Во ерата на интернетот и сајтовите како Yelp (сајт каде што корисниците можат да остават критики за локали) и социјалните медиуми, секој може да посети некои место и да стане негов критичар. Во тој дух и авторот на овој текст се појавува во улога на „не толку критичар“, колку што станува збор за „еден типичен текст на Берт Стајн во кој се раскажува за музиката, културата и минатото, а преку таа призма се прави паралела со сегашноста“.
За што всушност сакав да ви зборувам? За тоа дека во последните денови одам се’ почесто во рок барот „Круг“ кој од некоја причина (четирите букви, знакот, атмосферата, музиката!?…) честопати грешно го нарекувам „Дорс“, магично место познато на постарите алтернативци од 90-тите години на минатиот век. Секако, тие кои ги следат моите писанија, знаат дека тие се носталгични по таа ера, па не очекувајте и ова да биде поинакво!
Во 90-тите во Скопје имаше многу места каде што алтернативната младина можеше да се издува, преку Багдад-кафе, Дорс, Џаџо, 21, до Њу Ејџ, Зизи, Мјузик Гарден, Енерџи, СФ и други. Денес овие места се реткост, но и алтернативците се реткост исто така. Можеби делумно заради хипстерското движење во кое тетоважите станаа мода, што само по себе е парадоксално, бидејќи модата е минлива, а тетоважите постојани. Порано долгата коса значеше бунт, неприфаќање на работите, поинаквост и ретко кој се решаваше да се избричи под долгата коса, а кога го правеше тоа беше инкарнација на Фил Анселмо од бендот Пантера. Денес, секој „турбофолкер“ (во однос на начинот на однесување и ставот кон животот, не нужно во однос на музиката која ја слуша) може да пушти брада, да направи „мен-бан“ и да се истетовира. Денес и децата во основно училиште (видено од авторот на текстов, и тоа во трето одделение) си ја фарбаат косата во сина боја, а порано тоа значеше укор или бркање од средно училиште. Но, времињата се менуваат и не би сакал да звучам како некој кој се плаши од промените. Драго ми е што сме во тек со светските трендови, макар тоа и да се однесува само на фризурите, па преку тоа белким ќе стигнеме и до уметноста, науката или екологијата. Но, да не се вртам многу во круг и да преминам на поентата.
Во „Круг“ на горниот кат има една убава долга дрвена маса без ногарки, потпрена на ѕидовите, за каква што отсекогаш сонував да имам по дома, и на неа се создадени некои од моите текстови, како на пример овој! Не знам зошто, но кога седнувам во некое кафуле, креативноста избива од мене како несопирлива река, а јас само ја следам, се препуштам на текот без отпор. Честопати се прашувам што е тоа што ме мотивира да создавам кога сум опкружен со звуци и движење, кога во животот спротивно од тоа, сакам осаменост, повлеченост и препуштеност на сопствените мисли.
Да, во животот е потребна хармонија и рамнотежа ако сакаме да бидеме креативни и продуктивни индивидуи за себеси и за општеството. Но, мене ми се чини дека ми (ни) е потребна и добра музика како подлога или своевиден „саундтрак“ на животот. Без неа животот, навистина, би бил празен, а музиката во „Круг“ ќе ве однесе во гранџ и панк-рок 90-тите преку Nirvana, Green Day, GNR, The Cranberries, REM, Lenny Kravitz, но и поназад кон рок звукот на 80-тите со Joan Jett, AC/DC, U2 или 70-тите и психоделични или хард-рок тонови на The Doors, Rolling Stones, ZZ Top, Eagles, Led Zeppelin, Jimi Hendrix, Queen и други. И додека соло гитарата во Whola Lotta Love го „кине“ воздухот во внатрешноста на кафулето, надвор во Аеродром загаденоста е на максимум. Ништо ново, нели. Ми се чини дека тоа е нормалната состојба на нештата во нашава државичка. Тоа е нашата реалност со која живееме, сакале или не. Секако зборувам за загаденоста, не за добрата музика.
„Круг“ е место за љубители на вистинска музика, љубезни келнери, макијато од 60 ден. прилагодено за џебот на народот. За другите ги оставам „кремските“ кафулиња и нивните скапи кафиња – се надевам зборов не го изгубил значењето во изминативе децении, а порано значеше „неалтернативци“, „конформисти“, „тие што слушаат популарна музика“. Освен набројаните нешта, кога ќе го посетите „Круг“, на горната голема маса ќе ве пречека и неодоливата, секогаш присутна и голема колку Библија, „Курс по општа хемија“ (1965) на бугарски јазик. Но, каква врска има хемијата со музиката? Како што хемијата, физиката и биологијата не’ учат, кружењето на нештата во природата е битна работа и без неа не би постоел живиот свет, така и во човековото општество е потребно старите нешта да се заменат со нови. Гранџот, карираните кошули и замрсените долги коси треба да бидат заменети со „мен-банс“ и хипстерски тетоважи и тоа е природно и нужно. Но, како што модата и музиката периоднично се навраќаат наназад за да одат нанапред, преку т.н. ретро-стилови, така е потребно и на помладите да им се укаже на поинаквите времиња, ставови и начин на живеење. Тоа може да го наречеме кружење на нештата во културата, ако сакаме истата да живее и да биде плодна. Мојата мисија како писател е да го правам тоа преку моите дела и се радувам кога постојат места како „Круг“ да не’ присетат и на поинаквата музика и атмосферата на клубовите од поранешните декади, зашто модерниот живот понекогаш не’ заслепува со неговата брзина и потребно е да застанеме, да намалиме на 45-ка и да погледнеме околу нас. И тогаш можеби ќе станеме свесни дека плочата се врти во „Круг“!
Берт Стајн
12 декември 2018
Дедо ми не беше многу висок како за Црногорец, но беше силен човек, со густи бели мустаќи пожолтени од пушењето цигари, а ги влечеше како давеник за сламка. Пушеше секакви цигари, од „Сараевска Дрина“ до „Ха-бе“, но купуваше и тутун од село, го чуваше во тегли и виткаше цигари од него. По фиоките имаше цели штеки цигари и запалки кои му ги даваа неговите соборци од Клубот на борците од НОВ кој се наоѓаше во центарот на Сараево во близина на стоковната куќа Сарајка, опкружен со голем парк и дрвја, каде што ние како деца се спуштавме по падините со нашите понија и бе-ем-икси, инспирирани од филмовите како „Вонземјанинот И-ти“. Но, дедо ми не го интересираше тоа американско влијание, зашто тој беше хардкор социјалист, исто колку што беше заколнат пушач.
Судејќи според бројот на запалките по фиоките, повеќе не ги поправаше отколку што ги поправаше, а да биде уште почудно, рачно витканите цигари ги палеше со кремен камен кој го чуваше во мала кожена торбичка заедно со едно парче специјална печурка. Ќе го извадеше каменот, ќе ја ставеше печурката врз него и ќе удреше неколку пати со парче метал, по што печурката почнуваше да чади од искрата од каменот. Така палеше цигари, а јас седнував до него опкружен од чадот од цигарите и заедно гледавме југословенски филмови и серии, а тој ми раскажуваше за Втората светска војна.
„Тоа беше 1943 година на Неретва,“ се обидувам да се присетам на разговорите кои како низ магла ми навираат во сеќавањата. Дедо ми бил партизан од Црна Гора кој се борел во назначајните битки во Босна и Херцеговина, а кој ја знаеше историјата на Втората светска војна, знаеше дека таму се одвивале најкрвавите битки. „Пипни тука,“ го земаше моето мало детско раче со неговите влакнести и старечки раце, со пожолтените прсти од тутун, и со моите два прста притискаше врз неговата нога, каде што јасно можев да напипам нешто тврдо. „Тоа е куршум,“ ми кажуваше и потоа продолжуваше да ми раскажува како во војната бил ранет, ни помалку ни повеќе, туку – 12 пати! Бил опериран на живо повеќе пати, а тие куршуми кои не можеле да ги извадат му биле оставени, во нога, рака и кој знае каде се’ не. Во заедницата важеше за човек-феномен, и не само заради тоа што бил медицинско чудо кое оди на две нозе, туку и своевиден математички вундеркинд кој можел напамет да пресметува големи бројки, за кои на другите им требал дигитрон.
…од другата страна на нештата, постоеше и една друга Југославија…
Со врсниците се собираа во Клубот на борците, магично место за мене, каде што имаше терен покриен со песок. Таму се здружуваа, тие минати командоси во борбата против нацистичкиот окупатор, но сега наместо митралези и бомби држеа камени кугли и ги фрлаа во висина обидувајќи се да удрат други кугли и да стигнат што е можно поблиску до малата кугла. Кога не се натпреваруваа во оваа игра, започнуваа друга војна на масите покриени со зелена чоја, каде правеа митралески гнезда од кецови и кралеви и наместо муниција фрлаа пари. Дедо ми, иако беше добар математичар, често губеше во овие игри, барем така ми остана во сеќавањето, затоа што му ги гледаа картите во неговите дебели фотогреј очила за блиску. Можеби губеше зашто веќе не гледаше добро, одеше со бастун и имаше постојани болки во нозете, но најмногу затоа што откако почина баба ми, неговата партизанска љубов, тој беше половина од стариот мој дедо каков што го знаев.
„Млада партизанка“, позната песна на сите кои растеле во Југославија, но за мене и поим за мојата баба. Босанка, која како и дедо ми учествувала во истите битки, но од другата страна на рововите, како медицинска сестра, и таму го запознала, по што настанал „инстант класик“ од југословенските партизански филмови. Но, пред тоа, нејзините авантури подразбирале глад, голема глад од која умирале соборци, криење од Германците со денови по планините, на снегот, по дупки во земјата покриени со гранки, а од тоа заработена реума и извиткани прсти. Но, таа никогаш не се жалеше, напротив, даваше команди и го водеше целото семејство, се’ до нејзината смрт, кога командата се распушти, моето семејство се распадна, а паралелно и мојата земја.
Сепак, од другата страна на нештата, постоеше и една друга Југославија, која не подразбирала партизани и социјализам, туку и кралство, аристократија и приватна сопственост. Тоа била Југославија пред Втората светска војна, далеку пред да се родам јас, но моите претци, другите дедо и баба, биле дел од неа, и како млади капиталисти во Скопје во 1920-тите, во ерата на раѓањето на СХС, граделе куќи, фабрики и купувале имоти кои ќе им бидат одземени, а тие самите ќе бидат наречени „трули капиталисти“. Тоа е мојата Југославија, контрадикторна, романтична и трагична, и парадоксална.
Кога бевме деца, во 80-тите години на XX век, не познавав друга нација освен југословенската, моите другари, сега знам, повеќето биле муслимани и Хрвати, по некој Србин, но сите беа исто за мене и таков дух се градеше во Југославија, особено во Босна каде што се колнеа во се‘ и сешто со „Тито, драги!“. Јас го сакав Тито, зашто сите го сакавме, лепевме налепници со неговиот лик по дома, го имавме на тетратките и секој ден го гледавме на ѕидот од училницата. Но, дедо ми не го сакаше Тито. Зошто? Затоа што дедо ми го сакаше Сталин, а Тито го предаде Сталин. Но, зошто некој би сакал масовен убиец? За да го разберете тоа треба да замислите млад човек кој во војната се борел за социјалистичкиот идеал и не можел туку-така да се откаже од нешто за што примил 12 куршуми. Но, тој не зборуваше за тоа, освен кога ќе се поднапиеше во Клубот на борците испровоциран од шпионите на системот, па не можеше да се воздржи. И потоа истите тие го пријавуваа и така заврши на Голи Оток, два пати во две ипол години.
…во трагедијата се крие радоста на живеењето…
Баба ми го чекаше, и првиот и вториот пат. Во Југославија немаше разводи, барем не толку како денес, немаше интернет, немаше стотици канали на телевизија, немаше мобилни телефони и никој не правеше селфија, култот на личноста беше посветен само на еден и единствен лик – Тито, но имавме се’ што ни треба, слобода, родители кои се враќаа од работа до 3 часот, родендени дома со кока кола и соленки, играње, бескрајно играње надвор на улица кога густиот сараевски смог од кој и снегот стануваше црн беше нормален дел од секојдневието, а децата се повикуваа од врата до врата, наместо по мобилен. Не велам дека се’ беше подобро, но секако беше поинакво.
Тоа е Југославија за мене, мојата земја која веќе не постои, моето детство и пријатели од сите нации и религии, Кралството СХС и Федеративна Социјалистичка Република Југославија, Кралот, Тито и Сталин, Братство и Единство и Голи Оток, капитализам и Кока-кола социјализам, слобода, распад, војна, смрт и губењето на сите мои другари од детството… приказна која е раскажана многу пати, но кој не ја преживеал, никогаш нема да дознае дека во трагедијата се крие радоста на живеењето.
Берт Стајн
11 декември 2018
Книгите од едицијата „Мала фактопедија“ се насочени кон помладата популација и нивното запознавање со некои од позначајните личности од светот на науката, уметснота, музиката, културата и значењето кои што го имале тие за човештвото, но и на нашите животи. Истражете ги „необичните факти“ од нивниот живот и инспирирајте се да дозјаете повеќе за тоа што ги прави овие луѓе особени, можеби ќе посакате да направите нешто повеќе за себеси, луѓето околу вас, и – зошто да не – да го смените светот!
Необични факти од животот на Алберт Ајнштајн
Приредил: Бранко Прља
Едиција: Мала фактопедија: наука
Година: 2017
Формат: 10 см
Обем: 60 стр.
ISBN: 978-608-65839-5-8
Необични факти од животот на Никола Тесла
Приредил: Бранко Прља
Едиција: Мала фактопедија: наука
Година: 2017
Формат: 10 см
Обем: 60 стр.
ISBN: 978-608-65839-4-1
Целта на едицијата „Сакам да бидам…“ е да ги истражи детските сништа и да создаде креативна основа за нивно понатамошно развивање и реализирање.
Првата книга од оваа едиција „Коњи,“ (или „прирачник за тоа како да станеш вистинска каубојка“) го проучува интересот на авторот, Нина Прља, за јавањето и коњите, нејзината посветеност, внатрешна борба и резултати кои ги постигнала на тоа поле, со фокус на љубовта кон цртањето и коњите. Овие два големи интереси на Нина се споени во креативен производ кој е интересен за читање како за помладата, така и за возрасната популација.
Коњи (прирачник за тоа како да станеш вистинска каубојка)
Илустрации: Нина Прља
Едиција: Сакам да бидам…, Книга 1
Година: 2015
Формат: 15 см
Обем: 32 стр. (колор)
ISBN: 978-608-65839-2-7
2013 Чадор без рака да го држи
раскази
Скопје, Готен
Илустрации: Бранко Прља
64 стр.
17 см
ISBN 9786084625278
Во оваа проза ќе се сретнете со вивисекција на вжештеното електронско секојдневие, кое го турка човекот во виртуелниот свет, пропуштајќи го патувањето во сопствениот свет, од кој може да излезе со еден грст креативни идеи.
Книгата ја доживеав како една „капка“ од Универзалниот УМ, која слободно лебди и зазема секакви облици и форми и остроумно гледа низ различни призми: телесни, интелектуални, психолошки, социјални, физички и метафизички, релативистички итн., но сепак суштината останува иста – непроменета и вечна потрага по вистината за животот и за меѓучовечките релации.
Од една страна го отсликува слободниот пад на овој цивилизациски миг, кој во неврат ита во немерливо длабоките амбиси на егзистенцијалниот вакуум, за кој нè опоменуваше Виктор Франкл. А од таму извира празнотијата на нашите животи – par exellence!
Но, од друга страна овие златни букви испишани од правот на реализмот потсетуваат и на зборовите на Рабиндранат Тагоре: „Судбината не нè ограби сосема!“
д-р Марија Арсовска
2010 Вест од несвест
Измислени вести и куси раскази
Готен, Скопје
290 стр.
илустр, 17 см
ISBN 9786084625018
Во 2005 година авторот ја објави збирката измислени вести во форма на весник, со наслов „Вести од земјата на чудата“. Оваа серија на измислени вести во форма на весник авторот ја продолжува со изданијата „Парите се отепувачка“ од 2006 година и „Вести од подрумот на баба ми“ од 2007 година.
Книгата „Вест од несвест“ издадена во 2010 година е збир на повеќе изданија кои претходно авторот ги има објавено во форма на фиктивни весници, надополнета со 4-то издание во збирна книга.
Се работи за збирка измислени вести, куси приказни, имагинарни биографии на познати личности на сатиричен и хумористичен начин. Доминантна е играта помеѓу фактот и фикцијата. Влијанието на сатиричниот магазин „Онион“ е очигледно, но книгата не застанува таму. Напротив, таа оди понатаму од сатиризирањето на локалните и глобалните вести и политичките и социјални ситуации. Деконструкцијата на „вистината“ станува главна тема на делото кое се стреми да докаже дека вистината во модерниот свет е поим и концепт кој многу лесно се манипулира, а комерцијализацијата и консумеристичкиот начин на размислување и живеење се главните полиња на критика. Социјалниот ангажман е на прво поле во овие изданија и се надоврзува на сатирата и хуморот и настојувањето да се внесе уметнички дискурс во новинарскиот жанр и жанрот на книгата, како едни од носечките елементи на овие дела.
2015 Букви, во збор!
Илустрирани термини
Скопје, Капка
Илустрации: Нина Прља
60 стр.
11 см
ISBN 9786086583903
„Букви, во збор!“ е плод на соработката помеѓу Капка и Нина Прља и претставува креативен обид за создавање оригинална и невообичаена игра на зборовите и нивна визуелизација. Секој термин може да има повеќе значења, зависно од тоа како се гледа на неговата структура, внатрешно, надворешно, во зависност од возраста на „читателот“, неговите познавања, потеклото и, во крајна линија, отвореноста кон прифаќањето нови идеи и концепти. Оваа книга е експеримент и повик кон понатамошно експериментирање на самите читатели, кои и самите можат да откријат нови и скриени значења на зборовите.
2015 (Не)докажани приказни
Раскази и илустрации
Скопје, Капка
Текст: Иван Прља
Илустрации: Нина Прља
60 стр. / 11 см
ISBN 978608658390-3
„(Не)докажани приказни“ е заеднички труд на Иван Прља (2010) и Нина Прља (2005) во кој што Иван започнува некоја анегдота, забелешка или видување на светот, а Нина го визуелизира логичниот крај, или поставува прашање во визуелна форма кое што читателот треба да го одгатне. Ова е прв креативен ангажман на Иван Прља, а Нина Прља до сега има учествувано како коавтор или автор во книгите „Обоени приказни“ (Готен, 2013), Азбука на игранка (Капка, 2014) и Букви, во збор! (Капка, 2015).
Visit us at Book Fair (stand of Goten)!
(Un)finished Stories
Ideas: Ivan Prlja
Illustrations: Nina Prlja
Edition: Kapka, book 1
Year: 2015
Format: 10 cm
Volume: 60 p.
ISBN: 978-608-65839-1-0
Letters, In a Word!
Ideas: Kapka
Illustrations: Nina Prlja
Edition: ABC, Book 3
Year: 2015
Format: 10 cm
Volume: 60 p.
ISBN: 978-608-65839-0-3
2005 Вести во земјата на чудата
2006 Парите се отепувачка
2007 Вести од подрумот на баба ми
измислени вести и раскази
Скопје, Темплум
26 стр.
илустр., 30 см
Станува збор за збирки измислени вести, куси приказни, имагинарни биографии на познати личности на сатиричен и хумористичен начин. Доминантна е играта помеѓу фактот и фикцијата. Влијанието на сатиричниот магазин „Онион“ е очигледно, но делата не застануваат таму. Напротив, тоа оди понатаму од сатиризирањето на локалните и глобалните вести и политичките настани и социјални прашања.
Деконструкцијата на „вистината“ станува главна тема на делата кои се стремат да докажат дека вистината во модерниот свет е поим и концепт кој многу лесно се манипулира, а комерцијализацијата и консумеристичкиот начин на размислување и живеење се главните полиња на критика. Социјалниот ангажман е на прво поле во овие изданија и се надоврзува на сатирата и хуморот и настојувањето да се внесе уметнички дискурс во новинарскиот жанр се носечките елементи на овие дела.
2009 ДОСИЕ: ПЛАНЕТА ИКС
„Тајни документи од приватниот живот на планетите“
кратка проза
Скопје, Темплум
173 стр.
илустр., 21 см
ISBN 9789989189630
Книгите од Астро Гном едицијата не се научни документи, нивната идеја не е да бидат егзактни, ниту содржат физички формули. Напротив, идејата е во играта помеѓу фактот и фикцијата да се создаде нешто што на западот се нарекува факција, а авторот го претпочита изразот едукативна проза.
Тематиката на првите три книги е макросветот и астрономијата, додека четвртата книга се занимава со проблематиката на микросветот.
Авторот ги десемантизира и ги разбива сите значења, сите фрази, сите синтагми и сите елементи на нарацијата, потоа ги ресемантизира. Во тоа постојано меша диспарантни поими. Најчесто се од областа на популарната култура и на современите комуникации, но во таа игривост, во таа зачудност и онеобичување, има и многу интелектуализам, како пристап својствен за него.
Роберт Алаѓозовски