н:наградени раскази
мај:2006
Образложение
Слично како и во април, карактеристика на мајскиот конкурс е
воедначеноста на петнаесеттина подобри раскази... Главната потешкотија,
повторно слично како и минатиот месец, се состоеше во тоа да ги
избереме најдобрите раскази...
1.
место:
Ноќ на
полна месечина од Арбреров А.
2. место:
Џокер од
Нада Бувљак
3. место:
Приказна за Анета Анета,
Тралал Тралала и Едикој Си и Никој Си од Кртот На Добрата Надеж од
Анета-Анета
Изборот падна на вториот расказ на Арбреров: Ноќ на
полна месечина. Арбреров го доби првото место најмногу заради тоа што
е најдобриот метафоричар меѓу застапените прозаисти; кај него мошне
суптилно се преплетуваат понежните лирски жички со поснажните и
поекспресивните нитки, што резултира со мошне солидни плетки, т.е. со
убави литературни слики. Посочениот расказ во себе дури поседува и нота на
една филмска фантазмагорична лиричност, карактеристична за филмовите како
Амелија Пулен или Деликатесна продавница...
Вторите и третите места, по обичај (оти првите се резервирани за мажите,
ах!:), им припаѓаат на девојките, Нада Бувљак и Анета-Анета. Иако станува
збор за стилски сосема различни раскази (едниот, Џокер, е реалистична
психолошка и делумно “емигрантска” проза со фино оцртани “споредни”
ликови, а вториот, Приказната за Анета Анета..., е делумно филозофска
луискероловска игра со зборови, но исто така со снажни авторефлексивни
моменти, расказ кој дури е ангажиран и поттикнувачки во сета своја
иронија!), она што ги спојува токму е психолошкиот слој,
авторефлексивноста, но и самосвеста, силата и решителноста... Интересно,
но девојките делуваат поснажно од често лелекавите и патетични мажи!
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
За објавување во Маргина издвојуваме уште шест раскази:
:
Глувчешка тртка
од Bushy Meat
:
Еурека
од Даниела Хаџи-Тоневска
:
На денот на неговото
крунисување... од Јане Јованов
:
Глад од Виктор
Арсовски
:
Ињекадан од
Петар Распутиновски
:
Животот на Фросина
од Ѓорѓи Крстевски
Глувчешката
трка на bushy meat (фино раскажана неконвенционална “уметничка” анегдота,
но со нота на тривијалност), Еурека од Даниела Хаџи-Тоневска (просто
дадаистичка минијатура, како ешеровски јазол што се свива самиот во себе,
рака што се исцртува себеси!), На денот на неговото крунисување... од
Јованов Јане (го избравме делумно поради ангажираноста, која по малку им
недостасува на повеќето раскази од мајскиот конкурс; расказ кој изобилува
со метафори и симболи, на моменти, се чини, произволни, но сепак силни...)
Глад од Виктор Арсовски (расказ со одредени драматуршки дупки, но сепак снажен,
мрачен, цврст и мистичен - оти не ги сфаќаме
сосема, туку само ги насетуваме причините за гладувањето на главниот лик...),
Ињекаден од Петар Распутиновски (добар филозофски СФ, можеби малку
преапстрактен - како Малевич! - можеби под позитивното влијание на
Замјатин...) и Животот на Фросина од Ѓорѓи Крстевски (сосема благо
тривијален и делумно “испран” расказ, но сепак прецизен
кус прозен експеримент... Крстевски
e еден од ретките автори од Електролит способни за ефективни
експерименти без "вишок делови").
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
Сакаме да пофалиме уште четири раскази:
Провинција на Марјан (пред
сè заради експериментирањето со стилот на кратките отсечни реченици, налик
на Селин:), потоа расказот
Кома на
Fish-er (провинцијалски сленг ала славниот
писател Букарски, што е добро, кога човек е опуштен во јазикот тогаш
резултатот обично е подобар отколку кога се следат мртвите реченични
модели!), Храбро чекорење низ една блиска имагинарна ситуација на Марко
Ковачевски (пристојна непатетична приказна за крајот на една љубовна
приказна и за саморефлексивноста, овојпат дадена од машката страна:), како
и расказот На брат ми од Весна Велковска (солиден и потресен реализам, без
многу дотерувања, јасен и речиси документаристички).
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
Генерална забелешка: севкупното ниво на квалитет сè уште е прилично
ниско. Вашите трудови страдаат од елементарни слабости: недоволно внимание
на правописните и граматичките правила, идејни и тематски слабости, употреба на фрази, лоши “средношколски” метафори, премногу
психологизирање, лошо градење на ликови, односи и вистински приказни...
Обидете се да работите малку повеќе на сопствените раскази... Бидете
покритични кон самите себе... Ако ништо друго, барем во јазична смисла
од вас очекуваме повеќе посветеност и прецизност...
Ги охрабруваме и оние кои досега не испраќале раскази на Електролит, но и
оние кои испраќале, како и оние кои биле меѓу подобро пласираните на
досегашните конкурси (Букарски и Пчински, на пример, но и неколкумина
мошне интересни други блогери:), да продолжат да ги испраќаат своите нови
дела, оти подигнувањето на квалитетот на расказите е придобивка за сите,
пред сè за нашата доста издишана книжевна сцена...
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
Во летниот период Електролит ќе биде двомесечен конкурс (јуни-јули
и август-септември). Причината не е (како што можеби ќе помислите) во тоа
што членовите на Темплум и Електролит ќе одат на одмор (на Хаваи, по можност!) и ќе
уживаат... Причината е, пред сè, во намалувањето на квалитетот и
квантитетот на расказите кои ни пристигнуваат. Се надеваме дека на овој
начин ќе “присобереме” повеќе и подобри раскази. А, останатите три месеци
(октомври, ноември и декември) конкурсот останува едномесечен, зашто се надеваме дека доближувањето на
крајот на годината и објавувањето на првата годишна книга на Електролит
(избор од најдобрите раскази во текот на годината) ќе биде доволен стимул
повеќе да се трудите и да работите поупорно. Во следните два месеци, иако
резултатите ќе бидат објавени дури на почетокот на август, вашите раскази
ќе се појавуват на сајтот на Електролит во (речиси:) реално време во однос
на времето на нивното испраќање.
* Изборот за Маргина не е конечен и ќе зависи од другите содржини и
просторот со кој ќе располагаме, значи можно е некои од расказите да бидат
исфрлени, заменети со други од пофалените раскази или со некои раскази од
претходниот месец.
::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
Наградите се:
1.
место: 8
изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2. место:
5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3. место:
3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)
+ Сите раскази што ќе ги објавиме во Маргина#72
ќе бидат хонорирани!
Наградите можете да ги
подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).
Погледнете ги досега објавените
Маргини и прозни книги од
едицијата Магма.