т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


d:dr. max


г
:години:20
п:професија/интереси: студент
п:досега објавено: ништо во печатена форма, освен неколку колумни во Нова Македонија.
koprivce@yahoo.com
kopriva.blog.com.mk





 

е:еликсир, дел 1

Полноќ

Чудно е како само луѓето го менуваат своето однесување под дејство на алкохол. Некои се расплакуваат, некои беснеат, некои пак се весели и среќни, некои паѓаат во тешки депресии, едни се тепаат, други спијат... За година дена, колку што работим како шанкер во ова мало кафанче и многуте години поминати во други биртии, сум ги видел сите типови на пијанства и сите можни стадиуми на едно пијанчење. Во очите им ја познавам жедта да се наљокаат како волови. Во борите им ја забележувам тагата која што ја чувствуваат. Сите тие се луѓе кои што ја загубиле големата битка и не сакаат да се борат против робството на болката, не сакаат да дигнат востание против тагата и се предаваат на таа семоќна чашка алкохол. Чашка која константно се надополнува, се додека сетилата не им откажат и болката привидно не исчезне.

Вечерва нема гужва. Само 5ката и 3ката се зафатени, додека шанкот и останатите маси беа морничаво празни. Вечерва сме фамилијарна кафана, само 2 скромни фамилии си мезеа со општопознатите лаф-муабети за градските случувања во изминатава недела. Се занимавав со светнувањето на чашите за вино кога ладниот зимски северен ветер почна да ми мава шлаканици по лицето. Ја кренав главата да го дочекам новиот гостин, со желба што побрзо да ја затвори таа врата и да и дозволи на зимата да продолжи да беснее надвор од оваа просториа. Крупна прилика на маж со не повеќе од 35 години силно ја повлече шанкерската висока столица. Кратко ишишаната смеѓа коса сеуште му беше обелена од снегот кој што изгледаше како утринска роса на неговата глава. Острите црти на лицето оддаваа впечаток на зрел и успешен човек. Тенките стиснати усни и малите сонливи, намрштени очи не ми дозволуваа да заклучам дали овој човек се дружи со алкохолот. Го соблече долгиот црн кожен мантил и седна.
- Дупли Чивас со многу мраз - прогрме тивкиот, а сепак продорен глас на новодојдениот гостин. Мојата келнерска вештина ми налагаше да му ставам Балантајнс наместо Чивас и да имам чист профит ако овој господин се испијанчи вечерва, но нешто во неговиот поглед ми кажуваше да го послушам. Го отворив првото шише на Чивас Регал одкако работим тука. Никој не го пиеше чисто само поради неговата цена. А опојниот мирис кој се прошири ми докажа дека луѓето не ги фрлаат залудно парите за вакви пијачки. Мојот нов гостин знаеше што пие.
- Повелете господине, дупли Чивас со многу мраз - со стравопочитски, шанкерски тон му се обратив. Ме погледна и ми кимна со глава. Одма до чашата приметив едно бело плико, кое што дојде со самиот гостин. Левата рака мирно му почиваше на пликото, додека со десната го дрмна вискито. Чудно е колку само сите ние имаме свој стил на пиење. Додека јас, на пример, пијам пиво, прво дланката од мојата рака лежи на врвот од шишето или вратот, така да го наречам, после што дланката се спушта, бришејќи ја "потта", кон долниот, подебелиот дел од шишето и тогаш почнувам да пијам. Мојот гостин пиеше Чивас за разлика од мене, па прво ја крена чашата која додека ја вртеше го гледаше мразот кој што пливаше во вискито, испи една голтка, чисто за да се загрее, го повтори истиот ритуал од пред малку, па го испи останатото до задната капка и со задржен поглед на мразот тивко ја спушти чашата.
- Чудни се животните патишта - го започна разговорот додека ми ја подаваше чашата со знак да му биде вратена полна - не знаеш како ќе завршиш.
- Што Ве натера, господине, така да размислувате на оваа романтична зимска вечер - се обидов да влеам малку ведрина, но после сувата насмевка на мојот гостин, се остана како што си беше. Веќе ја посматраше втората празна чаша.
- Како би размислувал пријателе - започна додека ги вадеше цигарите од внатрешниот џеб на црното сако - кога би бил сведок на уништување на едно човечко суштество кое не заслужува да биде уништено? - ја отвори црната кутија која што наликуваше на табакера и на која со златни букви пишуваше Собрание - The Black of Russia. Извади една цигара, која што повеќе наликуваше на пура, но сепак беше цигара, со златен филтер и црна ризла и ја запали со една пластична, бела запалка, која никако не штимаше со цигарите и целовкупната негова појава. Беше облечен во црно сако, црни панталони и црна светликава кошула, која што одговараше со темните црни кондури и црниот каиш, а да не го изоставиме и кожниот мантил кој што беше обесен на наслонот од столчето на кое што седеше. Се на се, одлична црна комбинација, пропратена со неговите црни цигари и средновисока крупна појава влеваа спектар на исмешани чувства на стравопочит, завист, својствена отменост.
- Кога би гледал како пропаѓа една силина од човек, а ти не можеш да направиш ништо да го сопреш тоа.. не можеш да направиш ништо, затоа што си пробал се... Како тогаш би размислувал, пријателе? - испуштајќи дим ме погледна сурово.
- Секогаш мора да постои начин - му одговорив со најпаметниот израз на моето лице и му го лизнав третото дупло виски. - Борбата трае се додека виша сила не те спречи да продолжиш понатаму. - продолжувајќи да ги бришам чашите го завршив мојот краток излив на филозофизам. Ме погледна накосо додека ја гаснеше цигарата во пепелникот. Го повтори неговиот ритуал и го испи вискито.
- Види - се закашла - како можеш да му помогнеш на еден доктор, на еден кардио-васкуларен хирург во екот на својата кариера, на еден човек прифатен од народната маса како мајстор на својот занат, на еден човек кој што во сите очи блеска со совршенство, додека во своите паѓа во сеништето на бездната. Како да и помогнеш на таа карактерна јачина, која што после години борба со сопствената болка, подклекна. Јачина која што почнала да се задоволува со градските спонзоруши и курви желни за пари и моќ, чисто само да ги исполни физиолошките потреби. Со години беше преокупиран со своето усовршување чисто само да ги одбегне црните мисли кои што многу лесно му се нагомилуваа во неговиот напатен ум. Успеа во зацртаните планови, успеа во сите, освен во еден. - овој пат без стандардното ритуално гледање на ледот, ја испи четвртата и веднаш одкако му ја дадов и петата чаша на Чивас. Ја отвори кутијата и пред да ја запали, ме понуди со цигара. Секогаш ги одбивам понудите на муштериите, освен бакшижот. Мојот професионализам тоа ми го налага, но ова беше посебен случај. Човеков зрачеше. Одлучив да му правам друштво. И така локалот се испразни, останавме само персоналот и нашиот чуден гостин. Го погледнав часовникот, беше 23:32. Работевме до 1 по полноќ, па со мимика им дадов на останатите келнери до знаење да почнат полека, полека да се спремаат, за да можеме да со одиме дома порано.
- Зарем само еден неисполнет план ќе го натера да дигне раце? - уживајќи во цигарата го запрашав.
- За 20 минути веќе нема да биде возможно да се исполни тој план. - рамнодушноста на неговиот глас ме вознемири - Тука се става една голема точка. Некои работи просто треба да се остават такви какви што се. Кога, тога ќе мора да престане да си ја чука сопствената глава во ѕид. Но да се поправам себеси, тоа не е план, бидејќи тоа не може да се испланира. Тоа е желба, силна желба која што не те остава рамнодушно да си ја положиш главата на перница и да заспиеш. - неговите намрштени ситни очи почнаа да попримаат благ изглед. Ме понуди со уште една цигара и заедно, во таа глува тишина разбиена од чкрипотот на столчињата кои беа раздигнувани од страна на моите соработници, го пушевме тоа совршенство од тутун. И двајцата се препуштивме на самите себеси и на своите мисли. Наеднаш, мојот гостин стана. Облекувајќи го својот долг, црн мантил, со благ природен осмев на неговото впечатливо лице ми рече: - Проблемот на Докторот можеше да се реши до 12 часот. Сега веќе е касно. Јас морам да му помогнам да го преброди тоа. - ја отвори тешката врата и искочи во темната, маглива вечер. За секунда се помислив колку само чаши Чивас испил овој човек. Потоа се замислив колку од нив платил. Ниедна, се разбира. Но само што таа помисла ми пројде низ глава, под белото плико забележав 3 банкноти од по илјада денари и една банкнота од 50 денари. Точно колку што и му беше сметката. И додека размислував кога ги ставил парите под пликото, го слушнав мојот дигитален часовник како дава краток, одсечен звук. Точно е 12 часот, полноќ, помислив. Но веднаш по тоа тивко пискање на мојот рачен часовник, надовор се зачу еден многу посилен и многу пострашен звук..
 





 

е:еликсир, дел 2

Белата запалка

Неподнослива топлина. Еве веќе три дена ги чекаме мајсторите да дојдат да ја поправат климата. Ама и тие не се криви, на овој изгор сите ги бараат. Повторно се фрлив на гланцање на чашите. А погледот, како и секој ден, повторно ми заврши на мојата поличка за сувенири. Секој од 5-те вработени имаше своја сувенирска поличка во средишниот дел на шанкот. Како една кафана со голема традиција секогаш беше полна со гости од најразличните свери на секојдневието и несекојдневието. Од познати јавни личности и странци, до тотални анонимоси и питачи кои дошле на по една ж'лта. Сите ние ги украсивме нашите катчиња и 4-те беа преполни со најразлични сувенири, од искршен заб до женски брусхалтер. Само едно од тие 5 катчиња не го красеа чудните спомени на бурните кафански ноќи. Во моето квадратче, кое го обвиткав со катран-црн плиш, се наоѓаше само едно празно шише Чивас Регал на чива десна страна беше потпрено бело плико, додека на левата мирно си стоеше белата запалка. Сликите од немилиот настан на кој овие предмети ме потсетуваа наместо да избледуваат, стануваа се поживи и поживи. Секојдневно повторно го слушам одзвонување на мојот дигитален рачен часовник кој што покажуваше 00:00 часот и скоро синхронизираниот одстрел кој што се слушна надвор. Телото на еден од најдобрите кардио-васкуларни хирурзи, д-р. Максимов, лежеше на сред таа снежна белина и ја квареше сликата со неговата црна комбинација. Ксенонските фарови на неговиот мерцедес додатно ја осветлуваа оваа морбидна глетка и и даваа додатна живост. Неговото лице сеуште ги имаше оние оштри црти, оние тенки, стеснати усни и мали, изкосени очи кои што гледаа во далечината на небесите. Амбулантната кола беше на пат, пат кој до тогаш сигурно не беше изчистен од нагомиланиот снег, како што тоа многу често се случува во овој посран град. На д-р. Максимов не можеше да му се помогне. Истрелот не заврши во неговата глава, туку во неговото срце. - Проблемот на Докторот можеше да се реши до 12 часот. Сега веќе е касно. Јас морам да му помогнам да го преброди тоа. - сеуште ми одзвонуваше во мојата глава. Докторот си го решил проблемот така што со својата берета го распарчил органот кој му нанел толку болка. Го распарчил органот за кој провел години и години бесони студентски ноќи. Го распарчал органот кој што веќе не бил негов, туку со години наназад подарен на личноста која што тоа не го заслужувала.

Тропањето на шанкот ме разбуди од опојната мисловна состојба. Пред мене се најде прилика на една жена со темни очила за сонце. Седеше на шанкот, на сосема истото место каде што седеше Докторот. Убавината на нејзиното бело лице беше неоспорно приметлива, ако ги одземеме сите тие силни остатоци од "сигурно случајните препнувања". Долгата, помалку кадрава коса и се протегаше по исправените рамења, каде што се издигнуваше долгиот и покрај малите, скриени гребнатинки, сочниот врат. Нежно румените образи беа како насончани со сини дамки, додека убавината на прекрасните полни усни беше расипана со неколку засирени пукнатини. Бисерно белите заби блеснаа со нејзиниот приморан осмев, секнат од болката која што ја почувствува со наглото померање на испуканите усни.
- Една голема кригла Скопско - се распршти во воздухот милозвучноста на овој навидум напатен, присилно тивок глас. Се чувствуваше неговата убавина, иако постоеше одредена доза на рапавост, најверојатно добиена од претерано честото дружење со цигарите.
- Уствари не, ќе ми дадеш една кока-кола - сеуште со очилата на очите, исправајќи го праменот од косата кој што и засмета додека зборуваше, благо ја наведна главата. Како за момент да се погледне себеси и својата фигура и веднаш се врати во претходната положба. Чудни и беа движењата. Се чувствуваше некоја несигурност и непостојаност, некоја доза на страв во нејзините бисерни очи, сокриени под темните, големи очила. Цело време беше како на штрек, доста често вртејќи се околу себе, погледнувајќи од маса до маса, разгледувајќи ги гостите кои што влегуваа и излегуваа... сите овие движења само ги потврдуваа моите мисли. Веќе после долгата работа како шанкер низ изминативе години, се што работев во мојот работен простор прерансало во механички покрети. Кога слушнав кока-кола, едната рака веднаш ми тргна по фрижидерчето со мраз додека другата веќе ја држеше чашата наменета за тој пијалок. Спремениот лимон веќе се лепеше за мразот во чашата во моментот кога наточив кока-кола. Мојата гостинка ме посматраше со одредена доза на стравопочит, но кога мојата рака тргна да ја услужи со тој пијалак, некако уплашено се зафрли наназад. Откако свати дека пијалокот се наоѓа пред неа со помош на тој потег, вештачки се насмевна и се поврати во претходната положба. Сашко, нововработениот во нашето мало и весело кафанче, беше дете кое е створено за се, само не за келнерска работа. До сега веќе двајца редовни муштерии патеа од неговата несмасност која што се истури врз нивните костуми во облик на порачаниот пијалак. Овој пат успеа да искрши 3 чаши со само еден потег на неговата, се само не спретна, рака. Морав да му обрнам внимание на ова уништувачки расположено дете, иако несмасноста е нешто вкоренето и нешто што не може да се излечи. После остриот разговор со Сашко и се вратив на мојата гостинка. Сега веќе ги немаше своите темни очила. Но сепак, наместо темните очила, нејзиното лице го красеа темни модринки околу очите. Дебелата шминка полека полека и се чистеше со напливот на солзи кои што течеа од нејзините очи. Со едно кадифено бело марамче набрзина се избриша, во еден момент трогнувајќи се од болката што сигурно ја почувствува додека го бришеше левото полузатворено, закрвавено око. Пред неа на шанкот ме стаписа помислата дека ја гледам сосема истата запалка која што ја користеше др. Максимов неколку минути пред неговиот свршен чин. Веднаш се завртев и ја погледнав мојата сувенирска поличка. Оштро ја погледнав мојата гостинка, откако сватив што всушност се случило.
- Се извинувам на мојата некултурност, но морав да ја земам запалкава. Не можев да поверувам дека сеуште ја чувал... - со разнежен тон ми се обрати оваа, духовно а и физички сокршена жена. - Слушнав дека последните моменти од неговиот живот ги проживеал токму во оваа кафана.
- Да, точно. Господинот Горазд Максимов, Господ душа да му прости, седеше токму на местото каде што сега вие седите, госпоѓице.
- Госпоѓо. - го обори погледот.
- Се извинувам, не приметив дека сте во брак. - искрено одговорив.
- Веќе долги 7 месеци, Ал.. алке... - се обидуваше да ја прочита мојата метална плочка со име
- Александар - и помогнав.
- Александре... веќе долги 7 месеци. Пеколно долги. Но не, не. Така треба да биде. Така требало да биде. Се си има своја причина. Секоја акција, своја реакција. Не... - повторно почнаа да се валкаат кристално чистите солзи од маскарата. Ја стегаше запалката додека земаше здив од напливот на солзи и тага.
- Се знаевте со господинот Максимов ? - проработи мојата непресушна љубопитност, иако многу често се воздржувам да ја покажувам пред моите гости.
- Горазд ми беше многу повеќе од пријател... но секогаш многу помалце од љубовник. Но, не знам зошто воопшто дојдов во оваа кафана.. не знам зош..... - ја прекина звонењето на нејзиниот мобилен телефон. Нејзиното лице пребледе уште повеќе. Панично го бараше мобилниот, додека очите се повеќе и повеќе и се ширеа.
- Ало... еве во кола сум... не бре, што ти е, сама сум... музиката е од радиото аман... еве, одма доаѓам дома... - и како глушец кој штотуку видел како огромниот мачор ита за да си го обезбеди за вечера, скокна од шанкерското столче, ми остави 100 денари за кока-колата и со едно суво Чао, се затрча накај излезот. Кога стана приметив зошто всушност на почеток пијачката ја смени од пиво во кока-кола. Она е трудна.
- Пријатен ден госпоѓо Ненси - и одговорив со благ осмев. Наеднаш застана, се заврте и неколку секунди размислуваше додека ми го праќаше продорниот, прашален поглед. Потоа продолжи во насока на излезот. Се слушна чкрипотот на гумите. И додека иташе дома за да добие уште една порција љубов по нејзиното лице, јас отидов до мојата поличка за сувенири. Го зедов белото плико во раце и го отворив. Владен, да, така се вика господинот од другата страна на телефонската слушалка. "Ненси и Владен, точно во 00:00 ќе ја овековечат нивната врска со брак. Со вашето присаство нашата фамилијарна веселба ќе биде зголемена. Повелете..."
 





 

е:еликсир, дел 3

Ненадејна посета

Во последно време ме обзема некое перфекционистичко лудило. Милиметарски точно ги подредувам шишињата на полиците, чашите ги гланцам се додека и последната дамка од исушена вода не изчезне, хаосот позади шанкот со кој можев да живеам до пред некоја недела сега ми станал неподнослив... Просто не ми е веќе пријатно, ниту од гостите ниту пак од самиот себеси. Не знам, можеби веќе не сум истиот тој Аце. Или пак сега работата си ја сваќам онака како што треба да биде сватена. Или пак станувам опсесивно-компулсивна личност, некоја поблага верзија на детективот Монк од познатата телевизиска серија.

Иако веќе цел месец сум шеф на ова кафанче, инсистирав да останам да работам и како шанкер. Ме засака стариот Митре. Боемот над боемите. Кафанскиот живот му тече низ вените, па од таа причина и се роди ова мало, не толку мало но сепак, кафанче со душа. После силните години на брзото животарење со полн здив, какво што го имаше Митре, не му остана време да се скраси со некоја од многуте жени кои што му пројдоа низ прстите. Чувствувам дека така ќе живее до крајот на неговиот живот. Без жена и без радоста на децата, за овие скоро две години одкако сум тука ме засака како негов син. - Нема аир од жените - знаеше да каже додека се опиваше со домашната ракија, која специјално за него и неговото друштво се точеше.
- Што би рекол Оскар Вајлд - еднаш шеговито му дофрлив - Жените служат само како украс -
- Не сум гледал ниту еден негов филм Аце, но многу паметно кажано - изговори, пропратено со неговото грубо, гласно смеење, после кое сите негови другари го направиа истото. Чисто да му го направат ќеифот на газдата со кој заедно секој викенд прават огромни цехови, се разбира на негова сметка.

Поминаа веќе пет години одкако дипломирав. Убави беа времињата поминати на Машински. Со полна пареа тргнав напред и факултетот го завршив во рок и со солиден просек. И што работим сега? Аплицирав на многу места за работа во мојата струка, но од секое поединечно го добив она клишеизирано "Многу ни е жал што мораме да ве обавестиме дека...". Почнав да работим како келнер во една, друга, трета кафана со надеж дека можеби некој ќе одговори потврдно на моите апликации. Но сепак, тука ми е сосема добро. Платата која што ја примам би го израдувала секој втор државјанин на нашава вечно транзициона држава. Не верувам дека машинските инжињери имаат ниту приближно толку колку што Митре си дозволи да ме плаќа. Но сепак... Зарем не требаше една работа да те исполнува? Да ти дава елан за нови победи и нови чекори?
- Не е се во парите Аце - прогрме еден тивок, а сепак продорен глас. Глас кој што ми ги крена сите можни влакна на моето тело. Не помина ниту една година од моментот кога истиот тој глас се врежа во мојата подсвест со неговата последна изговорена реченица. Реченица која што занавек го избриша од лицето на земјата. Погледот сеуште ми беше закован за миалникот и како да немав храброст да го кренам и да го погледнам човекот кој пред девет месеци лежеше мртов на белиот снег. Мислите ми шетаа со брзината на светлината во мојата глава. Една смеса на воздржано лудило и страв ми ги пулсираше слепоочниците. Го кренав погледот и кога го видов ликот кој што се наоѓаше на пола метро од мене, се што беше разумно и логично изчезна. Пред мене стоеше др. Горазд Максимов. Пред мене стоеше истиот оној човек, кој пред девет месеци лежеше во голема локва крв, одкако се застрелал во своето сопствено срцето. Не, немав сила да прозборам, ниту пак да зуцнам. Како некоја невидлива сила да ми ја зашила устата и ми ги оковала нозете и покрај огромната желба да вриштам и со раширени раце да побегнам од ова место. Приметлива беше мојата внатрешна состојба. Како поплава испливуваше со моите ситни, немарни покрети и ококорени очи кои што се' кажуваа.
- Дојден сум во мир! - со рака поставена покрај срцето и со главата високо подигната, во положба како да слуша химна насмеано изјави. Просто не можев да им верувам ниту на очите, ниту пак на ушите. Дали е ова некакво привидение, некаква подсвесна игра на мојот разум...
- Аце, ниту едно привидение не е толку видливо - повторно преку осмев ми се обрати. Како да ми ги читаше мислите.
- Да. Гледаш, многу работи се менуваат одкако ќе си испукаш 9 милиметарски куршум во срцето. Просто ме привлекоа твоите мисли, па добив неизмерна желба на кратко да поразговараме. - облечен цел во бело, почнувајќи од безпрекорно чистата бела кошула од сирова свила, па се до ланеното бело сако и блескаво белите кожни кондури, го започнуваше разговорот додека ги вадеше цигарите. Овој пат ме понуди со Собрание Lights. Тоа беа истите оние цигари кои што ги пушеше таа кобна вечер, но со тоа што овој пат, ризлата е бела, додека филтерот останал златен.
- Немам многу преостанато време Александре, па би сакал да ти кажам некои работи кои што ми лежат на душава - ми ја подпали цигарата - Ти си многу среќен човек. Истински среќен. Ивана е една красна, паметна, верна жена. Жена со која секој маж би сакал да го помине остатокот на својот живот. Во очите и се гледа колку само е вљубена во тебе, исто како што и во твоите се гледа како само гориш во нејзиното присаство. Немој да дозволиш тривијалните работи да ти го замачкаат патот на среќата. Длабоку во себе ти знаеш дека ултимативната радост е всушност нераздвојноста помеѓу вас двајца. Долго време сте заедно, се познавате подобро од било кога. Во блиска иднина ќе ја овековечите вашата средношколска авантура која што траеше толку долго. Парите само ти помагаат во одредени свери на животот, на некој начин ти го олеснуваат. Но, парите не се правата среќа. Твојата права среќа не се вика Пари, туку Ивана. Со доволна доза на упорност, огромна подпора од саканите и искористување на дадените животни шанси, парите сами ќе дојдат. Не им робувај на банкнотите, они се тука за да ти робуваат на тебе. Не можам да ги разберам луѓето на кои што една индивидуа ја ценат согледувајќи ја нивната материјална страна. Не ги разбирам нивните погледи кои што стриктно проаѓаат низ призмата на материјализмот. Ти не си еден од нив, не дозволувај мнозинството да те вовлече во тој хаос на напатени, искомплексирани умови. Јас имав се, но всушност немав ништо. Каде се сега моите банкарски сметки кога моето тело гние пет метри под земја? Бев материјално ситуиран, но духовно празен. Сето мое макотрпно стекнато богатство би го дал за остварување на желбата која што тебе веќе ти е остварена. Цени го, почитувај го и никогаш не подценувај го тоа. - дури сега приметив дека цигарата ми догоре во моите раце. Ја фрлив во пепелникот и повторно го фиксирав погледот на тие мали, искосени, црни очи.
- Ух, после долго време се испразнив. Се надевам дека некогаш моте зборови ќе ти помогнат во животот. Јас сега за жал ќе морам да идам. Ќе се сретнеме пак се разбира, но ќе треба доста години да почекаме за тоа. Длабоката старост е наследна, па сега ти види - се насмевна, како да се смееше и со очите, со целото негово битие, ако можам да го наречам така.
- Ах да, замалку ќе заборавев. Белава запалка некој ти ја земал слушам. - ми ја подаде неговата бела запалка. Истата таа бела запалка која што долго време стоеше на мојата сувенирска поличка. Истата таа запалка која што изчезна кога Ненси истрча од ова кафанче. Во тој момент одекна еден оштар, кршлив звук. Мислам дека пребледев, просто останав без воздух во моите бели дробови. Нагло се свртев кон изворот на звукот и пред мене се изматеријализира а кој друг ако не Сашко. Со неговата неверојатна окретност успеа за секунда да направи жив хаос. Минимум 3 пивски шишиња беа искршени во тој неред, колку што беше мојата проценка од око.
- Не ли гледаш дека имаме гости, што сега те натера да ги носиш проклетите празни шишиња во подрум!? - присилно тивко му се обратив на Сашко, кој бледо ме гледаше.
- Ацо, оваа кафана е празна повеќе од саат време, Јас мислев дека ти си замина дома уште во 1. - тапо ми се обрати, но кога се завртев немаше ниту трага ниту глас од мојот гостин. Само белата запалка стоеше до пепелникот каде што имаше дузина одпушоци со златен филтер.
 






 

е:еликсир, дел 4

Андреј Миронов 1)

Тапо го гледам ѕидниот часовник. Не, не можам да заспијам. Или пак, не можам да се расонам. Дали сонував? Не, не... премногу беше живо и вистинито за да биде сон.. Иако нестварно и нелогично, сепак... оваа вечер мене друштво ми правеше никој друг, туку човек на чив гроб положив венец. Не верувам во духови, надприродни сили, ангели и демони. Или барем не верував. Дали само мојот разигран ум се поигра со мене или пак јас навистина зборував со др. Максимов? Не, никако не можам да поверувам во тоа. Лично бев присутен кога пристигна Брза Помош, кога веќе безживотното тело на др. Горазд се најде во длабочината на комбето, кога во утринските часови со првите вести се обелодани оваа трагедија, кога истиот тој ден огромната свечана поворка тргна во правец на гробиштата, кога се затвори сандакот и неговото сеуште остро лице изчезна под темно-кафеавата буковина...

Погледот сеуште ми лежи на ѕидниот часовник. Веќе е залудно да продолжам да се обидувам да заспијам. За помалку од час веќе треба да сум на нозе. Ја почувствував нежната топла рака која што ме обвитка околу стомакот. Се завртев од другата страна. Нејзиното лице зрачеше со спокојство. Додека ги гледав тие мали, топчести, затворени очиња како одново да се вљубував. Во тој момент во мојата глава се вратија зборовите на др. Максимов. Да, мој докторе, јас сум среќен човек. До мене лежи импулсот на мојот живот. До мене сразмерно дише жена, на која непоколебливо и се подарив во целост. До мене мирно спие мојата Ивана, без која би бил толку ништожен, толку безвреден, толку празен. Ги жалам луѓето кои што не веруваат во вистинската љубов. Ги жалам оние кои што се задоволуваат со страста, оние кои што многу брзо ги тераат пеперутките од нивниот стомак. Ги жалам и оние кои што не ги почувствувале чарите на вистинската љубов, од страв дека ќе бидат повредени. Да бидеш уплашен од љубовта е исто како да бидеш уплашен од животот, а тие што се уплашени се веќе ионака "мртви". Страв? Зарем постои причина да бидеме уплашени од љубовта? Таа е всушност силата која што не турка напред, таа е причината на нашето постоење. Ако сакаш, ризикуваш да не бидеш сакан. Ако се надеваш, ризикуваш огромна болка која што може да те обземе. Но, најголемиот апсурд е да не ризикуваш ништо. Зошто тогаш воопшто живееш?

Заладува. Убаво ми збореше Ивана, - Земи си ја монтката, ќе смрзнеш надвор. Знам дека ти е близу, ама пак, Октомври месец сме. - Ја отворив влезната врата. Сашко веќе ги средуваше масите. Но овој пат, со некоја видна претпазливост. Ме насмеа неговиот озбилен израз на лицето додека ги центрираше пепелниците пропорционално со средината на масата. Веќе имавме гостин.
- Ќе ме услужи ли сега некој - уморно запраша. Кога се заврте ми стана јасно зошто овој глас ми беше однекаде познат. Андреј Миронов, или подобро речено доктор Андреј Миронов. Еден од ретките мои средношколски пријатели со кои сеуште сум во контакт како во старите добри денови.
- Андреј, долго време поминало -
- Да, само два дена не си ме видел. - насмеано ми возврати.
- Што ќе се напиеш школски? -
- Ех, секогаш кога ќе ме наречеш школски ги будиш оние луди спомени во мене. Бре, што години ќе беа тоа. - замислено го фиксира погледот некаде позади мене
- Години вредни са паметење. Време кое што неповратно замина. Сите тие намерно неизбришани табли, украдени дневници, мали организирани бунтови, пропуштени часови... Ти текнува ли кога на Виолета по англиски и го донесовме тејп рекордерот без кабел?
- Ау да - грохотно се насмеа - и после кога отиде да го бара по други училни, ние на местото каде што го имаше оставено тој чувен тејп рекордер и го ставивме кабелот, криејќи го рекордерот во твојата школска ташна. Леле се споулави кога дојде, хахахаха. Е Аце, Аце, ти ако не ме орасположиш кој. - со неговата класична насмевка на лицето ме погледна.
- А и не си ми нешто добар утровоКај се. - приметив
- Сега се враќам од дежурство - се закашла - имавме многу проблематичен случај ноќеска.
- Аман бре? И како помина - загрижено го запрашав.
- Лошо Аце, многу лошо. Кај една првородилка се случија големи компликации во текот на породувањето. Направивме се што можеше да се направи, но... Се обидовме барем детето да го спасиме... - се отчитуваше огромното разочарување на неговото лице - Дај стави ми еден шток, да се свестнам малку.
- Жалам Андреј - му го подадов пијалокот - така сакало да биде.
- Кога на сето тоа ќе го надодадеш фактот дека нејзинит маж е мој пријател... Не знам, не заспав цела вечер. Од три часот се врткав во креветот, станував, легнував. После дојде една пациентка со породилни болки, па некако ми се тргнаа црните мисли. - воздивна.
- Не знам што да ти кажам пријателе.
- Ма тој случај беше проблематичен уште од почетокот. Владен, нејзиниот сопруг, е мој редовен пациент. Односно ми беше се додека Ненси не затрудне. Просто не можев да верувам како тоа можело да се случи. Владен имаше пролеми со стерилитетот и шансата жена му да остане трудна се равнеше со нула. Освен ако таа... Уствари кој сум јас да судам. Тој во тоа си поверува како во чудо, божји дар... Туку, што ти стана одеднаш, ми изгледаш како да си видел некоја аветиња. - засекирано ме запраша додека мојот ум работеше со брзината на светлината. Просто останав вкочанет после зборовите на Андреј. Влегов во некое своевидно бунило, како да не можев да поверувам во неговите зборови.
- Ненси, рече дека жената се викала Ненси? - инстинктивно го запрашав за да се уверам во точноста на она што го слушнав.
- Да Аце, Ненси. Да не ја познаваше случајно?
- Долга, малку виткана коса, среден раст, впечатливи очи, со модринки по лицето? - се побрзо и побрзо зборував, како да не сакав да добијам потврден одговор.
- Да, да. Јавна тајна беше лошиот темперамент на Владен. Секој ден се повеќе и повеќе го искалуваше бесот врз неа. По мое мислење тоа беше и една од причините за трагедијата на нејзиното породување. Нездрава бременост, полна со стресови, караници, модринки. Него, од каде ја знаеш Ненси?
- Пред скоро два месеци седеше токму на ова столче. - со прст му го покажав столчето до неговото - Испи кока кола и после краткиот муабет замина дома, одкако маж и ја бараше по телефон. - вознемирено му одговорив.
- Ете колку само светот е мал, мил мој пријателе. И ете колку само животот е непредвидлив. - го допи штокот и ја затресе главата од горчината - Јас морам да идам да се одморам. И повеќе од лош работен ден беше изминатиов. Дојдете вечерва со Ивана на кафенце. Знаеш дека Инес и Младен ве обожаваат. После Азра ќе ги легне, па ќе распалиме една партија карти. Ќе те одерам овој пат. - под тмурниот израз на лицето засија благата пријателска насмевка.
- Во ред е за пијачката Андреј - прекорно го погледнав кога се обиде да го извади новчаникот - а за картите, само продолжи да се тешиш. Ќе се слушнеме денес накнадно, па ако бидеме расположени ќе наминеме.
- Само надевај се дека ќе победиш овој пат. И ќе ве чекаме, да знаеш - се поздравивме.

Додека Ивана ми ја поднаместуваше крагната на кошулата повторно се замислив на денешниот разговор со Андреј. И токму во тој момент ми се вратиа зборовите на др. Максимов "Ах да, замалку ќе заборавев. Белава запалка некој ти ја земал слушам." и моментот кога ми ја подаде запалката. Истата таа негова запалка која што стоеше на мојата сувенирска поличка. И да, истата таа запалка која што Ненси ја однесе со себе. Ох да. Сега се сите заедно. др. Горазд конечно е среќен, само во некој друг свет. Свет каде што заедно со неговата сакана Ненси ја одгледуваат нивната новородена ќерка. Свет во кој што белата запалка не припаѓала, а сега повторно мирно си стои до празното шише Чивас Регал.
И помогнав на Ивана да го облече нејзиниот капут. Нема да му дозволам на Андреј ниту овој пат да ме победи на карти!!!
 





 

е:еликсир, дел 5

Епилог

Април... зеленило... будење... нови почетоци... љубов... со еден збор Пролет. Април... катастрофата во Чернобил '86... крај на крвавата војна во Виетнам '75... атентатот на Мусолини '45... Југославија како Социјалистичка држава, а Тито како доживотен претседател '63... Јури Гагарин '61... И уште многу тажни и среќни, важни и тотално неважни случки го обвиткуваат овој период, исто како што моето ќебенце не обвиткува мене и мојата сакана.

Еликсир, навистина чудно име за една кафана. Каменот на мудроста или пак најпрефинетиот екстракт од некоја материја. Можеби алкохолот на газда Митре всушност му претставува своевиден еликсир на младоста, своевиден камен на мудроста. Но што тој им претставува на другите луѓе, на редовните или пак случајните гости? Привиден спас? Можно решение на нивните проблеми? Утеха? Движечка сила? Апсурд. Не, не можам да ги судам луѓето по оваа основа. Секој си има свој начин на справување со секојдневните препреки, секој си има свој начин за забава и разонода. На некои им се потребни неколку чашки жесток пијалак за да се искраде насмевката на нивните лица, додека на некои самото присуство на одредена личност ја влече истата таа насмевка, но на еден многу посилен и поискрен начин. Оваа вторава ја видов на лицето на газда Митре минатиот месец. Боемот над боемите го пронајде својот вистински еликсир. Без никаква помпезност, што навистина пријатно ме изненади, во нашето мало кафанче се прослави крунисувањето на нивната авантура. Разликата во годините на Митре и Марина и многуте зли јазици кои што неуморно лаеја не ги поколеба во остварувањето на нивните планови. Вчера ни стигна разгледница од Париз. Нивниот двомесечен меден месец е во полн ек. - Мала обиколка околу светот Аце - насмеано изговори откако останавме таа вечер сами после прославата. - Никогаш не се чувствував вака исполнето. После толку долго време поминато во бесцелно талкање по границите на понорот конечно белата светлина ми го покажа патот на еден нормален живот, исполнет со повисоки критериуми, подлабоки чувства... поинакви од оние кои траеа се додека не се освестев со желудачните маки и неподносливиот мамурлук. - го допи ѓусот од портокал - Од денес ти си новиот власник на Еликсир. Утре ќе ја средиме папирологијата. И не, не сакам да слушнам ниту збор од тебе. "Благодарам" треба јас да го изговорам во моментов. Почнувам еден нов живот Аце, се раѓам повторно во својата 54-та. Минатото едноставно сакам да го избришам. Марина отвори нова страница во мојот живот, а јас не сакам повеќе да користам коректори, не смеам да си дозволам грешки во испишувањето на истата. И пред да ги фрлам моиве уморни коски во кревет - го напрчи големиот шилест нос - не би се согласил со Оскар Вајлд. Жените се многу повеќе од украсен пол. Ти благодарам на можеби еден од најдобрите поклони кои што сум ги добил. Доријан Греј е и повеќе од добар класик. -

Нејзините очи кои што полека полека се будеа го прекинаа текот на моите мисли. - Пак ли се заигра со косата - изговориа нејзините топли усни додека ме бакнуваа. Се стутка околу мене како смрзнат автостопер пред радијатор.
- Бре само да се спиело, ко некоја товена мачка си - откривајќи и го лицето од прамените на коса и дофрлив
- Кој знае колку сум отечена, не требаше да го гледаме филмот синоќе, ептен касно легнавме
- Да де, отечена си до болка. Ко да те дувале во задникот, е така изгледаш - почнав да се шегувам
- Еи, види го ти него - ги штипеше и развлекуваше моите образи - прасе едно безобразно.
- Види се каква си еј, кај ми беа очите. Брзо нашминкај се, не можам да те гледам.
- Аце, ќе преминам на гиликање, после нема назад - почна да ги спрема рацете за напад
- Добро, се предавам.
- Извини, посилно е од мене - и воената состојба почна. За нејзина среќа ми ги знаеше сите слаби точки, па не можав да дишам од напливот на смеа која ја предизвикуваа нејзините мали нежни рачиња, кои како мачји канџи се зариваа во најскокотливите предели на моето тело. Како и вообичаено, одкако и дадов малку елан, и ги грабнав тие мали немирни рачиња со една рака, а со другата благо ја штипев за стомакот.
- Добро, добро, се предавам прасе едно. - почна да извикува
- Извини, посилно е од мене - смеејќи се и дофрлив. И така нашата мала утринска војна заврши со подпишување на мировен договор во вид на долг бакнеж.
- Знаеш, пред неколку години со татко ми водевме еден долг разговор на тема жени и како животот е неподнослив со нив - повторно се нашегував, после што добив 2-3 мачји скокот потези - Добро де се шалам, не се пали одма. Зборот ми беше, сеуште ми одзвонуваат зборовите од тој разговор. Ми кажа дека ако жената која што ја љубиш сеуште ти е убава откако ќе стане насабајле, целата така отечена, ненаместена и без шминка, тогаш таа е онаа вистинската.
- Што значи дека паднав на првиот тест, а? - слатко намрштено ме запраша, повторно спремајќи ги рацете за уште еден напад. Ја отворив фиоката од шкафчето до креветот и ја извадив кутијата.
- Што значи дека ќе те прашам - отворајќи ја кутијата ја погледнав во очи - дали би сакала да бидеш моја жена? - ја приметив возбудата која што ја обзеде. На лицето се развлече искрена насмевка, пропратена со солзи од нејзините очи кои што светеа со посебен сјај.
- Аце... - нежно ме погали по образ - да...

Да, мил мој докторе Максимов, јас сум среќен човек. Се надевам среќен како тебе, додека во некој друг свет заедно со Ненси и пеете песнички за лека ноќ на вашата новородена ќерка.
 


Андреј Миронов е лик со кој читателите веќе се сретнале во расказот “Дневник

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања




























































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































































 

  д:дома