2007:октомври/ноември
општ
конкурс
с:станоевска жанета
г:години:52
п:професија: преведувач/филм и литература
н:нешто
за себе: нека зборуваат моите раскази
д:досега
објавено: два раскази во Маргина#76
zstanojeska@dgca.gov.mk
с:стаклената
птица
Северџан имаше
тринаесет години и живееше во ромската населба крај реката. Беше
најстарото од петте деца на Барија и Рамо. Куќичката им беше жолта и
трошна, на само неколку стотини метра од реката и жалната врба. Таа се
состоеше од две соби. Во едната дење играа, а ноќе спиеја децата, наредени
како сардини на две постели на подот. Другата соба беше поголема и служеше
како кујна, дневна и спална соба на родителите. Беа сиромашни, иако Рамо
цел ден го немаше дома. Собираше старо железо, картони и други отпадoци и
ги продаваше по откупни пунктови. Барија постојано работеше низ куќа и го
критикуваше Рамо, сама за себе, колку да и` олесни. Сепак, таа многу го
сакаше. Иако ноктите секогаш му беа црни, а косата дива и неизчешлана,
онака висок и долгокрак со широки плеќи и лице на учен човек, Рамо за неа
беше најубавиот маж на светот. Северџан, пак, беше лудо вљубен во Мукадес.
Знаеше дека е малку кус и слаб за својата возраст, но се надеваше дека ќе
ја освои со своите големи црни очи и прекрасните кадри коса. Таа живееше
малку подолу низ улицата, во нова бела куќичка со сина порта. Имаше
петнаесет години, долга к`носана коса, светла кожа и дупчиња на образите.
Беше лето, па секоја вечер, по вечерата, Северџан и татко му седеа на
гајби за пивски шишиња пред влезната врата. Рамо пиеше пиво од шише и
занесено гледаше кон реката. Северџан свиреше на својата усна хармоника.
Сам се беше научил, по слух, навистина имаше дарба за музика. Дотерана во
шарено фустанче, убаво исчешлана и со црвило на усните, Мукадес знаеше и
по неколкупати во вечерта да помине пред нивната куќа. Никогаш ништо не
велеше, но ги гледаше некако накосо, мангупски, а очите и` се смееја.
Северџан беше уверен дека таа знае оти тој ја сака. Но, не знаеше што да
направи за да ја придобие нејзината љубов. Некогаш помислуваше да го праша
татка си, ама му беше срам. Така, целиот опиен од музиката, со срцето
полно копнеж, Северџан се топеше секогаш кога ќе ги видеше насмевнатите
очи на Мукадес. Вечерниот ритуал секогаш завршуваше на ист начин. Откако
ќе испиеше неколку пива, Рамо гласно ќе ждригнеше и мрзливо ќе влезеше
дома. Северџан, пак, онака наполнет со љубовен занес ќе отшеташе до врбата
и ќе отсвиреше уште една песна. Му се чинеше дека таа ја разбира неговата
мака. Така врвеше тоа жешко лето.
Тоа утро Северџан стана в зори, решен да украде пари од џебот на татко си
и со нив да купи подарок за Мукадес. Конечно смисли начин за да го направи
првиот чекор до нејзиното срце. На прсти влезе во собата каде што длабоко
спиеја неговите родители. Новите панталони на Рамо беа лежерно префрлени
на еден од столовите крај масата за јадење. Стресен од страв, Северџан ја
брцна раката во еден од џебовите и веднаш напипа нешто. Беше тоа пластично
кутиче за накит. Внимателно го отвори и возбудено се загледа во златното
синџирче со приврзок од килибар. Страшно се израдува. Мајка му навистина
го заслужуваше. Иако млада, под товарот на бескрајната домашна работа, таа
одеше подгрбавено, а рацете и` беа суви и груби. Кога ќе најдеше малку
време, таа ќе земеше некое од своите деца в скут и долго го гушкаше и
бакнуваше. Северџан задоволно го врати кутичето наместо. Потоа пробуричка
низ другиот џеб и веднаш го најде паричникот. Изваде две банкноти и го
врати назад. Со меки чекори, тивко како глувче, се врати во своето легло.
Парите ги скри под перница и заспа.
Беше пладне кога Северџан се упати пеш кон центарот на градот. Долго
гледаше излози и се премислуваше додека го одбра подарокот за љубената.
Тоа беше мала птица со расширени крилја, направена од безбојно стакло и
прицврстена на парче вкусно обликувано дрво. Северџан не знаеше зошто, но
птицата навистина му личеше на Мукадес. Додека одеше под врелото сонце
назад дома, во себе ја гледаше како ѓаволесто се смее со стаклената птица
в рака. Кога стигна, ја скри птицата под орманот во дневната соба, ја зеде
армониката и отиде кај врбата. Потонат во напливот од оптимизам, свиреше
се` додека не почувствува силна глад.
Вечерта, додека седеа на гајбите пред врата, Северџан кредешкум го
погледнуваше татка си плашејќи се да не ја открил кражбата. Но, Рамо беше
како и секогаш замислен и загледан во реката. Така, тој реши да најде
начин да и` го предаде подарокот.
Утредента Северџан речиси два часа седеше на еден камен близу куќата на
Мукадес, со стаклената птица во џебот од убавото елече од тексас платно,
роденденски подарок од мајка му. Конечно, таа се појави на портата и се
упати кон продавничката која се наоѓаше на педесетина чекори од нејзината
куќа. Северџан трчајќи стигна до неа и задишан го изусти нејзиното име.
Таа застана, се сврте и му се насмевна. Тој не знаеше што да рече, само ја
извади птицата од џебот и и` ја подаде. Таа зачудено ја зеде в рака и со
нелагодност ја загледа. Тогаш, Северџан забележа нешто што му ја олади
крвта. На вратот и` висеше златно синџирче со приврзок од килибар. Без
збор, како попарен летна да трча кон дома оставајќи ја збунетата Мукадес
зад себе. Кога стигна, од фијоката на кујнскиот креденец тој ја зеде
армониката и тргна кон реката. Мајка му која спростираше алишта во дворот
нешто му довикна, но тој не ја слушна. Отиде до врбата и се обиде да
засвири, но не можеше. Немаше здив. Пребледен од гнев, со стиснати усни,
тој силно замавна со раката и армониката плисна во водата. Стоеше уште
неколку минути и вкочането зјапаше во реката, а потоа бавно, како под
казна, тргна назад кон куќата.
п:пријатели
Во топлите сезони,
секое попладне, најчесто на истата клупа, во маалското паркче седеа двајца
старци, очигледно пријатели. Тие живееја во стари, паралелно поставени
згради разделени со оќелавен тревник и најчесто без да го договорат
времето се среќаваа на патот до паркчето кое се наоѓаше преку улица, само
стотина метри од нивните домови. Целото нивно дружење се одвиваше во
паркот. Таму, долгите летни дни и старечката осаменост го зачнаа и го
негуваа тоа необично пријателство. Никогаш не се посетуваа дома, плашејќи
се дека воведувањето на сопругите ќе донесе промени, а тие сакаа нивното
пријателство да остане такво какво што беше. Во текот на зимските месеци
ретко се среќаваа по околните дуќани кадешто купуваа храна. Во тие прилики
одвај ќе разменеа по некоја реченица. Така, нивното пријателство во
доцната есен, зимата и раната пролет беше во состојба на некаква
хибернација, но со доаѓањето на топлото време тоа продолжуваше како да
немало никаков прекин.
Владимир беше танок и висок, со интелигентно ковчесто лице, со исправен
грб и достоинствено држење, секогаш облечен во чисти и педантно испеглани
алишта. Како бивш професор по литература, секогаш сметаше дека неговото
мислење има поголема тежина, или барем дека е поубаво образложено.
Понекогаш упадливо го китеше својот речник за да остави посилен впечаток,
што ја хранеше неговата по малку сенилна суета. Другиот, Благоја, беше
речиси во секој поглед токму спротивното – дебеличок, со тркалезно
меслесто лице, со неуредна облека, а на клупата седеше како недополнета
вреќа. Никаде не одеше без својата одамна деформирана и не многу чиста
шапка. Како некогашен водоинсталатер, немаше мегдан да се покаше со
начитаност, но имаше богато искуство со луѓе, па веруваше дека неговата
предност е доброто познавање на човечките нарави. Нивните разговори
најчесто беа поплаки на сиромашките пензии, критики на владеачката
гарнитура, а некогаш запаѓаа и во долги препирки за настани од подалечното
минато. Овие дискусии некогаш извлекуваа нежни спомени за младоста, а
некогаш, пак, ги провоцираа на по некој груб збор.
Тоа августовско попладне Владимир не го сретна пријателот на патот до
паркчето и седна сам на клупата. Времето беше непријатно - небото
прекриено со ниски темни облаци, а воздухот топол и тежок. Во еден миг му
прелета мисла дека Благоја може да не дојде заради страв од дожд, но се
утеши дека тој не би знаел што да прави со себе до почетокот на главните
телевизиски вести. Поминаа повеќе од петнаесет минути кога ја здогледа
познатата фигура како гази тромо преку улицата, упатувајќи се кон паркот.
Дали заради чекањето или поради депресивното време, Владимир со нервоза го
следеше старечкото паткање на пријателот. Кога стигна до клупата, Благоја
без збор клапна до Владимир и ја зазеде вообичаената расторбешена поза.
- Се вели добар ден, нервозно забележа Владимир.
- Шо е, нешто си нервозен?
- Не знаеш добар ден ден речеш, Благоја, не станува збор за нервирање.
- А за шо станува збор? Уше не сум седнал, ме напаѓаш, ебаго.
- Не те напаѓам, те опоменувам дека не се седнува тукутака до некого.
- Ти не си некојси, со години седиме овде, рече Благоја речиси патетично.
Потоа ја крена главата и се загледа во намуртеното небо. Старечките очи му
засолзија од неудобната положба на главата, а тој си ги забриша со рака и
гласно шмркна.
- Ти си како невоспитано дете, не носиш шамиче и не знаеш да поздравиш,
рече Владимир несвесен за инфантилноста на сопствениот коментар.
- Шо си запнал за тој добар ден! Можи не ми е добар! И не можи да ми биди
добар ко сум седнал овде да ме нервираш!
- Не е важно каков ти е тебе денот, Благоја, така ми пожелуваш мене да ми
биде добар.
- Ами оти да ти пожелам, ко тебе не ти е гајле како ми е мене?!
- Па, таков е редот, продолжи Владимир со истиот педагошки тон, не мора да
си доктор на наука за да го знаеш тоа.
- Е, значи ... секој ден мора да ми спуштиш дека си поучен од мене!
- Да, ама ти без многу наука со вадел подобри пари од мене, го боцна
Владимир.
- Уф, големи богатства имам, нема шо, одврати Благоја со нападна иронија
во гласот.
- Јас едно знам! Ти како водоводџија подобро ги имаш обезбедено децата од
мене!
- Е, така и треба! Поважно е некому да му ја попраиш чешмата, отколку да
му раскажуваш прикаски.
- Така се тешат сите неписмени, зајадливо дофрли Владимир.
-Шо имам да се тешам? И не сум неписмен, ебаго!
Владимир се обѕрна наоколу да види да не ги слуша некој. Но, во паркот
немаше никој. Само еден голем уличен пес кој лежеше на десетина чекори од
нив заинтересирано ги гледаше.
- Кога имам право, секогаш се браниш со викање, рече Владимир со лажна
смиреност.
-Немам шо да се бранам! Викам оти ми го качи притисоко!
-Не ти го качив јас, ами многу лапаш, Благоја, од тоа ти е.
-Барем не локам скришно ракија ко тебе!
-Ех, сум локал...Некогаш ќе пивнам по една чашка, колку од мерак.
-Аман, Владимире, не сме деца! Од една чашка чоек не мириса толку!
-Моја работа е колку пијам, тебе отчет не ти давам!
- Кому ако не мене или на бабата? Децата не те сајкалат.
- Не ги мешај нив во муабетов, низ заби рече Владимир, пребледен од
лутина.
Што знаеш ти за нив?
- Знам дека одамна не ти дошле на гости!
-Син ми е многу зафатен на работа, ќерка ми живее далеку, а немаат кола.
-Море, не ти идат оти само памет им солиш, злобно заклучи Благоја.
- Јас барем имам што да кажам, а ти можеш само да ги советуваш како да не
ги расипат чешмите.
- Аман, доста веќе со чешмите! Да го имав алатот овде, ќе те акнев по
глава!
-А што мислиш, јас ќе стојам со скрстени раце?
- Ајде, бе, не стој, мавни да те видам, избезумено викаше Благоја, пркосно
приближувајќи го своето вцрвенето лице.
- Сум бил будала, со години седам на клупава и терам муабети со еден
силеџија, рече Владимир резигнирано.
- Ем силеџија, ем водоводџија! Е, многу ниско си паднал, Владимире! Зато,
бегај од мене шо подалеку!
Благоја нагло стана од клупата и се затетерави, но не заборави да си ја
земе шапката што во жарот на кавгата ја изваде од главата и ја плесна на
клупата до себе. Потоа, со брз и решителен чекор, толку несвојствен за
него, се запати кон својата зграда. Веднаш по него стана и Владимир, но
одеше побавно за да не го види дека е зад него. Се штрекна кога виде дека
Благоја ита да ја мине улицата без да забележи дека наидува автомобил. Од
страв, застана. Му олесна кога виде дека возачот лесно и прибрано го
одбегна Благоја кој и не забележа дека беше во некаква опасност, туку
продолжи брзо да се движи кон дома. Наскоро се изгуби во темнината на
својот влез.
Владимир застана пред својата зграда за да земе здив. Почувствува како му
избива пот и силна слабост во нозете. Сепак, постои само минута-два и
продолжи кон влезот. Кога зачекори во бајатиот воздух на скалиштето,
матно, како низ солзи, тој во себе уште еднаш го виде Благоја како бесно
ја натолчува мрсната шапка на глава. Тргна кон лифтот, но не успеа да
дојде до него. Додека паѓаше, ја испружи раката иако немаше за што да се
фати.