т:темплум  

 

август/септември
н:
николовска милена


nikolovskamk@yahoo.com

 

х:херој на нашето време

Мојот херој има некакво модерно име, да речеме Роберт. Има околу триесетина години и има факултетска диплома, иако и самиот има заборавено за што. Неодамна го доби првото вработување во својот живот како некаков office menager или office assistant во една од многубројните трговски фирми, но постојано се убедува дека му претстои блескава кариера, само е прашање на време. Платата му е мала, но се чини дека троши повеќе отколку што заработува. И самиот не знае како е тоа возможно, но не се ни труди да бара објаснување.
Мојот херој е самец. Но тоа не значи дека живее сам; напротив, во својата триесетта сеуште живее со своите родители и се надева дека во блиска иднина тоа ќе се промени, дека ќе си купи станче, дека ќе се ожени, ќе има деца. Тоа што е самец значи дека нема девојка. Има само попатни авантури, ако може да се наречат така, бидејќи кога ќе завршат секогаш му се чини дека биле се’ друго, само не авантури.
Мојот херој има многу слободно време. Најчесто го троши во кафулињата, на кафе со пријателите. Тогаш зборува за фудбалот, или бистри политика, или едноставно кажува вицови. Притоа, не дозволува друг да му го земе зборот. Не го интересираат туѓите мислења за истите работи. Верува дека е интересен само тој. Дека е најпаметен, најинтересен, најдуховит.
Мојот херој себеси се смета за образован и начитан човек. Во исто време и модерен. Ги чита светските бестселери и секогаш го изразува своето мислење за прочитаното. Моментално го чита Ден Браун, а предходно го читаше Пауло Коељо. За нив зборува како за свои најблиски пријатели. На пример, за Ден Браун вели: „Сите го сметаат Ден за контраверзен, но јас мислам дека неговата контраверзност е машина за правење пари.“ Притоа, верува дека мислењето е негово. Но најчесто тоа што го зборува го има прочитано некаде. Тврди и дека ги познава и светските класици. За Достоевски ќе рече дека е голем писател и толку. Бидејќи ја има прочитано само „Злосторство и казна“ во средношколските денови, но и неа ја има заборавено.
Мојот херој освен што чита книги, гледа и филмови. Некогаш на кино, некогаш изнајмува од дивидитеки и ги гледа дома. Скоро секогаш ги гледа најпопуларните, оние за кои наголемо се зборува. Во нив го забележува само она што и другите го забележуваат, а сепак мисли дека видел нешто посебно. На пример, него во „Матрикс“ го воодушевиле „ефектите“, особено како тоа Киану Ривс ги избегнувал куршумите. Во „Господарот на прстените“ го воодушевила костимографијата, но приказната му била помалку здодевна.
Мојот херој гледа и телевизија. Спортските натпреварувања ги следи некако по задолжение, бидејќи инаку нема да се снаоѓа во многубројните дискусии за нив. Вестите ги следи задолжително, бидејќи сака да биде информиран за се што се случува. Смета дека телевизиите го бомбардираат народот со „шпански сапуници“. Нив ги смета за најголемо ѓубре. Дома, сепак, од досада, гледа по некоја.
Мојот херој на одмор оди преку една година. Најчесто во Охрид, а ако е при пари може да скокне и до Бугарија. Сепак, задоволен е и со толку.
Мојот херој до извесна мера е неписмен. Незнае на пример, дали „којшто“ и „чијшто“ се пишуваат заедно или одделно, каде се пишува „т“, а каде „д“, каде се става голема буква, а каде мала. Но тоа не го загрижува многу, бидејќи не му се појавило како пречка во животот. Другите околу него се исто така неписмени. Некои дури и повеќе од него. Но и покрај својата извесна неписменост, со голема самодоверба пишува текстови и притоа се надева дека еден ден ќе стане познат писател, или барем новинар. Текстовите му изобилуваат со вулгаризми, со што верува дека ги руши долгогодишните табуа во литературата. А да се рушат табуа сега е модерно.
И не само неговите текстови, туку и самиот речник на мојот херој изобилува со вулгаризми. Мајстор е за секојдневно смислување се посочни и посочни пцовки.
Инаку мајчиниот јазик не му е јака страна. Никако да научи да зборува македонски, никако да научи правилно да ги акцентира зборовите. Ама затоа пак англискиот јазик го познава одлично. Благодарение на таквите познавања и го доби своето прво вработување. На тоа и на познавањето на компјутерите. Знае да работи во Word и во Excel, по малку дури и во Power Point, а на интернет сурфа на големи бранови. Сепак, најголема специјалност му се компјутерските игри.
Односот кон жената за мојот херој е многу значаен само кога е во прашање неговата мајка. Кон неа се однесува со најголемо почитување, а и како не би кога таа срипува од каучот при секое негово појавување на вратата, со спремност да му ја исполни секоја желба, па макар и каприциозна. Кога станува збор за жените на негова возраст, мојот херој заборава на убавите манири (ако некогаш воопшто знаел за нив) и се надева дека ќе ги импресионира со својот погрден речник и со пофалните зборови кои ги упатува само на своја сметка. Сепак, понекогаш дури и ќе ја плати нивната пијачка и тоа е се што тие можат да добијат од него, бидејќи според неговото мислење, тоа е единственото што тие воопшто го очекуваат од него. Неговиот цврст и непроменлив став е дека жените денес се премногу еманципирани и не му се допаѓаат интелигентните и амбициозни жени, бидејќи дружењето со таквите му ја руши самодовербата и му го повредува егото.
Доминантната психичка состојба на мојот херој е депресијата. И покрај сите свои знаења и способности, и покрај сите пријатели и работното место, мојот херој е незадоволен од својот живот. Незадоволен е токму од работното место, од платата, од пријателите коишто понекогаш се однесуваат како непријатели, од тоа што живее со родителите, што нема девојка... Таквото незадоволство од сопствениот живот само напати преминува во бунт, којшто се состои само од пцовки упатени кон политичарите и државата, сметајќи ги нив за единствени виновници за неговиот мизерен живот; а многу почесто депресивното расположение на мојот херој се претвора во апатија и тој одмавнува со раката и мрзеливо продолжува да го живее животот, црпејќи сили за утрешниот ден само од својата навидум голема, но во суштина разнишана самодоверба...



 

п:просјакот

Москва, лето, 2003 година. Ние, десетмина студенти, сите од Македонија, отидени таму на едномесечен престој и божемно доусовршување, се враќаме уморни од дневната прошетка со метро. Се качуваме на станицата Китај-город и продолжуваме по портокаловата линија на југ со цел да стигнеме дома, односно во Белјаево, каде што се наоѓа нашиот интернат. Во возот и има и нема многу народ, со оглед на тоа дека веќе видовме какви се гужвите во метрото напладне, а сега е речиси седум часот. Некои од нас наоѓаат место за седење, а некои остануваат да стојат. Јас седнувам веднаш до вратата. Малку заради уморот, а можеби и заради тоа што по малку се плашиме гласно да зборуваме на македонски во метро (пред да тргнеме од овде не предупредија дека тоа може да биде опасно!?), сите молчиме и чекаме возот да тргне. И во истиот момент одекнува познатиот глас во возот, а јас заедно со него ја изговарам полугласно веќе добро научената реченица: „Внимание! Вратите се затвораат. Следната станица е Третјаковскаја!“
До Третјаковскаја, а потоа и до Октјабарскаја се возиме молчешкум и полузаспано. Ги набљудувам патниците и им се чудам на оние кои стојат на средината не придржувајќи се за ништо и читаат книги. Овде сите читаат книги, но тоа ме изненади само првиот ден, а сега сум веќе навикната на таквата глетка. На Октјабарскаја, меѓу другите патници, влегува и еден човек во издрпано и извалкано палто, чијшто десен ракав се пафта напред-назад, бидејќи е празен. Забележувам, човекот без рака веднаш го привлекува вниманието на моите колеги и колешки, додека московјаните во возот не ги ни подигнуваат своите глави од книгите или весниците. Јас ја свртувам главата настрана. Непријатно ми е да го гледам. Повторно во возот одекнува гласот што предупредува дека вратите се затвораат и возот тргнува. Седам со наведната глава, свесна за присуството на сакатиот човек, којшто стои веднаш до мене и со својата лева рака се придржува за металната шипка. Одеднаш чувствувам дека таа рака ја отпушта шипката и веќе во наредната секунда ја гледам нејзината дланка, испружена кон мене, и едвај ги слушам сосема тивко изговорените зборови: „Живи Бога, дајте ми некоја рубља. Сакат сум.“
И порано ме запирале просјаци. Мислам дека нема човек, барем од Скопје, на кого му се нема случено таква ситуација. Но со малите ромчиња на скопските улици лесно излевав на крај; понекогаш ќе им дадев ситнеж или некоја десетденарка, а понекогаш ги бркав. Но овојпат незнаев како да постапам. Некако неочекувано за мене се појави таа рака, а јас упорно мислев на другиот празен ракав. Се почувствував непријатно. Ми се чинеше дека сите погледи во возот се насочени кон мене, барем за колегите сигурно знев, и како сите да исчекуваа да видат како ќе постапам. И во истиот момент си развивав некакви, од сегашен аспект гледано, глупави теории: ако му дадам, сите ќе мислат дека се правам великодушна, а ако не му дадам можеби ќе ме осудат. Незнам зошто во тој момент ми беше важно што ќе мислат другите. Во секој случај, додека јас размислував како да постапам, човекот се тргна од мене и и’ се приближи на мојата колешка до мене, веројатно свфаќајќи го како одбивање моето однесување. Јас не ја ни подигнав главата за да го погледнам во очи додека ги зборуваше молбените зборови! Едноставно, го игнорирав!
Колешката до мене ја отворора ташната и му дава пари. Истото го повторуваат и некои други патници на кои им пристапува со истата молба, а некои од нив се однесуваат како мене, некои дури и го бркаат.
Непријатното чувство во мене, по мојата игнорантска постапка уште повеќе се засилува. Се чувствувам како најголем грешник. Барем да му речев „немам“, си мислам. Било што, било како да постапев, само да не го игнорирав!
Таквите мисли ме измачуваат неколку минути, колку што патуваме до наредната станица. За целото време главата ми е наведната и ја исправам дури кога возот запира на следната станица – Шаболовскаја. Ја исправам решително со намера сепак да го погледнам човекот без рака во лице, како божем за тоа ќе се искупам за предходниот игнорантски однос. „Можеби веќе влегол во другиот вагон“, си помислувам за момент, но веќе во следниот го забележувам како се движи кон мене, придржувајќи се со единствената рака за едната, па за другата шипка. Го следам со погледот. Брзо поминува покрај мене, туркајќи се меѓу другите патници кои сакаат да излезат. Лицето сепак не успевам да му го видам, одовде гледам само дел од неговото тело, и како што се приближува токму празниот ракав почнува да се мафта пред моите очи! Сепак, и покрај туркањето останува меѓу последните коишто излегуваат од вратата, а јас упорно продолжувам да го следам со погледот.
И одеднаш во самиот момент пред да се огласи предупредувањето дека вратите се затвораат, пред моите очи се случува нешто сосема неочекувано. Ракавот на неговата десна рака, оној празниот, одеднаш се затресува, се наполнува и од него брзо излегува рака! „Сакатиот“ се свртува кон вратата, којашто почнува да се затвора и конечно успевам да му го видам лицето. Очите му светкаат задоволно, а усните му се искривени во некаква победничка насмевка. Во истиот момент вратите се затвораат и последното што можам да го видам е задоволното лице со искривената насмевка и, сега веќе двете раце на просјакот-измамник, бутнати во џебовите од издрпаното палто.
Од изненадување останувам со подотворена уста, но полека чувствувам како непријатното чувство исчезнува и на негово место се појавува некое ново, сосема спротивно, навистина пријатно; и полека изненадувањето од последната глетка спласнува; наеднаш воздивнувам од олеснување, потоа ме обзема смеа и почнувам да се кикотам, а подзаспаната колешка до мене ги отвора очите и ме погледнува зачудено...


 

в:вербални скулптури

На мојот сакан

Изразот првпат го слушнав од моето сегашно момче во времето кога сеуште бевме само пријатели. Седевме во едно кафуле и разговаравме за соништата. Му реков дека неодамна некаде прочитав оти ако сакаш да сонуваш нешто или некого, треба само да си замислиш некој предмет, да го видиш јасно тој предмет пред своите очи и да заспиеш со таквата слика пред себе. Со насмевка ме праша дали се обидов да го направам тоа. Му реков дека се обидов, но дека мојот обид заврши со неуспех. Тогаш тој ме праша кој предмет си го замислив. Реков: „цреша“. Одеднаш изразот на неговото лице се промени, ме погледна како да ме гледа првпат. Не знаев што реков за да ме гледа толку необично. Но веќе во следниот момент ми рече: „Па тоа е автентична, својствена само за тебе вербална скулптура“. Рече дека бил во состојба да прочита илјада страници за да најде нешто такво, а јас од никаде сум ја извадила оваа, без и самата да бидам свесна за тоа. Чувствував дека беше инпресиониран, иако не ми беше јасно од што.
Подоцна ми рече дека во тој момент се заљубил во мене. Тогаш ја сфатив моќта што тој едноставен збор ја имал во тој миг. И знам зошто беше достоен да му се додели таква висока титула.
Оттогаш црешата стана потсетник на тој прекрасен момент. А јас станав ловец на вербални скулптури. Во состојба сум да прочитам илјадници страници за да најдам барем една.



 

в:водење љубов

Нејзината рака мирно лежеше на држачот од фотелјата. Неговата бавно се приближуваше и спокојно се спушти врз нејзината. Од допирот двете раце затреперија; потоа нејзината почна да се свиткува, повлекувајќи ја и неговата и двете останаа во таа положба неколку мига...
Потоа неговиот палец полека почна да влегува во топлата и влажна внатрешност на нејзината свиткана дланка; нежно навлегуваше во неа се повнатре и повнатре, а останатите негови прсти ги милуваа зглобовите од нејзините.
Во еден момент тој го извади палецот, ги рашири нејзините прсти и ги стави своите во меѓупросторот, притискајќи ја силно неговата дланка кон нејзината. Нејзината му одговараше на истиот начин.
Се повеќе и повеќе се стегнуваа, двете дланки беа припиени една со друга, се притиснаа до болка и крајниот стисок, проследен со воздишки, беше неповторливо уживање во блажината на љубовта...
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


































































































































































































































































 

  д:дома