т:темплум  

 

н:наградени раскази

март/април:2007
 

Женскиот пол ги презема работите во свои раце, барем кога се однесува до Електролит. Трите најдобри раскази последниве два месеци се од девојки или жени, а од петнаесеттината подобри раскази девет се женски. Слично беше и минатиот пат...

Радува не само квантитативната и квалитативната надмоќ на женскиот пол (зашто со децении македонската литература главно беше машка работа), туку и внесувањето малку поинакви теми и ракурси, повеќе карактеристични за тн. женско писмо.


...............................................................................................

Како најзабележителни, издвоивме три раскази: “Наследство” од Нада Бувљак (од жанровскиот конкурс), “Жената на ноќта” од Жанета Станоевска и “Недела, слатка недела” од Ина Пешевска. Иако мошне различни меѓу себе, секој од овие три раскази на некој начин е репрезентативен барем за пет-шест други раскази (од истиов конкурс, меѓу пристигнатите 68 раскази) прикажани низ сличен наративен клуч. Минатиот пат имавме слична дилема, кому од двата најдобри раскази („Што се случува кога го читате Фрејзер“ од Марта Марковска и „Нимфа“ од She) да му го доделиме првото место; овојпат дилемата беше триплирана, така што крајниот редослед е произволен и врз него делуваа и “вонкнижевни фактори” (на пример, квалитетот на изминатиот труд:).

Така првото место решивме да ù го доделиме на Нада Бувљак за “Наследство”, иако расказот на крајот е малку нејасен, со недоволно прецизен јазик. Но, неговата главна доблест е структурната комплексност, која не е нападна и не го отежнува читањето. Зад едноставниот “битов” мотив (борба за печалбарските пари), се кријат не само интересни психолошки и културни слоеви (во односите меѓу таткото, синот и младата жена на таткото која станува жена на синот), туку и “структурен хумор”: на расказот може да се гледа и како на жанровска “сапуница”, оти е испратен кај жанровските раскази. Крајот е интересен, ефектен, одново малку “деконструктивистички”, оти се појавува гласот на непредвидливиот наратор кој ја разрешува целата напнатост. Бувљак, значи, во континуитет ни испраќа интересни раскази, но сакаме да ù обрнеме внимание дека јазикот понекогаш ù е малку крут, “артифициелен”, и можеби оттаму доаѓа впечатокот на недореченост? Чудни се и тие “етно” мотиви кај неа, делува прилично “ретро” со темите, но во ова постмодерно време тоа се сосема легитимни креативни постапки.

Второто место ù го доделивме на Жанета Станоевска, “Жената на ноќта”. Течно, јасно и прегледно, со висока јазична култура, без многу украси и занеси, Станоевска ни дава интересна приказна за “жената во ноќта”, жената-сенка која малку наликува на славните попартистички контури-сенки на Џаспер Џонс, можеби?:) Одличен расказ, со мошне позитивни, благородни пораки, за почитување на поинаквото, на туѓото, за страшното кое се преобразува во убаво, најпосле, расказ за растењето и за менувањето на согледбите/осетите, даден на фонот на скопскиот земјотрес, 1963 година...

Третото место (само условно, повторуваме, оти сите три раскази на некој начин го заслужуваат првото место!) го заслужи “Недела, слатка недела” на Ина Пешевска - прецизна и иронична минијатура (со фини снажни лирски елементи) која може да се сфати и како автопортрет?:) (кога веќе ги заигравме сликарскиве споредби!). Всушност, станува збор за “автопортрет со околина”, каде што социјалното милје е прикажано со критичка емпатија, низ некакви сфумато тонови кои иронијата и критичноста ја омекнуваат и ја прават понежна...

...............................................................................................


Мошне ни се допадна и расказот “б(луд) у(сни) с(екс)” на Квин Адрина, кому за едно (пубично:) влакно му кидна наградата, но кој исто така совршено во себе олицетворува важен дел од мотивите кои се провлекуваат во цела низа други раскази и кои очигледно се ваша тематска преокупација, драги елитраши; тие мотиви можат да се сведат на насловот на расказот на Адрина: б(луд) у(сни) с(екс:). (Интересна е улогата на автобусот во неколку раскази од овој конкурс, а и од минатите... Скопскиот автобус ќе стане вистинска литерарна икона, ако продолжите да се занимавате со него!)

Издвоивме уште шест раскази кои веројатно ќе бидат објавени во летната Маргина (заедно со трите наградени и расказот на Квин Адрина):

Куклен театар” од А.Нонимус (бунтовнички жестоко и страсно, долувува атмосфера, се вживува во целиот зафркнат контекст, ем внатре, ем суптилно и бунтовно надвор:); “Убиствена убавина” од Оливер Серафимовски (на места стереотипен пристап, но интересна е темата, љубов со трансвестит, и интересни (за психоанализа:-) се реакциите на главниот мачо-лик кој полудува низ деструкција); “Црковен зејтин” од Едифокс Икс (интересна идеја со неспретна изведба; но заслужува почит обидот да се експериментира со репетитивност и да се биде критичен кон помодарството и празнината на новокомпонираните верници); “Несоница” од Ѓорги Крстевски (кој се јавува директно од “Зоната на самракот”, но овојпат со четири малку послаби раскази од оние на кои нè навикна, меѓу кои сепак го издвојуваме благо халуцинантниот “Несоница”, кајшто одново доминира мотивот “да се избега одовде” карактеристичен и за Крстевски и за голем дел од другите елитраши; со оглед на реалноста околу нас, не чуди потребата од бегство, фантазмагорично или стварно); “Отворени врати” од Габриела Стојаноска (стариот фројдовски мотив: детето – во случајов: тинејџер – гледа сексуален чин помеѓу родителите; експресивно прикажано, со енергија, се чита лесно, а консеквенците се скротени мудро и зрело; но, малку повеќе работа врз стилот ù фали на Габриела); “Недела” од Ши (од жанровскиот конкурс) - не само насловот потсетува на расказот на Ина Пешевска: самосвесна и самосвојна женска проза со нагласен “женски” ракурс; зад тврдоста и самосвесноста сепак пробиваат нежни лирски тонови и потребата од љубов, признавање и разбирање, не?:-).

...............................................................................................


Само пофалба овојпат добиваат Милена Николовска (“Илјада ст...”), Петар Пан (“Забранета љубов”), Виктор Арсовски (Др. Хантер) и Анета-Анета (“Рај за десет денари”). Речиси сите имаат солиден “документаристички” (или хроничарски) писателски нерв, но им недостасува повеќе работа, и врз самата тема и врз јазикот, конструкцијата... Анета-Анета често премногу комплицира, Арсовски (како и Бојковски, на друго рамниште) си ги тера, без вистински заплет, малку офуцаните “секс-дрога-рокенрол” мотиви, Николовска често упаѓа во патетика и во претеран реализам (обратно од Анета-Анета:), додека Петар Пан има одлична тема со која всушност не знае да се справи, поголема е од него и го јаде:).  Се надеваме дека овие критики нема да ги сфатите негативно, туку како поттик за подобрување и повеќе работа.

Другите автори исто така ги охрабруваме да продолжат да го усовршуваат стилот на пишување и да бидат храбри и нови во преземањето теми! Но, пред храброста веројатно стои познавањето на темата... Така што, прв совет всушност треба да биде: пишувајте за она што ви е најблиску! Што најдобро го познавате! Но, пробајте да отидете малку подалеку во блиското, да го открието чудното во познатото!

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Наградите можете да ги подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).

Погледнете ги досега објавените Маргини и прозни книги од едицијата Магма.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања



































































































































 
  д:дома