т:темплум  

 

н:наградени раскази

јуни/јули:2006
 

Образложение
Немавме тешка задача. Меѓу 30-те автори што испратија 80-тина раскази како убедливо највпечатливи се издвоија три автори, т.е. три раскази: Кристина Гацова (Троен агол); Ѓорги Крстевски (Таинствениот јавувач); Гето Руди (Три навраќања на мотивот клупа).

1. место: Троен агол од Кристина Гацова
2. место: Таинствениот јавувач од Ѓорги Крстевски
3. место: Три навраќања на мотивот клупа од Гето Руди

1. За најдобар расказ жирито го прогласи расказот Троен агол на Гацова (прв пат девојка на прво место!:), пред сè заради згуснатиот и мошне прецизен прозен израз што гравитира кон поетското но сепак вешто останува во рамките на наративното. Иако со дискретна жичка на анегдоталност (непаганскиот трилинг на светите ни Тројца игра карти, не е преферанс туку нешто налик на тарот, се чини:), расказот успева во себе да збие комплексни уметнички, психолошки, филозофски и религиозни слоеви, поентирајќи непретенциозно, духовито и отворено (во смисла на можноста за различни сфаќања:).

2. Како и Гацова, впечаток е дека и Ѓорги Крстевски ни испраќа сè подобри раскази. Иако и другите негово раскази се мошне солидни (особено Расипаниот часовник), се решивме второто место да му го доделиме на Таинствениот јавувач, најмногу заради неговата психолошка изнијансираност и задлабоченост. Како ретко кој од другите електролит-автори, Крстевски се обидува да создаде автентични ликови, да им “ушприца” психологија, снажна авторска емпатија и слоевитост. Токму тој напор на Крстевски се гледа и во посочениот расказ во кој со пар прецизни потези фино е осликан ликот на еден осамен (средовечен?) човек кој добива необични телефонски повици.


3. Гето Руди прв пат се појавува во Електролит и веднаш зема награда! Заслужено, сосема, оти не само што напиша еден мошне интересен расказ (во Трите навраќања на мотивот клупа, како во некаква луцидна кеноовска стилска вежба, се презентираат три агли на посматрање, три психолошки позиции), туку му се солидни и другите испратени раскази. Интересни се и “интертекстуалните референци” на Руди, неговите повикувања на Славко Јаневски или Вујаклија:)...

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

За есенската Маргина (која ќе излезе во почетокот на октомври) издвоивме уште шест подобри раскази:

1. Багажот на стариот пријател од Иван Шопов (расказот баш наликува на куфер, на некаква флуксус-инсталација, едно артифициелно и привлечно мало ѓубриште во кое не се губат социјалните и филозофските значења:)

2. Љубов и компири од Bushy Meat (лирска и духовита приказна за љубовта; Bushy постојано ни кажува дека и кога се пишува за “здодевната” тема љубов сепак може да се биде инвентивен и духовит);

3. Смокви и лешници од Le Piaf; (интелигентна и комплексна интернет преписка со многу дискретни љубовни навестувања - како таинствено ветре што за секунда провејува во спарна летна ноќ, низ прозор, толку нечујно што и кинеските ѕвончиња не мрдаат од сонот:) -; но расказот завршува со прилично мрачни тонови, за кои не би сакале да се остварат, доколку расказот е базиран врз реалноста).

4. Габриел од Инес Ефремова (чудна и мрачничка приказна од детството, можеби на моменти недоволно јасна и “преметафорична”?!);

5. Страст од Билјана Стојаноска (можеби наједноставниот и најјасен “еротски” расказ”, од многуте пристигнати:);

6. Расипаниот часовник од Ѓорги Крстевски (филмски расказ, како за спот, произлезен директно од “Зоната на самракот”!:).

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Би сакале да ги пофалиме:

Теа Шалдева (заради мошне интересната алхемичарска симболика, оган, цвеќиња и слично:);

Ma Goddes (заради отворањето нови и провокативни теми... ја охрабруваме младата и надежна авторка да продолжи со рушење на стереотипите);

Јасна Димитровска, Јане Јованов и Данил Киприк (заради естетиката на цртан филм: живописните слики, јарките бои, слободниот израз, ангажираноста, фантазијата, игрите со зборови...; но, сите овие раскази, за жал, страдаат од наивност, од недоволна авторска зрелост).

Карактеристика на летниов конкурс беа многуте “еротски” раскази, пишувани - што е интересно! - главно од девојки:). (Имаше и еден таков “машки” расказ, Утро, желби и роса во ноќта од Најфраер, но прилично тенок, мачоистички, без драмска ситуација, без психологија, само секс на прва топка...) За жал, повеќето таканаречени еротски раскази овојпат беа недоволно квалитетни, налик на наивни порна, без изградени ситуации, без јасно оцртани ликови, сведени на јас-форма и на тривијални дневнички белешки... Се разбира, ве охрабруваме да продолжите со темата (затоа и го издвоивме расказот Страст), оти во македонската литература сексот долго време како да беше табу...

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

август-септември

Следниот електролит-конкурс пак е двомесечен, но малку скратен, трае до 22 септември, зашто на време треба да ја завршиме есенската Маргина. Ви благодариме за учеството и со Господ напред (не назад!), но и со усул, следниве месеци!

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Наградите можете да ги подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).

Погледнете ги досега објавените Маргини и прозни книги од едицијата Магма.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања




































































































 
  д:дома