т:темплум |
август/септември
Крст
Бела просторија. Со само еден единствен прозорец. Се одмотува пред моите
очи како одамна заборавен филм. Три кревета. Палтото ми е над мојата глава
како и џебниот стар часовник не знам каде сум. Сказалките на часовникот
беа застанати времето се лизгаше низ моето тело. На моите панталони дамки
од крв. Некаков кич од плочки, тие се убедени дека таквиот распоред го
подобрува расположението, аха јас сум во собата на измачените ангели, оние
кои постојано се обидуваат да ги добијат сите атрибути на луѓе. Дури
започнуваат на крајот да се движат и облекуваат како нив се со цел да
бидат поблиску до ништожноста, а подалеку од својата световност. И порано
ме затвораа а утредента веќе бев слободен ама сега нештата беа поинакви.
Но да престанам да ве давам и да се вратам на мојата потрага. Беше сабота
или недела, не е важно еден од тие свети денови. Знам дека се јавив од
телефонска говорница, блиску до градскиот парк но неможам да се сетам
каде, бев излезен цел ден и скитав наоколу, купив кифли на аголот помеѓу
14-та и 15-та улица, јадев седнат под мостот а трошките ги фрлив на
големите сиви гулаби на плоштадот. Потоа го сликав Исус со срчата од
шишето кое го скршив од главата на еден дебел полицаец, ме наблудуваше
како се шуткам бесцелно и потоа со забрзани чекори почна да ме брка,
раскрварената глава оставаше црвени дамки по моите црни панталони но јас
сепак бев побрз и успеав некако да избегам. Влезот на зградата во која се
скрив и го сликав моето ремек дело беше мрачен. Само една мала светилка
оддалечена од мене на пет метри покажуваше некаква светлина. Тулите бетон
беа студени како и неговите очи. Исус за првпат не се смееше мора да тежи
сиот тој Товар од гревови натоварен врз неговите ослабени плеќи. Тоа беше
портрет на еден осамен кловн, кловн кој пред се немаше место за настап, не
беше дел од ниеден патувачки циркус туку целиот свет го сваќаше како
работен простор. Она што тој го нарекуваше спасение за поголемиот
аудиториум претставуваше гест за најголема суровост. Затоа во почетокот
одбиваа да го вработат, правеше секакви валкани работи за да дојде до
некаква сигурност. Но се што всушност постигнуваше е што од ден на ден
стануваше се посуров и помрзелив. Единствена личност која навистина му
веруваше беше една жена по име Марија, изгледаше чудно и повлечено кога
доаѓаше в црква со шалот преку нејзиниот бел врат и дланките собрани во
поза за молење, се молеше за доброто на нејзиниот син, дванаесетте младичи
облечени во модро и зелено кои го следеа насекаде нејзиниот син седеа
позади неа надгледувајќи ги присутните и нивните реакции при секое читање
на светото писмо. Забележуваа се, секој мал детаљ, секоја мимика. Секој
кој влегуваше, стануваше, одеше по нужда и сл. Правеа чуда од маката на
луѓето. Тој никогаш не се појавуваше. Беше зафатен со потцртување на
огласите за работа по весниците, се јавуваше на некои таинствени
телефонски броеви закажувајќи разни интервјуа надевајќи се дека овој пат
навистина ќе успее. Надежта беше единственото нешто врз кое можеше да се
потпре. Сакаше да знае каде припаѓа. Едно време го следев, точно го знаев
интервалот на неговото заминување и враќање во куќата која се наоѓаше над
градот. Живееше во една изнајмена соба со уште неколку сенилни пензионери.
На судниот ден излезе доста рано, не успеа да го доврши ниту појадокот,
ниту да се избричи па така небричен и со еден портокал во рака просто
излета низ вратата. Јас бев потпрен до едно дрво во соседниот двор,
читајќи некаков леток кој беше паднал на валканиот тротоар. Не ме
забележа, беше опседнат со неговиот изглед, цело време ја завраќаше косата
наназад и се обидуваше да ја скроти што на крај резултира со негово
потполно откажување. Така правеше и со останатите работи. Последно нешто
коешто му беше потребно е да изгледа неугледно. Постојано само за себе
повторуваше некакви неразбирливи зборови кои наликуваа на свесни бладања.
Беше преврзан преку половината со плавите нишки од неговиот долг излижан
мантил. Движењета на неговата глава не беа во согласност со неговото тело.
Помина набрзина преку неколку мали улички, потоа преку мостот на плоштадот
и продолжи да се движи по угорнината. Од левата страна на угорнината во
запуштениот дел на улицата се наоѓаше аптека, влезе во неа и купи
амфетамински психостимуланси. Му требаше поради интервјуто но и поради
намалениот интензитет на енергијата во неговиот мозок. Веќе се чувствуваше
подобро. Еден сосема обичен натпис кој се наоѓаше на околните градски
ѕидови во него предизвика необична смеа, се држеше извесно време за
ослабениот стомак а потоа продолжи понатаму. На ѕидот пишуваше
"ИСУС МЕ САКА". Беше
упатен кон една од многуте канцеларии на една авиокомпанија каде што
требаше да се стретне со човек по име Понтиј Пилат, тамошниот одговорен за
кадровската политика. Прилично љубезно постапуваа со него во бифето додека
го чекаше својот спасител. Разговорот минуваше во сосема опуштена
атмосфера додека Пилат едно мало човече со огромно чело и смрштен поглед
го нудеше со цигара и пијалак и внимателно ги разгледуваше неговите
квалификации. На средина од разговорот почна да се поти и го отвори малиот
прозорец до половина. Во текот на разговорот неколку пати нагласуваше дека
за оваа работа бара сериозен и одговорен човек. Стануваше збор за референт
за односи со јавноста. Исус само седеше, пушеше полека и со привиден
интерес го следеше говорот на Пилат...
-Ова е сосема прифатливо. Да ова е повеќе од добро. Вие сте нашиот мал
Месија. Ги исполнувате сите услови, само морате да сторите нешто повеќе
околу вашиот изглед, работата го наложува тоа. п:писателот и ноќта на промашените илузии
Го читаше "Ноќниот пајтон” испружен на каучот во неговото дневно
засолниште. На ништо живо околу него не му придаваше такво значење колку
на таа книга. Неговата тигреста мачка по име Дејви со денови остануваше
гладна, се тркалаше по собата како влакнесто клопче, му пристапуваше со
молежлив поглед, мјаукаше но сето тоа беше залудно не ја забележа ни за
миг. На крајот заврши како и останатите нешта кои беа во негова близина-
заборавени. Надвор се подготвуваше бура. Реши да не излегува, ги зеде
книгите од дрвената горна полица, неколкуте стрипови, хартиените бродови и
ги премести до машината за пишување. Масата беше неуредна не се ни
обидуваше да ја подсуреди туку напротив само ги трупаше работите наоколу.
Стануваше само кога имаше некоја неопходна потреба, често снемуваше струја
така да свеќите не беа на дофат и мораше да станува дури до другата соба
за да дојде до нив. Го мразеше сето тоа. Облечен по гаќи и сива маица не
ни знаеше колку е часот можеше само да претпоставува но не беше ни толку
важно. Ѕидовите беа ишкртани со сенки кои се создаваа од бледата светлина
на долгите свеќи. Така осветлен се замислуваше себеси во жолта проѕирна
мантија, како пастир кој го води своето слепо стадо. Ретко кој го
посетуваше, една девојка-Мишел и неговата стара газдарица која му ги
донесуваше сметките, поштата, расказите кои ги праќаше на неговиот другар
во војска и толку. Излезе на терасата, одсутен и недостапен за
пулсирачкиот вриеж кој допираше долу од улицата. Се слушаше некаков
дијалог на неразбирлив јазик и пелтечење на неговиот сосед кој се
разделуваше од својата жена за да има повеќе време за љубовницата. Низ
тревата се влечкаа старите колпортери додека од неговите широки ракави
истекуваше сета вчерашна магија. Таквите како него умираа по инерција.
Тивко и незабележително. Тротоарите беа обрабени од густиот лак а зелените
одблесоци на месечината се спуштаа по скоро невидливите покриви, фасади,
антени. Неговата тераса се наоѓаше веднаш над градската библиотека, така
да имаше доста олеснет пристап до книги. Сите вработени добро го познаваа.
Се поретко пишуваше, во последно време се чуствуваше како да нема што да
каже. Инспирицијата се наоѓаше некаде во портокаловиот град само требаше
да отиде и да ја побара. Но самата помисла на барање го изморуваше и го
оставаше со таков израз на лицето што можеше да се протолкува само како
целосно помирување. Помислуваше да отпатува некаде на подолго време само
не знаеше каде, а и немаше доволно пари. Таквото чувство го прогонуваше и
веќе извесен период не му даваше апсолутно никаков спокој. Беше загубен а
над сето тоа беше свесен за сите свои загуби. Не знаеше што со себе.
Очекуваше некаков повик. Телефонот заѕвони. Го фрли допушокот во еден од
големите црепови со цвеќе и влезе во претсобјето. |
e:електролит конкурс | ||||
а:актуелен конкурс | а:архива на конкурси | |||||
р:рокови | д:досегашни конкурси | |||||
п:праќање | н:награди | |||||
а:автори | з:застапени автори | |||||
р:раскази | з:застапени раскази | |||||
н:наградени раскази | н:наградени раскази | |||||
в:ваш избор | в:ваш избор | |||||
д:други текстови | в:вон конкуренција | |||||
п:праќајте ни други текстови
(песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс... |
||||||
в:ваши предлози | ||||||
п:прашања |
д:дома |