Во ерата на интернетот и сајтовите како Yelp (сајт каде што корисниците можат да остават критики за локали) и социјалните медиуми, секој може да посети некои место и да стане негов критичар. Во тој дух и авторот на овој текст се појавува во улога на „не толку критичар“, колку што станува збор за „еден типичен текст на Берт Стајн во кој се раскажува за музиката, културата и минатото, а преку таа призма се прави паралела со сегашноста“.
За што всушност сакав да ви зборувам? За тоа дека во последните денови одам се’ почесто во рок барот „Круг“ кој од некоја причина (четирите букви, знакот, атмосферата, музиката!?…) честопати грешно го нарекувам „Дорс“, магично место познато на постарите алтернативци од 90-тите години на минатиот век. Секако, тие кои ги следат моите писанија, знаат дека тие се носталгични по таа ера, па не очекувајте и ова да биде поинакво!
Во 90-тите во Скопје имаше многу места каде што алтернативната младина можеше да се издува, преку Багдад-кафе, Дорс, Џаџо, 21, до Њу Ејџ, Зизи, Мјузик Гарден, Енерџи, СФ и други. Денес овие места се реткост, но и алтернативците се реткост исто така. Можеби делумно заради хипстерското движење во кое тетоважите станаа мода, што само по себе е парадоксално, бидејќи модата е минлива, а тетоважите постојани. Порано долгата коса значеше бунт, неприфаќање на работите, поинаквост и ретко кој се решаваше да се избричи под долгата коса, а кога го правеше тоа беше инкарнација на Фил Анселмо од бендот Пантера. Денес, секој „турбофолкер“ (во однос на начинот на однесување и ставот кон животот, не нужно во однос на музиката која ја слуша) може да пушти брада, да направи „мен-бан“ и да се истетовира. Денес и децата во основно училиште (видено од авторот на текстов, и тоа во трето одделение) си ја фарбаат косата во сина боја, а порано тоа значеше укор или бркање од средно училиште. Но, времињата се менуваат и не би сакал да звучам како некој кој се плаши од промените. Драго ми е што сме во тек со светските трендови, макар тоа и да се однесува само на фризурите, па преку тоа белким ќе стигнеме и до уметноста, науката или екологијата. Но, да не се вртам многу во круг и да преминам на поентата.
Во „Круг“ на горниот кат има една убава долга дрвена маса без ногарки, потпрена на ѕидовите, за каква што отсекогаш сонував да имам по дома, и на неа се создадени некои од моите текстови, како на пример овој! Не знам зошто, но кога седнувам во некое кафуле, креативноста избива од мене како несопирлива река, а јас само ја следам, се препуштам на текот без отпор. Честопати се прашувам што е тоа што ме мотивира да создавам кога сум опкружен со звуци и движење, кога во животот спротивно од тоа, сакам осаменост, повлеченост и препуштеност на сопствените мисли.
Да, во животот е потребна хармонија и рамнотежа ако сакаме да бидеме креативни и продуктивни индивидуи за себеси и за општеството. Но, мене ми се чини дека ми (ни) е потребна и добра музика како подлога или своевиден „саундтрак“ на животот. Без неа животот, навистина, би бил празен, а музиката во „Круг“ ќе ве однесе во гранџ и панк-рок 90-тите преку Nirvana, Green Day, GNR, The Cranberries, REM, Lenny Kravitz, но и поназад кон рок звукот на 80-тите со Joan Jett, AC/DC, U2 или 70-тите и психоделични или хард-рок тонови на The Doors, Rolling Stones, ZZ Top, Eagles, Led Zeppelin, Jimi Hendrix, Queen и други. И додека соло гитарата во Whola Lotta Love го „кине“ воздухот во внатрешноста на кафулето, надвор во Аеродром загаденоста е на максимум. Ништо ново, нели. Ми се чини дека тоа е нормалната состојба на нештата во нашава државичка. Тоа е нашата реалност со која живееме, сакале или не. Секако зборувам за загаденоста, не за добрата музика.
„Круг“ е место за љубители на вистинска музика, љубезни келнери, макијато од 60 ден. прилагодено за џебот на народот. За другите ги оставам „кремските“ кафулиња и нивните скапи кафиња – се надевам зборов не го изгубил значењето во изминативе децении, а порано значеше „неалтернативци“, „конформисти“, „тие што слушаат популарна музика“. Освен набројаните нешта, кога ќе го посетите „Круг“, на горната голема маса ќе ве пречека и неодоливата, секогаш присутна и голема колку Библија, „Курс по општа хемија“ (1965) на бугарски јазик. Но, каква врска има хемијата со музиката? Како што хемијата, физиката и биологијата не’ учат, кружењето на нештата во природата е битна работа и без неа не би постоел живиот свет, така и во човековото општество е потребно старите нешта да се заменат со нови. Гранџот, карираните кошули и замрсените долги коси треба да бидат заменети со „мен-банс“ и хипстерски тетоважи и тоа е природно и нужно. Но, како што модата и музиката периоднично се навраќаат наназад за да одат нанапред, преку т.н. ретро-стилови, така е потребно и на помладите да им се укаже на поинаквите времиња, ставови и начин на живеење. Тоа може да го наречеме кружење на нештата во културата, ако сакаме истата да живее и да биде плодна. Мојата мисија како писател е да го правам тоа преку моите дела и се радувам кога постојат места како „Круг“ да не’ присетат и на поинаквата музика и атмосферата на клубовите од поранешните декади, зашто модерниот живот понекогаш не’ заслепува со неговата брзина и потребно е да застанеме, да намалиме на 45-ка и да погледнеме околу нас. И тогаш можеби ќе станеме свесни дека плочата се врти во „Круг“!
Берт Стајн
12 декември 2018