т:темплум  


2007:јули/август
жанровски конкурс


с:станоевска жанета


г
:години:52
п:
професија: преведувач
н:нешто за себе: се чувствувам помлада отколку што треба д:досега објавено: два раскази во Маргина#76
stanojeska@yahoo.com




 

a:allēgoréo

Брезата воздивна длабоко, ги затресе своите гранки, нејзините нежни лисја затреперија и таа му дозволи на благиот утрински ветрец да и го помилува стројното стебло. Орфеј кој спиеше на една од повисоките гранки, ги отвори црните очи, зеде длабок здив и му се израдува на новиот летен ден. Тој беше млад врабец и секогаш се будеше прв, веднаш одлетуваше до најблиското вирче и набрзина завршуваше со утринската тоалета. Потоа ќе летнеше по храна, но бидејќи имаше здрав апетит, не пребираше и брзо ја завршуваше и таа обврска. Орфеј и неговото јато, заедно со новодојдениот член, одбегнатиот папагал Коко, среќно си живееја во големиот градски парк, поточно на брезата која им ја даваше сета своја љубов и заштита. Така беше и овојпат. Откако се заплакна малку под крилцата и го освежи клунот, Орфеј задоволно се огледа во вирчето и уште еднаш заклучи дека е упадливо згоден. Потоа, летна во потрага по појадокот, пред да оди да ја разбуди Евридика. Таа живееше малку подолу, близу до езерцето, на покривот на старата кафеана со голема бавча која во летните ноќи често ечеше од прегласна музика и човечки џагор. Орфеј од своето јато таеше дека е бескрајно вљубен во Евридика, најубавата, најбелата и најслатката гулабица што некогаш постоела во паркот. Во сите овие месеци на додворување, Орфеј леткаше по неа како во транс, изведуваше долги партии на врапчешки црцор, додека таа грациозно шеткаше и слатко си мезеше низ тревниците крај езерцето. Гулабите од нејзиното јато со подбив, а некогаш и со громогласна смеа, ги следеа упорните обиди на Орфеј да ја освои нежноста на најголемата убавица во нивните редови. Но, тој беше блажен во своето незнаење дека е предмет на толку слатки озборувања. Понекогаш пред спиење, исцрпен од целодневниот љубовен занес, си велеше дека ќе мора некако да му соопшти на јатото дека љуби женка што не е од нивниот род. Но, постојано одложуваше зашто стравуваше од реакцијата на Архелај. Тој му стана и татко и мајка кога ја загуби родителската грижа, а тоа се случи набрзо по неговото испилување. Неговите родители настрадаа во едно силно невреме, а тој преживеа благодарејќи на храброста и пожртвуваноста на овој сега веќе многу возрасен врабец, кој не ги криеше своите очекувања Орфеј да го наследи како водач на јатото.
И, тоа несреќно утро, додека весело скокаше низ влажната трева во потрага по појадок, одеднаш, низ сивкавата светлина на муграта, тој здогледа како нешто се белее до џбунот крај влезот во кафеаната. Несигурно чекорејќи, Орфеј се упати кон белузлавата дамка, целиот оладен од некакво лошо претчувство. Таму, со грдо извиткан врат, сета испрскана со крв и кал, со полузатворени и матни очи, лежеше мртва неговата Евридика. Налетот на ужас му го запре срцето, му го задуши крикот и тој стоеше скаменет пред својата сакана неколку бескрајни минути, па нагло се заврте и летна кон брезата воден од инстинктот дека таму ќе најде утеха и помош. Кога дојде до неа, тој застана на гранка и гласно заплака. „Кој пишти таму?“ – од некоја од погорните гранки вресна Роксана, сувата и злобна врапчинка, инаку најголемата озборувачка во пошироката околина. „Евридика е убиена...“ – низ солзи проговори Орфеј- „...пред малку го најдов нејзиното тело.“ „ Тоа беше онаа бела гулабица со симпатична глава, но со малку подебел газ, нели ?“ – суво запраша Роксана и не чекајќи одговор продолжи: „И, каква врска имаме ние со тоа, освен што те гледавме како се будалиш, како ти капеа лиги од клунот додека трчаше по неа низ тревниците и црцореше од петни жили?“ „Поштеди не од твојата злоба барем овојпат, искубано бабиште!“- бесно свика Филип, инаку најмолчеливиот врабец во целото јато. „Примитивец!“ – му одврати Роксана. „Примитивец!Примитивец!“ – вресна Коко со нејзиниот глас и се обѕрна околу себе. Повторно беше разочаран дека за разлика од времето кога живееше во кафез, овде никој не се воодушевуваше од неговите имитаторски способности. „Орфеј, синко, одведи ги веднаш Филип, Аминта и Пердика до местото на злосторот! Испитајте ги трагите и враќајте се ваму, сакам веднаш да бидам известен!“- рече Архелај кого за разлика од крилјата, гласот се уште добро го служеше. „ Ама, тоа беше една комична идила, да не се префркнуваме...“- почна да разврзува Роксана. „Затни си го клунот, да не ти го затнам јас!“- остро ја прекина воинствениот Пердика и одлета заедно со уште тројцата одбрани врапци. „Примитивец! Примитивец!“- рече Коко, колку нешто да каже, но никој од насобраните врапци не го слушаше. Сите беа во шок и во исчекување. Брезата немаше сила ниту за воздишка.
Кога слетаа пред кафеаната, Орфеј забележа дека околу безживотното тело на неговата љубена веќе се насобрале неколку гулаби и едeн гавран, познат сеирџија, и сите гласно ја коментираа грозоморната слика. Групата врапци се расшета по теренот разгледувајќи ги трагите молкум, строго водејќи сметка за достоинството на покојната гулабица. Кога завршија со постапката тие полетаа назад кон брезата. На Орфеј му тежеа сопствените крилја, во градите го печеше раната на неподнесливата загуба и истрагата му се чинеше бесмислена и патетична како впрочем и целата негова иднина. „И, каква е ситуацијата таму?“ - загрижено праша Архелај, а Орфеј резигнирано му одговори: „Тешко ќе се утврди виновникот. Таму има траги од човечки стапала, од разни птици...кучиња и сешто.“ „Не најдовте ли нешто поконкретно, нешто што наведува на можниот сторител?“- беше упорен Архелај. „Не, ништо што може да доведе до каков било заклучок. Се работи за професионално изведено убиство, ако се прашувам јас.“- самоуверено одговори Аминта. Архелај длабоко се замисли. „Значи, истрагата е во тек... мислам... во недоглед!“- рече Роксана со триумфален сарказам. Филип бесно ја погледна и процеди низ клунот: „Ти си прва на мојата листа на осомничени, ако сакаш да знаеш!“ Роксана се препадна од овој неочекуван удар и за првпат по којзнае колку време остана без реплика. „Примитивец!“- вресна Коко претендирајќи да заземе место на неформален портпарол, но беше погрешно сфатен. Филип со главата силно го удри во стомакот и го издиша. Коко по којзнае кој пат копнежливо се сети на својот удобен кафез. Тој ден Орфеј уште неколкупати леташе до старата кафеана и секојпат телото на Евридика му изгледаше пострашно и пожално, а попладнето од него почна да се шири непријатна реа. Некаде пред самракот тој повторно одлета таму, но телото веќе го немаше. Гавранот кој се уште се моткаше таму во надеж за уште малку сеир, му рече дека некои луѓе го собрале, го ставиле во една длабока канта и заминале. Орфеј повторна почна да липа и целиот столчен од болка полета кон брезата во пресрет на најстрашната ноќ на неговиот живот. Тогаш, застана на нејзината највисока гранка и тапо се загледа во зелениот бескрај. Силен умор почна да го обзема неговото кревко тело и иако беше гладен, жеден и во душата полн со онаа црна леплива маса што се вика тага, тој попушти пред налетот на сонот. И, додека денот мрзеливо ги гнетеше последните зраци назад во својата утроба, а месечината исплива на небото во сета своја студена ароганција, врапчешкото јато заспа. Само брезата втренчено гледаше пред себе ширејќи миризба на меланхолија и неспокој.
Минаа часови, ноќта одамна го беше развеала својот траорен превез, кога брезата почувствува благо треперење на гранките. Некој од врапците полета, а таа комплетно се збуни. По изретчената опашка и тромавиот лет, таа веднаш сфати дека ноќниот летач е Архелај. Неподвижно и немо, таа го набљудуваше патувањето на стариот врабец до борчето што растеше стотина метри спроти неа, веднаш до кружната леа со темјанушки. И, тогаш брезата го здогледа суштеството што беше дел од најстрашните кошмари на сите жители на паркот. На една ниска борова гранка, сета слеана со црнилото, стоеше таа одвратна птица, големата врана убиец од која сите панично бегаа и со право ја викаа Харпија. Но, Архелај застана до неа и брезата во ужас сфати дека тие разговараат. Иако не можеше да чуе што зборуваат, таа знаеше дека средбата не е непријателска. Но, разговорот зачудувачки брзо заврши и Архелај полета назад кон својот дом. Тогаш, враната убиец, за благородната бреза олицетворение на чистото зло, лежерно ги расшири крилјата и одлета во спротивната насока. Додека стариот врабец удобно се сместуваше на нејзините гранки за да продолжи со сонот, поразена од одвратноста и немоќта, брезата очајнички погледна кон месечината посакувајќи да го подели со неа тешкото бреме. Но, таа остана недостапна и ладна.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања








































































































































 

  д:дома