т:темплум  

 

н:наградени раскази

јануари/февруари:2007
 

Заврши првиот двомесечен конкурс од втората година на Електролит. Според бројот на пристигнатите раскази и нивниот квалитет го држиме просекот од подобрите месеци од минатата година, но ние сме убедени дека можеме (можете) и подобро. Би сакале да ви обезбедуваме големи награди на секои два месеца и да имаме средства да го надоградиме нашиот сајт со поинтересни содржини, па навистина да покажеме дека литературата може да се развива и во т.н. виртуелен простор и од нашите екрани да катапултира електрони секаде наоколу кои што ќе им се забиваат во очите на луѓето и ќе ги печат, чешат и иритираат, се додека не научат дека реалноста не може да се подели на виртуелна и реална, туку се работи за едно нешто. Реалноста на Електролит е сеуште тажна: и по една цела година постоење, сеуште е единствен во македонскиот нет простор и за жал, додека не најдеме пари/време/можности да го направиме подобар, ќе мора да не трпите и да не поддржувате (како што ве поддржуваме и ние вас), па можеби, кој знае, еден ден, заедно ќе бидеме дел од културната и литературната историја во која се зародиле никулците на нешто што сеуште не можеме ни да го замислиме! Во ред, да видиме што е со сегашноста.

...............................................................................................

Прво место, на наша голема радост, го заслужува дебитант на нашиот конкурс, Марта Марковска со расказот „Што се случува кога го читате Фрејзер“. Се решивме да го одбереме овој расказ поради леснотијата на раскажувањето, делумно поради самиот јазик и стил на пишување, а делумно поради лесната идентификација на еден просечен читател/жител на СК_МК со мотивите и темите кои се застапени во расказот. Едно типично утро, ден на работа (или во случајов, сурфање по интернет, прецизно сецирано со писателскиот рез каде под ткивото на нештата откриваме дека се работи за „... оној став што секогаш го користиме како изговор кога не знаеме што точно да правиме со себе и велиме “само малку, колку да утепам време”, а го кажуваме со длабоко потсвесно сознание дека времето не утепува нас.“ ) и необична случка која ја следат цела низа претпоставки и алузии, од најобични до најналудничави, кои завршуваат со демистификација, но само за кратко залажувајќи не, продолжувајќи во бескрајот на тривијалниот егзистенцијалистички пекол на современото живеење, кој се провлекува низ целиот расказ. Навистина, времето не утепува нас, додека не се освестиме, но дали последната реченица од расказот е освестување, или само потврда на неизбежното?...

На второто место се наоѓа, нам (веројатно, и вам:) познатата блогерка She. Нејзиниот расказ, „Нимфа“ е можеби подобро конструиран и попрецизен, но поради „неактуелноста“ на темите го загуби првото место. Можеби некој ќе рече дека тоа е неправедно, зашто расказот на She содржи митски и архетипски вредности, кои не можат да се окарактеризираат или позиционираат временски и просторно. Расказот на Ши нè подучува на многу нешта, упатувајќи ни суптилни пораки за животот, љубовта и посакувањето преку еден бајковиден, фантазмагоричен свет на митски суштества и анимистички релации кои се, можеби, антропоморфни, но секако делуваат автентично,  во што е силата на овој расказ.

Гошевски Душко го заслужува третото место со кусиот расказ „Напреееед!!!“ во кој некој нејасен ентитет (да го наречеме народ, или да не ја откриваме веднаш пораката на расказот:) е во уште понејасно движење кон нејасното напред. Прекрасна метафора, успешно спастрена во само еден пасус или неколку редици текст, во кои авторот кажува сè, а сепак не толку многу да ни го разоткрие дуалното значење на пораката.

Третото место со Гошевски го дели Муцко, најуспешниот автор од жанровскиот конкурс, би рекле и единствениот кој се осмели (или барем го направи тоа успешно) да се впушти во авантурата на жанрот трилер и со тоа да стане првиот (и башка сериозен!) кандидат за годишната жанровска книга на Електролит. Расказите на Муцко се втемелени на реални настани и личности, поигрувајќи се со терминот вистина/вистинитост во функција на градење литературна авантура, во која раскажувачот ја превзема улогата на создавачот/судбината/креаторот на реалноста... Во „Мојот цимер Ескобар“ се среќаваме со солидна временско-просторна втемеленост на раскажувањето од која се издига приказната со неочекувани пресврти и игри на судбината (читај: писателот) во кои еден обичен лик ќе се најде заплеткан во мрежата на нарко-дилерството(!) на братучедот на Пабло Ескобар (колумбиски дилер на дрога и некогаш седми најбогат човек на светот). Возбудливо и непредвидливо!
...............................................................................................

За пофалба (и објавување во Маргина, секако:) ги издвојуваме расказите:

1. „Страв“ од Угуровска Анастасија, расказ кој со дополнителна обработка и малку драматуршка интервенција би можел да влезе и во жанровскиот конкурс. Стравот е навистина доминантна емоција во оваа чудна надреалистичка и мрачна куса проза каде што не се знае што е реалност, а што сон; дури не успеваме ниту да откриеме кога се случува дејството, во сегашноста, минатото или иднината, можеби истовремено или скоковито, токму како во сон.

2. Павлова Слободанка со нејзиниот расказ „Чирови“, да се послужиме и ние со метафора, ни сервира еден солиден литературен оброк, при што предјадењето го голтаме со доза на гадење, но веднаш со првите залчиња на јадењето расположението ни се крева и уживаме во муабетите „на семејната софра“, во приказните што се градат пред нас, живописни, со вистинско количество хумористичен зачин. Десертот, сепак, ни паѓа тешко на желудникот, но
не  разбирајте нè грешно, јадењето не е невкусно, туку приказните кои лебдат во атмосферата на тој неделен ручек го отежнуваат дишењето и не тераат да се соочиме со сопствените приказни, а едно такво соочување никогаш не е лесно. И, за крај, доаѓа кафето, кое некој го сака горчливо, нели.

3. Петар Пан зборува за неговата сексуална еволуција! Ова навистина би бил неверојатен наслов во весник, кој секако би шокирал многу деца. Но, расказот на Петар Пан (
мојата сексуална еволуција) не шокира, ниту запаѓа во непотребни вулгарности, напротив, неговата живописност не се состои во литературна онанија што некои автори од овој и минатите наши конкурси знаат да ја употребуваат во нивните „сексуални“ раскази, туку врз градењето на приказната. Авторот поседува зрел драматуршки осет кој нè држи во приказната од почетокот до крајот и ниту за миг не го чувствуваме чкрипењето на писателската рака.

4. Нашиот најверен „натпреварувач“ Ѓорѓи Крстевски повторно ни праќа неколку солидни раскази, од кои се истакнува расказот „Завера“, кој на моменти по
тсетува на „Смртта на таткото, 2 дел“ од Чарлс Буковски. Еден свет во кој главниот јунак е опкружен со луѓе кои пројавуваат интерес за него, но тој интерес е или заснован на користа која можат да ја извлечат од него (како кај Буковски) или на „заверата“ што му ја подготвуваат (кај Крстевски). Буковски барем извлекува Кадилак од целата приказна:), а Крстевски останува заглавен во мрачното чувство кое наговестува само продлабочување на состојбата, што ако размислиме е многу поблиску до нашиот симптом/синдром, меѓу другото, по нашите улици не можат да се возат кадилаци(!), бидејќи нашите патишта се или пренатрупани или се стеснуваат секојдневно, како и нашите умови и перспективи.

5. Силината со која нè дочекува писмото на Милко Бојковски во „Непристоен предлог“ не стивнува до крајот на расказот. Урбаноста, иконографијата, „неврзаните муабети“ за Супернови и космички раѓања, кои го откриваат своето полно значење дури на крајот на расказот се силните елементи на оваа приказна. Намерното избегнување интерпункциски знаци додава динамика на раскажувањето, додека еротските елементи убаво се вклопуваат во нишката на целото дејствие. Расказот завршува со една од најсилните реченици во нашиот конкурс „ Таа го гасне светлото додека целиот Универзум е на почек чекајќи ја со нетрпеливост следната Голема експлозија.“.


...............................................................................................


Толку од нас за овој конкурс. Наградивме четири раскази, а пофаливме шест, вкупно десет раскази, од кои седум се од општиот, а три од жанровскиот конкурс (кои автоматски влегуваат во конкуренција за Жанровската книга на Електролит:2007).

Во Маргина#74, која ќе излезе во текот на март, ќе бидат објавени наградените и пофалените автори од октомври и ноември:2006 и јануари/февруари:2007.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Наградите можете да ги подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).

Погледнете ги досега објавените Маргини и прозни книги од едицијата Магма.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања























































































































































 
  д:дома