Уште еден свет на звукот полека, но сигурно навлегуваше во мојот живот. Додека хардкор панкот засекогаш остана на маргините на музиката и популарноста, гаражниот панк рок изби од гаражите директно во умот на милиони млади во светот и ја смени музиката засекогаш. Поради Nirvana носевме карирани кошули и кратки маици преку долги ракави, а Pearl Jam со помелодичниот звук ни ја раскажа американската реалност од 90-те.
„Знаеш дека личиш на пејачот на Red Hot Chili Peppers?“ ме задеваа соучениците, а јас лудував по Blood Sugar Sex Magik. Фанк алтернативниот рок со примеси на рап за мене беше ново откритие.
Еклектичките 90-ти започнаа. Give It Away рокаше од мојот касетофон, а јас го запишував текстот, иако не го разбирав, ниту се задлабочував во зборовите кои проповедаа алтруизам и несебичност, а за мене значеа бунт и „гајле ми е“ став. Времињата беа себични и ужасни. Војната и опсадата на мојот роден град започнаа.
9 мај 1992. Ден на победата над фашизмот. Во средно училиште за писмена работа имавме истоимена тема и јас не можев да се воздржам. Ризикувајќи добра оценка пишував за фашизмот и чувството на пораз, за смртта на Југославија изградена на скелетите на тие кои се бореа против фашизмот, кој во поранешна Југославија беше посилен отколку што бил 1942-та, за моите другари и стравот дека никогаш повеќе нема да ги видам. Добив петка, иако за малку ја утнав темата, но што да правам кога времињата беа утнати.
Тимур го нападнаа. Веќе некое време го прогонуваа деца на новопечени богаташи, вистински транзициско-националистички копилиња, кои палеа дневници и пишуваа графити по училиштето и притоа беа одлични ученици. Часовите завршија и излеговме надвор, а на излезот од училишниот двор – сурија. Го следеа Тимур и го задеваа. Тој стоички поднесуваше, но почнаа да го туркаат и да го удираат. Тој се бранеше, но не можеше да се додржи на нозе. Падна и другите скокнаа врз него. Во тој миг заборавив на тоа дека сите беа за две глави повисоки од мене и два пати потешки од моите 40-тина кила со тексас јакна со металски „пришивачи“ и влетав во шутката, буткајќи и удирајќи сè околу себеси.
Тимур стана и несвесен дека јас сум до него почна да бега, а неколку души тргнаа по него, но тој беше побрз оставајќи ги далеку зад себе. Некој викна „Мајку ти е..м српску!“, а не можеше да биде подалеку од вистината. Некои се вратија и го пренасочија вниманието врз мене. „Он го бранеше!“ викнаа и во тој момент времето застана. Кон мене се движеше сила на природата вообличена во толпа жедна за крв.
„Немој да сте го пипнале!“ рече некој до мене. Тие се закопаа во место, си ги свиткаа опашките и заминаа. Се свртев и до мене видов еден металец којшто изгледаше опасно и злобно. Ми намигна. До ден денес не знам кој беше тој, можеби мојот металски ангел чувар, но благодарен сум му зашто ме спаси од линчување. Знаев отсекогаш, но тој ден добив неоспорна потврда – музиката поврзува и не гледа национални, религиозни или регионални бариери.
Тимур никогаш не прежали зошто ме оставил сам, иако сред брканицата не беше ни свесен дека сум до него, и од тогаш постојано ми се оддолжуваше и секогаш беше со мене кога ми требаше – до ден денешен. Но, не – јас верувам дека е заради тоа што му помогнав кога сите го оставија, а двајцата бевме поразлични од другите, осудувани и неразбрани. Можеби затоа бевме неразделни и во добро и во лошо. А лошото допрва следуваше.
Утредента Боби дојде со мене во училиште и остана некое време во дворот од училиштето со брат му за да нè заштитат ако треба. Двајцата крупни, неизбричени и со долга коса. Директорката нè викна на разговор.
„Кои се оние криминалци во мојот двор?“ викна на нас. Се стаписавме.
„Д-дечкото на сестра ми,“ пропелтечив.
„Да им кажеш веднаш да заминат!“ загрме таа.
„Но, вчера го нападнаа и го истепаа Тимур и ние…“
„Не ме интересира, ништо не знам за тоа, а вие двајца ќе бидете казнети…“
Секако дека знаеше. Секако дека ја интересираше, но не правдината, ја интересираа татковците на тие деца кои нè тепаа, нивниот грб, нивните пари и моќ. Ние бевме безначајни бубачки кои и да бидат смачкани ништо нема да се смени. Бевме казнети, а силеџиите оправдани. Тоа беше почеток на новото време.
Ги разгледував касетите во Баги Шоп во Мавровка кога од звучниците наеднаш загрме звук кој добро ме протресе. Се стаписав. Го прашав газдата што пуштил и пред да сфатам што се случува Rage Against The Machine навлезе во мојот живот како торнадо и ме крена високо за да ме тресне долу, се чувствував како да јавам на бесен коњ којшто не можам да го контролирам. Времето нè правеше сите да се чувствуваме така.
Беше крај на училишната година и се подготвувавме за распустот. Наставникот по физика сè уште не беше дојден. Заѕвони. Со Тимур се туркавме на рака и иако го водев 13-3, никако не попуштав. „Ако го навалиш телото, ќе го користиш и делтоидеусот,“ зборувавме во безбројни прилики порано, а ги знаевме латинските имиња на сите поголеми мускули, зашто кревавме тегови секој ден после училиште. Тимур забрзано се ширеше, а не планираше да престане да расте. Во годините кои доаѓаа тој стана опасно момче кое им пркосеше на силеџиите, на извадените пиштоли и на вратарите по дискотеките. Тие кои некогаш го тепаа тогаш бегаа од него како од оган.
Додека се буткавме, неприродно ја извиткав раката, па откако Тимур притисна со цела сила, раката веќе немаше каде да оди и пукна – како на филм. Се освестив, а раката ми висеше на другата страна. Ја фатив и истрчав надвор. Мојата сага на скршениот Humerus започна.
Чекање неколку часа со скршена рака во Градска болница и потоа грешно поставен гипс. Вадење на гипсот на скршената рака со старински клешти, зашто машинката не им работеше во Државна болница. Грешно зараснување на коските. Залуден обид да се одвојат. Операција и шипка во раката.
Оштетен нерв, бавно опоравување и атрофирани мускули и по вадењето на гипсот. Цел распуст поминат во Центарот за физикална терапија во Козле. Секој ден. Масажа на мускулите. Парафинска терапија со врел восок за лактот кој се запекнал од недвижење. Електростимулација на нервот, вежби на физикална терапија. Инфрацрвена ламба. Сè беше залудно. Најголемите домашни неврохирурзи ме праќаа на операција во Словенија.
„Слушај момче, ако сакаш да се опоравиш, ќе работиш,“ ми рече еден средовечен човек кој доаѓаше на терапија со мене.
„Но, нервот не реагира. Мртов е.“
„Види ја мојата,“ рече тој и ја крена раката. „Гледаш? Мрда.“
„Но…“
„Слушај ме што ти велам, знам. Мојот случај е ист како твојот – повреда на нервот Radialis,“ се насмевна.
„Само вежбај и не откажувај се. Можеш да се потпреш на струјата да ти ја крева раката или да се потпреш на себеси и сам да ја кренеш.“
„Но, не се крева, ни милиметар!“
„Кревај ја со мозокот! Кревај ја во мислите. И нека ти направи некој рака од шперплоча, ќе ја врзуваш секоја вечер пред спиење под твојата и така ќе спиеш.“
Killing In The Name Of на Rage Against The Machine рикаше од системот. Ѕидовите се тресеа. „Во име на кого се убиваат!? Страдање, смрт, беда, глад и болести… дали се добро моите другари?… дали се живи?… а татко ми? дали навистина ми е гајле за него?… дали тој се спасил?… “ помислував, но од мене излегуваше само едно лудачко и примордијално: „Аааа!“ додека со целата сила на своето тело и ум се обидував да ја кренам раката.
Пот ми се слеваше по челото, но само си повторував „Силата на умот! Силата на умот!“ и ми требаше целиот насобран бес и лутина, бучавата и врескањето на сите бунтови против машината, гранџови, гангста рапови и тешки метали за да го победам металот кој што ми беше во раката – 14 штрафови не’рѓосувачко железо кои поминуваа низ мојата коска и ги гмечеа нервите претходно извадени надвор од мускулното ткиво и држени во гумените ракавици на асистентот при операцијата за да се спојат коските. И тогаш конечно се случи – раката се помрдна – за милиметар.
Патот помеѓу нула и еден милиметар е многу потежок отколку патот помеѓу еден милиметар и еден метар. Потоа сè одеше побрзо. И подготовките за приемниот испит за средно училиште одеа полесно. Но, сепак фините движења на прстите кои овозможуваат држење молив и пишување беа далеку од моите способности. „Сè е во умот,“ се потсетив. Научив да пишувам со лева рака и така бев примен во гимназијата „Јосип Броз – Тито“.
Да знаеше истоимениот другар-господин што се случува со земјата која ја изградил би бил благодарен што не е жив. Или можеби не?
.