т:темплум  

 

н:наградени раскази

мај/јуни:2007
 

Малку губите сила, почитувани елитраши... И квантитативно (што баш и не е страшно, помалиот број пристагнати раскази) и квалитативно (наш впечаток е: постои сосем благ општ пад)... Тоа, за среќа, не значи дека нема добри раскази... Има! Но, во помал број!

Продолжува тенденцијата девојките да ги земаат главните награди: од последните седум конкурси, на шест првите места ги однесоа девојки/жени! Вкупниот резултат, барем што се однесува до првите места, е 6:5 за женската страна:). Во вкупниот број доделени награди на досегашните 11 конкурси односот меѓу мажите и жените е подеднаков: 20:20.

Најдобар расказ за месеците мај/јуни, според нас, е “Шах” (од жанровскиот конкурс) од Алена. Има сè: јасна приказна, добро изградени ликови, впечатлива драмска ситуација, доволно креативни метафори и, можеби пред сè, интересна, мошне провокативна тема: хомосексуална (детска?!) љубов. Но, расказот немаше да биде најдобар да не постоеше неговата слоевитост: хомосексуалната љубов може да се чита и како жал по детството, незадоволство од грубото (добро ни познато!) опкружување, критика на здодевната и исто така грубијанска хетеросексуалност, копнеж по некој друг свет... Со хомосексуалноста не ни се мавта пред очи (како со црвено крпче пред бик:), туку темата е вткаена толку суптилно меѓу другите слоеви-крпчиња што целата шара (пачворк?; постмодернизмот нè научи дека уметноста во голема мера е колажирање?, создавање од ѓубре?:) навистина изгледа силно и заводливо. Е, сега, метафората на шахот можеби не е изведена баш најбеспрекорно, самата игра и нејзините правила некако се распаѓаат пред напливот на снажни чувства... - но крајниот впечаток сепак е мошне мошне позитивен.

На Жанета Станоевска втор пат за малку ù бега првото место:). Овојпат е втора со расказот “Радмила” (од жанровскиот конкурс) кој за нијанса е подобар од нејзиниот втор испратен расказ “Соседи” (кој малкуцка е празничок во своите ситни комедиографски огномети). “Радмила” е добар, класичен, полн со емпатија портрет на губитник, девојка исшмукана од околината, од непрепознавањето, од немањето љубов и елементарно разбирање... За жал, потпропаднати фрикови и згазени губитници сè повеќе гледаме околу нас, така што можеби успокојува барем фактот дека некој сè уште ги гледа и сочувствува, макар низ очилата на (за)пишувачот... Станоевска заслужува пофалби и зашто е меѓу ретките навистина писмени елитраши; годините во случајов немаат никаква врска - станува збор за однос кон јазикот. Учете од Станоевска! На расказите на Станоевска можеби им фали една доза на “зачудност”, мали непредвидливости, избочини, благи изобличувања, асиметрии... Секој со својот крст!,не?:).

Третото место го заслужи Дозгулпмус со расказот “Додека смртта не нè раздели”. Кај него го има она што (можеби, можеби!) недостасува кај “испегланата” Станоевска: надреализам, експерименти, иронија, изобличувања (анаморфози, баш!, како на маниристичките слики на Арчимболдо:-)... Под удар на зајадливото перо на Дозгулпмус е македонската светиња: свадбата! Писателот ја расчленува делче по делче, отровен и кон социјалната димензија на ритуалот, но и кон емотивните и телесните аспекти на чинот... Никој не е поштеден: ни младенците, ни свадбарите, но ни самиот “хроничар” прогризен од “психоаналитичкиот црв”... Можеби ко некаков средновековен “денс макабр” е описот на свадбата на Дозгулпмас?

...............................................................................................

Уште четири раскази предлагаме за објавување во Маргина; пред сè го издвојуваме мошне интересниот “Прекрасна” на Хула Хопа, потоа “Љубовта на прв поглед” од Бромофон, “Суви се рацете на Михаил” од Даниел Станојески и “Страв” од Квин Адрина.

...............................................................................................

Што ви забележуваме? Внимавајте на лекторската и коректорската форма на вашите раскази! Пишувањето е токму - форма. Се пишува со зборови и реченици, не со идеи и тези! “Вашиот занает е ѓаволски тежок”, му рекол, во една пригода, на поетот Маларме сликарот Дега кој исто така пишувал стихови. “Никако не успевам да го речам она што сакам, а полн сум со идеи”, рекол Дега. На што Маларме одговорил: “Драг мој Дега, поезијата не се создава со идеи туку со зборови”. Во истиот дух В. Х. Одн го дефинирал поетот што ветува не како некој што има да соопшти важни нешта туку некој кој сака “да се дружи со зборовите, слушајќи што велат тие”.

Јазикот е густ и слоевит медиум кадарен не само да ја одрази туку и коренито да ја преобрази стварноста. Само делумно тој е и систем за пренесување пораки. Јазикот соопштува, но тој и го создава соопштеното. Неговите својства не се нужно истоветни со својствата на надворешниот свет којшто наизглед е опишан од јазикот.

Ниче има речено дека личноста која го гледа јазикот како интересен сам по себе мошне се разликува од личноста која јазикот го гледа само како медиум за мислење. На таа трага и Витгенштајн претпочитал дека начелата на јазикот ги утврдуваат критериумите на вистината, а не обратно. Витгенштајн докажувал дека ние немаме првин значење, па дури потоа и начин да го изразиме. Она што го имаме, тоа се зборовите што функционираат, кои работат за да произведат значење, кои се просто работничка класа, пролетаријат на јазикот.

Да не ги обвинуваме само училиштата кои не нè научиле на барем пристоен македонски, туку да ги земеме речниците и правописот во раце; пред сè читајќи го најдоброто од македонската литература (комплет со добрите преводи, се разбира!), а потоа и усовршувајќи го сопствениот стил, и лексички и синтаксички и граматички... Тоа им го препорачуваме и на оние меѓу вас кои имаат поизострено сетило за јазикот, за иновација, за субверзија на постојниот фразерски поредок...

Хула Хопа е најзнаковит пример за ова што го велиме: извонредно талентиран, лексички богат, со интересни позајмици од сленг и со сопствени неологизми, тој најчесто зашлајфува во баричките на монотонијата бидејќи сопствените дупки во познавањето на јазичните стандарди го претвора во манир... Можеш да ги рушиш стандардите, но само ако претходно беспрекорно ги запознаеш! Инаку, писатели како Хула Хопа ептен ù се потребни на македонската литература која е просто заглавена во неинвентивност, зихераштво и досада. Дури и сленгот е мизерен, “мумлав”, недоветен, а камоли “главната струја” која со децении чека проветрување... Се разбира, голема вина носат и експертите за јазик (кои всушност не ни постојат), а и новинарите, шампионите на третокласните фрази, традиционалните убијци на јазикот...

Уште Адорно објаснуваше: “Обичниот јазик, обичната, па дури и префинетата проза, толку се проникнати со естаблишментот, до таа мера ги изразуваат контролата и манипулирањето коишто над поединецот ги вршат структурите на моќта што човек - за да му се спротистави на тој процес - мора веќе во самиот јазик со кој се служи да го нагласи сопствениот нонконформизам. Оттаму се и обидите раскинот со конформизмот да се изрази во самата синтакса, граматика, речникот, па дури и во интерпункцијата!”

До крајот на годината ќе имаме уште два конкурси; едниот завршува на 14 септември, а вториот на 1 декември.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Расказите објавени во Маргина ги хонорираме исто како за Електролит: со Темплум-книги! На авторот на секој од објавените раскази му следуваат по седум наслови: две Маргини во кои расказот е објавен, две други Маргини (по избор) и три Магма-книги. Тоа важи за сите во Маргина застапени автори, комплет со веќе наградените (кои ќе добијат плус книги заради наградите).

Наградите можете да ги подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).

Погледнете ги досега објавените Маргини и прозни книги од едицијата Магма.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања













































































































































 
  д:дома