
двајца утре би ми позајмиле пари? Дали од нив барем некој би ме пофалил
пред останатите? По некоја година се забораваме едни со други. Како
старееме, се намалуваат пријателите. Кои исцркале, кои исчезнале незнајно,
кои позајмиле пари а кои, пак, се затвориле во четири ѕида и другаруваат
само со матичниот лекар.
Веројатно е дека и кога си мал и кога си голем, светот не се врти околу
тебе, туку ти се вртиш околу него. Како мал плачеш а како голем – лелекаш.
Како мал се смееш а како голем се потсмеваш. Значи, емоциите што ги
поседуваме се исти само што ги искажуваме на различен начин. Животот не
прави мали и големи. Растеме и стануваме деца и обратно.