октомври
a:arvydas
krtina
з:злосторник
Ш. по се`, беше перспективен
младич; родум од Скопје; припадник на Високата Каста; специјализираше ЗПО
(Зголемување на профитот во општеството), и ја работеше својата
дисертација по која требаше да се стекне со насловот Профет на профитот.
* * * * *
Еден ден, при рутинската психо-физичка проверка, му беше дијагностицирана
акутна РПЗ - радикална политичка заблуда.
За среќа, РПЗ-то сеуште не беше мутирано во целокупна идеја која би
стимулирала конкретна (ре)акција. Тоа значеше дека Ш. може да биде спасен
од страна на социјално-освестувачките структури, по вербален пат (со
евентуална примена на благи гестикулации и телесен контакт), без потреба
за стимулирање на нервните завршетоци со биохемиски и физички средства,
согласно утврдената постапка Мајевтика.
* * * * *
- Што сум згрешил?! – праша збунето Ш., откако влезе еден од специјалните
пратеници – Што барам јас овде?!
- Вие сте призатворени. – одговори новодојдениот - Не се тревожете,
Педеру*, јас дојдов само да поразговараме. Значи, прашањата не ги
поставувате Вие.
- Спремен сум за соработка, ако е така – резервирано врати Ш.
Навистина, тој не можеше да претпостави зошто го доведоа; дури и да му
кажеа, тој немаше да разбере – впрочем, патеше од РПЗ, која ја нарушува
општата перцепција на настаните.
- Драг Педер – му се обрати пратеникот – се` што нема да кажете може да се
искористи против Вас. Многу од работите веќе ги знаеме; залудно би било да
се обидувате да мамите.
- Но, што би можел јас – веќе тотално конфузно прошепна Ш.; пратеникот
беше сугестивен и ја предизвика неговата скепса. Првиот чекор во
поткопувањето на заблудата.
На Ш. не му веруваше дека е наполно невин, и дека институциите навистина
немаа основа нити желба за покренување на постапка против него доколку тој
не им ја пружеше. Тој беше призатворен единствено за да може неговата
трезвеност да биде повратена; да не се дозволи ставовите и однесувањето во
голема мера да му отстапат од оние на мнозинството.
* * * * *
- Еве, основното – рече пратеникот – околу единката Ж., каква е Вашата
конекција со неа?
- Ама Педер – подголтна – Ж. е наполно летна, не гледам.. другари сме,
блиски, ако може да формулирам – звучеше тој неуверливо, дезориентирано,
бидејќи за миг помисли дека е осомничен за употреба на пролетници. Но,
службите знаат, неговата врска со Ж. не беше воопшто употребување; уште
помалку таа беше пролетна, иако доколку коваа хајка против него, можеа да
интервенираат во нејзините податоци или пак во Законот; па да излезе дека
е сепак виновен.
- За наполно летна, е!
Му олесна.
- Педеру, не дозволувајте Вашата РПЗ да Ви создава параноја! Престапот
треба да го гледаме ние, не Вие. А, престап нема! – децидно звучеше
пратеникот – Се` е овде сомнеж и хипотетичка девијантност! Да продолжиме,
што Вие претполагате за Ж.?!
- Тоа е моја лична работа – целосно неверувачки врати Ш. – Ме прашувате за
моите емоции – зошто кажа „емоции“?!; се сепна, употреби некоректен збор,
пратеникот за миг поцрвене додека Ш. пробуваше да се извади - овај.. мојот
однос.. мојот став.. е лична работа.
- Курац лична! – изваден од такт, тресна по масата пратеникот – Кога
влегуваш тука личните работи ги оставаш надвор! Ова НЕ Е лично. Кажи,
чувствуваш а? Ја сакаш? Дркаш на неа? Ја мислиш пред спиење? Ја сонуваш?
А? – продолжи да се пени во моментот кој требаше да претставува врв на
Мајевтиката – Зошто, знаеш ли?!
- Ме проценивте за моите – подголтна - чувства кон неа.. нема да се
вадам.. чувства. Но, зошто!
- Одговарај.
- Не знам, верувајте.
- Заради ебење? Можеш било која, гарантирано со Устав. И неа дури, ако
поднесеш молба и уплатиш на жиро сметка на задругата. А, ружна е, со мали
цицки. Си постојат и функционираат совршени правни модули – подзапре
пратеникот – свесно одиш против законите, не те разбирам.
- Нема што да разбирате – како учениче врати Ш.
Сега подразмисли – тој не само што беше конектиран со Ж., туку ја љубеше.
Она што го чувствуваше кон неа, нивниот однос беше повеќе од секојдневен
кооперационизам. Неговото лице инстантно доби израз на вина; но не и на
каење.
* * * * *
- Вие сте деклариран дисидент. Што ќе биде кога Вашата РПЗ ќе почне да се
рефлектира на Вашето дејствување? Дали сте свесни колку ќе загуби Профитот
од тоа? Сигурен сум, Вие Педеру, иден Профет, сте свесни за рецесијата
која Ве чека во поглед на маргиналната корист поради ова. Вашено чувство,
е најекстремната детерминанта на расходите, тоа го има во секој учебник по
социологија. Залудно ги трошите вашите ментални, физички, материјални и
временски ресурси! Згора на се`, го признавате тоа! Злосторник! – откако
се созеде пратеникот, одржа мал монолог кој требаше да биде окончување на
Мајевтиката и да предизвика безусловно прифаќање на апсолутната правна
вистина од страна на Ш. како не би се зело в предвид неговото претходно
сведочење кое ако не го повлече, дефинитивно ќе заврши на Пистата за
каменување.
- РПЗ-то, ако не го надминете, нема да ве запре само кај единката –
продолжи пратеникот триумфално – Преку ноќ ќе посакате да ја запознаете
единката од чија матка сте извадени; единката која донирала семе за Вашето
настанување; ќе поверувате во еднаквост на Кастите; ќе поверувате дека има
нешто позначајно од Профитот! Тотална регресија! Повлечете го искажувањето
на чувството на основ на вашата заблуда, додека имате шанса, ова е
ултиматум!
Ш. пак, со подзината уста, тапо гледаше во врамениот факсимил од Уставот
на ѕидот:
„...за секое правно, физичко или виртуелно лице, било кое чувство освен
физичката болка е недозволено и неговото манифестирање е казниво согласно
Кривичниот Законик и Законот за спазување на оптималната психичка
состојба...“
За прв пат почувствува страв; поради тоа што веќе чувствуваше љубов. Но,
лавината не запре таму – веќе во следниот момент го исполни жестока омраза
кон Уставот.. и кон Профитот.. кон пратеникот.. поредокот.. себе си..
колку само зборовите на Педерот беа вистинити!
--
Педер – вокативот „пеер“; „педер“ или „пер“ е одамна стандардизиран.
Неговата официјална форма сега е „Педер“.