т:темплум  

 

август/септември
ј:
јованоски виктор


 

н:невини и напуштени

I

Ноќта има вкус на засирена плунка, крв и кармин размачкан врз бронзениот врат. Ми недостасуваат твоите крици и начинот на кој ја подгризуваш долната усна кога почнува да боли. Ние не би смееле да ја осквернуваме Љубовта... Нејзините раце висат како обетки под неговите светнати уши. Блескаат неми трепети на пеперуткини крилја и рибји крлушки под треперливите ноздри. Со сила на полуден еднорог, штотуку ослободен од раскошните одаи на некој митски замок, тој ги кине зумбулите што цветаат врз везениот раб на нејзиниот фустан...
Ноќта има вкус на Деформирана Среќа, Љубена!
Потребна си ми... потребна си ми...

II

Лежат врз алиштата расфрлани на дрвениот кревет... Бевме само неколку години позбунети кога ти го рецитирав Лорка. Воздивнуваше како силувана нимфа во погледот на последните сатири, додека морските богови играа валцер врз нашите правливи препони... Твоето студено колено ги раздвојуваше моите ‘рѓосани нозе; плачеше како Аријадна на крајот на светот, иако разбушавената пена со заводливи движења ги вајаше твоите облини...
„Можеби е подобро веќе да не доаѓам?“
„Можеби... “

III

Се сеќаваш ли на Шпанија? Се сеќаваш ли на сништата што се колневме дека ќе ги оствариме на дното од Гранадирските ковчези кога пијани од бакнежи и Поезија, ги тркалавме нашите мршави черепи низ пиринејската кал, таму, до мртвите матадори и неподвижните учители, во сенката на Сиера Невада, крај солзите и непреспаните ноќи, моја Десетта Музо!... О колку неподносливо лесно беше да се надеваш под циганската месечина!... Понекогаш посакувам, место шепотот на брановите на Хенил, во еден часот наутро, да ги слушам сонливите чекори на Атлантскиот Ветер низ нежните цветови на портокалите...

*      *      *

Сè уште ли си доволно осамена за да ме љубиш? Или ме љубиш само за да бидеш осамена? Ги сонуваш ли, насмевната, венците од солзи? Ја сонуваш ли некогаш Виена? Јас ја сонувам често: има девет убави девојки што спијат врз стапалата на полуголата Сафо и еден стих што се римува со моите најтажни кошмари:

Dejare mi boca entre tus piernas...*

Никогаш не знаев да лажам кога зборував за нас, Љубена... Барем ти знаеш дека многу често се обидував...

IV

Клекнати. Таа го раствора изгризаното месо од бледите ковчести прсти во потта срасната за неговите ѕвездени прамени. Во црвено -жолтите очи потскокнуваат неколку зрна на калинка и два зелени листа. Познати светови прошумуваат низ нејзините голи заби:
„Можеби е подобро веќе да не доаѓам?“
„Можеби... “

____________
* Dejare mi boca entre tus piernas... - Ќе ја оставам устата меѓу твоите нозе... (стих на Федерико Гарсија Лорка од песната Мал Виенски Валцер)

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања















































 

  д:дома