август/септември
д:дима александар
к:криза на
улицата Илинденска
Си беше Детето. Беше доволно возрасно за само да го пронајде патот до
улицата Илинденска, а сепак доволно срамежливо во своите малку години за
да разговара со повозрасните.
Улицата Илинденска беше негова дневна финална дестинација. Секој ден
доаѓаше до големата дрвена врата (за него наликуваше на голема порта од
светот на чудесното). Застануваше извесно време пред неа, како негов
вообичаен ритуал, се исполнуваше неговата детска утроба со нешто
величествено. Откако ќе почувствуваше дека доволно е обземен со страсти,
имагинацијата и копнежот сами му ја отвораа вратата и го втурнуваа во
утробата на неговиот свет.
Првите чекори внатре ги правеше со истовремено вдишување на просторот
околу него. Ако Жан-Батис Гренуј умееше да го насети секое човечко
присуство, Детето успеваше да го препознае просторот по самата миризба.
Просторот што го чувствуваше не беше околу него, туку во него. И Детето и
просторот беа заемно опседнати: просторот навикна на него како на потреба
а Детето го внесе просторот во неговата душа. Во него живееја премногу
личности, премногу ситуации и случувања. Детето имаше историја во неговата
душа.
Тоа спознаваше поинаков свет од надворешниот. Никогаш не се изморуваше од
постојаните прошетки. Застануваше до секоја продавница и се опиваше од
мирисот на цимет. Несвојствено за неговата возраст, се вљубуваше многу
често. Секоја девојка наликуваше на претходната и едноставно ја
надоградуваше неговата восхитеност од нивното постоење. Тоа, всушност и не
беше заљубување туку допаѓање и обожавање на девојките што ги среќаваше.
Лолита е една од оние што се врежа во неговиот незаборав. Детето
поседуваше љубов кон нештата што не се купуваше за 17,5 долари, иако нему
сите билетарници му беа наклонети, при што никој не му бараше пропусница.
Детето созреваше преку внатрешниот свет. Не беше воопшто неопходно да
присуствува во круговите на таканаречените модерни социјализации за да
стекне потребно искуство што ќе биде во сооднос со неговото созревање. Она
што нему му се случуваше, се одвиваше како природен роман. Романот беше
поткрепен од новели за сонот што стануваше реалност. Детето чувствуваше
дека неговата тајна интеграција во тој свет правеше да се чувствува моќно
и величествено. Тоа не бараше признание за неговата супериорност од
надворешниот свет затоа што уживаше во неговата анонимност и неговиот
субјективизам кон внатрешниот анонимен свет.
Денес повторно беше Детето. Пред големата врата. За момент се зачуди што
неговата интуиција не го поведува внатре. Решително направи проверка за да
дознае дали неговата интуиција го изневерува, кога ја повлече рачката од
големата врата. Истовремено Детето се почувствува благодарно затоа што не
беше во прашање неговата интуиција, но толку несреќно поради далечината на
неговиот свет. Се заклучил светот негов, без притоа некој да му навести за
тоа.
Седна пред големата врата, треперејќи од наивниот неуспех. Преку вратата
од другата страна не го наслушнуваше крцкањето на подот. Сакаше да се
обѕрне наоколу за да види дека можеби велосипедот со корпа е во близина.
Велосипедот беше најпостојаниот инвентар со Детето. Кога увиде дека го
нема, Детето знаеше дека ништо веќе не го задржува пред големата врата.
Ниту миризбата од Жито Лукс не ја настрвуваше детската душа. Тоа беше
гладно за други работи.
Исчезна Детето. Копнеж наместо него.
Осамена голема врата. Празна тишина наоколу. Чад од печени тестенини што
не мирисаат. Сообраќај што не прави бучава. Луѓе што не даваат знаци на
присуство.
Криза на улицата Илинденска.
с:скалила
Станот мој се наоѓа на седмиот кат. Досега не мислев дека овој факт
некогаш ќе ми пречи.
Лифтот веќе две недели не го поправаат. Сега наоѓам причини дека живеењето
на пониско е повеќе од практично. За чудо, по патот низ скалилата ретко
среќавам луѓе. Првите денови од ова непредвидено бонус секојдневно
пешачење, скалилата ги минував со трчање. Од вчера почнав да ги бројам –
колку скалила толку чекори. Повеќепати ми се случува да успеам да ги
избројам скалилата до седмиот кат, без притоа некој да ми се вмеша во
мојата дневна доза математика. Ако успеам да сретнам некого, му давам
предност во однос на бројките. Ги исфрлам нив од мојата глава и отворам
место за буквите. Изговарам, по обичај, по осум од нив. Ги повторувам како
стихотворба: “добар ден”. Во зависност од моето пријателство со
среќавачите, кон некого сум подарежлив. Моите букви и буквите од другата
страна создаваат дијалог. Едноставно, пријателите заслужуваат да им
подаруваш повеќе зборови. Зборовите што ги поделуваме меѓусебно не прават
поблиски од останатите. Зборовите зближуваат.
Се сретнавме со сосетката од шестиот кат и не разменивме едно стандардно
“добар ден”. Ете, она за што претходно зборував: со туѓите луѓе ги штедиме
зборовите. Сосетката е новодојдена и нашето непознанство не двоуми во тоа
некој прв да почне со разговор. Зборовите се обратно од кучињата –
кучињата лаат на непознати а зборовите се упатуваат на познатите.
Да дозволуваше густината на населеност нашата зграда да биде поставена
хоризонтално, сега ќе беа непостоечки проблемите со кондицијата. Впрочем,
немаше да се фрлаат средства за изградба на лифтови. Вака, ем трошоци за
лифт ем пак ќе чекаме на мајстор. Вчера еден сосед во пензионерска фаза ми
се пожали дека што повеќе се чека мајсторот, толку повеќе ќе се намали
општата килажа на станарите во нашата зграда. Со тоа придонесуваме за
физички повитка нација. Тоа оди во прилог на поздрав начин на живеење. Ќе
ги извеземе холестеролот и маснотиите од нашите задебелени тела. Оние што
досега со лифтот ги прескокнуваа подолните спратови, сега ќе имаат добра
можност да проценат каде ѕидот е најзачуван. Можеби Советот на станари ќе
отвори оглас за најчист, односно најсреден спрат, како што тоа се прави со
дворовите на куќите. А тоа пак, може да доведе до состојба на општ хаос
низ спратовите. Љубомората и завидувањето би биле натрапниците што ќе ги
чкртаат соседните ѕидови или пак, наместо ѓубре во контејнерите, ѓубре кон
конкурентските станови.
Постои ли некој хиерархиски систем и во зградите? Ако би било така, ние од
погорните слоеви притискаме надолу. Мислам дека оние од најниските
спратови го чувствуваат нивното подредено живеење: тие над нив постојано
им ги тресат трошките од јадењето и правот од постелнината, ја истураат
пепелта од цигарите и плукаат барем по еднаш дневно, како
некултурно-хигиенска аномалија.
Сепак, фактот дека живеам над другите (со оглед дека мојот спрат е
последен) не прави да се чувствувам посебно. Или, пак, би требало, со тоа
што најмногу ми се дозволува да ги користам скалилата. Ние од погорните
катови поседуваме повеќе скалила.
Денес неисправноста на лифтот беше главниот учесник во нарушување на
здравјето на старицата од петтиот спрат. Кутрата старица била приморана во
рок од два часа двапати да слезе од својот стан. На вториот пат кон станот
ја пречекал инфарктот. Сега е во болница, каде што верувам дека следните
денови ќе биде ослободена од физички активности.
Луѓето тешко може да ги проучиш низ среќавање по скалилата. Во лифтот
секогаш се добиваат попрецизни констатации за нечиј карактер. Таму луѓето
се набљудуваат скришум и таинственоста доведува до заклучоци.
Се наоѓам пред влезот на мојата зграда и воопшто не ми се брза. Размилувам
дали...?
- ...Извинете, но тукa го завршувам мојот расказ... мајсторот за лифтот...
дошол.